Текстот е објавен на 23 јануари, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1059
Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ
Заминувањето на Никола Груевски од премиерската фотелја, девет ипол години подоцна од почетокот на неговото устоличување во август 2006-та, иако според неговите „еднооки“ следбеници е само привремено и формално, додека пастирот победоносно не се врати по априлските избори кои би сакал уште еднаш да ги силува, со или без амин од Запад, сепак е добра прилика за политички омаж – на режимот, на Фамилијата, на неговата страховлада. Да бидам искрен, такви анализи не отсуствуваа од печатот, од етерот и од дигиталниот свет ниту порано, а особено се засилија откако опозицијата почна да пука „бомби“ кои само го потврдија грдото лице на груевизмот.
Така што, денес се чини оти веќе се е речено, се е изанализирано, напишани се томови хартија за киднапираната држава од неговата мафија, истрошени се хектолитри мастило и печатарска боја за криминалот, за корупцијата, за клиентелизмот, за милијардите на братучедите, за античката споменична грандоманија, за идентитетскиот букефализам, за фашизмот, за диктатурата, за погромот против неистомислениците, за прогласувањето предавници и странски платеници, за поданичкиот менталитет на Македонците… Па сепак, за Груевски и за неговиот режим веројатно ќе се потрошат уште онолку дрвја за печатарска хартија, барем колку што израснаа садници од милионите фиданки на неговата долгогодишна акција „Засади ја иднината“.
Еден колега чии настапи во јавноста и текстови се контроверзни и често предизвикуваат оградување, но понекогаш и аплаузи на јавна сцена поради неговата храброст да му се спротивстави на злото, пред неколку недели побара интервју со мене, како еден од современиците и аналитичарите проследувачи на политичкиот „живот и дело“ на Груевски. Колегата пишува книга – политичка биографија на пастирот, за која не ми е познато кога ќе се појави во печат. Беше пријатно изненаден кога се согласив да говорам отворено за потребите на неговиот ракопис, зашто ми рече оти многу потенцијални соговорници го одбиле со образложение дека или самите имаат намера да пишуваат книга, сега или подоцна, откако Груевски конечно ќе си замине, или, пак, затоа што од најразлични причини не би сакале јавно да зборуваат за неговиот политички подем и за падот на Македонија.
КАКО И ЗОШТО НИ СЕ СЛУЧИ ГРУЕВСКИ?
Како и за други тоталитарни властодршци, авторитарни владетели и диктатори, вообичаено е добрите анализи, публицистички книги и ракописи и политички биографии да се пишуваат и да се објавуваат дури по нивното политичко или физичко упокојување. На пример, првата посериозна политичка биографија на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, поткрепена со документи и богата фактографија, која минатата година се појави на македонски јазик, авторот Блерим Февзиу ја напишал дури повеќе од две децении по збогувањето на Албанија со енверизмот. Светот и Европа крваво посведочи за фашизмот на Адолф Хитлер за време на неговиот режим и Втората светска војна, но Нирнбершките процеси, судењата на неговите најблиски соработници и сведочењата на жртвите на холокаустот подоцна беа вистинската жива материја за илјадниците книги, филмови, најразлични публикации, кои своја форма наоѓаат и денес во втората деценија на 21 век.
За живите авторитарни владетели – Владимир Путин, Виктор Орбан, Реџеп Таип Ердоган денес се објавуваат книги – политички биографии, но многу аналитичари и автори велат дека дури по нивното заминување, кога нивните најблиски политички соработници отворено ќе проговорат за она што се случувало „на дворот“, ќе се открие вистинската суштина на нивниот режим.
