(АРХИВА) Зошто Заев се разидува од Ковачевски и се врти кон Мицкоски?

„Фокус“ на почетокот на годинава пишуваше дека Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.

by Фокус

Текстот е објавен на 12 јануари 2023 година во неделникот Фокус со број 1.423.

Откако Зоран Заев ги напушти лидерската и премиерската позиција по поразот на локалните избори, веднаш се појавија информации дека ги нарушил односите со неговиот наследник Димитар Ковачевски, па дури и дека се зближил со противникот Христијан Мицкоски. Впрочем, на таа карта Мицкоски беше нападнат сега од страна на Никола Груевски, откако прво Мицкоски го обвини Груевски дека е во тајна комуникација со власта. Пред неколку недели, „Фокус“ објави дека Заев на една неодамнешна средба му нудел пратеници на Мицкоски за предизвикување на предвремени парламентарни избори, а на почетокот на годинава пишувавме дека „Заев бил на линија со Мицкоски пред да го реафирмира планот за заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО, чија цел, меѓу другото, би била спас од реваншизам“. Всушност, тогаш ги анализиравме причините за нарушените односи на Заев со Ковачевски, при што објавивме дека Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозвоил Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Безмалку сите лидерски смени во овие 3 децении на плурализам завршувале на идентичен начин. Скоро секогаш, фигуративно кажано, наследниците им забодувале нож во грб на нивните претходници, кои впрочем ги поставиле на челната позиција, со намера дека преку нив ќе ги влечат конците од позадина.

Во таа смисла, Никола Груевски за многу кусо време му сврте грб на Љубчо Георгиевски, кој практично го октроираше на тронот во ВМРО-ДПМНЕ. Но, љубовта брзо заврши, па тие се конфронтираа на јавна сцена, така што конфликтот кулминираше и со физичка пресметка во култната Панорама.

Иако до денес негира дека се мешал во изборот за негов наследник, факт е дека Груевски и „фамилијата“ го исфорсираа Христијан Мицкоски да го наследи на лидерската позиција. Меѓу нив се уште немало конкретен јавен судир, но јавна тајна е дека односите им се заладени, или поточно кажано – целосно прекинати.

Слично се одвиваа лидерските транзиции и во СДСМ. Во двата наврати кога Бранко Црвенковски се повлекуваше, веднаш отпочна војна против неговите наследници Владо Бучковски и Зоран Заев, користејќи ги своите инсталации на Бихаќка.

Единствената разлика беше во тоа што тој успеа да победи против Бучковски, но ја загуби битката од Заев, по што замина во политичка пензија. Оттука, само прашање на време беше кога ќе им се разделат патиштата и на Заев и неговиот наследник – актуелниот сдсмовски лидер и премиер Димитар Ковачевски.

Само една година откако дојде на двете позиции, Ковачевски почна да му боде очи на неговиот претходник, кој отворено лобираше тој да биде неговиот наследник пред членството и коалициските партнери, а го промовираше и пред меѓународната заедница.

Кои се главните проблеми што ги поткопувааат односите во СДСМ на релација Ковачевски-Заев? Дали внатрепартиските разлики имаат потенцијал да предизвикаат раскол во партијата, а со тоа и во Владата? Или, сепак, ќе се најде компромис што несогласувањата ќе ги бутне под тепих, привремено или трајно?

ПЛАН ЗА СПАС

Веќе подолго време разни извори брифираат дека има разидување меѓу сегашното и поранешно раководство на СДСМ, како и меѓу одредени функционери и структури во сегашниот владин естаблишмент.

Меѓутоа, одредени информации во однос на оваа тема периодов објави „Плусинфо“, чии написи делумно беа пренесени од повеќе медиуми, без притоа да бидат експресно, целосно и во крајна линија – уверливо демантирани.

Според овој портал, во СДСМ во тек е обид за пуч од страна на Заев, бидејќи, како што се наведува, тој со сите сили се обидувал да ги разниша позициите на Ковачевски. Дури, се пишува и за подмолен план на Заев да промена на Ковачевски поради свои интереси, за што барал сојузници и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. За што станува збор?

Имено, се наведува дека неодамна дошло до средба меѓу Заев и Ковачевски во еден град во внатрешноста на земјата, а набргу потоа, односно на 21 декември, во седиштето на СДСМ на Бихаќка се одржал состанок на кој присуствувале повеќе сегашни и поранешни партиски функционери.

