Текстот е објавен на 11 јули 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.501.
Откако обезбедила одобрение за градење од Општина Чучер Сандево, градежната компанија „Топ Билд“ почнала со изградба на асфалтна база на локација сместена на самиот крај на индустриската зона Визбегово. Иако во овој реон функционираат десетина асфалтни и бетонски бази, објекти за камен, па дури и диви депонии, локални стопанственици и жители одлучија да реагираат против последниот обид за изградба на асфалтна база. Досега, тие организираа протести и ги попречуваа градежните активности, тврдејќи дека изградба на асфалтна база прави штети врз колективното здравје и предизвикува сериозни болести. Додека од таму тврдат дека инвеститорот не смеел да добие дозвола за градба, бидејќи елаборатот за животна средина бил неправилно изработен, од „Топ Билд“ истакнуваат дека надлежното Министерство за екологија им издало решение за одобрување на елаборатот, што всушност е еден од документите неопходни за издавање на одобрението за градење.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Кога ќе се посети Визбегово, каде долги години наназад на некогашните ниви никнуваа деловни објекти, поради што природно се формираше една индустриска зона, може да се забележат бизниси од секаков вид – од хали за трговија со железарија, дрвенарија, гипсарија, па се до мотели, хотели и казина.
Исто така, во Визбегово и непосредната околина може да се забележат и камеломи и објекти за камен, асфалтни и бетонски бази, па дури и диви депонии. Сепак, за ниту од еден од нив немало никакви или ни приближно толку жестоки реакции, како што има сега против изградбата на нова асфалтна база.
Станува збор за постројка што треба да се постави на локација на самиот крај на индустриската зона Визбегово, каде впрочем завршува асфалтираниот пат и продолжува тесен земјен пат. Само десетина метри подолу, самиот пат е претворен во една мини-депонија, со оглед дека наоколу е расфрлано ѓубре, отпад и шут.
Во близина на оваа локација има хала за трговија со градежни материјали, малку подалеку има уште неколку објекти и хотел, додека не е така далеку ниту големата дива депонија, која често знае да биде опожарувана. Сите други објекти се подалеку од локацијата каде треба да никне асфалтна база, од каде во видно поле може да се забележат и два каменоломи, бетонска база, асфалтна база…
Како инвеститор на најновата асфалтна база се јавува градежната компанија „Топ Билд“, која лани го купила плацот, додека на почетокот на оваа година добила одобрение за градење од страна на Општина Чучер Сандево, во чии територијални граници влегува парцелата. Откако оваа дозвола станала правосилна, компанијата почнала и со градежни активности.
Иако инвеститорот успеал да изгради бетонска плоча, сепак, никогаш не успеал да започне со монтажа на асфалтната база, која веќе неколку месеци е стационирана и фаќа прашина на плац во Илинден, во друштво на камионите за транспорт на асфалтот што треба да се произведува. А, причината за ваквиот епилог се протестите што избија против изградба на базата.
Имено, сопственици на фирми и објекти во Визбегово, во организација на Здружението на стопанственици од индустриска зона Визбегово, организираа протести, па дури и физички ја блокираа изградбата на асфалтната база, предупредувајќи дека производството на асфалт му наштетува на колективното здравје и предизвикува карционом и редица други болести.
Патем, на протестите тие испорачаа обвинувања дека Општината не смеела да издаде одобрение за градење, бидејќи асфалтните бази не спаѓале во лесна, туку во тешка загадувачка индустрија. Дури, тие тврдат дека елаборатот за заштита на животна средина бил изработен со наштелувани податоци, со цел да се добие позитивното решение од Министерството за животна средина, без кое не може да се издаде дозволата за градење.
Додека тие ја блокираат изградбата на асфалтната база, барајќи преиспитување на елаборатот за животна средина, чие евентуално пропаѓање би го довело до прашање и одобрението за градење, инвеститорот се жали дека трпи голема деловна штета. Според нив, ваквите активности го поткопуваат владеењето на правото и принципот на предвидливост во работењето.
Имајќи во предвид дека овој случај предизвика внимание во јавноста, како и земајќи го во предвид фактот што двете страни изложуваат крајно различни и спротивни аргументи еден наспроти друг, „Фокус“ обезбеди документација и воедно побара одговори на повеќе прашања од надлежните и засегнатите страни. До какви податоци и сознанија дојдовме?
„ВО ЕЛАБОРАТОТ СЕ НАШТЕЛУВАНИ ПОДАТОЦИ“
Практично, веднаш откако започна изградбата на асфалтнатата во мај, се одржа т.н. предупредувачки протест во организација на Здружението на стопанственици за унапредување на условите за стопанисување во индустриска зона Визбегово-Стенковец, со барање да се се стопира градбата на асфалтната база и таа да се дислоцира подалеку, бидејќи десетина илјади жители директно ќе почувствувале штета.
– Во елаборатот (за животна средина) се наштелувани некои податоци за истиот да пројде. Не верувам дека било кој од Министерството за животна средина би потпишал таква небулоза, поготово ако ги земе во предвид жртвите што ќе се појават… Европскиот и америчкиот закон за животна средина и труд и социјала докажува дека во околина на асфалтна база има зголемено ниво на белодобрни заболувања, канцер и драстично намалување на вредноста на околината и почвата.
