АРХИВА Злосторничко здружување на партиски музичари: Власта субвенционира измамничка естрада

by Fokus

Текстот е објавен на 21 ноември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 998

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Пејачот со експресен прогрес во кариерата, Даниел Кајмаковски, е новиот македонски преставник на Евросонг 2015 во Виена. Тој победи според гласовите на жирито и на публиката преку гласање со СМС телефонски пораки. На второ место заврши несудената евро-претставничка Тамара Тодевска, а на трето пејачката Евгенија Чанчалова – Еги. Нивните песни се наградени со повеќе од пристојни суми од 20, 15 и 10 илјади евра.

Дали заслужено завршија на првите три места и дали нивните гласови се регуларни, проверува полицијата. Исто како што проверува и за другите настапувачи на Скопскиот фестивал за кои биле испратени пораки од безимените телефонски броеви.

Местенките со гласови на Скопскиот фестивал ја отворија естрадната Пандорина кутија. Сите знаеле кои кланови во музиката можат да наместат, кои автори тоа го направиле и претходно, но исто така сите – молчеле. Јавната тајна останувала во круговите на естрадата и никој не одлучил да пријави, уште помалку јавно да изнесе тврдења со докази дека некој мести победници на фестивалите, иако многупати поразените композитори знаеле да напоменат дека има пропусти при гласањето.

Но, тука завршуваше се. Реагираше Александра Пилева на победата на Мартин Вучиќ, Адријан Гаџа на победата на Елена Ристевска, но нивните укажувања дека изборите се местат тогаш останаа како празни зборови. Сега нештата се поинакви.

Под истрага е и телефонското гласање на Макфест во Штип, но и ланското издание на скопскиот фестивал. Тие три фестивали се поврзуваат преку продукцијата План Б, чии сопственици Стефан и Игор Стефановски се кривично пријавени за компјутерска измама со гласовите, но и преку фирмата за спроведување на телевоутингот Видекс, чиј сопственик Борис Видевски исто така е осомничен.

Кругот на луѓе во оваа фаза од полициските проверки заврши со пејачот Елвир Мекиќ. Иако првично се спомена името на Јован Јованов, како пријател и соработник со План Б и Елвир Мекиќ, дека е главниот организатор на фантомското гласање, тој сепак изостана од полициската пријава, но истрагата за него трае. Во моментов го спаси и фактот дека е на постдипломски студии за филмска музика во Америка. Таму е неколку месеци, што значи дека на денот на гласањето за избор на песна за Евровизија не можел да учествува во местењето.

Но, дали и што правел претходно, со оглед дека има индиции за фиктивни гласови и на другите фестивали? Секако, клучно е да се истражи дали само продукцијата План Б имала илјадници телефонски картички, или тоа било профитабилно „хоби“ и на други композитори? Оттаму и коментарите дека „клановите“ со картички дури и соработувале меѓу себе, особено на фестивалите на кои од еден број можело да се гласа за три песни, па така, тие се договарале како да си менуваат гласови.

КОЈ ГИ ПРИЈАВИ ЈОВАНОВ И ПЛАН Б?

Јован Јованов првично куртули од пријава на МВР. Полицијата се правда дека јавниот обвинител инсистирал тој да биде изземен затоа што не е во државата и неговото отсуство не смее да ја попречи истрагата за да се утврди одговорноста кај другите. Но останува прашањето како тој заврши во полициската замка?

Во последните години беше еден од омилените композитори на власта. Толку му се веруваше на квалитетите и музичкото знаење, што за неколку изборни циклуси ги компонираше химните со кои партијата на Никола Груевски настапуваше пред граѓаните на митинзи и во телевизиските спотови.

Да не заборавиме дека во химните по правило се нагласува големината на партијата и политиката на Груевски како единствено исправна опција за државата. Композиторот беше толку во „шема“ со вмровците, што неговото влијание во партискиот музички избор не заврши само на предизборните химни. Секако паметиме и негови настапи на големите партиски митинзи.

Познато е дека приврзаниците на власта, па макар и со создавање музика за ВМРО-ДПМНЕ, кога – тогаш ќе заработат и од државните пари. Од нив може полесно и повеќе да се наплати, а тоа влијае пропорционално на лојалноста и посветеноста. Јованов беше и член на комисија во Министерството за култура, а беше задолжен и за многу музички владини проекти, пред се оние со препев на македонски стари песни од млади пејачи.