Поточно, Заев дошол во придружба на верната сенка – поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Освен, Ковачевски, присутни биле и генералниот секретар Миле Зечевиќ, поранешна заменик-претседателка Радмила Шеќеринска и повеќе партиски авторитети, меѓу кои, интересно, не бил шефот на полицијата Оливер Спасовски.

Воедно, присуствувал и претставник на една маркетинг и пр-агенција, којашто неодамна извршила мерење на рејтинзите на партиите, кои практично ја покажале истата предност на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ како и сите јавно објавени анкети во последниот период.

Врз основа на тоа, Заев предочил дека СДСМ ќе изгуби на следните избори, по што сдсмовците, како што посочил, ќе бидат влечени по улици.

За да се спречи такво сценарио, тој предложил своевиден план за спас, кој предвидувал одржување на предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните 8 години, а премиерот ќе го даде изборниот победник.

Овој план, според Заев, предвидувал дефакторизација на Левица, но од игра би требало да отпадне и ДУИ, со тоа што 25 отсто од владиниот колач би добиле останатите албански партии.

АНТИКОРУПЦИСКА АГЕНДА

Покрај тоа, експремиерот Заев ги уверувал присутните дека неговиот план е усогласен со барањата за предвремени парламентарни избори на Христијан Мицкоски, кого Заев наводно го држел во рака. А за дополнително да го придобие Мицкоски, Заев рекол дека може да се понуди и амнестија за сите осудени за крвавиот упад во Собранието на 27 април.

Охрабрени сме што има пратеници од коалицијата во Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, кои праќаат јасни сигнали дека сакаат што побрзо да се стави крај на ова криминално и коруптивно владеење на оваа коалиција и дека се подготвени во парламентот да поддржат распуштање и организирање предвремени парламентарни избори. Добро би било и здраво ДУИ да помине мандат од четири години во опозиција – рече Мицкоски, кој, сепак, демантираше дека се сретнувал со Заев.

На споменатиот состанок на Бихаќка, Ковачевски му соопштил на Заев дека САД во ова раководството на СДСМ и во оваа Влада ќе има партнер во спроведување на приоритетите за борбата против корупцијата.

Наводно, ваквиот настап предизвикал вознемиреност кај Заев, кој тоа го сфатил како порака дека власта нема намера да ги штити ни Заев ни луѓето околу него, кои, како што е познато, поседуваат повеќе компании кои делуваат во разни бизнис-сектори.

За успешно преживување на таа антикорупциска кампања, на Ковачевски му е потребно единствено партиско раководство и стабилна влада, а во таа насока клучно влијание би требало да има Министерството за внатрешни работи предводено од Спасовски.

– Оваа Влада ќе опстои до крајот на мандатот 2024 година. Лично јас ќе направам се да се сочува единството во партијата, да зајакне партијата и повторно промовирајќи ги тие вредности за кои што се залагавме во целиот овој период, да продолжиме напорно да работиме – рече Спасовски, додавајќи дека не сака да коментира шпекулации и тврдења од наводни средби на кои што не присуствувал“.

На крајот, Заев планирал политичка елиминација и на Стево Пендаровски и дека самиот се токмел да биде консензуален претседателски кандидат на СДСМ и ВМРО. Воедно, тој се фалел дека контролира 7 пратеници, со помош на кои може да се предизвикаат предвремени парламентарни избори, како што впрочем бара опозицијата.

ПОТЕКЛО НА ИМОТ

По неколкудневен молк, со реакција се јави Заев, откако првично одбиваше да даде јавна изјава или демант.

Во еден подолг пост на фејсбук, поранешниот партиски лидер и премиер, сега во својство на старо-нов бизнисмен и, како што сака да се прикаже во јавноста – хуманитарец, ја отфрли можноста за политички камбек, вклучително и да влезе во трка за шеф на државата.

Сепак, тој не ја демантираше средбата во СДСМ, како и информацијата дека предложил план за заедничко владеење со Мицкоски.

Како претседател на СДСМ ја обединив партијата, а обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично“, напиша Заев.

Притоа, тој се пожали дека во „различни конотации“ дека подготвува пуч го спомнувале „различни центри“, кои тој ги нарече суетни, криминални и комбинација од двете матегории, на кои, како што истакнува, им се приклучил и поранешниот премиер Никола Груевски.