Нашата индустриска зона е препорачана за лесна, незагадувачка индустрија. Значи, некоја будала таму пробува асфалтна база да прогура како незагадувачка индустрија, а сите знаеме што се испарува од процесот на топење на битумен… Се изнаслушавме глупости од некои консултанти кои работат за нив, голем дел од нив не знаат колкава е штета на топење и опрашување. Не сакаа да ги слушнат нашите објаснувања и не сакаа да се консултираат со Градежен факултет… – рече Филип Спасовски, сопственик на компанијата „Полиестердеј“, кој воедно беше претставен и како градежен инжинер.
Покрај него, пред камерите настапи и Таип Јакупи, професор на „БАС – Институт за менаџмент“, а неговото име може да се сретне и како поранешен директор на „Македонска пошта“. За време на неговото директорување, ревизорите утврдија продажба на поштенски марки по десеткратно пониска цена од проценетата, ненадоместлива штета од грабежот на поштенски пратки поради непочитување на процедурите за транспорт…
– Подолго време има интенции дека на повидок е изградба на асфалтна база, иако нашите информации говорат дека компанијата се уште нема А-интегрирана дозвола, што е предуслов за да почне да работи… Локацијата апсолутно не одговара, на 5 илјади квадрати да се обидувате да сместите асфалтна база, каде што знаете дека експлоатација на тоа значи тешка механизација и тешки камиони, што значи дека оваа инфраструктура е изградена од сопствениците и да дојдете да ги загадувате…
Како и да е, ние сме решени во нашите намери да ги спречиме сите активности, нормално со сите демократски средства, соработувајќи со институциите за да се попречи загадувањето на животната средина, иако оф рекорд информациите говорат дека елаборатот покажува дека има 0 загадување. Не може некој да не убеди во тоа… – рече Јакупи.
Во следните денови, се одржаа уште неколку протести, на кои се обратија и други стопанствеци и граѓани. Тие велат дека изградбата на асфалтната база ги засега десетици компании кои вработуваат над 5 илјади лица, како и околните жители, ако се земе во предвид дека до индустриската зона Визбегово се наоѓа и истоимената населба. Тие посочуваат дека во близина работат и фирми со угостителство, храна, па дури има и центар за дијализа.
Според информациите што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, во изминатиот период Здружението на стопанственици – Индустриска зона Визбегово во полициската станица Мирковци поднело 3 известувања за одржување на мирен протест. Меѓутоа, овие протести се проследени и со блокади со помош на механизација, поради што инвеститорот поднел неколку пријави до полицијата, за кои се постапува.
„По извршените проверки во надлежните организациски единици во МВР во чија надлежност за постапување е лоцирана асфалтната база Визбегово, од страна на правното лице за кое прашувате („Топ Билд“), во ПО Мирковци пријавени се 3 настани во период од 28.05.2024 година заклучно со 08.07.2024 година. Настаните се однесуваат на блокирање на објектот од страна на незадоволни граѓани, поточно поставување на работна машина-багер на влез-излез од објектот со што се оневозможувало функционирање на правното лице.
Во врска со пријавените настани, учесниците во истите се предупредени сите недоразбирања да ги решаваат пред надлежните органи без нарушување на јавен ред и мир. Исто така, регистрирана е и една пријава од вработени во правното лице на кои од група граѓани кои протестирале им било оневозможено да работат и им била загрозена нивната безбедност и сигурност за што е сочинет записник за примање на пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста“, кое се гони по приватна тужба“, не информираа од МВР.
„ПРОМОВИРАМЕ ЕКОЛОШКИ СОВРЕМЕН ПРОЕКТ“
После секој протест, т.е. блокада на стопанствениците од Визбегово, со реакција се јавуваше инвеститорот „Топ Билд“. Во последната обемна реакција, од таму велат дека се предмет на валкана кампања, иако се обидуваат да имплементираат најсовремени технологии за рециклирање на отпаден и дотраен асфалт и да промовираат еколошки современ проект кој влијае на унапредување на заштитата на животната средина.
Од компанијата посочуваат дека постројката која веќе ја прибавиле и увезле во државата е произведена од реномиран европски производител согласно европските директиви и регулативи за заштита на животната средина, како и согласно нашето законодавство. Од таму додаваат дека вакви асфалтни бази се инсталирани во централни густо населени подрачја во западните метрополи Париз, Болоња, Милано, Њујорк…
„Невистина е дека бројките во елаборатот кој е одобрен со решение од Министерството за животна средина се фингирани, напротив тие се согласно сертификатот за екологија изготвен од реномираниот производител во кој се наведени отстапки по неколку пати помали од кај нас законски предвидените, додека едно од испитувањата при работењето на една ваква постројка во Швајцарија покажува за многу пати помали отстапки од кај нас дозволените со закон.
Исто така, невистина е дека во Г2 лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија не е дозволено да се гради асфалтна база, затоа што доколку секој заинтересиран го отвори Правилникот за урбанистичко планирање ќе се увери дека токму тоа е предвидено во намената за градба. Предметната локација е со намена Г2 согласно урбанистичката документација уште неколку години пред ние да го купиме земјиштето“, велат од „Топ Билд“.
Од таму истакнуваат дека проектот е поддржан од европска комерцијална банка која подржува исклучиво зелени проекти согласно Европската програма за заштита на животната средина. Воедно, тврдат дека прибавиле правосилно одобрение за градба во целосно законита и пролонгирана постапка од причина што, како што нагласуваат, истата страна изразувала сомнеж за намерата и вршела притисок како кон нив како домашен инвеститор, така и кон институциите.
„До денес истиот притисок континуирано продолжува и нанесува огромни штети по работењето на компанијата. Овие луѓе очигледно се изманипулирани од одреден извор кој поради некаков интерес има намера да ни нанесе штета со што ја довел оваа група во тешка заблуда за да се истата чуствува загрижена за личното здравје и живот и под страв за истото прибегнува кон кршење на законите и бара истите да се применуваат селективно.
