(АРХИВА) За 3 месеци биле оперирани 31 пациент, а починале дури 14 од нив – зголемена ли е смртноста на Кардиохирургија!?

by Fokus

Текстот е објавен на 21 мај, 2024 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1494

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред десетина години, Државна кардиохирургија во Македонија постоеше само во изборните програми на речиси сите партии што претендираа да се преселат на Илинденска. Долг период, овој проект фигурираше на хартија, а веќе во 2015 година официјално се отвори и првата државна кардиохирургија во земјата.

Само две години пред да ја изгубат од власта, тогашниот премиер Никола Груевски и екс министерот за здравство, Никола Тодоров, ги отворија вратите на оваа клиника, која низ годините почна успешно да ја гради својата приказна.

Просторот на Клиниката за државна кардиохирургија е во склоп на скопска Кардиологија. Целиот објект е на површина од околу 750 квадратни метри, а вкупната инвестиција е околу 140 милиони денари.

Во тој период, лекарскиот тим го предводеше кардиохирургот Сашко Јовев, кој за време на министерувањето на Венко Филипче од редовите на СДСМ беше поставен и за директор на клиниката.

Веќе во 2020 година беше направена и првата трансплантација на срце, во која беше вклучен цел тим на лекари, а тоа беше и еден од поголемите успеси во јавното здравство. Со денови тоа беше главна тема во државата, а на тој начин беа спасени неколку човечки животи.

Сепак, како што поминуваше времето, така политиката вмеша прсти и пак ја одигра својата улога. Очигледно, не беа во прашање лоши менаџерски способности, туку суета и партиска неподобност.

Лани, во јуни, на цели 40 степени работите на клиниката дополнително се вжештија, откако тогашниот министер за здравство, Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари донесе одлука од функцијата директор да биде разрешен кардиохирургот Јовев.

Иако на нозе се крена дел од медицинскиот персонал и повеќето пациенти што биле оперирани од кардиохирургот, сепак, политичката одлука беше донесена, па така по кратка постапка ја решија директорската кариера на Јовев. И денеска никој не ја знае заднината – зошто тоа се случи?

За кратко време, на директорското столче седна доктор Марјан Шокаровски, кој, исто така, доаѓа од клиниката, со која веќе управува повеќе од една година.

Но, работите на Кардиохирургија продолжија со уште повжештен интензитет, па по одреден период дојде и до тепачка меѓу актуелниот и поранешниот директор, за што проструи и видео по социјалните медиуми.

И двајцата, случаите ги пријавија во полиција и оттогаш како да дојде до некое затишје. Но, очигледно станувало збор за затишје пред бура.

„Фокус“ веќе подолг период ги истражува случувањата на скопска Кардиохирургија, па редно време е да споделиме со јавноста – што всушност се случува таму?

КОМИСИЈА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЈА ИСПИТУВА СМРТНОСТА

Веќе подолг период на клиниката, која функционира речиси една деценија, владее тензична атмосфера, вработените се поделени, а меѓучовечките односи нарушени.

Ситуацијата експресно екалираше откако кардиохирургот Јовев беше избркан од работа, за што ниту се знаеше, а и ниту се слушна во јавноста. Тој, со месеци, помина надвор од клиниката, додека неговата судбина наголемо се решаваше.

Инаку, за неговото разрешување од директорската позиција, тогашниот министер Меџити даде образложение дека станувало збор за злоупотреба на работното време, поточно кардиохирургот дежурал и кога не бил на работа. Демек, тоа е главната причина.

Мораме, ако сакаме да имаме силна држава, да имаме силно здравство. Во стручноста на професорот Јовев, не навлегувам, ова е менаџирање на клиниката.

Тука стануваше збор за злоупотреба на работното време и внатре во менаџирањето. Има извештај за тоа зошто е разрешен. Немаме луксуз за такво нешто. Нема да дозволиме такви директори – тврдеше пред една година Меџити.

Сепак, како што поминуваше времето, така сѐ повеќе се одмотуваше клопчето, па се исплетоа бројни приказни околу разрешувањето на тогашниот кардиохирург, кој го предводеше тимот за првата трансплантација на срце.

Иако на почетокот жестоко и јавно се бореше, сепак на крај крена раце и никогаш повеќе со јавноста не сподели ниту една информација. Во еден случаен разговор дознавме дека Јовев веќе неколку месеци не е на клиниката.

Факт е дека меѓу двајцата ривали цело време постоеше напната и тензична атмосфера, но, сепак, никој не беше информиран дека тој е избркан од работа.

Во меѓувреме, од ресорното Министерство проструи и информацијата дека министерот Илир Демири, кој седна на министерското столче пред три месеци со формирањето на техничката влада, а кој доаѓа од крилото на Зијадин Села, решил да се позанимава со проблемите на Кардиохирургија. Неговата цел е, како што вели, да добие вистинска слика за случувањата на државна Кардиохирургија.