Но кој пријавил во полиција за местење фестивали? Или, кому поверувала полицијата, за тоа што со години се шепотело меѓу пејачите, за да започне со претреси и проверки? Ако сите на естрадата ја знаеле позицијата што ја имал Јованов кај власта, тогаш навистина морал да го пријави некој што исто така има релации со високи функционери, или пак некој што му прекипело, но притоа понудил и сериозни сознанија и докази за тоа кој, како и од каде мести телефонски гласови.

За поседување докази како се местело гласањето во јавноста зборуваше единствено Тамара. Таа преку Сител не откри какви докази поседува, но нагласи дека ќе ги предаде на истражните органи. Така таа самата се прозва за соработник на полицијата во намера да се открие целиот скандал, а виновниците да се казнат, како што и самата посака во текот на телевизискиот настап.

Тамара, веќе еднаш беше на Евросонг во 2008 та, заедно со Гаџа и Врчак. На два пати пак завршува на втората позиција, а нејзините песни потоа стануаа хитови и имаа позитивни коментари од критичарите. Годинава ја победи Кајмаковски, лани пак, Ламбе Алабаковски. Тогаш тој ја однесе победата за настап на Евровизија, токму како ексклузивец на План Б, но и ќари 20 илјади евра.

Наспроти Кајмаковски, кој победи со 3 500 гласа од телевизиската публика, Алабаковски победи со само 124 гласа по СМС пораки, Тамара тогаш имаше 89 гласа, а Димитар Андоновски беше трет. Бројката гласови се должи на два фактора – времето за гласање беше ограничено на мала минутажа, а пораките беа значително поскапи. Но ова го отвори сомнежот дека полесно било да се наместат резултатите од гласањето, особено за „клановите“ кои имале стотици, па и илјадници телефонски картички. Затоа полицијата го проверува и ланското гласање.

Претходно, кога на скопскиот фестивал Министерството за култура немаше предвидено парични награди, победници беа Влатко Илиевски, Влатко Лозановски, а една година групата „Некст тајм“, повторно ексклузивци на План Б. Иако тие години немаше пари за награди, сепак, како мотив е доволен престижот да се победи на фестивалот, а со тоа и да се настапи на Евросонг.

Токму победите на План Б ја насочуваат полицијата да проверува и во минатото. Пред се, ако се знае дека откриените 2 500 телефонски картички во акцијата на полицијата од пред една седмица не биле купени сите наеднаш, односно поголем дел од нив се трупале во последните неколку години. Ако се пронајдени 2 500 картички, а притоа полицијата открила дека четири до пет години се извлекувале спорните броеви, тогаш излегува дека доволно е секој ден да се купувале по две картички. Ова и не е толку тешко изводливо.

ЗА КОИ ПЕЈАЧИ ФАНТОМСКИ СЕ ГЛАСАЛО?

Да споменеме и други факти кои се исто така причина полицијата да се сомнева во поголем број местења, не само на последното издание на скопскиот фестивал. На штипскиот Макфест годинава првпат имаше парична награда, а со тоа и зголемени апетити кај композиторите и пејачите. На крајот победи Биба Додева, второто место го освои Дарко Илиевски, а третото, сега пријавениот за измама со гласови, Елвир Мекиќ.

Да напоменеме дека Илиевски е ексклузивец на Горила продукција, истата куќа која стои зад Тамара. На оваа продукција како да ѝ е судено да освојува втори места. Тогаш никој не ја оспори победата на Додева. И сега полицијата не е толку фокусирана на нејзините гласови, колку што е на броевите кои гласале за Елвир. Дали истите картички кои сега ги пронајде полицијата и за кои тврди дека биле користени за Скопје фест биле вклучени и неколку месеци претходно, на Макфест?

Но целата полициска интервенција во музичките фестивали потекна од минатата недела. Клучно е сега да се открие кои песни биле фаворизирани да победат и да земат дел од паричниот фонд. Така ќе се стигне до другите музичари кои лажирале гласови, а ги има повеќе, затоа што никој не верува, посебно во музичките кругови дека местенките завршуваат со План Б продукција и Стефановски.

Јавниот обвинител издал наредба да се проверат електронските комуникации на осомничените, особено на броевите кои ги користеле, а немаат име и презиме. Кога ќе се утврди за кои песни стигале гласовите, ќе се знае полесно кои автори е можно да имале свои групи на терен со десетици телефонски апарати и стотици картички.

Ако се следи кој која песна ја имал на фестивалот, тогаш логично е Мекиќ да гласал за Викторија Лоба, затоа што песната со која настапи е негова и на Јованов, а полицијата во неговиот стан откри стотици картички и голем број телефонски апарати. За ваквите сомнежи Лоба не сакаше да зборува со новинарите. Вистинската адреса, според неа, за новинарските прашања е таа на победниците на фестивалот.

