(АРХИВА) Зошто СЈО го ,,помилува” Палчо?

Денеска стартуваше судењето за убиството на Вања и Панче. ,,Фокус" уште пред пет години пишуваше за првосомничениот Љупчо Палевски Палчо, поточно за предметот кој против него го водеше СЈО, за рекетирање со ,,бомби", но никогаш не го стави зад решетки. Во куферот на Палевски, кога беше уапсен во Турција е пронајден и хард диск со илјадници снимки од нелегално прислушувани материјали во УБК.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 16 мај 2019 година, во број 1232.

(Појаснување) Текстот беше објавен со наслов: ФОКУС ДОЗНАВА: ЗОШТО СЈО НЕ ЈА ОТКРИВА МАФИЈАТА ШТО РЕКЕТИРАЛА БИЗНИСМЕНИ И ПОЛИТИЧАРИ СО НОВИ „БОМБИ“

Висок функционер ја кочи истрагата за „Никола Тесла“!?

Пишувала: Валентина ВУРМО

И по пет години од откривањето на аферата за нелегалното масовно прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), одвреме-навреме, се фрла по некоја „бомба“ која ја здрмува јавноста, а посебно ги потресува соговорниците, чиј разговор е пуштен на разглас.

Обвинетите во предметите на СЈО, односно поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, отрпнаа на разговорите, па дури понекогаш им е и забавно кога ги слушаат во судница, бидејќи честопати знаат убаво да се изнасмеат на она што го кажале.

Но, освен во судница, каде што им е местото, нелегални прислушувани разговори зачестено се објавуваат и на социјалните мрежи, кои според нивната содржина, се објавуваат за да дискредитираат или оцрнат одреден политичар или јавна личност. На овие соговорници очигледно не им е ниту забавно, ниту смешно, но засега нема издржана реакција од надлежните институции за да се запре овој тренд.

Со оглед дека оваа појава трае повеќе од три години, а во изминатиот период интензивно продолжува, се создава и сомнежот дека некој некого штити. Но, да почнеме со ред.

ЈАНЕВА МОЛЧИ ЗА „НИКОЛА ТЕСЛА“

Во 2016 година на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани разговори, од кои повеќето приватни. Тогаш најзасегнати беа пратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ Латас, Ивона Талевска, бизнисменот Јордан Камчев, поранешниот премиер Хари Костов и други.

Тогаш Латас побара помош од СЈО и поднесе пријава, по што беше отворена предистражна постапка. Шефицата на СЈО ги повика и останатите оштетени да дадат исказ во обвинителството.

Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки. Истовремено, ги повикувам сите што поседуваат незаконски прибавени аудио и друг вид разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до Специјалното обвинителство, повика Јанева.

По една година од пријавата, по наредба на СЈО беше уапсен бизнисменот Љупчо Палевски – Палчо. Тогаш сите медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека Палевски е уапсен како осомничен за објавување на овие „бомби“, затскривајќи се зад псевдонимот Никола Тесла. По дваесетина часа поминати во полициска станица, и четири часа во просториите на СЈО, Палевски беше пуштен на слобода.

Од домот на Палевски, кој е поранешен функционер на СДСМ, односно екс претседател на градската организација на социјалдемократите, истражителите на СЈО одзедоа и компјутери и мобилни телефони, но досега не се откри што пронашле во нив.

Сепак, во последниот извештај на СЈО, се открива дека при неколку претреси за потребите на предистражни постапки биле одземени 98 електронски уреди, но не се посочува дали некои од овие уреди е и од домот на Палевски. Од Обвинителството само откриваат дека за дел се завршени вештачењата.

– Веќе се изготвени и доставени вештачења од страна на МВР, а анализата и обработката ќе продолжи во следниот период при што се чека и да се достават вештачењата за уште вкупно 35 електронски уреди одземени при споменатите претреси, велат од СЈО.

Поради штурото објаснување, побаравме одговор од шефицата Катица Јанева, колку „бомби“ биле откриени и кај колку точно лица биле извршени претреси, но до затворањето на овој број на неделникот не добивме одговор.

СЈО ГО ДРЖИ ПРЕДМЕТОТ ВО ФАЗА НА ПРЕДИСТРАГА

Сепак, како што неофицијално дознаваме, СЈО има обезбедено голем број докази за осомничени што поседувале нелегално прислушувани разговори, а со кои наводно уценувале и рекетирале бизнисмени и политичари. Според нашите добро упатени извори, обезбедени се и докази и сведочења за извршените изнуди, како и пресметка за тоа колку пари се свртеле од „бизнисот“ со бомбите.

