(АРХИВА) Зошто медицинска сестра беше ставена на клада со наместен случај, кој ги зовре и меѓуетничките страсти!?

Откако веќе неколку дена, оваа приказна ги тресе сите медиуми, сопругот на обвинетата медицинска сестра се појавил на врата кај директорот на Детска клиника и најавил тужба за сите стресови што ѝ се причинети на неговата сопруга, која е лажно обвинета за малтретирање тримесечно бебе, дознава „Фокус“. Токму од тука веќе работите се менуваат, па сега директорот Мемеди се става во улога на главен медијатор за помирување. Тој ја призна својата грешка пред целата јавност, но сега кој ќе одговара за стресовите што ѝ ги предизвикаа на медицинската сестра? И конечно, кој ќе одговара за тоа што меѓуетничките тензии се подигнаа со еден наместен случај, кој се затвора како обично недоразбирање?

by Fokus

Текстот е објавен на 17 јули, 2024 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1502

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред една недела во јавноста одекна веста за „Претепано тримесечно бебе на скопската Клиника за детски болести“. Информацијата сама по себе е морничава и нормално дека сите медиуми се залепија на приказната. Сепак, се работи за мало бебе што се лекува на клиника, плус претепано од медицинска сестра, целото со модринки. И, што е најстрашно – причината за тоа било што демек мајката на бебето не знаела македонски јазик?!

Кога од прва ќе го прочиташ насловот, се згрозуваш и се потресуваш, но некако има нешто што не ти дава мир дека оваа страшна информација е точна. Да се разбереме, не дека во јавното здравство работите функционираат како што треба, туку дека некоја медицинска сестра се дрзнала да посегне по мало бебе, некако е чудно само по себе.

Оваа информација првично беше објавена на „Портал икс“ и со брзината на светлината почна да се шири по медиумите и по социјалните мрежи. За кратко време по објавувањето на веста, семејството излезе на истиот медиум со тврдење дека бебето било тепано, целото со модринки и тоа го направила медицинската сестра затоа што не можеле да најдат заеднички јазик со мајката, поточно таа не знаела македонски јазик.

Додека вестите фрчеа една по една, наеднаш уште пожестока реакција имаше од актуелниот министер за здравство, Арбен Таравари, и новопоставениот директор на Детска клиника, Реџеп Мемеди. Тие дури истата вечер го посетија семејството, ја обвинија сестрата, паднаа куп навреди на нејзина адреса, а најжално е што никој не побара изјава од неа и не ја праша – што, всушност, се случило?

Ако овој случај е вистина, медицинската сестра веднаш ќе биде отпуштена и тој лично ќе се погрижи веднаш да биде упатена до правните органи. Видовме модринки на раката на детето. Родителите се жалеа дека можеби не е третирано како што треба на Педијатрија. Ако има медицинска грешка, ќе треба специјална комисија на Клиниката за педијатрија да разгледа и да ја слушне и другата страна –  рече пред неколку дена Таравари.

Но, пред да ја слушне и другата страна, истата вечер работата отиде во неповрат, а главниот коментар од надлежните беше дека се работи за монструозен чин, кој ја одбележа работата на медицинската сестра со 15-годишен работен стаж, за која досега не се слушнало ништо лошо во јавноста.

Сепак, не беше потребно многу време за работите да излезат на виделина и да се дознае вистината за овој случај, иако тоа во Македонија ретко се случува.

Меѓутоа, тука притиснаа дел од новинарите, лекарите, медицинските сестри, па на крај сè се сведе на обично „недоразбирање“, кое можеше да уништи нечиј живот. Заднината секако не се знае. Но, да почнеме од почеток!

МЕЃУЕТНИЧКИ ТЕНЗИИ

На 12 јули вечерта, на медиумот „Портал икс“ се појави фотографија од рака на тримесечно бебе со модринки, кое, како што беше објавено, било претепано на скопската Детска клиника. Првиот ден по експресната реакција на Таравари и Мемеди, јавноста се крена на нозе, а уште пострашна беше реакцијата на „интегративците“, кои испратија скандалозно соопштение:

Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини, од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите што секојдневно ги понижуваат Албанците.

Демократската унија за интеграција бара итна истрага и правна одговорност за сторителите на насилството и одговорност на носителите на функциите без етнички легитимитет во Министерството за здравство и Детската клиника. Снимките од бебе полно со знаци на насилство ја згрозија јавноста, а оставката и одговорноста не треба да се одложат ниту миг“, се наведуваше во соопштението на ДУИ.