Ако ја следиме нејзината изјава тогаш таа мисли на Кајмаковски, Тамара и Еги. Дали План Б можела да организира фиктивно гласање за победниците? Тоа е исто така на проверка. Додека немаме јасна ситуација каде оделе гласовите и дали ќе има повторување на фестивалот или телевоутингот, резултатите остануваат во сенка.

Очекувано е дека и Кајмаковски вината ја пренесува кај други кои сакале да му ја загрозат победата.

Мојата победа не е спорна. Некој веројатно се обиде да ми ја одземе, но не успеа. Јас, од друга страна, многу сум задоволен што властите во Македонија ја открија измамата“- изјави Кајмаковски од Белград.

За Тамара индициите се помали затоа што таа настапува за Горила продукција, која е силниот конкурент на План Б на музичкиот пазар. Еги, пак, настапи со песна на Григор Копров. Е сега, јавниот обвинител и тоа го проверува, дали третата позиција била фаворизирана за повисока?

„Фокус“ зборуваше со Копров, но тој имаше време само за неколку реченици со кои неколкупати повтори дека тој не е дел од приказната и не знае ништо за телефонските картички. Се повлече од разговорот откако го прашавме кои други кланови имаат фантомски картички и колку тие се користеле на претходните фестивали.

Со оглед дека План Б продукција, според истрагата, стои зад лажираното гласање, а притоа се знае дека тие немаа свој директен претставник на фестивалот, тогаш секако е интересно да се дознае со кого имале договор за местење на гласањето. Сомнеж отвора нивната претходна соработка со Јованов и Мекиќ и затоа не се исклучува дека пишувале пораки да им помогнат ним, а секако има докази дека испраќале пораки и за други пејачи. Полицијата на прес конференција нагласи дека првично три песни биле фаворизирани на нечесен начин.

ЧЕТВОРИЦА ПРИЈАВЕНИ ЗА ДВЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА

Како и да е, сега полицијата има четворица за кои тврди дека учествувале во нерегуларностите. Пријавата ќе мора да се прошири на уште неколкумина. Нормално дека поседувањето картички, па и нека се илјадници, не е забрането со закон. Исто како и стотици телефонски апарати.

Понатаму, исто така не е противзаконски ако некој има броеви и гласа од нив за фестивалски победник затоа што секој има право да фаворизира своја песна. Но клучно е, и на тоа ќе се фокусира истрагата, како илјадниците картички завршиле кај неколкумина.

Со тоа може да се смета дека е направено кривично дело ако се потврди дека процедурата за издавање е прекршена. Затоа што картичките се на име тест, пријавени се на само две непостоечки адреси, а притоа излегле од мобилните оператори, неопходно е некој да биде одговорен од таму.

Колку и да не знаеле вработените дека картичките ќе завршат за лажирање резултати за Евровизија, прашање е дали имале право да ги издадат, особено на само две адреси и на непостоечки имиња. Ова со тест наликува како картичките да биле дадени на проба, за потоа да се склучи договор.

Има примери кога големи компании земаат по стотици картички на име тест, но по проверките и вклучувањето во системот, тие потпишуваат договори со операторот за користење на броевите и тогаш станува познат сопственикот и адресата. Во примерот со спорните картички најверојатно не е потпишан договор.

Тоа ќе биде отежнување затоа што потешко ќе се утврди сопственоста на картичките или пак осомничените ќе имаат простор да тврдат дека не се нивни. Тука се појавува дилемата дали некој од осомничените го споменал или понатаму во истрагата ќе го спомене името на Јованов, со оглед дека МВР не е откажано од негова евентуална инволвираност. Пред се, затоа што картичките се земале неколку години во неколку тури.

Како што се ределе фестивалите, така се нижеле и картичките. Адвокатот на Јованов, Дејан Павлоски, тврди дека тој нема врска со фестивалот затоа што е во Америка. Не очекува дека ќе има пријава за Јованов затоа што не постоеле докази. Инаку, Јованов претходно имаше заедничка продукција со Кристијан од План Б. Секако, одговорни ќе мора да има и кај пејачите, особено оние кои знаеле и биле подготвени, ако ја освојат наградата да ја поделат со гласачката група.