Од друга страна, пак, останува нејасно зошто тогаш СЈО овој предмет сѐ уште го држи во фаза на предистрага?

Поради недостиг од официјални информации, шпекулациите одат дури дотаму дека се штити одреден осомничен, кој се поврзува со владин функционер. Односно, ако картите се отворат докрај, и оваа засега заштитена ѕверка би завршила зад решетки.

И покрај многуте шпекулации и неизвесности за оваа предистрага, се поизвесно е дека овој предмет ќе заврши во рацете на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, односно надлежноста ќе ја преземе редовното обвинителство. Предистрагата е отворена после рокот на СЈО за покренување обвиненија, односно 30 јуни 2016 година, а дури може и тука да запре, доколку власта му удоволи на барањето на ВМРО-ДПМНЕ, сите истраги и предистраги на СЈО да запрат, а доказите да се уништат, за тие да гласаат за новото законско решение.

И додека истражните органи се натегаат, изминатиот период продолжи објавувањето на „бомбите“.

Непосредно пред претседателските избори беа објавени нови „бомби“ на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ од корисник со псевдонимот „Илија Громовник“.

Телефонските разговори беа насловени како: „Оливер и Гордана“, „Кочо и Саше“, „Фрчко и Алберт Муслиу“, и „БЦ и Дамјан Манчевски“.

Не навлегувајќи во содржината, пораката што се испраќа со овие разговори е дека „сите се исти“ и „власта и опозицијата шуруваат меѓу себе, додека глумат непријателство за пред народ“.

И откако МВР, СЈО и Јавното обвинителство „ветија“ дека ќе откријат кој ги објавува разговорите, пред неколку дена осамна нов телефонски разговор.

На руската социјална мрежа „ВКонтакте“ корисникот со псевдонимот „Илија Громовник“ објави нов прислушуван разговор, во кој тврди дека се слуша гласот на пратеникот Павле Богоевски. На профилот стои дека моменталната локација на објавувачот му е Будимпешта, од каде што најави и дека ова е прва од новиот сет „бомби“.

По објавувањето на разговорот се огласи и пратеникот, кој призна дека навистина набавувал забранета супстанца, и тоа масло од канабис потребен за лекување на негова блиска личност, а не кокаин како што го оцрни објавувачот.

Според појаснувањето на пратеникот, овој разговор не е протечен од „бомбите“, туку го снимал таксист.

ПАЛЕВСКИ: НЕ СТОЈАМ ЗАД НОВИТЕ „БОМБИ“

По објавувањето на новите разговори, веднаш се рашири шпекулацијата дека зад нив стои Палевски, но тој демантира.

Секако дека се оградувам од новите бомби. Прво, бомбата во врска со пратеникот Богоевски не е пресретнат разговор, туку снимен разговор, затоа што се слуша само пратеникот, а не и другиот соговорник, изјави Палевски за „Фокус“.

За тоа, пак, дали е информиран до каде е предистражната постапка која СЈО ја води против него тој вели дека не знае ништо.

– Ниту сум повикан, ниту сум информиран за истрагата која беше отворена во август 2017 година. Огромна количина компјутери, лаптопи, вклучително и тие за производство на котли и обработка на челик од фирмата каде што работам, не се вратени, вели Палевски.

Тој појаснува дека испратил две ургенции на писмено до СЈО, за тие што се прегледани, вештачени, да му се вратат, но не добил одговор.

Палевски пред еден месец повторно беше уапсен, овојпат во полициска станица во Прилеп, откако претходно заедно со уште двајца пријатели на собир, на отворено, на разглас пуштале телефонски разговори од актуелни и поранешни министри.

Тој вели дека без никаков повод и тогаш бил задржан 24 часа во полициска станица и бил испрашуван од инспектори, без да биде повикан обвинител. По законскиот рок, во кој можат да го задржат, бил пуштен но без двата мобилни телефони кои му биле одземени.

На прашањето од каде тој ги добил бомбите, бидејќи дел за првпат се емитуваа, Палевски вели дека тој само ги репродуцирал.

Јас само ги репродуцирав, веќе беа објавени на неколку социјални мрежи. Во тоа се уверија и инспекторите во Прилеп, видоа каде се објавени, односно дека јас не ги поседувам, вели нашиот соговорник.

Тој додава дека и два дена пред изборите бил повикан на информативен разговор во МВР, кој траел 3 часа, и повторно му одзеле мобилен телефон, истакнувајќи дека досега му биле одземени 12 телефони.

УБК НЕЗАКОНСКИ СНИМИЛА 12 МИЛИОНИ РАЗГОВОРИ?

