АРХИВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РОВЕР“: Трипати му нуделе слобода само за да сведочи лажно против Љубе!

by fokus

Текстот е објавен на 11 јули 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1031

Валентина Стојанчевска

По три години поминати во притвор, обвинетите во случајот „Ровер“, Зоран Трајковски, Гоце Митровски, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, повторно се на слобода. Зад решетки и понатаму остана ексминистерот Љубе Бошкоски, бидејќи му остана да одлежи уште 11 месеци од затворската петгодишна казна што ја доби за случајот „Кампања“.

Но, со прекинување на притворот, за овие обвинети не запре и судската голгота, бидејќи наесен се очекува повторно да седнат на обвинителна клупа, каде што по третпат ќе им се суди во Основниот суд Скопје 1, бидејќи Апелација по вторпат ја укина првостепената пресуда и го врати случајот на почеток. Нивната правна битка допрва претстои, но убедени се дека конечно ќе ја докажат правдата, а зад решетки ќе завршат тие што го монтирале целиот случај.

Случајот „Ровер“ е еден од најкритикуваните во судската практика, кој воскресна по 11 години од убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев. На обвинителството, по една деценија, во 2012 година, конечно, му светна дека нарачател на убиството бил Орце Коруновски, а Бошкоски како тогашен министер му бил психолошки помагач, бидејќи му ветил дека нема да ги гони убијците. Останатите, пак, се помагачи на психолошкиот помагач?!

Неуспешно скроениот обвинителен акт, според адвокатите и обвинетите може да го согледа и обичен правен лаик. Без конкретни докази, но со многу имагинација и фантазија, и се разбира со заштитен сведок, спакувани за долгогодишна робија на Бошкоски. Останатите обвинети, пак, како што во неколку наврати истакна ексминистерот за внатрешни работи, се жртви за тој полесно да се задржи во затвор. Колку повеќе луѓе се вмешани, толку случајот ќе биде поуверлив за јавноста.

Засега е повеќе од јасно дека оваа логика на креаторите не се покажа како многу успешна, бидејќи во неа не се увери Апелација, а не, пак, јавноста, која веќе одамна ја изгуби довербата во третата власт.

 ОД УСПЕШНИ ПОЛИЦИСКИ ИНСПЕКТОРИ ГИ НАПРАВИЈА КРИМИНАЛЦИ

Со излегувањето на слобода, обвинетите конечно добија можност и надвор од судница да проговорат за „Ровер“. Пред да бидат уапсени, Трајковски и Митровски самите ловеле криминалци, односно биле вработени во Министерството за внатрешни работи.

Се сретнавме со Митровски. Додека му судеа, не зборуваше многу, и буквално изгледаше дека не му е јасно зошто му судат. И сега вели дека не се променило ништо. Очигледно е само дека по 22-годишна импресивна полициска кариера, во јули 2012 година, животот му се свртел наопаку. Воопшто не се надевал дека од инспектор оперативец, со завршен Факултет за безбедност и поминувајќи ги сите скалила на напредување, за миг ќе заврши на другата страна, со лисици на рацете, обвинет за помагање на двојно убиство.

По три години поминати во притвор, од кои седум месеци во истражниот затвор „Скопје“, пред една недела повторно може слободно да се движи. За „Фокус“ раскажува дека никогаш не се надевал оти ќе биде вплеткан во вакво сценарио.

– Ме обвинуваат за нешто против што сум се борел цел живот – борба против криминалот, што со љубов сум го учел и работел, чесно, совесно, одговорно врз основа на закон. Сум работел на откривање убиства и силувања, каде што имам постигнато големи резултати за што сум бил и наградуван, а тие ме обвинуваат дека јас сум учествувал во кривично дело убиство како помагач. Само не знам што тоа сум помогнал? Ова е измислена приказна со заштитен сведок. Јас знам дека немам никаква врска со овој измислен судски процес, а и тие што работеле на овој случај, уште подобро од мене знаат, вели Митровски.