Полицијата има две кривични дела во пријавата. Едното е злосторничко здружување, дело кое се користи секогаш од истражните органи кога постои група и така се влијае врз висината на казните. Но тоа мора да е условено од друго кривично дело, односно да се докаже дека групата се здружила со намера да изврши злодело. Тука тоа дело е компјутерска измама.

Ако се следат членовите и ставовите на ова кривично дело, јасни се две работи. Прво дека вината најмногу се фокусира на фирмата Видекс, како спроведувач на телевоутингот, затоа што во членот 251 од Кривичниот законик пишува дека се казнува со затвор од една до 10 години тој што обезбедува имотна корист со внесување на невистинити податоци во компјутер и влијае врз резултатите при обработка на податоците.

Дали ова значи дека јавниот обвинител ги смета за невистинити податоците кои во форма на СМС порака пристигале во системот за гласање или пак дополнително Видевски можел да ги менува бројките директно во системот? Познато е само дека тој ги известувал членовите на План Б за текот на гласањето.

Но тоа што упатува дека полицијата ќе излезе со податоци за местење и на други фестивали е сознанието дека во врска со членот 251 е ставен и членот 45 кој подразбира продолжено кривично дело, односно дека и претходно е сторено исто или слично дело. Ако се утврди вина кај осомничените извесно е дека казната ќе биде затворска, затоа што и за злосторничкото здружување се предвидени од една до пет години.

Ќе има уште многу работа за истражните органи. До тогаш МРТВ, како организатор на фестивалот ќе молчи и ќе чека инструкции од полицијата  за тоа дали е неопходен нов фестивал или ново гласање. Нивна вмешаност во бројноста на гласовите не е утврдена.

ПАЗАРОТ НЕ, АМА ДРЖАВАТА ДАВА

Местенки на фестивалите имало отсекогаш, така тврдат сите кои се занимаваат со естрада. Но откако државата воведе парични награди тоа станало поинтензивно. Дури до таа мерка што се занемарува квалитетот на песните. Дури сомнежите одат до таму дека се местат и фестивалите на народна музика.

Иако наградите се тазе проект на Владата, сепак ги покажаа слабостите. Наместо да бидат мотив за квалитетна музика со регуларно гласање, кое ќе се почитува пред се од композиторите и продукциите, тие од самиот старт станаа мамка за лажирање музички избори. Кога се воведувале наградите, некои пејачи, исплашени токму од местења на фестивалите, предложиле наградниот фонд да се дели на сите пејачи подеднакво, или првите тројца да имаат малку поголеми награди од останатите.

Но, Министерството за култура успеа да ја наметне тезата дека е важно и да се  биде награден за победата, па затоа некој се досетил тоа да го прави на поинаков начин. Паричните награди се толкуваат и како обид на државата финансиски да го подобри статусот на авторите и пејачите со оглед дека нивниот обем на работа е намален, особено нивните настапи.

Понатаму, отсуството на музички емисии од телевизиските канали, како и незначителното емитување на нивните спотови, како можност за заработка, ги става пејачите во уште понепријатна ситуација. Дополнително, албумите малку им се продаваат и на крајот, речиси никој со години не направил концерт.

За да им олесни, државата воведе награди на фестивалите, но и „субвенции“ за издавање нови песни. Првичната замисла беше да се помогнат 200 песни со по 1000 евра. Некои тоа и го искористија, а првите субвенционирани песни имаа патриотски призвук.

Но, како и со фестивалите, така и со парите за издавање песни, државата предизвика негативни ефекти. Едноставно, работата на продукциите се намали затоа што на авторите, особено на новите, полесно им е да земат 1000 евра од државата отколку да платат композитор кој вреди и по 3000 до 5000 евра за песна.

Така македонската естрада тоне, а можноста за заработка ја гледа токму на фестивалите, поради што пејачите стануваат зависни од државата. А таа понатаму ги користи за партијата. Несомнено дека секој пејач сака да има настапи на партиски митинзи затоа што тоа е едноставен, лесен и ефикасен начин за заработка.

Од друга страна, пак, партиите сакаат на сцена пред секој митинг да им се пофрцкаат познатите пејачи. Од ова произлегува дека да не е партијата на власт, ќе нема естрада. Може ова звучи строго, но воведувањето награди, а со тоа промоција на нерамноправната битка, субвенционирањето пејачи за патриотски песни, како и ангажирањето на пејачите за митинзи се доволен факт дека без државната интервенција во музиката, уште потешко ќе опстои естрадата.

МАНИПУЛАЦИИ СО АВТОРСКИТЕ И ИЗДАВАЧКИТЕ ПРАВА!?

