Откако Општина Тетово го објави списокот на лицата кои добивале хонорар од општината (811 договори за дело со 544 лица), општинските служби утврдиле дека 244 лица не испратиле извештај за сработеното, како што било предвиидено во договорите, и ќе мора да ги вратат парите.
-Станува збор за вкупно 544 лица, од кои 250 лица донеле извештај за сработеното согласно договорите, додека 244 лица немаат донесено извештај. Буџетот на Општината е оштетен за над 7 милиони денари. Вреди да се напомене дека на лицата кои донеле извештај за сработеното, согласно нивниот договор, ќе им бидат исплатени сите преостанати плати кои не беа исплатени како резултат на увидот за овој законски прекршок на претходната власт. На оние пак, кои не испратиле извештај за сработеното, ќе им биде испратено известувањето за враќање на добиените средства од нивните договори во буџетот на Општина Тетово. Во спротивно, ќе се соочат со кривични пријави“, се вели во соопштението од Општина Тетово.
Од општината најавуваат дека сите договори на дело склучени од ова општинско раководство ќе бидат објавувани на официјалната веб-страница на општината.
На списокот на хонорарци на претходната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи се семејство на музичари, сопственици на портали, поранешни партиски функционери на ДУИ, пејачи, луѓе што со месеци живееле во странство, во Германија, а во Тетово примале хонорари.
Во текот на една од дебатните емисии, поранешната градоначалничка на Општина Тетово, Теута Арифи, јавно изјави дека бројот на вработените во општината е 360. Тоа не е точно. Арифи вработила над 300 лица со договор на дело за кои секоја година се трошеле над 900.000 евра буџетски пари, велат од Алијанса за Албанците.
-Во текот на осумте години на власт, Теута Арифи само за овие позиции на договор за дело има потрошено над 7 милиони евра, пари на даночните обврзници. Доколку овие пари беа потрошени таму каде што има потреба, а не за луѓе што се партиски милитанти, за членови од семејството на Теута Арифи и на вработените во нејзиниот кабинет, денес од овие пари ќе беа изградени неколку градинки за деца, улици, катчиња за играње за децата, паркови и слично. На листата којашто е јавно објавена ќе видите како години по ред Теута Арифи им давала и продолжува да им дава плати на партиските милитанти, на нејзините блиски и на блиските на лицата во нејзиниот кабинет, кои никогаш не работеле во општината, а некои, пак, ниту се наоѓаат во Тетово, туку живеат и работат во странство“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.
Партијата ги објави и дел од имињата на луѓето кои добивале пари од Општина Тетово, а кои биле блиски луѓе на градоначалничката:
– Албона Меџани Синани, сопруга на Бетим Синани, роднина на Теута Арифи, со договор за дело, добивала плата во износ од 15.000 денари месечно. Живее и работи во Германија.
– Руџул Сулејмани, сопруга на Вахид Сулејмани – директор на финансии во Општина Тетово, прв братучед на Теута Арифи. Никогаш нема работено во општината, добивал плата од 30.000 денари месечно.
– Арлинд Зеќири, бивш министер и функционер на ДУИ, секој месец добивал плата од 17.000 денари. Никогаш нема работено во општината.
– Рудина Фазлиу, сестра на Арменд Фазлиу, активист и милитант на ДУИ, вработен во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добивала плата од општината во износ од 15.000 денари, иако тој работи во компанијата Eколог.
– Хидије Цека, сопруга на бивш директор на Јавното комунално претпријатие, Џелал Цека, секој месец добивал плата од општината во износ од 25.000 денари, а никогаш нема работено во општината.
– Валмир Алили, сопруг на Вјолца Алили, вработена во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добивал плата во износ од 15.000 денари, иако не работел во општината туку има приватна компанија.
– Генти Исмаили, брат на Арди Исмаили, активист и милитант на ДУИ, вработен во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добивал плата од општината во износ од 30.000 денари, а никогаш нема работено во општината.
– Јетон Пустина, вработен во неколку институции, секој месец добивал плата во износ од 20.000 денари од општинскиот буџет за да извршува политички и партиски активности по собирите на Теута и на ДУИ.
-Слични листи, со вработени со договор за дело има и во Јавното комунално претпријатие, каде што исто така има многу блиски на Теута Арифи и на нејзиниот сопруг, но исто така и блиски на други функционери на ДУИ, кои примаат плата со години, а никогаш не отишле на работа. Многу загрижувачки е фактот дека овие фиктивни вработени со договори добиваат огромни суми, додека на вработените им се доцнело со платите и не им се уплаќале здравствените и пензиски придонеси. За сите овие малверзации и злоупотреби на Теута Арифи, ќе ги информираме надлежните државни институции, како што се Основното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните институции, амбасадите на европските држави и амбасадата на САД, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.