Тој 15 години работел во одделот за крвни деликти, а потоа и во секторот за економски криминал, а во 2007 година, по многубројните успеси и ниту една професионална дамка бил деградиран и распореден на работно место во полициска станица за обезбедување на државната граница Чашка. А, само неколку месеци пред да биде прераспореден, бил награден за расчистување на убиството на скопјанката Сандра Китаноска, која беше ограбена, силувана и убиена од бездомникот Дино Диновски, кој подоцна беше осуден на доживотен затвор.

– Штом во 2006 година се смени власта, почна и „расчистувањето“ на редовите во МВР, односно тие што размислуваа со своја глава и професионално си ја вршеа работата беа прераспоредувани на пониски работни места. Но, и за тоа никогаш не се побунив, вели нашиот соговорник.

Додава дека за разлика од многумина, имал „среќа“ да биде уапсен на работното место, а не среде ноќ, дома пред својата сопруга и синот единец. Но, тоа, сепак, не ги поштедило од трауми, кои сите заедно и ден денес ги преживуваат. Веднаш по апсењето, на 24 јули 2012 година, му бил одреден притвор, а му бил прекинат и работниот однос, односно му била запрена платата.

Тогаш почнува неговата вистинска голгота. Го ставаат зад решетки, а ниту самиот не знае зошто. Вели дека ниту ден денес не знае зошто е вмешан во овој монтиран случај. Истакнува дека тој е креиран за Љубе Бошкоски, но за да изгледа поуверливо, најверојатно, им требало да затворат уште луѓе, па едниот од нив е и тој. Вели и дека не го разбира обвинителниот акт, но и дека не подготвувал одбрана бидејќи немал од што да се брани.

Досега за целиот мој работен век како професионален инспектор, чесен совесен, скромен, заработив дијабетес, минус на сметките и притвор. А најголема награда што ја добив од државата и од МВР за мојот голем придонес во борбата против криминалот е обвинението за помагање во убиство. Болно е кога одам со лисици на рацете и ме носат како криминалец. Болно е да одговараш за нешто што не си го направил. Голема неправда, вели Митровски, кој е осуден на неправосилна казна од пет и пол години затвор.

КРЕАТОРИТЕ НА „РОВЕР“ САМИТЕ ДА СИ СТАВАТ ЛИСИЦИ

Во обвинението за него се чини пишува и најмалку, поточно има само една реченица, дека вечерта по убиството се возел со Коруновски со автомобил и ги сокривале трагите од убиството. И толку! Без обвинителот барем да се обиде да објасни како и на кој начин ги сокривале трагите. Исто така, се споменува и заштитениот сведок, односно дека седел во кафеана, во друштвото, каде што наводно се договарало убиството.

Митровски објаснува дека го познавал Коруновски, но со него се среќавал само службено. Критичната вечер имале средба, но за тоа изготвил и доставил службена белешка, коментирајќи дека да имало вистина во обвинувањето оти прикривал траги, сигурно немало да остави писмен доказ. Објаснува дека за време на неговата работа не седел само во канцеларија, туку работел и на прибирање сознанија со кои криминалците биле предавани на обвинителството и судот.

– Иако се трудев да не зборувам за работењето во МВР поради доверливоста на информациите, сепак и пред судот морав да објаснам дека Орце Коруновски беше човек на ДБК. Мојот контакт со Коруновски беше поврзан со расчистување на убиствата на полицајците во Арачиново во 2000 година и обидот за атентат на претседателот Киро Глигоров. Работев на тие случаи, а за тоа знаеше и заменик министерот Драги Гроздановски, бидејќи од него добив посебна задача за тие случаи. Подоцна продолжив со Љубе Бошкоски, во време на воениот конфликт работев на откривање сторители на убиства, па сега се поставува прашањето дали во тој период сум дошол до некои сознанија за кои јас не знам, а некој кој е инволвиран се плаши и затоа ме сместува во овој случај за да не ми се слушне гласот. Времето ќе покаже зошто ми се прави оваа голема неправда, вели Митровски.