Како прилив на финансии таа ги користи средствата кои Здружението за заштита на музичките авторски права (ЗАМП) и Македонската музичка индустрија (ММИ) ги собираат од телевизиите, радијата, рестораните, ноќните клубови и сите корисници на македонската музика.

Иако двете организации по формата се здруженија на граѓани, сепак, со лиценци од државата тие имаат право на наплата. ЗАМП наплаќа за авторските права, тоа значи за композиторите, текстописците и аранжерите, додека ММИ за изведувачките права, односно за пејачите.

И тука државата има интервенција, пред се со наложувањето на телевизиите и радијата одреден дел од програмата да и биде посветен на македонската музика. Со тоа им се зголемува можноста за заработка преку авторските и изведувачките права.

Но и во ова нема ред. Имено, телевизиите и радио станиците самите поднесуваат годишен извештај колку и кои песни ги пуштиле во етер. Секако, тука има простор за манипулација затоа што секој радиодифузер може да прикаже колку сака песни дека емитувал во програмата со оглед дека не постои централен компјутерски систем што води евиденција.

Македонската практика мора да биде секогаш уникатна, па така е и сега. Постои спрега меѓу автори и пејачи од една страна и радиодифузерите од друга. Вториве можат да прикажат невистинити бројки колку една песна е пуштана во етер и така да ја зголемат заработувачката на крајот од годината.

Од друга страна, залудна е државната интервенција, особено кај телевизиите кои поради преплавеноста од турски и шпански серии музиката ја емитуваат во текот на ноќта кога има најмалку гледачи.

Потоа, купчето пари во ЗАМП и ММИ се зголемува од наплатата на паушали од угостителските објекти. Таму сумата се определува според бројот на маси во објектот, големината на просторот, работното време и други параметри, но наплатата за правата е задолжителна.

На крајот, кога се ќе се собере, дел оди кај авторите и пејачите, но тоа не се големи суми. Многумина земаат до 1000 евра годишно, само малкумина по неколку илјади.

За надминување на ситуацијата е неопходен цел систем кој точно ќе изброи која песна колку пати и на кои станици се вртела. Само така може да има чесен и квалитетен натпревар. Музичкиот новинар Антонио Димитриевски анализира дека така ќе има праведно делење на парите.

Од една страна се ЗАМП и ММИ, од друга се пејачите и авторите и на третата се медиумите. Ова свето тројство може да функционира само ако се поврзат во еден централен систем и со еден клик да можете да видите во моментов која песна на кое радио се слуша или која телевизија ја емитува. Само така нема да има лажирани бројки и само така ќе знаеме која песна е хит, кој пејач колку вреди и кој колку пари зема за авторски или изведувачки права“– заклучува Димитриевски.

Иако македонскиот музички пазар е мал, сепак ова многу лесно може да функционира. Па ако има регуларен начин на исплата на пејачите, може и ќе нема толкава потреба од државната интервенција, затоа што владините мерки се еднократна инфузија. Ова со авторските права би било постојан систем и начин за заработка.

И секако, да прашаме – зарем не е попаметно да се инвестира во музички школи, опрема, поттикнување на продукциите и создавање музички едуциран кадар, наместо да се интервенира со еднократни парични награди за неквалитетна музика, чија единствена публика е таа на партиските митинзи?

 

Рамка

 

СЕ МЕСТАТ И ФЕСТИВАЛИТЕ НА НАРОДНА МУЗИКА?

 

Сомнежите на полицијата во врска со местења на фестивалите одат и до таму дека и манифестациите за народна музика имаат фантомски гласови. Министерството за култура доделува награден фонд на „Цветници“ и на „Валандово“. И на тие фестивали исто така гледачите имаат можност да гласаат преку телефонски пораки. Годинава на „Цветници“ победи Татјана Лазаревска и беше наградена со 15 илјади евра. На „Валандово“ пак, според гласовите од телевоутингот, инаку спроведен од Видекс, победил Нино Величковски и бил награден со 20 илјади евра.

Рамка

ПАРТИСКИТЕ ХИМНИ ДОВЕРЕНИ НА ЈОВАНОВ

Музичката кариера на Јованов е врзана и со химните на ВМРО ДПМНЕ. Тој е автор на неколку, но првата ја има направено кога ВМРО ДПМНЕ дојде на власт. Потоа некоја помеѓу, и на крајот и последната „Има разлика“. Химните ги изведуваа секогаш популарни пејачи меѓу кои секогаш имаше место и за ексклузивците на План Б продукција.

Поврзани новости