Не е прв пат група луѓе да се изманипулирани и како такви доведени во заблуда за нарушени човечки права и да протестираат кршејќи закони со барања до институции за селективна примена на закони. Чести се примерите во градот реномирани домашни инвеститори и институции да се изложени на притисок преку испровоцирани валкани активности“, велат од „Топ Билд“.
Од таму додаваат дека сите чинители во случајот се одговорни да не создадат непотребна пракса, која ќе ги охрабри локалните заедници на кои не им се по вкус одредени градби по овој преседан бесконечно да ги блокираат. Истовремено, изразуваат верба во правната држава и институциите дека ќе ги остварат нивните права.
Во меѓувреме, во однос на овој случај се огласи и новиот министер за екологија Изет Меџити, кој изјави дека базите за производство на асфалт вообичаено се наоѓат некаде на периферија, каде нема ниту економија ниту населени места. Доколку се наоѓат блиску до нив, според него, тие можно е да се канцерогени.
– Деновиве се зборува за една тема дека почнало да се гради база за асфалт која може да биде канцерогена, која поминала и останала како дар од претходната власт. Значи, како министер за животна средина првото прашање за кое побарав објаснување кога имавме примопредавање со министерката која беше досега (Каја Шукова) беше зошто треба да се даде дозвола за база за асфалт на сред индустриска зона – рече Меџити.
БОРБА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕ ИЛИ ЗА БИЗНИС ИНТЕРЕСИ?
Накусо, тоа е хронологијата на случајот за изградба на асфалтна база во Визбегово, која предизвика реакции, протести и блокади од страна на локалните стопанственици и жители, но и контрареакција од страна на инвеститорот, кој сега засега не може да го реализира проектот на свој имот, со обезбедено одобрение за градење, што, меѓу другото, подразбира и поседување на решение за одобрен елаборат за животна средина.
Кога ќе се анализираат пораките од протестите против изградбата на асфалтната база, тие се базираат на неколку точки. Прво, асфалтните бази загадуваат, што предизвикува тешки болести кон луѓето и животната средина. Второ, општината не смеела да издаде одобрение за градење за тешка загадувачка индустрија. Трето, се фингирале податоци во елаборатот за животна средина. Четврто, инвеститорот ја немал неопходната А интегрирана дозвола.
Затоа, до Здружението на стопанственици испративме неколку прашања. Првото е врз основа на што го темелат тврдењето дека производството на асфалт предизвикува канцер и други болести? Односно, дали може да наведат анализа, студија или друг документ од домашна или странска институција кој покажува колку производството на асфалт емитува честички чија вредност отстапува од дозволените граници и како тоа влијание врз колективното здравје?
Потоа, прашавме дали може да ни посочат според која законска или подзаконска одредба асфалтните бази спаѓаат во тешка загадувачка индустрија, што, ако е така, би било спротивно на намената на локацијата според ДУП-от? Исто така, прашавме и дали А-интегрираната дозвола инвеститорот треба да ја обезбеди пред да почне да гради или откако ќе биде поставена постројката и ќе се извршат проверки за да се утврди дали фактичката состојба кореспондира со наводите од елаборатот?
Понатаму, во врска со тврдењето дека биле наштелувани податоци во елаборатот за животна средина, врз основа на кој Министерството за екологија издава решение, а тоа пак е предуслов за издавање на одобрението за градење, прашавме на кои точно податоци мислат? Ако навистина тоа се правело, се работи за незаконско постапување, па дали за тоа пријавиле во надлежен орган?
На крајот, посочивме дека во блиското опкружување на Визбегово има повеќе асфалтни бази, објекти за производство на камен, па дури и неколку диви депонии. Оттука, прашавме и дали стопанствениците, жителите или здружението некогаш реагирале во јавноста, до надлежните или до било која адреса во врска со овие асфалтни бази и диви депонии? Ако е така, каков бил повратниот одговор?
Прашањата ги испративме на двата службени мејл адреси на Здружението на стопанственици, а патем ги упативме и директно до овластеното лице Тања Кроневска, која ни се заблагодари за искажаниот интерес и не извести дека е на службен пат, па одговорите ќе ги достави до претставниците за јавност на Здружението. Сепак, до затворањето на овој број на весникот не добивме одговори, кои доколку ги добиеме ќе ги објавиме во следниот број или во електронското издадение.
За време на нашата посета на терен, пак, неофицијално поразговаравме со бизнизмен, кој поседува неколку деловни објекти во Визбегово, а воедно вели дека има и лична карта со живеење во непосредна близина. Тој вели дека немаат намера да се откажат од отпорот против изградба на асфалтна база, па дури, како што вели, ако треба директно ќе го блокираат процесот се додека не завршат постапките во институциите.
–Ние поднесовме петиција против изградбата на асфалтна база, која сега дознавме дека била скриена во Министерството за екологија. Елаборатот за животна средина не е правилно изготвен, бидејќи не се наведени многу објекти од околината, не е извршена посета на терен и јавна дебата – вели тој, додавајќи дека ниту Општина Чучер Сандево не смеела да издаде одобрение за градење, бидејќи тоа можело да го стори ако се работи за лесна незагадувачка, а не лесна загадувачка индустрија.