Нашиот соговорник сега се надева на ослободителна пресуда и на правда. И покрај тригодишната голгота, која сѐ уште не е завршена, тој вели дека не му е воопшто важно да бара материјално обесштетување, бидејќи слободата за него нема цена, туку ќе се задоволи кога сите оние кои учествувале во монтирањето на случајот ќе завршат со лисици на рацете.

За луѓето што се вмешани, а работат во МВР, во обвинителството и во судот, ми е драго што ја познаваат работата и знаат што следува, односно свесни се дека ќе одговараат. Затоа очекувам од оние во МВР самите да си ги стават лисиците на рацете, а оние од судот и обвинителството да ги замолат и нив да им ги стават. Убеден сум дека тој ден ќе дојде. Нудат безвредност, безморалност и бездушност, но нема да победат. Злосторниците за многу кратко време ќе одговараат за сите недела што ги направиле, заедно со фамилијарните креатори на кризата, истакнува Митровски.

МУ НУДЕЛЕ СЛОБОДА ДОКОЛКУ СВЕДОЧИ ПРОТИВ ЉУБЕ

За разлика од Митровски, кој речиси и да немал контакти со Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски бил во неговото блиско опкружување. Во МВР почнал да работи во 1991 година, а за време на двојното убиство му бил шеф на обезбедувањето на Бошкоски и самостоен инспектор во тајната полиција, сектор за оперативно изведување. Во моментот кога го апсат е на боледување, но работи во Центарот за известување и командување. И тој ја има „среќата“ како Гоце, да не го апсат дома, пред двете деца и сопругата, туку додека вежба, поради повреда на грбот, покрај кејот на Вардар.

Можеби е и очекувано што поради неговата блискост со Бошкоски, тој имал најмногу притисоци да го предаде, а да се спаси себеси. Но, Трајковски, кој доби затворска казна од осум и пол години, вели дека не подлегнал ниту на еден притисок или ветување. Истакнува дека ќе се бори до крај и дека ќе ја докаже вистината.

Трајковски за „Фокус“ споделува информации кои досега беа непознати за јавноста. Раскажува дека дури трипати бил убедуван или „добронамерно советуван“ да соработува со службите и да сведочи против Бошкоски, а на тој начин тој да си ја „заработи“ слободата.

– Еден месец пред да ме уапсат бев повикан на разговор во Управата за безбедност и контраразузнавање. Прво имав разговор со двајца високи полициски функционери, кои 1,5 час ме испрашуваа и тоа најмалку за убиството на Маријан Тушевски, туку разговаравме и за Љубчо Георгиевски, како и за наводни криминали на Љубе. Ме убедуваа да посочам некоја злоупотреба што ја направил Љубе, за да можат да го гонат. Уште тогаш им реков дека е чист, но тогаш им ја видов и намерата дека планираат да го апсат. Веднаш потоа бев повикан и на разговор кај четворица началници кој траеше повеќе од десет часа, односно ме земаа од работа во 8.30 часот, а ме пуштија во 19 часот, и тоа на истата тема, посочува Трајковски.

По исцрпниот разговор, Трајковски си продолжил со секојдневното темпо, но по еден месец му ставаат лисици на рацете.

Тогаш ја дава првата изјава пред истражната судијка, но вели дека на 19 септември барал дополнување, бидејќи првиот пат, затечен од ситуацијата, не успеал да се искаже. Дополнувањето на кое требало да присуствуваат и адвокатите на останатите осомничени било закажано за во 13 часот, но тој бил одведен порано.

