Архива: Зошто и дел од лекарите се против вакцинирањето?

by Fokus

Текстот е објавен на 29 јули, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1347 

Според досегашната пракса, Македонија слободно може да се смести во земјите во кои години наназад е развиена антиваксерска кампања, која предизвика букнување на повеќе епидемии. Повеќе од половина од граѓаните цело време веруваат во теории на заговор околу смртоносниот вирус, од кој досега починаа повеќе од 5.500 граѓани, а исто така толку одбиваат и да се вакцинираат. „Фокус“ веќе подолг период ги следи кампањите против имунизација на социјалните мрежи, па се потрудивме да поразговараме со најжестоките поборници на овие сфаќања, кои никако и на никој начин, како што тврдат, нема да отстапат од своите ставови. Меѓу нив има и доктори

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Масовни протести во Грција и Франција поради вакцинирањето против смртоносниот вирус ковид 19, кој повеќе од година и пол го тресе светот. Ова се само дел од насловите што можат да се прочитаат во медиумите, во последниот период, откако во повеќето земји, дел од граѓаните одбиваат да се вакцинираат, а на тој начин само продолжуваат да ја шират опасната зараза и спречуваат да се врати животот во нормала.

Уште пред неколку месеци, во октомври, пред да почне масовната имунизација на населението беше направено истражување на јавното мислење во земјите од Западен Балкан, кое го објави Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа“.

Според тогашните резултати, повеќе од еден милион граѓани во Македонија ќе одбијат да се вакцинираат против опасниот вирус, што се алармантни бројки. Главната причина за таквата одлука е тоа што дел од нив не веруваат во ниту една вакцина, додека, пак, дел немаат доверба само во безбедноста на вакцината против ковид 19.

Според досегашната пракса, Македонија слободно може да се смести во земјите во кои години наназад е развиена антиваксерска кампања, која предизвика букнување на повеќе епидемии, и тоа на штета на децата.

Повеќе од половина од граѓаните цело време веруваат во теории на заговор околу смртоносниот вирус, од кој досега починаа повеќе од 5.500 граѓани, а исто така толку одбиваат и да се вакцинираат. Антиваксерите повторно си го покажаа своето вистинско лице поминувајќи часови на социјалните мрежи во ширење кампања против масовната имунизација.

Теориите на заговор се до толку развиени што повеќето од граѓаните веруваат дека корона вирусот бил произведен од кинеската влада во лабораторија, а исто така веруваат и дека фармацевтската индустрија е вмешана во неговото појавување. Но, тоа што е најтрагично е големиот број на оние кои сметаат дека американската армија го развила како биолошко оружје, или пак, Бил Гејтс го користи ковид 19 за да протурка“ вакцини со микрочип кои ќе ги следат луѓето.

Сето ова може да се прочита во сите антикампањи кои редовно се водат во дел од медиумите и социјалните мрежи, а меѓу нив има и доста лекари кои јавно даваат поддршка на овие теории.

Ваквиот начин на размислување само ќе придонесе бројките со новиот делта сој да продолжат да растат, а уште пострашно е што тој се шири со брзина на светлината, заразува многу повеќе, а уште поголем е бројот и на хоспитализации и смртни случаи. Со одлуката на дел од граѓаните да не се вакцинираат само ќе се продолжи пандемиската агонија.

 КОЈ И ЗОШТО ТЕРА АНТИВАКСЕРСКА КАМПАЊА?

Во дневните извештаи на Министерството за здравство секојдневно можат да се сретнат бројките на вкупниот број досега вакцинирани граѓани, кои се повеќе од 820.000, додека ревакцинирани се околу 330.000 граѓани, што не е доволно да се спречи ширењето на заразата, а посебно во овој период кога коси индиската мутација на вирусот.