И покрај тоа што спомена дека при производство на асфалт има одредено запрашување, сепак, кај него не преовладуваа аргументи од типот дека тоа предизвикува болести, туку дека ваков објект ќе им предизвика деловна штета на околните бизнисмени. Како што рече тој, неговиот закупец, реномирана странски производител, му најавил дека ќе се повлече ако се изгради асфалтна база, а беше посочено дека хотелот и други објекти нема да може да работат ако постојат врват камиони со асфалт.
ЕМИСИИТЕ ГИ ЗАДОВОЛУВААТ БАРАЊАТА ОД ПРАВИЛНИКОТ
Оттука, јасно е дека намерата и планот на Здружението на стопанственици во Визбегово се состои од тоа да организираат перманентни протести и блокади, со цел да се спречи изградбата на асфалтната база, додека траат постапки што ги иницирале во институциите, кои фактички се сведуваат на обид да го оспорат елаборатот за животна средина, односно да го поништат решението за одобрување на елаборатот, со што би се довело во прашање и одобрението за градење.
Затоа, се обративме до Министерството за екологија на чело со министерот Меџити, кој, како што веќе наведовме, смета дека асфалтните бази „можно е да се канцерогени“. Прашавме каква е позицијата на Министерството и министерот во однос на овој случај, како и кон барањето на демонстрантите, како што самите велат, да ги заштитат? Што ќе преземат во тој правец?
Исто така, прашавме дали моментално се вршат проверки и ревизија во врска со издаденото решение за елаборатот за животна средина за овој објект, но и дали се планираат одредени мерки и во однос на останатите десетина слични капацитети во реонот – асфалтни и бетонски бази, каменоломи, депонии…? Од таму го добивме следниот одговор:
„Во Елаборатот за заштита на животната средина се наведени техничките карактеристики на асфалтната база модел „BE TOWER 1500“, и сертификатот за стандардите за квалитет на животната средина на базата. Согласно сертификатот за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „MARINI FAYAT GROUP“, емисиите на гранични вредности ги задоволуваат барањата на Правилникот за граничните вредности за дозволените ниво на емисии и видови на загадувачки супстанци во отпадните гасови и пареа кои емитираат стационарните извори во воздухот.
Согласно Законот за животна средина и подзаконските акти не предвидуваат ревизија на одбрени елаборати за заштита на животната средина. Податоците кои се доствени во елаборатот за животна средина се потврдуваат со Изјава со која под морална, материјална и кривична одговорност и инвеститорот потврдува дека податоците се вистинити, точни и комплетни.
Емисиите на гранични вредности кои се доставени со сертификат за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „MARINI FAYAT GROUP“ и понатака потребно е да се потврдат со мониторингот на воздух кој ќе биде утврден во А-интегрираната дозвола. Евиденција на поплаки од околината на Визбегово за други асфалтни бази, објекти за камен, па дури и диви депонии Министерството нема…“.
Од овие одговори произлегува дека станува збор за асфалтна база модел „BE TOWER 1500,“ произведена од „MARINI FAYAT GROUP“. Притоа, производителот на инсталацијата гарантирал дека емисиите на гранични вредности ги задоволуваат барањата на Правилникот за дозволените нивоа на емисии, а тоа треба да се потврдат со мониторингот на воздух кој ќе биде утврден во А-интегрираната дозвола. Но, тие мерење треба да се направат откако базата ќе биде поставена, што моментално е оневозможено.
Конечно, од ресорот екологија посочуваат дека нема законски можности за ревизија за елаборатот за животна средина, како што бараат демонстрантите, туку за веродостојноста на податоците во него се гарантира со изјава под кривична одговорност. Тоа значи дека нема начин како елаборатот, за кое е издадено решение за одобрување, да се поништи или отповика. Но, ако има лажен податок може кривично да се одговара.
Од причина што елаборатот за животна средина е во директна корелација со одобрението за градење, бидејќи тоа претставува еден од предусловите, односно неопходните документи за да биде издадено одобрението, се обративме и до Општината Чучер Сандево. Од таму добивме одговор дека „видот на градбата која е предмет на барање на „Топ Билд“ се однесува на асфалтна база и тоа е во согласност со намената на земјиштето“.
„Согласно член 77 став 1 од Правилник за урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ, број 225/20,219/21,104/22 и 99/23), асфалтните бази спаѓаат во основната класа на намена Г 2 – Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија, подкласа Г 2.1 – Лесна градежна индустрија со производство на градежни елементи и производи, погони и бази за производство на асфалт и бетон“, велат од Чучер Сандево, на чело со градоначалникот Сашко Комненовиќ.
ПОЗИТИВНИ МИСЛЕЊА ОД РЕДИЦА ИНСТИТУЦИИ
Исто така, се обративме и до инвеститорот „Топ Билд“, од каде тврдат дека цел проект за изградба асфалтна база е кристално чист. Како што посочуваат, за ниту една асфалтна база, освен ако не е во заштитено подрачје или во национален парк, не се бара студија, која предвидува јавни расправи. Туку, нагласуваат од таму, се бара и доставува елаборат, како што е направено во случајот и при што се наведени сите најбитни објекти од опкружувањето, по што е добиено и одобрение за градење.
„Опремата е набавена од компанијата „Марини“ од Алфонсине во Италија, која е дел од „Фајат Група“ од Бордо, Франција. Оваа групација на годишно ниво бележи приходи од скоро 6 милијарди евра, што е отприлика колку годишниот буџет на Македонија, и вработува околу 24.000 луѓе во ЕУ. Впрочем, половина од патиштата, булеварите и улиците во државата се асфалтирани со опрема од овој производител и групацијата на која припаѓа“, велат од компанијата.