Тие луѓе, политичари, новинари, аналитичари индиректно, а богами и директно, во клучните моменти за државата помогнаа за обезбедување дури и на двотретинско мнозинство во парламентот за Договорот од Преспа и другите важни одлуки“, истакна Заев.

Не требаше да помине многу да реагира прозваниот Груевски, кој, всушност, токму за време на владеењето на Заев успеа да побегне од државава во Бидумпешта и на тој начин да одбегне одлежување на затворска казна.

Испокраде што можеше и сега нормално е да се плаши и да се правда затоа што допрва треба да се испитува потеклото на парите што ги крие по соседството и пошироко. Тој се уште смета на тоа дека заради предавставата на националните интереси ќе биде заштитен. Таа порака не е толку до народот, туку потсетување до оние кои му беа единствениот извор на моќ и на чија заштита смета и сметал цело време додека злодела“, порача Груевски.

КАДРОВСКИ ОДЛУКИ

Настрана обидите да отргнување на вина од себе со лицемерни напади и смешни релативизации, суштината е дали објавените информации се точни, полутични или лажни?

„Фокус“ побара одговори од сите засегнати и споменати страни, па од официјалните, но пред се неофицијалните одговори што ги добивме произлегува неспорен заклучок дека постојат разлики меѓу Заев и Ковачевски, кои се повеќе од сериозни.

Она што се уште е нејасно е дали ваквите разлики, кои се камуфлираат со вечната сдсмовска теза дека во партијата владее внатрепартиската демократија, ќе еруптираат во отворен судир?

Според проверени и потврдени информации до кои дојдовме од повеќе извори, има повеќе причини за раздор. Прво, Заев во повеќе наврати лобирал за одредени компании кои соработувале или требало да соработуваат со институции, но пред се со една државна фирма.

Потоа, тој често ургирал за одредени именувања на функционери, но и реагирал кога некој негов близок ќе биде разрешен, како што се случи периодов со една директорка на инспекторат.

Ако тоа донекаде било толерирано, капката што ја прелила чашата бил изборот на Ислам Абази за нов обвинител на гонење на организирал криминал.

Како што неофицијално дознаваме, Заев жестоко реагирал зошто СДСМ така лефтерно и беневолентно дозволил Али Ахмети да го истурка Абази за наследник на Вилма Русковска, наместо поцврсто да застане зад Ермон Незири, за кого очигледно жестоко се навивало во Струмица.

Познавачите коментираат дека откако Русковска му правеше големи проблеми на Заев, со оглед дека обвини двајца негови блиски соработници – екс владините секретари Драги Рашковски и Мухамед Зекири, Заев сакал „свој“ човек на чело на обвинителството како инструмент за заштита, пред се ако се земе во предвид дека се навестуваат уште понезгодини, понепредвидливи и поцрни времиња.

Сепак, во оваа трка најумешен се покажа Ахмети, чиј соселанец Абази сега ќе игра клучна улога кои сегашни и поранешни функционери ќе се гонат, а кои ќе се поштедат. На тој начин, лидерот на ДУИ доби алатка плус и за моделирање на односите на политичката сцена.

Со преземањето на клучното обвинителство, Ахмети практично може да ги елиминира сопартијците групирани во т.н. огнена група, кои периодов му прават големи проблеми. Времето ќе покаже дали некој од „огнените“ ќе се најде под прогон, кој, се разбира, нема да се претстави како внатрепартиска пресметка, туку како неселективна борба против корупцијата.

ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ИНТЕРЕСИ

Освен тоа, добро упатени соговорници посочуваат дека Заев му замерил и директно на Ахмети, бидејќи загрозил уште еден негов интерес, што, за волја на вистината, лидерот на ДУИ не го прави за му наштети на Заев, туку едноставно да ја спаси сопствената кожа од налетот на „огнената група“, која му најавува формирање на фракција ако не расчисти со миленикот Артан Груби.

Во обид да го амортизира влијанието на „огнените“, кои контролираат најмалку тројца пратеници, Ахмети се обидува да ја внесе во власта се уште опозициската Алијанса за Албанците, која има 8 пратеници.