Од тука работите веќе отидоа во друг правец, односно се заигра на картата на национализмот. Уште од самиот почеток, кога медицинската сестра беше обвинета, прво се посочи дека тоа се случило бидејќи мајката е Албанка, па не можеле да се разберат бидејќи не знаела да зборува македонски јазик.

Реално, читајќи го ова, се потрудивме да го игнорираме тој момент, да не испадне дека во целата страшна приказна се става акцент на национализмот, туку главен приоритет да се даде на веста – дали бебето е претепано или не? Но, ДУИ додаде масло на огнот и факт е дека целата оваа приказна доби меѓуетничка заднина.

Па така, наместо бебето да биде во прв план, приказната отиде во друг правец. Сè што се случи и се кажа за една вечер за медицинската сестра е повеќе од жално и страшно. Но, откако следниот ден работите малку се смирија, „Фокус“ се обрати до дел од вработените во Клиниката за детски болести, кои имаа сосема спротивен став од менаџментот на болницата и од самиот министер.

Жално е тоа како ја наместија сестрата, ни крива, ни должна. Таа му нема направено ништо на бебето. Не знаеме само која беше целта на ваков начин да ја обвинат и понижат, плус такво тешко обвинение да фрлиш на нечиј грб. Срамота.

Ние не викаме дека јавното здравство цвета, но познавајќи ја сестрата, која е голем професионалец, се гледа дека целата работа е наместена, само не е јасно од која причина – тврдеа дел од вработените со кои разговаравме.

Веќе 2 дена на Стручен колегиум на клиниката се водат бурни дебати, каде што лекарите и професорите се изјасниле дека ја поддржуваат сестрата и нема да дозволат Комисијата на клиниката, која ја сочинуваат тројца лекари да го преземе овој случај.

Од Комисијата двајца се откажале, а третата, која е Албанка, единствено не се повлекла. Тие сметаат дека целиот овој случај е конструкција и дека секое идно незадоволство на некое семејство може да биде злоупотребено за меѓуетнички цели.

Како што дознава „Фокус“, на еден од утринските колегиуми, вработените напишале соопштение до јавноста, но директорот сè уште не дозволил да се објави, туку тој сега излегува како главен медијатор во помирувањето меѓу медицинската сестра и семејството. Полека, да ја смири топката.

Па, сега работата испадна од претепано бебе, закани врз сестрата со отказ, наеднаш сè да се сведе само на обично „недоразбирање“.

ЗАКАНА СО ТУЖБА

Но, зошто наеднаш новиот директор Мемеди го менува својот став? Според нашите информации, откако веќе 4 дена оваа приказна ги тресе сите медиуми и е прва вест секаде, тогаш сопругот на веќе обвинетата медицинска сестра се појавил на врата кај директорот и најавил тужба за сите стресови што ѝ се причинети на неговата сопруга, која е лажно обвинета за малтретирање на тримесечно бебе.

Е, од тука веќе работите се менуваат, па сега првиот човек на Детската клиника се става во улога на главен медијатор за помирување. Дури во вторникот вечер се појави и како гостин на интервју во „Портал икс“, каде што јасно и гласно се изјасни дека станува збор за недоразбирање.

Вистината е дека воопшто немало намера да се повреди бебето. Ова се случило во една процедура за земање крв за анализа. Обично работат две сестри. Едната ја фиксира раката за да се земе крв.

Можеби поради механичката фиксација со рака, се случило да се појави хематом на десната рака на бебето.

Констатирав дека според сите информации и околности, извор на ова недоразбирање е вербалната комуникација, која можеби не е како што треба. Оваа комуникација подоцна отворила дилеми кај родителите на детето дека можеби овој пристап е со други мотиви – рече Мемеди.

Тој ја призна својата грешка пред целата јавност, но кој сега ќе одговара за стресовите што ѝ ги предизвикаа на медицинската сестра, кој ќе сноси одговорност што нејзините три деца се потресени од целиот случај, плашејќи се дека нивната мајка може да биде уапсена? Или сето тоа ќе се забошоти, па никому ништо.

Дали некој е свесен дека ако работата не се кренеше на толку високо ниво, дека медицинската сестра и цело нејзино семејство ќе беа колатерална штета? Тука не станува збора за празни муабети, туку за страшни обвинувања.

Инаку, тоа што остана нејасно е – зошто семејството кога толку упорно тврдеше дека бебето е претепано не поднесе кривична пријава за случувањата и против медицинската сестра? Зошто сè остана само на празни обвинувања во еден медиум, кој им ја даде целата поддршка, ама ги изврте и меѓуетнички работите?