Лично, не сум оптоварен со тајните на режимот на Груевски, ниту пак со пикантериите од неговиот живот, од медицински, семеен, приватен, финансиски, сексуален или психо-патолошки карактер. За сето тоа, ако е важно за политичкиот профил на пастирот и за злото кое и го нанесува на Македонија, се надевам дека еден убав ден ќе проговорат неговата поранешна сопруга, „началниците“ и најблиските луѓе од неговото опкружување. Не верувам ниту во заговори – дека неговиот режим е дело на некаква светска или регионална масонерија, дека тој, можеби, има поддршка од еврејското, од муслиманското или од геј-лобито кое господари со глобалните финансии. Едноставно, не му придавам такво значење на апашот, како што го ословува Петар Гошев и на неговиот бандитски режим. Незнам ниту дали Груевски навистина ја купува поддршката надвор, во Брисел, во Вашингтон, како што на пример пазари и плаќа средби со највисоките политички раководители на Израел, на САД…
Повеќе ме интересира како и зошто нам, на граѓаните во Македонија, ни се случи Никола Груевски, како и со чија помош неговата ѕвезда се вивна на политичкото небо во Македонија, за да се претвори во црна дупка која ги голта демократските политички галаксии, како тој дојде на функцијата премиер од која до денешен ден не може никој да го собори и кој се и кумуваше на неговата лична политичка „преродба“?
Значи, режимот на Фамилијата кој аналитичарите го нарекоа груевизам веќе надолго и нашироко е раздиплен, а верувам оти и допрва ќе се разголува и јавно ќе се денунцира, без оглед уште колку ќе потрае. За молчаливите соработници – „логораши“ на режимот кои во еден или друг миг од владеењето на Груевски ја овозможија неговата страховлада – од бизнис-олигархијата, до професорите, академиците, интелектуалците, Елена Михајлова има брилијантна анализа под наслов „Во Матрицата на логорот“ објавена на сајтот на „Либертас“ и во дневниот весник „Слободен лечат“. Мене, пак, ме интересираат прародителите на феноменот Никола Груевски. Луѓето, настаните и состојбите без кои тој немаше да дојде на власт во жална Македонија.
Се разбира, ваквата анализа ги надминува амбициите на еден новинарски текст и секако заслужува многу подолг ракопис. Но ако таа се упрости и ако се ограничи на неколку позначајни состојби, настани и клучни личности, може да се прикаже и во еден новинарски кроки-преглед.
ВАЈМАРСКИОТ АРГУМЕНТ
Отсекогаш ме фасцинирале оние аналитичари, чии прогнози умееле да ја одгатнат политичката иднина на глобално ниво, или барем на една држава и еден народ. Зашто, и покрај тоа што општествените процеси и политичките системи имаат одредена закономерност, многу тешко е да се предвиди доаѓањето или заминувањето на режимите, на војните, на политичките системи, на владетелите. Последнава година-две, на пример, по појавата на злото ИСИЛ многу се цитира фамозната расправа на Семјуел Хантингтон, „Судирот на цивилизациите“, која предвидува судир (војни) на Запад со исламскиот свет. Таа, на пример, се покажа многу попрецизна во своето пророштво од трактатот „Крајот на историјата“ на Френсис Фукујама за либералната демократија како конечно пронајдениот систем на владеење кој е прилагоден на човековата природа.
Но, мене, на пример, многу повеќе ми оставаат впечаток наслови како оној на рускиот историчар и политички аналитичар Александар Јанов, кој уште во 1995 г. ја објави книгата „Русија после Елцин“, во која го предвиде доаѓањето на авторитарен владетел во Кремљ, цртајќи го политичкиот лик на Владимир Путин, во време кога тоа во Русија воопшто не беше извесно.
Причините за доаѓањето на тоталитаризмот односно на фашизмот, како што предвиде Јанов, во Русија после Борис Елцин, се слични на оние во Германија по Првата светска војна, во времето на Вајмарската Република пред доаѓањето на Хитлер. Поразена и понижена во Првата светска војна, по револуцијата во 1918-1919 г., Германија ја укина монархијата и воведе парламентарна демократија. Раните и страдањата од војната, обврската за плаќање репарации, соработката на политичките елити во Германија со победниците од Првата светска војна, но и светската економска криза и големата инфлација и губењето работни места, не можеле да ги задоволат и да ги смират страстите на осиромашеното население и екстремистичките политички партии, што довело до појава на фашизмот и победа на нацистите на Адолф Хитлер во 1933 г.
