Армијата е подготвена да прими нови кадри, рече министерката Петровска

by Fokus
Foto: Mia

Министерката за одбрана Славјанка Петровска ѝ се заблагодари на американската амбасадорка Анџела Агелер, за несебичната поддршка што САД ја даваат за Република Северна Македонија, на презентацијата на опрема од воената вежба „Брз одговор 2023“, на градскиот плоштад во Кавадарци.

Амбасадорката рече дека пораката на американскиот сентаор Марфи е јасна и дека очекува до крајот на годината да се донесат важни одлуки.

„Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол,  кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен“, рече Агелер на новинарското прашање.

Министерката Петровска рече дека Министерството за одбрана и Армијата се секогаш подготвени да примат млади кадри кои се подготвени да ѝ помогнат на државата.

„Оваа вежба е само еден дел од активностите што македонската армија ги изведува и овој пат, како и многу пати претходно, со поддршка на армијата на САД, наш долгогодишен и голем стратешки поддржувач и пријател“, рече Петровска.

Министерката Петровска изрази задоволство од настанот на кој се презентира дел од опремата што се користи и ќе биде употребена и во текот на утрешниот ден, при изведувањето на вежбата „Брз одговор 2023“. Целта на вежбата, како што нагласи министерката, е, „да се покаже заедништвото, сојузништво и се разбира и подготвеноста, што е најважно за армиите што учествуваат, за меѓусебна соработка, но и за совладување на било какви предизвици што може да се појават во иднина“

Вежбата на армискиот полигон Криволак, е дел од големата вежба „Европски бранител 2023“ и се спроведува со учество на пет земји: Северна Република Македонија , САД, Албанија, Црна Гора и Косово со1.850 учесници.

„Фактот што сум тука, заедно со припадниците на копнените сили на САД за Европа и Африка, како и припадниците на националната гарда на Минесота, рамо до рамо со домашните војници, ја покажува нашата несебична поддршка и партнерството што го имаме изградено досега, со оваа членка на НАТО алијансата, што навистина ревносно придонесува“, рече Агелер.

Таа ја нагласи триесет годишната соработка и партнерство, заблагодарувајќи се на поддршката што се дава за Украина. Таа нагласи дека македонскиот народ треба да е горд на својата земја, армијата, регионалниот придонес, самите себе и на своите семејства.

 

 

 

Поврзани новости