(АРХИВА) Зошто државата наплаќа најскапи патарини, дури и за патишта што не спаѓаат во категоријата автопатишта?!

by Fokus

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) 2024 година ја заокружи со остварен приход од над 66.5 милиони евра по основ на наплата на патарини. Во споредба со 2023 година тоа се 270 милиони денари или над 4.32 милиони евра повеќе.

Но, тоа што македонските граѓани плаќаат најскапи патарини во регионот дури и за патишта што не спаѓаат во категоријата автопат, никогаш не е тема за партиите кога се на власт, туку само во опозиција.

Во Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопатишта, експресни и магистрални патишта, во Словенија една недела чини 16 евра, а во Унгарија треба да се платат околу 17 евра за десет дена. Кај нас, пак, на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје со 12 евра, колку што чини неделна вињета во Австрија, може да се вози само два дена по релативно лош асфалтен пат, кој нема добро осветлување на клучките, а на одредени делници нема ниту лента за запирање, што е од исклучително значење за ваков вид сообраќај. И покрај тоа, Јавното претпријатие за државни патишта, лани инкасирало  62 милиони евра годишен приход од патарини, што е зголемување за 100 отсто во однос на 2020 година.

Текстот е објавен на 22 август 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.507.

 Пишува: Орце КОСТОВ

 Премиерот Христијан Мицкоски,  соопшти дека наплатата од патарини била зголемена и дека тоа е резултат на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а не на зголемениот проток на возила поради годишните одмори.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски ме извести дека на наплатните рампи во јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари, што е повеќе за цели 16.071.251 денари, споредено со истиот период лани.

Овие пари постоеле и минатата година. Разликата е во тоа што се работи домаќински и одговорно. Исполнуваме за секој еден човек. Државата на народот – објави Мицкоски.

За разлика од него, министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска го критикуваше работењето на ЈПДП, претставувајќи го како кредитно неспособно, иако неговиот буџет годишно тежи 600 милиони евра.

Станува збор за сериозна тежина што се прави врз буџетот од исплатата на гаранциите. На пример, само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една – потенцира Димитриеска.

Но, двајцата во своите излагања заборавија да спомнат два непобитни факти, односно дека граѓаните во Македонија плаќаат најскапи патарини на Балканот и дека ова државно претпријатие лани оствари рекорден приход од 62 милиони евра од наплата на патарини за патишта, кои не ги исполнуваат највисоките стандарди.

Згора на тоа, од негова сметка се финансира и загубарот „Македонија пат“.

БЕЗ ОСВЕТЛУВАЊЕ И ЛЕНТА ЗА СОПИРАЊЕ

 Жител на Гостивар што сака да оди на одмор во Грција со автомобил ќе плати 1.000 денари патарини за вкупно 460 километри во двата правци од автопатот до македонско-грчката граница и назад или 2,57 денари по километар автопат, што Македонија ја прави земја со најскапи, но не и најдобри патишта во Западен Балкан.

Патникот што со автомобил ќе вози од Табановце до граничниот премин Богородица ќе плати 760 денари во двата правци.

Како пример за споредба може да се земе соседна Србија, која наплаќа патарина по затворен принцип, односно според поминати километри на автопат, а не според автопатска делница.

Од граничниот премин Табановце-Прешево до српско-унгарската граница Хоргош има 600 километри во еден правец или вкупно 1.200 километри. Минувањето низ оваа делница во Србија, со поскапувањето на патарините од годинава ќе ве чини 48 евра во двата правци или 2,37 денари по километар во категоријата за патнички автомобил, што е поевтино отколку кај нас.

Во дел од европските земји, системот на наплата е со електронска вињета, која се издава на неделно, месечно или на годишно ниво.

Во Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопатишта, експресни и магистрални патишта, во Романија цел месец се вози за 14 евра, во Словенија една недела чини 16 евра, а во Унгарија треба да се платат околу 17 евра за десет дена.

Кај нас, на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје со 12 евра, колку што чини неделна вињета во Австрија, може да се вози само два дена по релативно лош асфалтен пат, без добро осветлување на клучките, и на одредени делници без лента за запирање, која е од исклучително значење за ваквиот вид сообраќај.