Слично, по распадот на советската империја и падот на железната завеса за што во Русија заслуга/одговорност има политиката на „перестројка“ и „гласност“ на последниот генерален секретар на Комунистичката партија на СССР Михаил Горбачов, во Москва доаѓа на власт прозападен либерално-демократски режим предводен од Борис Елцин. Девастираната економија од комунизмот не може да го прехрани населението, кое е револтирано од грабежот на државната сопственост од страна на олигарсите поврзани со запад. Сето тоа го вклучува алармот кај нереформираните безбедносни служби (наследникот на КГБ – ФСБ), и придонесува за пораст на национализмот, суверенизмот и засилување на битката за преродба на рускиот патриотизам и за ширење на руската зона на влијание врз поранешните сателити од Советскиот сојуз наспроти западниот империјализам и заканата од НАТО.
За жал, во Македонија немаше прогностички талент како оној на историчарот Јанов во Русија, за да го предвиди доаѓањето на режим од типот на груевизмот. Напротив, појавата на Никола Груевски на политичката сцена многумина ја пречекаа со олеснување, погрешно препознавајќи во него технократ со економско-еманципаторски амбиции. Но, пост фестум, „вајмарскиот аргумент“, секако е парадигматична причина и за појавата на Груевски и Фамилијата на македонската политичка сцена во 2006-та година.
НЕБИДНИНА НА ВЕКОТ
Пред распадот на СФР Југославија, Македонија прво осамна како „чардак ни-на-небо, ни-на-земја“, на кој екс-комунистичкиот владетел од титоизмот Киро Глигоров, прво ја преведе жедна преку вода младата неискусна вмровска партиска дружина на Љубчо Георгиевски, чиј македонски етно-национален наратив почиваше на анти-албански и анти-грчки позиции. За волја на вистината, Георгиевски стана познат бунтовник и се наметна како политички оратор откако држеше огнени говори на крајот од 1980-тите на состаноците на Сојузот на студентите, токму за прашањата на геноцидот и негирањето на Македонците во Грција. Во таков удбашки националистичко-посткомунистички амбиент, Глигоров по изборите 1990-та устоличи т.н. експертска влада – во која ги смести токму прародителите на феноменот Никола Груевски, некои од нив лично роднински поврзани со него, како чичко му Јордан Мијалков, а некои семејно-пријателски сраснати со она што подоцна ќе стане Фамилија – како Никола Кљусев, личен политички ментор на Груевски и Ѓорѓи Наумов, поранешен јавен обвинител, обвинителски егзекутор на автентичните македонски патриоти. Сите, за жал, припадници на еден политички светоглед кој македонскиот национализам го потпира на идеологијата на античкиот македонизам, кој како и србо-комунизмот и југо-болшевизмот се товеше со анти-бугарска, анти-грчка и анти-албанска пропагандистичка храна.
Таа операција на остатоците од југословенски КОС, чиј цврст припадник е еден од гореспоменатите, во периодот кога Милошевиќ почна да ги води освојувачките војни во 1990-тите, му беше потребна на Белград за политички да ги анестезира прозападните и проевропски демократски тенденции во Македонија и идеолошки да ја балсамира Вардарска Македонија, иако навидум самостојна држава, како музеј на непокорното екс-југословенско титоистичко царство, зацврствувајќи ја како вагон на својата антизападна, антиамериканска и анти-НАТО локомотива.
Обидот на Глигоров за прекин на КОС-овската папочна врска по налог на Вашингтон, за да не се храни режимот на Милошевиќ, резултираше со атентат врз него во 1995-та, а политичкото рекомпонирање во државата беше предводено од политичкиот јунош Бранко Црвенковски. Мангупски навлечен на земунскиот клан политички кокаиномани, Црвенковски ја приведе транзицијата кон криминалните оф–шор дестинации и ја дотолчи македонската надеж.