Од таму ни доставија и документација, од која составен дел се документи поврзани со постапката за добивање на одобрението за градење. Тоа ги подразбира сите неопходни документи што се потребни за издавање на дозволата, така што, покрај решението за одобрување на фамозниот елаборат за животна средина, спаѓаат и редица други позитивни мислења, заедно со ревидираната проектна документација, извод од урбанистички план, (пред)договор за купопродажба, имотен лист…
Па така, Агенцијата за цивилно воздухопловство издало позитивно мислење дека висината на базата не претставува опасност за воздушниот сообраќај, со оглед дека во близина е спортскиот аеродром Стенковец. Потоа, записник за извршен непосреден увид изготвило и Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“, кое констатирало дека има услови инвеститорот да се приклучи на водоводен и на канализационен систем.
Дополнително, увид во проектната документација извршил и „Водовод“, кој немал никаков приговор, бидејќи, како што стои во известувањето со кое располагаме, асфалтната база потребите за вода ќе ги задоволува преку сопствен бунар, додека отпадните води ќе се одводнат преку пречистителна станица. Ниту „Електродиструбиција“ немала приговор кон поднесеното барање за базата, која, според нивното решение, е со 511,65 киловати.
На крајот, Министерството за животна средина во ноември ланската 2023 година издало решение со број УП1/-11/4-1648/2023 за одобрување на елаборатот за животна средина за алвантната база „BE TOWER“, кој бил изработен од страна на друштвото „Еко Енерџи Агри Дизајн“. Како што се наведува во решението што го поседуваме, од доставената документација констатирано е дека изградбата на овој објект „нема да има значителни влијанија врз животната средина“. Истовремено, на инвеститорот му се наложува целосно да се придржува до пропишаниот режим и мерки за заштита пропишани со елаборатот.
Инаку, во правната поука стои можност против ова решение да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Меѓутоа, тоа или не е сторено или евентуалната жалба била одбиена, штом потоа било издадено одобрение за градење. Едноставно, тоа не би било можно без ниту едно од овие позитивни мислења и решенија, вклучително и она за одобрување на елаборатот за животна средина.
Односно, барањето на „Топ Билд“ за издавање на градежна дозвола било поднесено на 24.11.2023 година, а Општината Чучер Сандево го издала одобрението на 28.03.2024 година, кое набргу потоа станало правосилно. На тој начин, на инвеститорот му се одобрува изградба на асфалтна база – Г2 (лесна и незагадувачка индустрија), објект од втора категорија, на градежна парцела со број 1.1., формирана во рамки на катастарска парцела број 2960/1, катастарска општина Глуво-Бразда или место викано Крива Река.
„Фокус“ располага и со имотниот лист, изводот од ДУП-от и други документи, кои покажуваат дека претходно сопственик на овој плац била компанијата „Виа Маркетинг Зони“, која му го продава имотот на „Топ Билд кон средината на ланската 2023 година. Двете страни прво склучуваат договор за купопродажба, а потоа и договор за пренос на правото за градење, уште пред договорот да биде солеминизиран на нотар.
Всушност, пренамената на земјиштево во Г2 се случува во 2020 година и „Топ Билд“ го купува имотот со ваква намена, која, според Правилникот за урбанистичко планирање, опфаќа и изградба на асфалтна база. Тоа го велат и од Чучер Сандево, која издава градежна дозвола, но таа престанува да важи ако инвеститорот не почне со изградба во рок од 2 години, а градбата да заврши за 10 години. Арно ама, моментално градењето е оневозможено, бидејќи околни стопанственици физички го оневозможуваат процесот.
БАЗИ ВО МИЛАНО, ПАРИЗ, ЊУЈОРК…
За потребите на сторијата за изградба на асфалтна база во Визбегово, која предизвика внимание во јавноста, како и серија на реакции, контрареакции, протести, блокади, пријави итн., обезбедивме и одредени документи од „MARINI FAYAT GROUP“, чиј производ е асфалтната база „BE TOWER 1500“, набавена и увезена од „Топ Билд“, која не може да ја инсталира поради противење на стопанственици и жители, иако, како што погоре елабориравме, ги поседува сите потребни дозволи, решенија и позитивни мислења.
Во таа насока, оваа компанија со седиште во Италија, која е дел од реномирана француска групација, издава сертификат за споменатиот модел на асфалтна база, со кој гарантира дека нивните погони или постројки за мешање на асфалт се дизајнирани и произведени во согласност со Регулативата за машини бр. 2006/42/ЕС и Европската директива EN 536. Патем, од таму тврдат дека нивните постројки се еколошки и во таа насока приложуваат податоци за ниво на емисии на прашина, сулфур итн.
Во публикацијата насловена „Анализа на предностите на сериската постројка за асфалт Marini BETOWER: заштеда на енергија и високи технички решенија“, меѓу другото, се наведува дека овој модел е дизајниран со заштеда на енергија (и електрична и топлинска), но и со почитување на животната средина. Згора на тоа, овој документ го покажува функционирањето на постројката за асфалт, која е оквалификувана како новата генерација на машини.
„Благодарение на специјалните внатрешни лопатки и висококвалитетниот грејач, сушарата Marini може да ги суши агрегатите со најголема термичка ефикасност и во исто време со најниски емисии на загадување“, стои во публикацијата, каде уште се наведува дека во вториот дел од сушарата агрегатите остануваат внатре во лотапките за да се избегне директен контакт со пламенот, кој би предизвикал нецелосно согорување, а со тоа и загадување.