ПАТАРИНИ И ЗА ЕКСПРЕСНИ ПАТИШТА

Според Законот за јавни патишта, автопат е категорија на пат со најмалку две возни ленти и една лента за принудно застанување.

Но, делниците Катланово-Велес, Тетово-Гостивар и Гостивар-Тетово немаат лента за принудно застанување и затоа тие не припаѓаат во категоријата автопат, иако Државни патишта наплаќа патарини на овие делници.

Згора на тоа, делницата без лента за сопирање, Катланово-Велес, е дел од Е-75 Европскиот автопат, кој почнува во Варде, Норвешка, и завршува во Атина, Грција.

Од Јавното претпријатие за државни патишта сметаат дека согласно Уредбата за критериуми за категоризација на јавните патишта и нивните ознаки, делниците ги исполнуваат условите за автопат.

„Според државното, економското, стопанското и сообраќајното значење, како и нивото на изграденост, дел од државните патишта се категоризираат како автопатишта, експресни патишта и магистрални патишта (А-патишта) и служат за:

– поврзување на Република Македонија во европскиот патен систем и одржување континуитет на меѓународната патна мрежа (меѓународните коридори – Е патишта),

– поврзување на патната мрежа со меѓународни патни гранични премини и сообраќајно поврзување со патиштата на соседните држави“, стои во  Уредбата за категоризација.

Според законот за патишта, патарина се плаќа за користење „дел од пат, односно надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта во државата“.

Тоа значи дека македонските граѓани ѝ плаќаат на државата двапати: еднаш на наплатна станица и еднаш при регистрација на возилото преку надоместокот  за јавни патишта за моторни возила.

Цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува владата со одлука, која ја регулира оваа давачка. Надоместокот за патарина километар за возилата од прва категорија Б се зема како основна категорија.

Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар, со должината на делницата за која се врши наплата на патарина“, стои во владината уредба.

Врз основа на оваа владина одлука, Јавното претпријатие за државни патишта во 2023 година остварило  62 милиони евра годишен приход од патарини, што е 100 отсто зголемување на наплатата во однос на 2020 година.

Останатите приходи, ЈПДП ги обезбедува од акцизата за гориво (околу 70 милиони евра за 2022 година) и од надоместокот за јавни патишта при регистрација на возила (нешто над 30 милиони евра за 2022 година).

23,6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА 5 МЕСЕЦИ

 На македонските патарини, во периодот од јануари до мај годинава, се наплатени вртоглави 1.454.587.856 денари, односно 23.651.835 евра, што во однос на истиот период за 2023 година претставува раст на приход за 132.635.906 денари, односно 2.156.681 евро.

Тенденцијата за зголемен остварен приход во 2024 година е константна, со пораст од 10,2 проценти за периодот јануари-мај годинава. Износот на наплатените средства на патарините е различен и се движи од 155.827.545 денари на Романовце до 53.038.529 денари на Демир Капија.

ЈПДП, минатата година ја заврши со рекорден приход од патарини во износ од 62 милиони евра, за 100 проценти повеќе споредено со 2020 година, кога наплатата изнесуваше 34 милиони евра.

Во 2021 година, по тој основ беа инаксирани 46 милиони евра, а во 2022 година 53 милиони евра. Вкупните приходи на ЈПДП од наплата на патарина за 2024 година се проектирани на износ од 4.400.000.000 денари, односно на 71,5 милиони евра.

За ЈПДП, 2023 година беше рекордна година од аспект на инвестиции, приходи од наплата на патарини и година во која беше потпишан договорот за изградба на 110 километри автопат на двата коридори 10Д и 8 со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Приходите што се слеваат во Буџетот на ЈПДП по основ на наплата на патарини и други приходи се враќаат како инвестиција во одржување, рехабилитација и изградба на патишта, не само на државните патишта, туку и на локалните преку префрлање средства во општинските буџети, додека голем дел, околу осум милиони евра одат и за плати на загубарот „Македонија пат“.

