Донација во заштитна медицинска опрема од Народна Република Кина вредна околу 250.000 евра денеска и беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија.
На примопредавњето во касарната во Ѓорче Петров пруствуваа државниот секретар во МО, Драган Николиќ и кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо кој истакна дека станува збор за практична активност од соработката меѓу двете армии и двете земји и е искрена поддршка на кинескиот народ за македонскиот во борбата против вирусот.
-Донацијата е од нашата народна армија и е добар симбол да докажеме дека вистинските пријатели се гледаат во несреќа. Кина со искрена надеж сака да соработува со РСМ заедно да се бориме и побрзо да го победиме вирусот, рече амбасадорот Ѕуо и нагласи дека оваа донација следи во редот на повеќе реализирани донации од збратимени градови, хуманитарни организации и компании од Кина.
Николиќ изразувајќи благодарност до НР Кина за овој хуманитарен гест, истакна дека донацијата е предвидена за Армијата на РСМ која се наоѓа на првата линија на борба против Ковид 19 и која покажа подготвеност на највисоко ниво во справување со сите предизициви во однос на коронавирусот и во делот на кризната состојба кога започна и во делот на вонредната состојба во поддршка на граѓаните, но и на здравствените власти во поглед на спречување на ширење на коронавирусот.
-Само преку акти на солидарност заеднички споделните искуства, научените лекции можеме сите заеднички и во регионот и глобално да ја победиме оваа пандемија. Во тој контекст ние ги споделуваме искуствата, научените лекции, но и мерките и активностите кои на светско ниво се применуваат така што сме подготвени и за наредниот период за евентуалниот втор бран уште поефикасно да се справиме со коронавирусот и час поскоро да ја победиме оваа пандемија, вели Николиќ.
Донацијата што овојпат пристигна со експресен воз од Кина до Европа, се состои од 62.000 заштитни маски, 4.200 заштитни очила, 3.000 визири, 6.000 заштитни одела и комплети, ракавици, инфузиски пумпи, електрични термометри и два сета термални шлемови.