Архивистите да си одберат локација, старата зграда е веќе пренаменета со пари од европски фондови, вели министерката Апостолска

by fokus

Државниот архив ќе добие нова зграда, одлуката е дефинитивна и веќе донесена, а архивистите може да одберат локација која ја преферираат за новиот објект, изјави денеска министерката без ресор, Зорица Апостолска, задолжена за странски инвестиции.

Како што појасни таа на денешната прес конференција, враќање во старата зграда ќе предизвика нов проблем, затоа што објектот е веќе пренаменет за потребите на Обвинителството за организиран криминал. За оваа пренамена се искористени пари од европските фондови, рече Апостолска.

-Обвинителството за организиран криминал и корупција се наоѓа веќе пред непосредно вселување. Направена е пренамена. Потрошени се средства за да се отворат лабаратории и истражни центри. Да го вратевме Архивот во старата зграда ќе создадевме проблем со ист каракатер – изјави денеска Апостолска.

Одлуката за иселување на Архивот, како што рече таа, е донесена во 2012 година. Просториите во Археолошкиот музеј, не се соодветни за архиварска дејност, од тие причини, додаде министерката, е донесена одлука за изградба на нов објект иако Владата е свесна дека тоа решение ќе ја чини државата поскапо.

-Самото враќање на Архивот капацитетно не го решава проблемот, затоа што имаме голема документација која не е повлечена од институции и која стои таму неколку години. Оваа Влада ги решава на најдобар начин проблемите создадени од претходната. Имајќи го предвид значењето на сите институции, особено на архивскиот материјал, најцелосходна одлука е да се гради нов објект – додаде Апостолска.

Како што рече таа, за сега нема ништо уништено во поплавите и протекувањата на покривот во Археолошкиот музеј.

Поврзани новости