Но, во што се огледа „вајмарскиот аргумент“ како предуслов за појава на македонската политичка небиднина на векот – Никола Груевски? Удбашката инсталација, а потоа сходно и откажувањето од знамето со шеснаесеткракото Сонце од Вергина, влегувањето во ОН под името БЈРМ, долгогодишното понижување на Македонците со пљачкашката приватизација и олигархиската криминална аквизиција на штета на пауперизираните граѓани, бегалската криза од Косово и особено војната од 2001 година, во која Македонците беа поразени, нивните синови бранители масакрирани, граѓаните понижени, а Запад, САД и НАТО претставени како конспиратори и поддржувачи на терористите од УЧК, ја турнаа Македонија на плеќи. Македонија, како и Германија во Првата светска војна или Русија по распадот на СССР ја загуби честа. Но, Груевски беше тука, како министер за финансии во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, мудро правеше економски реформи, според дизајнот на неговиот економски советник Сем Вакнин, создаваше свест за купување македонски производи, воведуваше македонска платежна картичка, македонски даночни реформи, ДДВ, ја „финансираше“ војната против ОНА и со блиндиран џип од 270.000 германски марки „се штитеше“ од атентат во каков што наводно се сомневаше дека загинал и неговиот чичко Јордан Мијалков, покажувајќи ја уште како „скромен“ министер за финансии, својата грандоманија.
УЛОГАТА НА ГЕОРГИЕВСКИ И ЦРВЕНКОВСКИ
По падот на ДПМНЕ на изборите во 2002-та, со помош на Запад, поради тоа што Георгиевски и дружината во текот на воената 2001-ва ја голтнаа КОС-јадицата за божемна битка на Македонија против „злосторничката НАТО-алијанса“, Груевски беше единствениот кој со своето скриено „визионерство“ ја заслужи улогата на советник на потпретседателот на Владата на Србија, Божидар Ѓелиќ. Дали некогаш сте се запрашале зошто еден министер за финансии во „бугарофилска“ влада на ВМРО-ДПМНЕ на Георгиевски, е поканет за советник во првата демократска влада на Србија по Милошевиќ?
Беше потоа сосема логично и очекувано, коалицијата „ганс енд роузис“ на Црвенковски и Али Ахмети во Македонија да се претстави како политички брак заради предавство на нацијата, кој треба да го допродаде достоинството на Македонците.
Демисијата на Љубчо Георгиевски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу брзо го вивна „најуспешниот“ министер – така го претставија медиумите, во фотелјата на опозициски лидер. Георгиевски, впрочем, никогаш не објасни навистина зошто му даде предност на Груевски наспроти умерениот Марјан Ѓорчев. Не е за верување оти навистина сметал дека е економски реформатор. Иако и денес реторички го напаѓа античкиот македонизам на пастирот, југословенизацијата – србизацијата на македонската култура, медиумите и политиката, Георгиевски никогаш не го означи Груевски за диктатор, за авторитарен владетел и никогаш не ги употреби зборовите – фамилија, мафија за неговата страховлада и за криминалното богатење на братучедите. Љубчо не само што не се огради од него, ниту, пак и се извини на нацијата зошто го избрал за свој наследник, а има безброј аргументи за таков потег, како што тоа театрално го направи со Борис Трајковски, туку постојано го фалеше и му се восхитуваше што го остварил неговиот сон надминувајќи ја фамозната бројка од 300.000 гласови освоени за ВМРО-ДПМНЕ.
По трагичната погибија на евроатлантистот Борис Трајковски, Црвенковски ja зграпчи шансата да се скрие зад „шаторското крило на ЈНА“.„Предавството на Македонците“ на коалицијата Ахмети-Црвенковски (и неговиот наследник Хари Костов) наскоро и се случи со територијалната поделба, против која новиот лидер на ДПМНЕ организираше референдум, кој поради неуспехот и експресното признавање на САД на Македонија со уставното име, беше клучниот „вајмарски аргумент“ за најава на фашизоидниот адвент на Груевски.
Брзите чекори кон евроатлантска интеграција, по добивањето статус кандидат на Македонија за време на Владата на Владо Бучковски во 2005-та, најавата за признавање на Косово и релаксирање на односите со Бугарија, Црвенковски ги прекина со таинствена поддршка на опозицискиот лидер и отворено спротивставување на Владата поради „пренаглото“ свртување кон Запад! Не можеме да ги заборавиме повиците на Црвенковски за баланс на Владата во надворешната политика кон Русија и САД, во време кога Бучковски беше првиот македонски премиер кој го прими американски претседател – Џорџ Буш! Впрочем, Груевски немаше никогаш да дојде на власт, Црвенковски да застанеше зад својот СДСМ, зад Владата на Бучковски и отворено на евро-атлантски и про-американски позиции. Како што и немаше да формира влада по изборите 2006-та, да не му помогнеше во тоа отпадничката НСДП на Тито Петковски, кој наводно застана зад идеолошки национални, патриотски позиции.
