Македонската фудбалска репрезентација нема да смета на услугите на играчот за врска – Аријан Адеми (32) затоа што тој одлучи дека е време да ја заврши репрезентативната кариера. Неговата одлука ја соопшти селекторот на А селекција – Благоја Милевски.
Адеми со години имаше проблем со повреди, па одлучи да се посвети само на клупскиот фудбал.
„Особено жалам поради отсуството на Аријан Адеми, кој од лични причини одлучи да стави крај на репрезентативната кариера. Имав разговор со него, категоричен е во својата одлука. Ќе ни недостига како личност и фудбалер. Почувствува дека е време да стави крај на настапите во репрезентацијата и повеќе нема да сметаме на него. Треба да му искажеме благодарност за придонесот во репрезентацијата и за нашиот фудбал. Предложивме да организираме простување на некој од следните натпревари. Одлуката останува на него дали тоа ќе биде против Хрватска во јуни во Ријека или на првиот домашен меч во Скопје“, изјави Милевски.
Адеми првпат заигра за Македонија во 2014 година во натпревар од евро-квалификациите против Луксембург.
Оттогаш запиша 30 настапи за репрезентацијата, постигна четири гола и имаше една асистенција. Беше дел од тимот кој заигра и на Европско првенство.