Истражната судијка не беше задоволна од она што имав да го дополнам, бидејќи како што му соопшти по телефон на обвинителот, не им вршело работа за Љубе, па бараше од мене да кажам дека кога се случило убиството, јас и Бошкоски сме седеле заедно во едно од кафулињата кои се во близина и сме го гледале чинот или, пак, дека Љубе од комби го гледал убиството. Ми рече: „Кажи го ова и слободен си, вратата е таму. Зошто невин да лежиш в затвор“, се присетува Трајковски.

Тој не подлегнал ниту овојпат, туку вели дека ја кажал вистината. Последната понуда за трампа на решетките со слобода ја добил пред нецели два месеца, на 20 мај, кога в затвор го посетил човек од власта, со кого соработувале во минатото.

– И тој ме убедуваше да сведочам против Љубе, а за возврат ќе си ги скратам маките и набргу ќе излезам, односно ќе добијам четиригодишна затворска казна. Му реков, и денеска да ме апсат и да ми судат по новиот Закон за кривична постапка, според кој има можност да се спогодиш со обвинителот, и да ми понудат само еден ден затвор, а потоа да излезам на слобода, нема да прифатам, истакнува Трајковски.

Последната понуда да се сврти против Бошкоски на Трајковски му укажува дека власта била свесна оти нивниот монтиран предмет повторно ќе падне на Апелација и дека наскоро мора да се донесе ослободителна пресуда.

ТРЕТА МАЈКА ЗА СУДОТ

Според обвинението, Трајковски се товари дека ги распоредил инспекторите за набљудување и документирање на местото каде што се случило убиството, а потоа дека ги повлекол во база и им наредил да не зборуваат за настанот и да не пишуваат службени белешки. Тој вели дека како самостоен инспектор, но и како шеф на тогашното обезбедување на Бошкоски немал такви овластувања.

Исто така тој јавно ја прашува обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова, како е можно да тврди дека убиството го извршиле високостручни професионални платени убијци, а истите да се одлучат да го извршат на толку јавно и прометно место.

На местото на убиството има неколку кафулиња, кои во тоа време беа доста посетувани од полицајци и агенти, а во близина е и полициската станица Карпош. Самото тврдење е несериозно, а вакво сценарио нема ниту во криминалистичките филмови, вели Трајковски.

Тој тврди и дека Бошкоски не бил во блиски, ниту пак во добри односи, со Коруновски, за да му вети дека ќе го покрие злосторството.

-Баш во тој период, а и по убиството, излегуваше неделникот „Сведок“, на кој сопственик беше Коруновски, а во него постојано се пишуваше против Љубе и против мене, потсетува Трајковски.

Според него, скандалозно е и тоа што обвинението е засновано на изјави на двајца сведоци, од кои едниот е заштитен, а другиот е познат како „професионален“ сведок, односно сведочи каде што ќе затреба.

Трајковски искрено се надева дека на овој судски циркус наскоро ќе му дојде крајот, а со тоа ќе запре и голготата што ја преживува целото негово семејство.

Ваквите местенки не нѐ погодуваат само нас обвинетите, туку и нашите најблиски. Страдаат нашите деца, сопруги и родители. Затоа треба што поскоро да се дојде до вистината, а преку неа и до слободата, на што искрено се надевам и верувам уште од првиот ден, истакнува Трајковски.

И обвинетиот Сашко Јовановски е поранешен вработен во МВР. Тој е обвинет дека ги лоцирал двајцата починати и им јавил на извршителите. Ова го тврдел заштитениот сведок, кој, пак, муабетот наводно го слушнал од Коруновски, кој сега е починат. И покрај сведоците кои го потврдија неговото алиби дека за време и по извршувањето на убиството бил во друштво на девојка во некое кафуле, сепак тој беше осуден на казна затвор од седум години.

На доживотен затвор, пак, беа осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, а Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор. Овие српски државјани ниту еднаш не присуствуваа на судењата, бидејќи надлежните органи не успееја да ги пронајдат. Седум години затвор доби Ивица Ристиќ, а пет и пол години затвор доби пензионираниот припадник на МВР, Никола Негриевски.