Во тој правец, отпочнаа и преговори меѓу Арбен Таравари и Ковачевски, откако претходно, како што објавивме, теренот го подготвиле Ахмети и човекот од доверба на Зијадин Села – Кренал Лога. Арно ама, засега нема никаков конкретен епилог.

Доколку дојде до договор, Алијанса очекува да презеде 3 битни министерски ресори. Од сите нив, како најголем проблем се покажува Министерството за земјоделство со кое раководи Љупчо Николовски, кој беше и веројатно се уште е човек од најголема доверба на Заев.

Неофицијално, Николовски, заедно со Спасовски и неколку други функционери биле во групата што му изразила најдиректна поддршка на Заев во првата фаза од засега латентниот конфликт со Ковачевски. Сепак, со текот на времето можеби оваа поддршка се уште не е загубена, ама, најблаго речено, еволуирала, па моментално сите се обидуваат да балансираат.

Воедно, треба да се има во предвид дека Николовски има солидни односи и со премиерот Ковачевски, кој, според владини извори, го смета за најдобар министер за земјоделство досега. Што се однесува до Спасовски, тој е близок до Заев, но и со таткото на Ковачевски – Слободан Ковачевски, кој е поранешен градоначалник на Куманово.

Тогаш, шеф на кабинет на постариот Ковачевски бил токму Спасовски, што можеби објаснува зошто во овој засега матен период седи настрана и одбегнува да учествува на состаноци на кои би требало и да се произнесе и да застане поблиску до оваа или онаа страна.

ЗАЕДНИЧКО ВЛАДЕЕЊЕ

Во цела ситуација, има уште еден фактор што уште повеќе ги компликува односите – генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, кој одлично профункционира во тандем со Ковачевски, но не и со сите влијателни сопартијци.

Познавачите велат дека постои голем степен на недоверба меѓу Зечевиќ и Спасовски, поради тоа што многумина во Зечевиќ препознаваат амбиции за му ја земе фотелјата на Спасовски во МВР, иако самиот тоа го негира.

Можеби тој не работи за да обезбеди трансфер во владата, ама нема дилеми дека успеа, макар и посредно, да воспостави контрола врз Агенцијата за национална безбедност, што пак дополнителни му ги наруши односите со Заев.

Како што е познато, на местото на Виктор Димовски нов директор на АНБ стана Заре Милошевски, кој важи за близок до Зечевиќ. Но, проблемот настанува поради тоа што Милошевски и неговото семејство одамна се обележани како „бранковисти“.

Поточно, Милошевски е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП личности и објекти, кој во минатиот период испорачуваше низа критики до Заев, додека истовремено го фалеше Црвенковски.

И покрај тоа што новиот директор на АНБ добил позитивна препорака од САД и други меѓународни фактори, сепак, Заев сметал дека Зечевиќ одработил за да застане на чело на АНБ. Тоа го предочил и во една од низата забелешки до Ковачевски.

Како што велат добро упатени партиски извори, Заев отворено изразил каење што го поддржал Ковачевски да застане на чело на СДСМ, велејќи дека направил погрешен избор.

Иако размислувал да активира пратеници, членови на Централниот одбор и други блиски сопартијци, на кои изминатиот период им се јавувал, сепак, привремено ја одложил операцијата, делумно и по сугестии од меѓународната заедница, која моментално не поддржува враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, поради нивниот отпор кон уставни измени.

А, концептот на Заев е токму заедничко владеење на ВМРО и СДСМ, со цел изолација на ДУИ и Левица. Всушност, тој ја реафирмира старата идеја за германски модел во Македонија, која своевремено ја исфрли во јавност, кога играше на картата дека Митко Јанчев ќе застане на чело со ДПМНЕ со помош на „мериот групацијата“.

Но, сето тоа пропадна, па сега Заев мора да работи директно со Мицкоски. Иако двете страни негираат дека имало средба меѓу нив, дипломатски извори уверуваат дека двајцата имаат неколку канали на комуникација.

Така, порано тоа беше еден поранешен вицепремиер со релации и со Заев и со Мицкоски, потоа тоа беа преку двајца поранешни пратеници на СДСМ и ВМРО, кои често многу контруктивни дебатираат и на ТВ емисии, а денес тоа е еден струмички бизнисмен.