Процесот на чистење, се наведува во документот, функционира на начин што гасовите излегуваат од сушарата со одредена содржина на прашина благодарение на вшумуквањето што го обезбедува вентилаторот инатлиран на излезот од филтерот и тие се принудени да поминат низ вреќите. Со тоа, прашината останува прицврстена за вреќите и исчистениот воздух излегува низ филтрите.
„Сите вентили на почетокот се затворени. Кога ќе започне циклусот на чистење, вентилот на првата комора се отвора од контролниот систем и благодарение на внатрешното притискање на филтерот за вреќи, надворешниот воздух влегува внатре во филтер вреќите, што предизивкува одвојување на прашокот од кесите. Прашината по одвојувањето паѓа во силосот за фина обработка“, стои во публикацијата.
Колку за информација, асфалтни бази на Marini се инсталирани во Милано, Италија (2016), во Болоња, Италија (2018), во Шолнок, Унгарија (2018), во Хаселбах, Австрија (2021), во Париз, Франција (2022), во Мисен, Норвешка (2023)… Исто така, една обична проверка покажува дека асфалтни бази се сместени во многу други светски градови, меѓу кои и Њујорк. Во сите нив тие се лоцирани многу длабоко во урбаното јадро.
Во тој контекст, NAPA (National Asphalt Pavement Association), асоцијација која ги застапува интересите на производителите на асфалт во САД, изработила студија насловена „Влијанието на асфалтните бази врз животната средина“, во која се наведува дека стотици заедници мирно коегзистираат со асфалтни бази. Како што се наведува, американската Агенција за заштита на животната средина (EPA) уште во 2002 година ги отстранила алвалтните бази како главен извор на загадување.
„Понекогаш мирисите од загреани материјали може да произлегуваат и од фабрика за асфалт. Иако тие може да бидат забележливи, овие мириси не претставуваат опасност ниту за вработените, ниту за заедницата. Забележлив мирис не укажува на опаснот по здравјето. Мирисите на асфалтните псоторјки не се штетни“, стои во документот, каде се нагласува дека емисите на асфалтните постројки дополнително се намалуваат поради иновативните системи за контрола и технологија на производство.
Патем речено, во оваа студија се реферира на уште една студија изготвена во 2001 година, која покажала дека ниските годишни емисии од фабрика за асфалт се еквивалентни или далеку под многу други вообичаени извори. За илустрација, слични емисии на испарливи органски соединенија (VOC) имаат од една пекара која работи околу 2 недели или 13 станбени камини во текот на цела година.
Инспекторат за животна средина
ИНВЕСТИТОРОТ ИМА СООДВЕТНИ ДОЗВОЛИ, ЌЕ ВРШИМЕ КОНТРОЛА И МОНИТОРИНГ
Сретен Стојковски, директор на Државен инспекторат за животна средина, деновиве во едно телевизиско интервју говореше и за случајот со изградба на асфалтна база во Визбегово.
– Имаат соодветни дозволи, елаборати, студии од Министерство за животна средина, имаат градежна дозвола од Чучер Сандево во законска процедура. Ако се изгради таа асфалтна база и се добие А-ингегрирана дозвола, ние ќе вршиме контрола на сите услови пропишани во дозволата.
Во новиот Закон за индустриски емисии, што е добра работа, но некаде запна, дали во собраниските процедури или во владата, се предвидува сите нови и постоечки инсталации да имаат контиуниран мониторинг. Тоа значи дека 24 часовно ќе ги следиме емисиите што ќе ги прават индустриските капцитет со А-ингегрирана дозвола и ќе имаме сознанија во моментот.
Сега има дисконтинуирано мерење. Асфалтните бази имаат обрвска 2 пати годишно да направат мерење на емисиите при работа. Во големите капацитети влегуваме еднаш годишно, тоа за асфалтните бази е доволно… – рече, меѓу другото, Стојковски.
Во меѓувреме, Инспекторатот за животна средина информираше дека извршиле инспекциски увид на лице место на локацијата во Чучер Сандево каде се планира изградба на асфалтна база, при што правниот субјект приложил Одобрение за градба, Елаборат за животна средина и Решение за одобрување на Елаборатот.
„Констатирано е дека е отпочнато бетонирање, а бетонскиот дел е ограден. На плацот е истакната табла со име на инвеститор и број на одобрение за градба. Градежна механизација и друг објект или останати лица не се евидентирани на лице место.
Правниот субјект целосно треба да се придржува до насоките од Елаборатот за заштита на животната средина за време на изведбената фаза на асфалтната база која ќе биде предмет на инспекциски надзор од страна на ДИЖС.
Пред да отпочне со работа за асфалтната база потребно е да се добие А Интегрирана Еколошка Дозвола која ја издава МЖСПП, Управа за животна средина согласно регулативата низ процедура која е опишана во Законот за животната средина и соодветните подзаконски акти, со организирана јавна расправа каде засегната јавност транспарентно ќе може да даде свои мислења“, соопштија од Инспекторатот.
„Топ Билд“
ПРОТЕСТИТЕ СЕ УСТАВНО ПРАВО, НО ТОА НЕ ЗНАЧИ ДОЗВОЛА ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ГРАДЕЊЕ!
Апсолутно нема ни најмала причина заедницата во Визбегово и пошироко да е загрижена за овој проект, бидејќи да беа овие обвинувања вистинити на глобално ниво уште многу одамна ќе се укинеше оваа дејност и немаше да се овозможува вакви постројки да се поставуваат во густо населени места во централни градски подрачја на повеќе светски познати метрополи, велат од Топ Билд“.