Но, сега и овие казни не важат, бидејќи Апелација неодамна повторно ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. Засега не се познати причините, бидејќи одлуката сѐ уште се пишува, но, сепак, одбраната претпоставува дека второстепениот суд повторно ќе бара да се утврди фактичката состојба и да се докажат кривичните дела. Сѐ уште останува неизвесно и дали судијата Илија Трпков повторно ќе го води судењето, бидејќи по второто укинување Апелациониот суд може да наложи процесот да го води нов судски совет.

Обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова, пак, ќе биде ставена пред нови маки бидејќи по вторпат Апелација ѝ укажува дека обвиненијата треба да ги поткрепи со докази.

ЌЕ ДОЧЕКА ЛИ БОШКОСКИ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА?

Како во првата, така и во втората пресуда, обвинителката и првостепениот суд се задржаа на истата верзија за тоа како се случило убиството на 11 јули 2001 година. Имено, се наведуваше дека во 2000 година дошло до меѓусебни расправии и тепачки меѓу Маријан Тушевски и Орце Коруновски, поради бизнис-интересите за стопанисување со плеј-баровите и дискотеките во Скопје. Наредната година, според судот, Коруновски донел одлука да го убие Тушевски, за што наводно ги ангажирал Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ. Тие, пак, во државата влегле илегално, со помош на Ивица Ристиќ, а за превозот и сместувањето во стан се погрижил Вук Вукичевиќ. По еден месец, Коруновски го искористил личното пријателство со тогашниот министер за внатрешни работи Бошкоски, од кого побарал и добил согласност и однапред дадено ветување дека ќе му помогне во извршувањето на убиството со отстранување на пречките, а, исто така, и однапред му ветил дека ќе го прикрие кривичното дело. За оваа цел, пак, Љубе, наводно, го ангажирал Зоран Трајковски, кој на местото на убиството требало да постави неколкумина колеги кои ќе замижат при собирањето докази. Сашо Јовановски и Вукичевиќ, пак, беа обвинети бидејќи наводно им кажале на извршителите каде се жртвите, а подоцна им помогнале и да избегаат. Нарачателот Коруновски и Гоце Митровски, пак, по убиството се возеле и ги отстранувале трагите и поврзаноста на нарачателот со убиството?! Откако завршило сѐ, Ристиќ им помогнал на извршителите да заминат од државата. Со вакво образложение сите обвинети беа осудени на долгогодишен затвор, но токму ова сценарио не помина пред Апелациониот суд, кој го нарече нејасно и неразбирливо, а дури и отворено се посомнева дека е незаконско. Според овој суд, во случајот недостасуваат и докази што ќе го поткрепат сценариото на обвинителството. Јасно се наведува дека за некому да му се товари кривичното дело помагање, мора да се утврди неговата умисла, односно дека свесно помагал убиство, како и точно да се опише начинот на кој помогнал.

По второто паѓање на „Ровер“, се поверојатна е теоријата на Бошкоски за овој случај. Тој на завршните зборови истакна дека пресудата била договарана во кафеана и по телефон.

Имам докази за телефонски разговор во кој се посочуваат висините на казните, односно како пресметуваат колку би ни било доволно за да поминеме во ќелија. Знаеме и места во Скопје, поточно една кафеана каде што се договарале казните, не само за мене, туку и за другите обвинети. Во една таква ситуација, кога судската власт е нем послушник и извршител на наредбите на власта, ние имаме уништена правна држава“, рече Бошкоски од судница.

Можеби третото судење за Бошкоски и останатите ќе биде и трета среќа. Или, како што вели поранешниот инспектор Митровски:

Правдата е бавна ама стигнува. Крајот секако ќе биде со ослободителна пресуда, само прашање е колку од животот ќе ми биде уништен и неповратно одземен, полн со страдање и болка“.

Поврзани новости