Најголемиот проблем лежи во кампањите против вакцини, кои ја сместија Македонија меѓу високоризичните земји за смртоносни заразни болести. Како главни причини, зошто дел од населението не сака да се вакцинира со ниту една од вакцините против ковид 19 е тоа дека вакцините се премногу брзо развиени, не се тестирани доволно добро, а како причина се наведува и тоа дека на почетокот на вакцинирањето имало несакани ефекти.

Исто така, како други причини се наведува и тоа дека и вакцинираните лица можат да го пренесат вирусот, па според нив, која е тогаш целта на вакцината, зошто би се вакцинирале кога веќе го прележале вирусот, како и тоа дека се склони на алергиски реакции, а самите вакцини можеле да предизвикаат анафилактичен шок.

Сите тие причини ги искористија професионалните антиваксери и жестоки теоретичари на заговор, од кои некои имаат изградено и профитабилни кариери на спротивставувањето на вакцинацијата.

„Фокус“ веќе подолг период ги следи кампањите против имунизација на социјалните мрежи, па се потрудивме да поразговараме со најжестоките поборници на овие сфаќања, кои никако и на никој начин, како што тврдат, нема да отстапат од своите ставови.

Слободно можам да кажам дека јас не верувам ниту во безбедноста на вакцините од редовниот календар за имунизација, а не пак, во сегашните вакцини против ковид 19, кои ги пуштија на бизнис пазарот со испитување од само неколку месеци.

Никој не може да ме убеди дека тоа ќе ми помогне, сепак, имам право на слободен избор и се трудам тоа да им го објаснам и на луѓето околу мене – тврди 45-годишен скопјанец, кој сакаше да остане анонимен.

На нашето прашање, зошто се труди да ги убеди и другите да не се вакцинираат и дека тоа е опасно за нивниот живот, тој само кратко ни одговори:

Јас сум должен да си кажам, а нивно е дали ќе ме послушаат – истакна во изјава за „Фокус“, скопјанецот.

Тоа што е најстрашно во целата приказна е што многу од граѓаните размислуваат на истиот начин. Триесетгодишна мајка без влакна на јазикот потврди дека своето дете досега воопшто не го вакцинирала со ниту една редовна вакцина.

„Со било што да ме уценуваат, нема да ме натераат. Тоа е мој став – вели револтираната мајка, која може да се забележи редовно на социјалните мрежи и на нејзиниот приватен профил како води битка со граѓаните да ги убеди дека секоја вакцина е опасна по нивниот живот.

Сепак, мораме да признаеме дека тоа е ставот на обичните граѓани, но што правиме со лекарите кои цело време тераат антиваксерска кампања, посебно во услови на страшна ковид пандемија. Една од нив е доктор Јадранка Бибан, која во последните неколку години промовира кампања како преку здрав начин на живот и природен имунитет до подобро здравје.

Таа секојдневно „бомбардира“ со статуси против вакцините, тврдејќи дека универзумот треба да биде наспроти фабричкиот шприц.

Пошто вакцинираните бараат невакцинираните да не се лекуваат во јавно здравство на товар  на фондот без разлика што се здравствено осигурани, исто така би било добро за да не се изложуваме на дополнителни трошоци за печатење вакцинални пасоши, на вакцинираните да им се закачат вакцинални менѓуши… не? По една менѓуша за секоја доза. Прва доза на лево уво, втора доза на десно и трета доза менѓуша на носот“, иронично пишува докторката Бибан.

Таа уште прашува кои се „надлежните институции“ од Министерството за здравство што ќе ги ловат докторите антиваксери, а под нејзините статуси можат да се видат од 300 до 500 лајкови за поддршка.

ВАКЦИНИРАЈ СЕ ИЛИ НЕМА ГРАДИНКА, А МОЖЕ ИГРОТЕКА

Дека кампањата против вакцините за време на корона пандемијата не е единствената досега покажува и епидемијата на морбили од пред две години, кога дел од родителите не дозволуваа нивните деца да се вакцинираат против мали сипаници, бидејќи според нив, тоа ќе им предизвика аутизам. Во тој период, министерот за здравство Венко Филипче донесе одлука сите деца кои нема да бидат вакцинирани да не се примаат во градинка.