М-КАРД И М-ТАГ

Возилата што секојдневно ги користат автопатиштата, како што се камионите, автобусите и автомобилите со кои се патува на работа или такси-превозниците, плаќаат огромни суми за патарини на месечно ниво, а добиваат попуст само ако надополнат огромни парични суми на електронските картички.

Вредноста на бесконтактните М-кард изнесува 100 денари и минималниот износ на надополнување е 300 денари. Попуст за надополнување до 10.000 денари е 2 отсто или максимални 200 денари, за надополнување до 10.001 до 50.000 денари има попуст од 3 отсто или 1.000 денари, пет отсто попуст (15.000 денари) од се добива ако се надополни сума од 50.001 до 300.000 денари, а за надополнета сума над 300.001 денари или над 5.000 евра се добива попуст од 7 отсто или 21.000 денари (350 евра).

За да ги „уживате бенефитите од одобрените попусти, кои на подолг период имаат и одреден финансиски импакт“, како што велат од ЈПДП, треба однапред да имате прилично висока сума за надополнување. Превозниците на патници и на стока секако ги имаат овие средства, но не и оние работници што патуваат со автомобил од Тетово, Куманово или Велес кон Скопје и обратно.

Патувам од Велес кон Скопје секој ден цела година. Патарината ме чини 85 евра месечно или 1.030 евра. За да добијам попуст од 3.000 денари, јас треба да надополнам максимални 1.030 евра. Па, кој има толку пари однапред. Или да подигнам кредит со камата од седум отсто за да добијам попуст од пет отсто.

Прескапи ни се патарините, а возиме по лоши автопатишта, кои немаат ниту лента за застанување. Небезбедни се и не се одржуваат. Во Бугарија можам да возам цел месец за 15 евра по сите нивни патишта, а тука со оваа сума не можам да извозам ниту една недела на релација Велес-Скопје-Велес – вели вработен велешанец на патарината Петровец, кој секојдневно заедно со група колеги патува на работа во главниот град.

Електронскиот систем за наплата на патарини во државава беше воведен во јули 2019 година.

Годинава се продадени дури 7.501 МКартички и 5.983 МТаг уреди, a последните податоци покажуваат дека трендот на користење на електронските уреди се движи по нагорна линија и веќе се искачи на 30 проценти, односно, според ЈПДП, граѓаните почнуваат да ги сфаќаат придобивките од брзо и ефикасно поминување на наплатните станици со М-кард и М-таг.

На наплатните станици на кои функционира електронската наплата, учеството на електронските уреди се движи од 28 проценти до 40 проценти.

Од 2019 година, пак, кога е воведена електронската наплата, досега продадени се 177.688 М-картички и 27.088 М-таг уреди.

Сепак, 57 проценти од учесниците во сообраќајот сѐ уште преферираат да плаќаат во готовина, а 12,23 проценти плаќаат со користење на платежни картички за наплатата.

МЕНУВАЊЕ НА НАЧИНОТ НА НАПЛАТА

 Патарини во Македонија се наплаќаат според закон усвоен во Собранието, кој вели дека ние имаме отворен систем на патарини и плаќањето е изедначено со Директива на Европската комисија: колку се користи, толку треба да се плати.

Но, во Директивата 1999/62/ЕЗ е пропишано дека патарини мора да се наплаќаат според поминатото растојание и типот на возилото.

„Патарините мора да се наплаќаат според поминатото растојание и типот на возилото, додека вињетите се категоризираат според времетраењето на користењето на инфраструктурата. Вињетите мора постепено да бидат исфрлени од патната мрежа TEN-T до 2030 година, со некои специфични исклучоци.

Националните патарини и вињети не смеат да го дискриминираат меѓународниот сообраќај. Особено, цената на краткорочните вињети треба да биде пропорционална за да не се дискриминираат повремените корисници.

Ослободување од обврската за плаќање такси или намалени давачки може да се даде само во конкретни случаи и се забранети прекумерни попусти на патарините.

Шемите за наплата треба да предизвикаат што е можно помали пречки за слободниот проток на сообраќај, избегнувајќи задолжителни проверки на внатрешните граници на ЕУ. Каде што е економски изводливо, тие треба да се обираат со помош на електронски систем за патарина.