Црвенковски и Георгиевски се двајцата клучни играчи од 1990-тите кои, покрај екс-југословенската КОС-булумента вгнездена во поширокото семејство на пастирот, се прататковци на Груевски и на неговиот режим, на Фамилијата, на мафијата, на организираниот криминал. И двајцата придонесоа за „вајмарскиот аргумент“ за понижување на Македонија, кој создаде терен меѓу Македонците за прифаќање водач со цврста рака и авторитарни манири, и двајцата здушно му помогнаа на Груевски да се добере до власта. Со поддршката на неговата ВМРО-НП на Владата, Георгиевски му овозможи и пошироко парламентарно мнозинство 2006-та, кога коалицијата на ДПМНЕ со ДПА и НСДП стоеше на стаклени нозе.
Груевски, навистина, неколкупати ги порази и едниот и другиот, и Црвенковски и Георгиевски, еднаш дури кога заедно беа во коалиција 2011-та, но нивната битка против пастирот, како секогаш да била борба на суети и на политички престиж, а не принципиелен демократски политички натпревар. Обајцата, на пример, денес или молчат (Црвенковски) или раскажуваат бајки за тоа како опозицијата – СДСМ ја прислушувала власта (Георгиевски), станувајќи последни чувари на „логорот“.
И НОВИНАРИТЕ ГО НИШАА НОВОРОДЕНЧЕТО
Новинарите, пак, заслужуваат посебна глава во книгата посветена на прататковците на авторитарниот владетел. Денес е општо место во критичките обраќања како поранешните огнени поддржувачи на Црвенковски – Мирка Велиновска, Драган Павловиќ-Латас станале перјаници на режимот на пастирот. Очигледно е дека покрај лукративните причини, политиката на југо-античкиот анти-империјализам е идеја водилка на сончогледството, што ја храни таа парохијална суверенистичка матрица.
Но сметам оти треба да се потсети, дека кога се појави Груевски, тој им беше „дарлинг“ на многу и тогаш и денес критички и опозициски новинари. Во 2000-та година, на пример, Груевски беше прогласен за човек на годината во магазинот „Форум“ на Сашо Орданоски. На страниците на „Дневник“ на Бранко Героски редовно беа фалени неговите економски политики и реформи во даночниот и финансискиот систем, а слично беше омилен министер и во ултра-опозицискиот „Утрински весник“ на Ерол Ризаов и Бранко Тричковски, кои силно го пердашеа режимот на Георгиевски како бандитски, мафијашки и про-бугарски. Груевски, всушност, истураше пари за фамозните „пица-буџет“ реклами и економско-финансиски џирло-реформи купувајќи ја тогаш опозициската медиумска љубов, која подоцна му беше потребна за да ја зграпчи власта.
Героски, на пример и не криеше дека предизборно со Груевски диванел во својата вила на „Матка“. Катерина Блажевска, пак, во „Дневник“, во времето на Владата на Бучковски, беше исправно професионално критички владин коректив, но идејно зачудувачки беневолентна кон чудниот двоец Црвенковски – Груевски!
Иако лично ја препознав и ја дешифрирав како фашизоидна неговата авторитарна природа во предизборието 2008-та во „Фокус“, не би бил искрен ако ја исклучам својата улога во факторизирањето на Груевски, кога подоцна во „Дневник“ сосема погрешно сметав дека неговата хајка против Велија Рамковски (човекот чиј медиум беше алтернативно министерство за земјоделие и за култура на владата на ДПМНЕ) е битка против криминалот, а не за уништување на слободата на медиумите, на А1 телевизија и за воведување медиумски мрак и тоталитаризам. Јас и се извинив на нацијата за моето бдеење во „логорот“ и кога имам прилика, тоа постојано го правам. Очекувам да и се извинат и другите т.н. првоборци против Груевски и Фамилијата, или барем да кажат збор-два за прародителството на пастирчето кое го нишаа во колевката кога тоа се роди.
