Владата на денешната 21 седница, го разгледа и го усвои Записникот од Вториот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 17 март 2020 година и заклучи истиот да се достави до сите надлежни институции, со цел итно реализирање на мерките и препораките содржани во истиот.
Истовремено, во врска со групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, Владата ги донесе следните заклучоци:
1. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да го обезбеди нивниот транспорт, без запирање и без напуштање на транспортот и истите да ги смести во капацитетите на Криволак.
2. Се задолжува Армијата на Република Северна Македонија да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.
3. Се задолжува Министерството за здравство да обезбеди лекарски тимови за овие лица.
4. Се задолжува Министерството за одбрана да обезбеди вода и храна за потребите на овие лица во текот на денешниот ден, а во текот на утрешниот ден по потреба и од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија.
5. Се задолжува Министерството за труд и социјална политика да побара преку УНДП вода и храна за потребите на овие лица за наредниот период.
6. Се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи да обезбедат мобилни тоалети за потребите на овие лица.