За тешките возила, максималните просечни патарини мора да се утврдат во однос на трошоците за изградба, работење и развој на односната инфраструктура. Може да се применат ознаки за финансирање на транспортната инфраструктура на основната трансевропска транспортна мрежа.

Патарините може да вклучуваат надоместок за надворешни трошоци што ги одразува трошоците за загадувањето на воздухот и бучавата, како и надоместок за метеж.

Приходите од надополнувањата и надоместоците за метеж мора да се реинвестираат во транспортниот сектор, додека преостанатите приходи собрани според Директивата треба да се користат за развој на трансевропската мрежа“, стои во Директивата на ЕУ.

Неофицијално, системот на наплата на новите автопатишта што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ ќе биде затворен систем, сличен на тој во Србија. Оној што вози, во зависност од тоа каде ќе влезе и каде ќе излезе, така и ќе плати.

Оваа промена ќе се прави со цел да не се застанува на секои 15 минути како на Коридор 10 и да нема застој на патарините. Но, никој не знае дали истото се планира и за Коридор 10.

Покрај на седумте наплатни станици на Коридор 10, од неодамна електронска наплата има и на патарините Глумово и Желино, како дел од проектот за модернизација на наплатните станици на Коридор 8.

Податоците на ЈПДП покажуваат дека системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија, што е оперативен од крајот на јуни лани, досега има 1.864 корисници.

„Еден таг во двете држави го користат преку 1.800 иматели на тагови, или поточно 1.864 корисници. Во периодот откако почна функционалната операбилност, секојдневно се користи и над 21 милион денари се наплатени од користење на српски тагови во Македонија“, велат од ЈПДП.

КАКО Е ВО СОСЕДСТВОТО?

 Поранешниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми изјави дека државата направила модерна, електронска и современа наплата за патарини, која, според него, нуди професионална и квалитетна услуга. Но, одбегна да каже зошто граѓаните плаќаат полн износ патарина и за користење на делници од автопатите кои се под реконструкција.

Во соседството одамна е пристапено кон далеку попрактични системи за наплата како што се вињетки (Бугарија, Романија, Словенија) или затворени системи (Србија).

Пред две години, политичката партија Левица побара измена на Законот за јавни патишта, со која се предвидуваше намалување на цените на патарините за 50 отсто, но владејачката коалиција СДСМ-ДУИ го одби.

Ексминистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски рече дека тогашната влада разработува модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на автопатиштата, односно можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. Според него, моделот со вињетките не беше доволно праведен.

Со вињетките моделот не е доволно праведен затоа што вињетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата вињетка, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој што користи само локални патишта – објасни Бочварски.

Новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски ќе има на располагање шестпати поголем буџет отколку кога беше градоначалник на Град Скопје.

Додека беше градоначалник на Град Скопје, тој располагаше со буџет од околу 60 до 100 милиони, а сега како директор на ЈПДП ќе има на располагање приходи и приливи од околу 625 милиони евра, што е за шест пати повеќе од буџетот на главниот град.

ЈПДП остварува најголеми приходи од акцизата од деривати од нафта, годинава се очекува тие да бидат 90 милиони евра.

Втора ставка во Буџетот се приходите од надоместокот од патарина кои годинава се планирани на над 70 милиони евра, од патната такса која се плаќа при регистрација на возило, ЈПДП добива околу 38 милиони евра.

Од другите приходи од работењето, како што се наплата од поставување натписи и билборди во заштитниот појас на автопатиштата, приклучување на пристапен пат на државен пат, поставување инсталации во трупот на патот, изградба на бензински станици, прекумерно користење на пат, вонреден превоз и од штета сторена на патот, ЈПДП очекува прилив од околу 1,5 милион евра.

ЈПДП ќе добие и приливи од странски кредити кои се подигнати за да се доправи автопатот Кичево-Охрид и да се изградат коридорите 8 и 10д. Приливите од Светска банка се 9,45 милијарди денари или 153 милиони евра.

На овие суми се додаваат и средствата од Буџетот за 2024 година за инвестиции во патна инфраструктура, како и средства од 2023, кои се пренесуваат за истата ставка.

Поврзани новости