„Наместо да се занимаваме со отстранување на загадувачи и дислокација на диви депонии ние, се занимаваме со блокади на еколошки проекти. Ниеден производствен процес, вклучително и процесот на производство на асфалт не прави штети врз колективното здравје доколку е поставен, управуван и регулиран адекватно согласно закон како во овој случај кој искочи во јавноста“, велат од компанијата.
Од таму додаваат дека станува збор за еколошки проект, прв од ваков вид во државата со примена на светски најсовремена технологија за рециклажа на дотраен асфалт, кој наместо да се најде на депониите се враќа назад во инфраструктурата и на тој начин допринесува во унапредувањето при заштитата на животната средина. Тие се сомневаат дека има скриена цел за протестите против нив.
„Сите видовме фронтмен кој навидум во авангарден стил истапи пред загрижената јавност и се самопрогласи за спасител од измислена опасност, за веднаш по заминување на повиканите медиуми да се повлече од пред нашиот имот и ја остави испровоцираната група во револт да ги крши законите, да ни го попречува правото на владение и да го доведува во опасност здравјето и животот на сите наши вработени и соработници.
Го злоупотреби и здружението, целосно го деградира и створи слика како да наликува на синдикално здружение од време на прохибицијата, а не на здружение во кое членуваат општествено одговорни и многу успешни компании претставени од врвни менаџери.
До ден денес, во ниеден момент не ги докажа со ниеден аргумент пласираните невистини, се што кажа беше дрска лага и манипулација од прв до последен збор, и истото го повтори повеќе пати со цел да изврши влијание врз министерството за животна средина. На истиот не му е ова прв случај, а зборот фингиран очигледно нему му е познат и по значење и дејство, сите се согласуваме дека ова е нетипичен речник во секојдневен вокабулар на сериозен стопанственик, велат од „Топ Билд“.
Од таму посочуваат дека протестите се граѓанско и уставно загарантирано право, но, како што потенцираат, тоа не оправдува да се злоупотребува така стекнатото право за попречување во владение, да се блокира градба отпочната со правосилно одобрение за градба прибавено во транспарентна постапка со законито донесени одлуки од државен орган, и да се доведува до општа опасност по здравјето и безбедноста на луѓето.
„Доколку секој незадоволен од законито донесени одлуки користи уставно загарантирано право на протест со целосна блокада се додека не изврши влијание врз институциите да ги поништат оние одлуки кои не му се по желба тогаш нема да има крај. Ова не смее да постане преседан бидејќи сите ќе треба да ставиме клуч на целиот бизнис.
Жалиме, што овие актери добија подршка и од изолирани поединци од надлежните институции кои им постанаа соучесници со подршката и прикривањето на делата за што веќе поведовме постапки пред надлежните органи.
Штетите кои ги трпиме со неработењето се огромни, од септември месец е донесена опремата и постројките и е складирана, имаме трошоци по основ на пазарна амортизација, обезбедување, осигурување, камати за финансирање, бруто плати за вработени, изгубена добивка“, велат од „Топ Билд“.
Здружение на стопанственици од Визбегово
ПОСТРОЈКИТЕ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА АСФАЛТ СЕКОГАШ БИЛЕ КОНТРОВЕРЗНА ТЕМА!
Откако оваа сторија веќе беше објавена, ни стигнаа одговорите од Здружението на стопанственици од Индустриска зона Визбегово, кои во целост ги објавивме во следниот број на неделникот „Фокус“. Во име на Здружението, одговорите ни ги достави Драган Цветановски, потпретседател на Советот задолжен за комуникација со медиумите.
ФОКУС: Врз основа на што го темелите тврдењето дека производството на асфалт предизвикува канцер и други болести? Односно, дали може да наведете анализа, студија или друг документ од домашна или странска институција кој покажува колку производството на асфалт емитува честички чија вредност отстапува од дозволените граници и како тоа влијание врз колективното здравје?
ЦВЕТАНОВСКИ: Постројките за производство на асфалт од секогаш биле контроверзна тема која е поврзана со загадување на околината како и намалување на вредноста на околните имоти и нарушување на квалитетот на живот во околина на ваквите постројки.
Како пример за нашата загриженост ви испраќам извадок од публикација од истражување направено од Одделот за здравство на Њу Џерси од 2019-та година, во кое многу детално се наведуваат ризиците и проблемите поврзани со живеење и работење во близина на асфалтна база.
Ова е само едно од многуте истражувања кои покажуваат дека за жал производството на асфалт и понатаму е контроверзна индустрија која (доколку е можно) треба да биде лоцирана подалеку од места каде гравитираат голем број на луѓе.
Дополнително, прописите за загадување во нашата држава се многу порелаксирани од прописите во западните земји и нема активни механизми со кои би се спречило континуирано загадување од некој субјект. Праксата покажува дека институциите се неажурни во запирањето на загадувачите дури и по многу реакции.
Локацијата избрана за изградба на асфалтната база поминува низ речиси целата индустриска зона. Доколку истата отпочне со работа транспортот на асфалт до и од базата ќе се одвива по патишта кои поминуваат пред објектите на стопанствениците и истите ќе мора да се справат со миризбата на асфалт и загадувањето од поминување на стотици тешки возила секој ден.
Самиот транспорт на готов асфалт ќе ни го наруши квалитетот на живот дури и да не постои асфалтната база.
Во близина на одбраната локација на инвеститорот „Топ Билд“ има асфалтни бази кои со децении ја вршат својата дејност. Наш став е дека местото на оваа асфалтна база е на локација во кањонот на реката Лепенец, каде се наоѓаат другите бази и каде што нема да пречи никому.