Згора на тоа, истите извори тврдат дека Заев и Мицкоски лани во декември имале долга средба во град во Источна Македонија, која практично била претходница на состанокот на Бихаќка…

КРУПНИ ПРОЦЕСИ

Токму во истиот период, Мицкоски излезе со барање, но и со проценка дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на пролет следната година, истакнувајќи дека има пратеници од ДУИ, но и од СДСМ кои се расположени за таква варијанта.

Ако за ДУИ јасно се алудира на „огнените“, тогаш нејасно е на кои пратеници од СДСМ мисли Мицкоски? Дали станува збор за оние пратеници што ги контролира Заев, главно од четвртата изборна единица?

Уште побитно прашање е кој би бил интересот на Мицкоски да прифати таква понуда, откако долго време СДСМ го проектира како главен непријател, предавник на националните интереси. Сепак, има неколку причини кои барем се вредни за размислување во опозицсискиот табор дали да се прифати подадената рака.

Освен што анкетите покажуваат поддршка од повеќе проценти поени на ВМРО во однос на СДСМ, исто така тие покажуваат дека најголем дел од етничките Македонците се против ДУИ, а било која македонска партија тешко може да направи влада без ДУИ, во услови кога албанската опозиција е разеденета и неконкурентна.

Понатаму, додека многумина во ВМРО-ДПМНЕ се воодушени од Левица, чии експоненти отворено го кажуваат тоа што многумина во Белата Палата го мислат, исто така многумина сметаат дека Левица е ткиво што треба да се отстрани.

Според резултатите од анкетата што ја презентираше ВМРО, Левица веќе тежи над 100 илјади гласови, па доколку не прави Влада со СДСМ, како и во неможност да најде албански партнер, ВМРО може да се надева дека само со Левица ќе дојде до мнозинство од 61 пратеник.

Како и да е, многумина аналитичари се скептични дека, кога ќе ги пресмета сите предности и ризици, Мицкоски ќе прифати заедничко владеење со СДСМ, без албански партнер и со Левица во опозиција, каде дополнително би растела.

Плус, нашите извори споменуваат уште еден битен момент, а тоа се навредите што близок роднина на Заев ги упатил на сметка на член на семејството на Мицкоски. Според оние што го познаваат Мицкоски, тој никогаш нема тоа да го заборави, и покрај тоа што добил извинување. Дури, во една прилика тој и јавно упати порака до Струмица да берат памет.

Конечно, сите овие комбинации зависат од една крупна разврска, а тоа се уставните измени. Додека Заев се фали со свои пратеници, тој сака да обезбеди и вмровска поддршка, која потоа ќе ја продаде како свој уддел во деблокадата на интеграцискиот процес.

Од друга страна, раководството на СДСМ се надева дека Груевски, Мијалков и други ќе им обезбедат осуммина пратеници. Она што е сигурно, булдожерот за кој говореше Зечевиќ, наместо да го пробие патот кон ЕУ, малку по малку се пренасочува кон Бихаќка и Илинденска, каде се очекуваат крупни внатрешни разврски.

 

ЗАЕВ ГО НУДИ ФИЛИПЧЕ, КОВАЧЕВСКИ НЕ ГО ДАВА ЗЕЧЕВИЌ

Како можно решие за амортизирање на проблемите Зоран Заев го смета разрешувањето на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, на чие место тој предлага да дојде Венко Филипче, неофицијално дознава „Фокус“.

Иако Филипче неодамна не исклучи политички камбек, велејќи дека е млад за политичка пензија, Ковачевски одбил да го жртвува Зечевиќ.

Го прашавме Заев дали е точно дека барал промена на Зечевиќ, бидејќи, меѓу другото, го исфорсирал новот директор на АНБ, дека имал олеснувачка улога во корист на Орце Камчев и сл., но тој одби да одговори.

Висок партиски функционер вели дека Ковачевски првично реагирал смирено, порачувајќи дека ако не ја бива работата и нема простор за работа, сам ќе си замине како што дошол.

Арно ама, подоцна зазел малку поинаков курс, а дека нема намера да се повлече произлегува и од неговиот тон во новогодишното интервју за „Фокус“, каде тој изјави дека е убеден во победа на СДСМ на следните редовни парламентарни избори во 2024 година.

Ако го земете предвид резултатот во изминатите 10 месеци, резултатите кои ве уверувам дека ќе ги постигнеме во следната година, на изборите во 2024 година, СДСМ ќе ја предводи идната европска влада на Северна Македонија – рече Ковачевски.