Околу 30 родители сметале дека оваа мерка е незаконска и дискриминирачка за нивните деца, па одлучиле правдата да ја бараат по судски пат преку адвокатот Димитар Савовски. Тој поднел предлог за привремена мерка со кој барал судот да донесе одлука, со која ќе им се овозможи на децата веднаш да посетуваат градинка. По предметите одлучувале четворица судии во вонпарничното одделение на Основниот граѓански суд.

Според моите сознанија, тие одржале и седница на одделението токму за да заземат заеднички став околу одлуките и мислењата биле поделени два наспроти два. За жал, како и во многу други случаи, така и во овој, судството не можеше да се ослободи од влијанието и стегите наметнати од извршната власт, па одлуката на судот беше дека мерката е законска, истакна Савовски.

Според него, актуелниот министер никогаш не донел формална одлука да се забрани прием на невакцинираните деца во градинка.

Таква одлука, барем на хартија, не постои. Веројатно и нему му било јасно дека не постои законска основа да донесе ваква одлука, односно ваква мерка не е предвидена во Законот за заштита на населението од заразни болести во време на епидемија кога мерките за заштита се таксативно наброени. 

Министерот за здравство нема ниту надлежност да одредува мерки за заштита на населението во време на епидемија. Моја оценка е дека целта на оваа мерка не беше заштита на населението од заразни болести, туку со мерката се прикри остварување на лукративни цели“, вели Савовски.

Тој додава дека од таа причина, чинот на непримање на децата во градинка претставуваше најмизерен облик на дискриминација на одредена, крајно ранлива група на население по возраст и здравствена, имунолошка состојба.

Дискриминација по возраст затоа што мерката не се применуваше на невакцинираните деца малку повозрасни, кои беа запишани во прво одделение со образложение дека основното образование е задолжително според Уставот. Меѓутоа, во градацијата на јавниот интерес секако дека грижата за јавното здравје, кое исто така е уставна категорија, преовладува над обврската за основно образование што е уште една потврда дека интересот зад оваа мерка не беше заштита на јавното здравје, туку профит.

Уште една потврда за бесцелноста на мерката е што вакцинираните деца беа изолирани од невакцинираните само во градинка, додека во останатиот тек на денот слободно комуницираа и имаа интеракција на игралишта, во игротеки и на секој друг можен начин“, истакна адвокатот.

Савовски тврди дека доколку навистина целта на мерката била заштита на јавното здравје, зошто тогаш не се применила целосна изолација на вакцинираните од невакцинираните деца.

Дека мерката беше мизерен начин на дискриминација на децата за остварување на друга цел е примерот на една од клиентките, мајка на аутистично дете кое имаше потврда дека не смее да се вакцинира, но сепак не беше примено во градинка.

Детето постигнало видлив и голем напредок со посетување на градинката и секое утро барало да оди во градинка да си ги види другарчињата, а мајката не можејќи да му објасни дека не смее да оди, го спремала како за во градинка и вртеле кругови таму, па така детето мислело дека на некој начин е во градинка – додава Савовски.

За него, ненадоместлива штета не била нанесена само на децата, туку и на родителите кои немале начин да обезбедат чување на нивните деца и со месеци не оделе на работа. Тој вели дека единствена мерка предвидена со законот е парична казна за родителите на невакцинираните деца и ништо друго.

Како и да е, не сме во ситуација да избираме кога новиот делта сој зазема се поголеми размери. Факт е дека секој има право на избор дали да се вакцинира или не, но затоа, пак, на тој начин само ќе продолжиме да живееме во досегашната агонија, на заразени, хоспитализирани и смртни случаи. Редно време е да се стави крај на оваа заразна пандемија, која уништи многу семејства и секој да сфати дека во моментот вакцината ни е единствениот излез од тунелот.