ФОКУС: Според Вас, дали А-интегрираната дозвола инвеститорот треба да ја обезбеди пред да почне да гради или откако ќе биде поставена постројката и ќе се извршат проверки за да се утврди дали фактичката состојба кореспондира со наводите од елаборатот?
ЦВЕТАНОВСКИ: Согласно законите, А-интегрираната дозвола треба да се обезбеди по изградбата на асфалтната база и пред пуштање во употреба. Кој ќе изврши проверки? Како истите ќе бидат извршени?
Праксата во Македонија предвидува достава на документација според која ќе биде издадена дозвола за пуштање во употреба. Институциите ниту располагаат со инженериски кадар од областа на машинството кои би можеле да извршат детална и правилна контрола на техничкиот дел на постројката, ниту е предвиден независен систем за контрола на квалитетот на воздухот, водата и почвата во околината на асфалтната база.
Ние како стопанственици и житли на засегнатата локација немаме никаква гаранција дека идните активности на постројката нема да представуваат закана по здравјето на луѓето кои ќе бидат во непосредна близина на постројката.
ФОКУС: Според Законот за градење и Правилникот за урбанистичко планирање, дали асфалтните бази спаѓаат во тешка или во лесна загадувачка индустрија? Може ли да посочите според која законска или подзаконска одредба тие спаѓаат во тешка загадувачка индустрија, што би било спротивно на намената на локацијата според ДУП-от?
ЦВЕТАНОВСКИ: По отпочнувањето на постапките за стопирање на изградба на асфалтната база консултиравме повеќе правни експерти и дојдовме до повеќе информации за тоа каква е постапката за добивање на дозвола за градба и пуштање во употреба на постројка за преработка на асфалт.
Од тоа што ни е достапно како информација, иако класификацијата е лесна индустрија, потребно е назнака за асфалтна база која на најголемиот дел од индустриската зона (урбанизираниот дел во надлежност на Општина Бутел) го нема, односно намената на земјиштето е „лесна незагадувачка индустрија“.
Локацијата на предвидената постројка е во надлежност на Општина Чучер Сандево, каде урбанизацијата се врши со пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Проблемот е настанат во моментот на издавање на дозвола за градба без притоа да бидат земени во предвид интересите, мислењата и потребите на заинтересираните странки, во случајот стопанствениците во индустриската зона и локалните жители.
Дека има голема загриженост за поставување на ваков објект знаел и инвеститорот и Општината Чучер Сандево долго пред да почнат активностите, а со тоа и протестите. Моменталната состојба е ескалирана до степен каде што е и продолжува да ескалира поради немањето на слух кон потребите на илјадници луѓе, а не поради почитување или непочитување на ДУП.
ФОКУС: Во врска со Вашето тврдење дека се наштелувани податоци во елаборатот за животна средина, врз основа на кој Министерството за екологија издава решение, а тоа пак е предуслов за издавање на одобрението за градење, на кои точно податоци мислите и во која насока се наштелувани? Ако се штелувале податоци, тоа е незаконско постапување, па дали за тоа сте пријавиле во надлежен орган?
ЦВЕТАНОВСКИ: Во рамки на борбата за чист воздух и здрава животна средина, ги имаме покренато сите правни капацитети на здружението.
Правниот тим има изнајдено бројни недостатоци во постапката за добивање на дозвола за градба и продолжува да работи на истражување на понатамошни сомненија за неправилности во постапките како и за коруптивни дејствија со кои се обезбедени одобренија кои придонеле до ваквата ситуација.
За сите сознанија до кои дошла индустриската зона се известуваат и ќе бидат известувани надлежните органи.
ФОКУС: Во блиското опкружување на Визбегово има повеќе асфалтни бази, објекти за производство на камен, па дури и неколку диви депонии. Дали некогаш сте реагирале во јавноста, до надлежните или до било која адреса во врска со овие асфалтни бази и диви депонии? Ако е така, каков бил повратниот одговор кон вашите реакции?
ЦВЕТАНОВСКИ: Во близина на индустриската зона, во кањонот на река Лепенец, во функција се асфалтни бази кои се опкружени со шума и се на оддалеченост од само неколку километри од локацијата која ја одбрал инвеститорот. Наш став е дека тоа би била идеална локација за поставување на оваа асфалтна база, за која доколку се изгради мислиме дека ќе биде пример за како треба да се работи, и ќе постави нови стандарди во екологијата и значително ќе придонесе за зачувување на природата и чистата животна средина.
Што се однесува за дивите депонии, покренати се многу иницијативи за расчистување на истите. Индустриската зона во соработка со Општина Бутел има расчистено повеќе локации низ индустриската зона и била активно вклучена со сите свои капацитети (пари, луѓе и механизација) за подигање на квалитетот на животната средина.
Што се однесува до големата дива депонија која се наоѓа на територија на општина Шуто Оризари, депонијата на иницијатива и со подршка од индустриската зона е еднаш исчистена, по нејзиното повторно појавување поднесени се повеќе од 200 пријави за истата и наша најголема грешка е нашата неистрајност за решавање на истата, грешка која нема да ни се повтори. Депонијата е нешто кое доби на споредност поради асфалтната база, и ни е пример како не треба да се однесуваме.
По огромниот број на пријави, поплаки и дописи до надлежните институции, на крај Министерството за животна средина ни се прогласи за ненадлежно и тогашната министерка за животна средина не упати проблемот да го решаваме во соработка со Општина Шуто Оризари со администрација за која постои сомневање дека била активно вклучена во создавање и стопанисување на депонијата.