Во однос на прашањето дали има комуникација со Заев и другите поранешни лидери и колку тие се вклучени партиските процеси, тој одговори дека уште при самиот избор за претседател рекол дека себеси не се гледам како наследник, туку се кандидирал со јасна подготвеност, концепт, план и визија како СДСМ да се консолидира.

-Сите поранешни претседатели во рамки на нивните можности учествуваат и во активности на партијата. Бевте сведоци дека на трибините добар дел од некогашните претседатели се појавија и беа поздравени како што доликува – рече Ковачевски.

Инаку, Заев во друштво на Филипче беше на партиската трибина во Струмица, но двајцата ги немаше на финалната трибина во Скопје, каде, пак, присуствуваше Радмила Шекеринска, која своевремено се дистанцираше од партијата.

Заев и Шекеринска и сега имаат различни ставови. Од една страна, Заев смета дека ниту една левица не може да победи во два изборни циклуси едно по друго и затоа предлага заедничко владеење со ВМРО без ДУИ.

Според Шекеринска, пак, минатото покажало дека владеење без ДУИ е тешко издржиливо, а воедно посочила дека дури и да загубат во 2024 година не треба да му дадат предвремени избори на ВМРО во 2023 и една година порано да предадат најголем дел од власта.

 

РЕЈТИНГОТ НА ГРУЕВСКИ ПОРАКА ДО МИЦКОСКИ?

Откако на анкетата на ИРИ Никола Груевски имаше највисок индивидуален рејтинг, повисок и од сите активни политичари, тој почна засилено да се огласува на фејсбук. Во таа насока, тој новогодишно најави и можно враќање во земјава.

Денес низ различни медиуми и апликации  добив стотици и илјадници топли честитки со искрени желби за здравје, среќа, успех и враќање во Македонија, во новата 2023 година. Ништо не е невозможно. Се е Божја промисла и за секој од нас Бог има некаков свој план, понекогаш дури и кога се изгледа безнадежно“, порача Груевски.

Инаку, „Фокус“ своевремено го најави бегството на Груевски неколку месеци пред да се случи, а сега објави сторија дека претставници од ДУИ и власта го тестираат неговото расположение да помогне за уставни измени, за да добие одредени концесии за возврат.

Груевски го демантираше тоа, но нашите информации велат дека многу лесно би влегол во дил со власта, откако му било јасно дадено до знаење дека никој од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да ризикува политичка кариера, за да се стави во негова заштита.

Новите информации до кој дојдовме говорат дека тој контактирал поранешен министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше во игра за негов наследник ама се повлече од трката. Груевски му сугерирал да размисли да го предизвика Мицкоски за партискиот трон.

Во ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека една амбасада во земјава има право во 3 интервенции на секоја анкета на ИРИ. Врз основа на тоа, од таму рејтингот на Груевски го толкуваат како порака до Мицкоски, кому треба да му биде дадено до знаење дека во секое време можат да му го вратат ако не е кооперативен за уставните измени.

 

АХМЕТИ ИНСТИТУЦИОНАЛНО ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТА СО „ОГНЕНИТЕ“?

„Огнетата група“ во ДУИ предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други добива на интензитет. Тие одржаа средба со членови во Студеничани, каде му порачаа на Али Ахмети да не го пали цел јорган за една болва, мислејќи на првиот вицепремиер Артан Груби.

Како што тврдат „огнените“, одлучија да тргнат жестоко во внатрепартиска битка за да го спречат планот на Ахмети да му го трасира патот на Груби до лидерската позиција во ДУИ. Но, има и спротивни инфомации.

Наводно, тие станале свесни дека Ахмети купува време со цел најавуваната антикорупциска камања да тргне во полн ек, бидејќи оваа битка ќе опфати голем дел од водачите на „огнените“, кои се поранешни министри и градоначалници и веројатно го брцнале рачето во медот.

Оттука, останува да се види дали Ахмети, особено сега откако го презеде обвинителството за организиран криминал, институционално ќе расчисти со противниците во партијата.

Или, пак, тие ќе останат на слобода, но ќе бидат дисквалификувани откако би се нашле на црната листа на САД, каде се најавуваат нови имиња, меѓу кои и еден познат бизнисмен опфатен со случаите на СЈО, роднини на поранешен премиер и др.

Поврзани новости