Рамка1:

ВО СРБИЈА БЕА УАПСЕНИ ПЕТ АНТИВАКСЕРИ

Српската премиерка Ана Брнабиќ уште пред три месеци изјави дека се сочуваат со антиваксерска кампања, па таму имаше и апсења.

Од петтемина антиваксери што беа приведени, еден беше вакциниран и истовремено ги ширеше најстрашните можни лаги против вакцинацијата. Значи, излезе, вие се заштитивте, но велите дека другите не треба да се вакцинираат“, изјави тогаш Брнабиќ за ТВ Прва.

Рамка2:

Димитар САВОВСКИ:

 ЈАС СУМ 100 ПОСТО ПРОВАКСЕР

Адвокатот Савовски, кој ги застапувал 30-те родители кои не ги вакцинирале децата против морбили и им било забрането одење во градинка тврди дека уште на првиот состанок со нив се изјаснил дека е  100% проваксер.

Јас сум за вакцини, но неспорно е дека ваквата мерка е апсолутно противзаконска и дискриминирачка и дека мојот интерес е исклучиво интересот на децата, а не промоција на антиваксерство.

Личен став кон антиваксерство немам и сметам дека тоа е личен избор на секој родител. Меѓутоа, неспорно е дека некои од родителите направија обид да ја искористат ситуацијата за агресивна промоција на антиваксерството, за што имавме меѓусебно недоразбирање“, вели Савовски.

Рамка3:

Министерство за здравство:

 ЗНАЕВМЕ ДЕКА ЌЕ СЕ СООЧИМЕ СО АНТИВАКЦИНАЛНА КАМПАЊА

Од министерството за здравство во изјава за „Фокус“ тврдат дека редовно ги следат кампањите и трендовите во соседните земји и според нив нема некоја голема разлика во опфатот на вакцинација.

Свесни сме дека ќе се соочиме со антивакцинална кампања која што и пред две години беше актуелна во пандемијата со морбили. Тогаш ја имавме на располагање вакцината и веднаш интервениравме за да се сузбие пандемијата за цели 6 месеци. 

Исто така, се одвива интензивна комуникација со министерството за образование и наука и труд и социјална политика и  директорите на институциите повторно да разговараат со своите вработени колку е важна вакцинација “, се наведува во одговорот од ресорното Министерство.

Рамка4:

БАЈДЕН: ИМАМЕ ПАНДЕМИЈА МЕЃУ НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

Американскиот претседател, Џо Бајден, изрази незадоволство заради слабиот одговор на вакцинација против Ковид-19. Според него, од огромна важност е Американците да почнат да се вакцинираат, сега откако вирусот почна повторно да се шири.

Во телевизиското обраќање од Синсинати, Бајден кажа кризата многу ги погоди невакцинираните во време кога ширењето на делта сојот на вирусот доведе до зголемување на бројот на нови инфекции низ целата земја, пренесуваат американските медиуми.
Рамка5:

ДОКТОРИ ПРОТИВ ВАКЦИНИРАЊЕТО

 Во последните десетина година како најголема поборничка против вакцинирањето е доктор Слаѓана Велков, која во неколку јавни настапи истакна дека вакцините се смртоносни и дека доведуваат до тешки заболувања.

Таа во интервју во 2014 година објаснува дека вакцинирањето е најопасната медицинска пракса во историјата на класичната медицина, па дури 70 отсто од денешните болести, според неа се резултат на вакцинацијата. Велков подолг период беше една од идолите на антивакциналните здруженија.

При крајот на 2015 година, српски „Блиц“ објави дека во Јавното обвинителство и полицијата се пријавиле десетина лица кои ја обвиниле, како што пишуваше, македонската надрилекарка за шарлатанство и лажно претставување.

 

 

 

Поврзани новости