„Бомбите“ кои беа објавени на социјалните мрежи биле од пакетот кој Зоран Заев го предаде на СЈО. Ова лично го потврди премиерот, истакнувајќи дека дел од нив веќе ги имал слушнато.

Во рацете на обвинителите од СЈО има вкупно 606.555 „бомби“. На прва, впечатокот е дека станува збор за голем број телефонски разговори, кои нелегално биле прислушувани, а потоа истите биле и обработувани, односно биле електронски зачувани или ставени на хартија. Што во превод би значело, дека голем број луѓе биле вклучени во операцијата. Официјално пак, во предметот „Таргет“ се обвинети екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, потоа Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата, а неколку членови на екипата ќе се појават како сведоци.

Операцијата, пак, дополнително се усложнува ако се знае дека овие „бомби“ се само 5 отсто од вкупно прислушуваните разговори во аферата „Таргет“!

Овој шокантен податок го открија „свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, или, како што сведочеше Лазаревски, од УБК успеале да изнесат разговори кои зафатиле меморија од 800 гигабајти. Сите овие материјали му ги предале на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој пак ги предаде на лидерот на СДСМ, Заев.

Доколку се направи проста пресметка, според проценката на Лазаревски и Костовски, произлегува дека УБК нелегално прислушувала и поседувала над 12 милиони телефонски разговори!

Од друга страна, никој не знае колку од овие разговори завршиле на црниот пазар, односно колку од нив биле зачувани во приватни архиви. Бидејќи, очигледно е дека прислушувањето кое траело од 2008 до 2015 година поради обемноста излегло од контрола, па народски кажано, не се знаело кој кого прислушува.

И во предизборната кампања во 2016 за парламентарните избори, на Фејсбук страница именувана како пронто.мк, беа објавувани разговори меѓу албанските политичари во Македонија.

За случајот „Фабрика за афери“, на 2,5 години затвор беше осуден Захир Беќири Чауш, оти кај него при претрес, како што тврдеше обвинителството, биле пронајдени над 70 илјади телефонски разговори, кои, според нив, требало да бидат употребени за уценување на бизнис секторот и политичката елита во земјава.

Но, во текот на судскиот процес таквото тврдење на обвинителството не излезе на виделина, а разговорите за кои се тврдеше дека биле пронајдени при претресот не беа ниту презентирани како докази.

За овие „бомби“ и специјалните обвинители зборуваат во последниот извештај, но не откриваат дали ги имале во својата архива.

Во временскиот период од 15-ти септември 2018 година до 15-ти март 2019 година беа анализирани форензичките копии на вкупно 124.058 аудио фајлови од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири. Од вкупниот број на аудио фајлови до моментот на поднесување на Извештајот констатирани се 76.797 разговори од кои обработени и анализирани се 68.956 разговори, пишува во последниот извештај на СЈО.

ДО ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР ЗА ОБЈАВУВАЊЕ НОВИ „БОМБИ“

По објавувањето на „бомбите“ се создаде дилема за тоа дали тие смеат да се споделуваат во јавноста, бидејќи во октомври 2015 година беше донесен Закон за заштита на приватноста. Во член 1 став 3 изречно се забранува нивно објавување.

Со законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички или други цели и постапки.“

Подолу во Законот, пак, предвидени се и казни и тоа до една година затвор, напоменувајќи дека тоа важи за објавување приватни разговори, а не важи за разговори кои се од јавен интерес.

„Тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која што е прислушувана или тонски снимена ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава од јавен интерес, се вели во членот 4, став 1.

Слична е и одредбата во став 2.

„Тој што ќе објави прислушувани или тонски снимени разговори, или делови од нив или транскрипти, со кои се врши повреда на семејниот или приватниот живот ќе се казни со затвор од еден месец до една година,“ предвидува став 2.

Во став 3, пак, предвидена е и парична казна за правното лице, а за одговорното лице казна затвор од еден месец до една година.

Иако од овие одредби се сфаќа дека казната следува само за оној што ќе објави бомби со приватна содржина, а не од јавен интерес, сепак, забуната е во тоа што во  погоре цитираниот став, член 1 став 3, се забранува објавување без да се разграничи дали разговорот е приватен или е од јавен интерес.

Овој закон беше донесен и покрај сериозните забелешки на Венецијанската комисија, од каде што посочуваа дека одредени одредби се премногу општи, но и конфузни.

Очигледно е дека тие што ги објавуваат бомбите, ниту се исплашени од законот, ниту, пак, од МВР или од СЈО, бидејќи најавуваат дека наскоро ќе одекнат нови разговори.

Или, што би рекол народот, кучињата лаат, карванот си врви. Правдата повторно не е достижна поради чување нечиј грб. До кога вака!?

Поврзани новости