Се разбира, откривањето на сите причини, појави, настани и личности кои имаат улога во иницијацијата на македонскиот фирер на 21 век е макотрпна работа за хроничарите и за политичките аналитичари што ќе продолжи и во иднина. Особено сега кога започна неговиот крај. Ужасен крај.
Рамка1
СЕМ ВАКНИН И „ЕКОНОМИЈАТА НА КРСТОПАТ“
Аналитичарот Сем Вакнин има огромна, веројатно пресудна улога во етаблирањето на Груевски во јавниот живот во Македонија. Тој е неговиот ментор (подоцна и економски советник во неговата влада) што се однесува до неговата промоција како економски аналитичар и реформатор. Вакнин е автор или коавтор на редица идеи за реформи во економијата, трговијата и во финансиите за време на министерувањето на Груевски во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Серијата текстови – дијалози со Вакнин објавени во дневните весници „Македонија денес“ и „Дневник“ во текот на 1998-та и потоа во книгата „Македонската економија на крстопат“, помогната од Светозар Јаневски, познат како Свето Пивара, е причина Груевски да му падне в очи на неприкосновениот партиски лидер Георгиевски.
Инаку, книгата дијалози „Македонската економија на крстопат“ крие многу тајни за психо-политичкиот портрет на Груевски. Во неа, на пример, тој и се восхитува на Јапонија, разурната од Втората светска војна и ја споредува со разграбаната и разурната Македонија во 1990-тите предлагајќи поголема улога на државата во економскиот развој.
„Владината политика силно го помага развојот. Тоа не е класичен социјалистички начин на планирање, иако може да се најде по некоја допирна точка. Мислам дека за било која држава да дојде во состојба на целосна економија на слободен пазар потребен е еден период на владина политика на насочување и контролирање на економијата се до нејзиното издигнување на повисок степен“, вели Груевски кој во дијалозите ја издава својата симпатија на цврстата рака и желбата за моќ и контрола на процесите.
Рамка2
КАКО АНОНИМНИОТ ГРУЕВСКИ СТАНА МИНИСТЕР
Во времето пред изборите 1998-та, според сведочењето на Ден Дончев и други партиски активисти, Груевски не сака ниту да му се приближи на партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, не верувајќи дека политички промени во Македонија се можни, а да не зборуваме за негово зачленување во партијата. Груевски влегол во партискиот штаб дури меѓу двата изборни круга во 1998-та.
Лично сум сведок дека по победата на изборите на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДА, Груевски во друштво и со помош на трите дами – Валентина Божиновска, Зоре Гечевска и Снежана Георгиевска, успеа да влезе во кадровскиот избор на Георгиевски. Се разбира, во промоцијата му помогнал и Никола Кљусев, кој стана министер за одбрана во таа влада, но тврдам оти улогата на дамите-кадровици беше пресудна.
Се сеќавам многу добро како една од нив, во една тогаш култна скопска кафеана, ми рече – Зошто не се дружиш со нас? Гледаш дека ние од луѓето правиме министри! Токму тогаш, како гром од ведро небо одекна информацијата дека Груевски ќе биде министер за трговија во Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДА.
Рамка3
И „ФОКУС“ ПАДНА НА РЕФЕРЕНДУМОТ
И „Фокус“ има своја улога, се разбира, свесно или несвесно, во плетењето на пастирската мрежа. Иако во судирот Георгиевски – Груевски, брзо по неговата инаугурација за партиски претседател 2003-та, ја поддржувавме страната на Љубчо, особено одлуката да се бојкотираат претседателските избори 2004-та, на кои со помош на ДПМНЕ победи Црвенковски, а Груевски одигра спаринг-меч со кандидатурата на Сашко Кедев, факт е оти клучната идејно-политичка битка на тогашната опозиција – одлуката да се организира референдум против територијалната поделба на Македонија, како задача од Рамковниот договор, тогаш наиде на поддршка во „Фокус“.
Нашите намери, се разбира, беа искрени и поради воените рани од 2001-та и стравот од федерализација, но од денешен агол, јасно е оти Груевски тогаш јаваше на бранот на етно-националното понижување на Македонците во 2001 година, што е „вајмарски аргумент“ пар-екселанс кој тогаш не умеевме да го препознаеме.