Ред е да објасниме и што точно се случило со тримесечното бебе и зошто имало модринки на раката? Според дел од лекарите-специјалисти на клиниката со кои разговараше „Фокус“, бебето имало наод за тромбоцитопенија или состојба на намалени тромбоцити од која се појавуваат модринки. Бебето во конкретниот случај било склоно и кон крвавења.

Како што дознаваме, една сестра го држела за раката, додека другата го боцнала. И тоа што е уште почудно е дека баш обвинетата сестра го боцнала, со што не можела да го притисне за да му направи модринки.

Нашите извори уште тврдат дека целото семејство на Клиниката се однесувале како да е нивна сопственост. Од мајката, до таткото, бабата и дедото биле редовни посетители, но во еден момент при испис на бебето, семејството викнале новинарска екипа и ги презентирале своите обвинувања.

Така, медицинската сестра наеднаш заврши на клада. И сега, мало бебе беше искористено во целата оваа морничава приказна за дојде до меѓуетнички тензии. Или заднината е друга?

Како и да е, секој што посегнал по животот на пациент треба да одговара, но што ќе правиме сега ако некој вака дрско и безобразно се намести?

Па нели, и таа жена има свои деца, кои, исто така, се колатерална штета во целата приказна? Зар некој не треба да одговара и за нивните стресови? Но, тоа е Македонија и нормално сè ќе се заврши со едно„недоразбирање“. За жал!

РАМКА 1

БЕШЛИОСКА: СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ДА БИДАТ ПРОЗВАНИ СИТЕ ШТО ЗГРЕШИЈА!

 Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ будно го следи случајот на тримесечното бебе со модринки по преглед на Детската клиника и очекува виновникот за целата ситуација дека ќе се посочи со име и презиме, рече Гордана Бешлиоска, претседателка на Здружението.

Будноста ни е оти очекуваме да се излезе со релевантни факти и аргументи за целокупната состојба. Во вој момент не гледаме и не согледуваме никаква вина, со оглед на тоа дека и министерот Таравари досега никогаш не ја посочи вината кон медицинската сестра сè додека не излезе со адекватни податоци комисијата формирана да го увиди случајот.

Вакви нерасчистени и недокажани случаи на нашата сестринска професија не смеат да фрлат никаква дамка. Не само за дигнитетот на нашата професија, туку и за довербата на пациентите.

За овој случај ќе се воздржиме сè додека не ги добиеме релевантните аргументи од комисијата, која очекуваме во текот на денешниот ден да излезе со податоци.

Веруваме во институциите и веруваме во Министерството за здравство дека, сепак, целиот случај ќе оди во насока на правилно расчистување и име и презиме на виновникот за целата работа – рече Бешлиоска.

РАМКА 2

БЕЌАРОВСКИ: НИКОГАШ НЕ СУМ СРЕТНАЛ ЗДРАВСТВЕН РАБОТНИК ШТО НАМЕРНО ПОВРЕДИЛ ПАЦИЕНТ!

Доктор Нико Беќаровски јавно повика да се донесе закон за заштита на здравствените работници по случајот со повреденото бебе на Детската клиника.

Според Беќаровски, на сите може да им се случи да згрешат во работата, но дека досега не сретнал некој здравствен работник што намерно повредил пациент.

Во изминатите 35 години сум работел и соработувал со стотици здравствени работници. Некои биле постручни, некои биле повешти, некои поснаодливи, некои почувствителни, некои помрзливи, некои недоучени, некои приучени, некои бесчувствителни.

И сите без исклучок некогаш ненамерно сме згрешиле, но никогаш не сум сретнал здравствен работник што намерно повредил пациент, а уште помалку недолжно мало дете – истакна доктор Беќаровски.

РАМКА 3

ЛЕКАРИ ОД ДЕТСКА КЛИНИКА СЕ ЗАКАНУВААТ ДЕКА ЌЕ СИ ОДАТ

Детската клиника се смета за една од најкритичните клиники, со оглед на тоа што таму се хоспитализираат најтешко болните деца.

Како што веќе објавивме, првиот човек на клиниката е од редовите на Вреди. Тоа е Реџеп Мемеди, за кого до редакцијата на „Фокус“ стигаат бројни реакции против неговото назначување.

Повеќето од лекарите-специјалисти се против таквата одлука на министерот Арбен Таравари, со оглед на тоа што тие сметаат дека со оваа клиника треба да менаџира искусен лекар, кој добро ја познава работата.

Поврзани новости