Засилените инспекциски контроли во општините кои ги водат функционери на ДУИ се политички мотивирани во пресрет на формирањето на новата влада, смета Теута Арифи, градоначалничката на Тетово и потпретседателка партијата.
– Јас не верувам дека ваквите контроли се вршат во интерес на градот. Да сакале да работат во интерес на граѓаните, државните институции би проверувале каде завршиле парите за водоводот кој се градеше подолг период, би контролирале како се отвораат казина во Тетово, дозволи кои не ги дава општината, туку државните институции – изјави денеска Арифи.
Таа смета дека ваквите контроли се прават под диригенство на одредени поединци, кои ги злоупотребуваат државните институции за лични, односно политички цели.
Нејзината изјава следува по зачестените контроли во општина Тетово од Трудовиот и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Освен во општина Тетово, засилени контроли имаше и во Општина Гостивар и Општина Чаир, каде градоначалници се потпретседателите на ДУИ, Невзат Бејта и Изет Меџити. Бејта тогаш обвини дека се работи за политички реваншизам, бидејќи јавно порачал дека ниту еден Албанец не сака коалиција со Никола Груевски.