Јовев, цели шест месеци бил без работа, со што второстепена владина комисија носи одлука да се врати назад на работното место, но актуелниот директор Шокаровски тоа не го почитува и повторно не го враќа на работа. На крај, актуелниот министер вмеша прсти и со декрет го врати.

Па така, пред околу еден месец е формирана Комисија за вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за здравство, која како прва точка го има бркањето од работа на Јовев и дали е запазена процедурата, а како втора точка ја испитува смртноста на пациентите, со оглед на тоа дека кружи информација во јавноста дека е зголемен бројот на пациенти што починале на клиниката.

Целата работа се држи во голема тајност, но, како што дознаваме, актуелниот министер решил да ја истера работата до крај.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, Комисијата има седум члена, меѓу кои двајца познати торакални хирурзи, чиј идентитет решивме да не го објавуваме во јавност, за да не им се врши поголем притисок. Исто така, дел од комисијата се и луѓе од разни области, како правник, член од Мој термин…

Нашите информации се дека отприлика за една недела целосниот извештај треба да се најде на маса кај министерот Демири. Тогаш, во зависност од информациите што ги содржи извештајот, ќе се процени како ќе се одвива состојбата понатаму.

И покрај тоа што како прва точка Комисијата го има испитувањето на тоа дали е запазена целата процедура за отказот на кардиохирургот Јовев, многу пострашно во целата приказна се бројките што ќе излезат за смртноста на пациентите на клиниката. Дали таа бројка навистина е зголемена и за колку проценти?

ОД 31 ОПЕРИРАН, ПОЧИНАЛЕ ДУРИ 14 ПАЦИЕНТИ

Сепак, да се навратиме на најгорливиот проблем – а тоа дали е зголемена смртноста, и ако е, за колку проценти и кои се причините за тоа? „Фокус“ дојде до документи од системот „Мој термин“, кои за неколку месеци ја покажуваат смртноста на скопската Клиника за кардиохирургија.

Според документите со кои располагаме, тие се однесуваат на месеците јуни, август и октомври 2023 година. Исто така, во документите се наведени и податоците на пациентите што се оперирани во тој период, од што се оперирани, како и колку од нив починале.

Дури располагаме и со имињата на починатите пациенти во тој период, чиј идентитет нема да го откриваме, за да не правиме дополнителни стресови на семејствата. Но, само во рок од 3 месеци, од вкупно оперирани 31 пациент, починале дури 14 пациенти, што е страшна бројка.

Во документите е наведено дека во јули лани се оперирани 12 пациенти, во август за еден помалку, или оперирани се 11 пациенти, додека во октомври се оперирани само 8 пациенти.

Од тие оперирани 12 оперирани починале дури 6 пациенти, додека пак од 11-те оперирани починале исто така 6, што само за овие 2 месеци смртноста е зголемена за 50 отсто“, се наведува во документите што ги поседуваме.

Исто така, во документите е наведено дека од 6 вградени механички срца, дури 5 од пациентите починале. Механичкото срце, всушност, е уред кој се вградува во постоечкото срце на пациентот, додека да се најде срце за трансплантација.

Тоа му помага на пациентот да ја надмине срцевата слабост и да може да ги врати нормалните функции. Само едно механичко срце ја чини државата околу 125.000 евра.

Тоа е само дел од документацијата, но, сепак, официјалните податоци за ова треба да ги каже и формираната Комисија од МЗ, која ги проверува и овие информации.

„Фокус“ стапи во контакт и со актуелниот директор на скопска Кардиохирургија за да го прашаме – колку време веќе формираната Комисија од МЗ ги испитува случувањата на клиниката, дали и колку е зголемена смртноста и кои се причините, како и тоа што се случува со кардиохирургот Јовев, дали работи? Мора да признаеме дека одговор  добивме експресно.

Јас навистина не знам од каде ви се овие дезинформации околу зголемена смртност, тоа никако не кореспондира со фактичката состојба, напротив клиниката има зголемен обем на работа за 30 отсто и намалена смртност со зголемен квалитет на лечење, исчистени листи на чекање и задоволни пациенти – истакна Шокаровски.

Но, кога го прашавме зошто е формирана Комисијата, тој одговори дека тоа е поради клеветење од минатиот раководител.

За повеќе информации може да се обратите официјално до Министерството за здравство. Сѐ друго е во доменот на рекла – казала. Официјален извештај уште нема. Кога ќе има тогаш ќе го коментираме – ни одговори Шокаровски.

Институтот за јавно здравје е институција под капа на Министерството за здравство, каде што се слеваат сите податоци од сите јавни здравствени установи, колку пациенти се лекувале, од што биле оперирани, како и бројките на смртноста.

Сепак, од ИЈЗ за „Фокус“ потврдија дека од 2020 година досега официјални податоци за смртноста на пациенти на Кардиохирургија воопшто не се доставени, со што тие моментално не располагаат со ваквите информации.

Се обративме и до Државниот завод за статистика, каде што немаат статистички податоци на смртност во болниците, туку единствено располагаат со бројки на лекувани пациенти од кардиоваскуларни заболувања и колку од нив починале. Но, сепак, тоа се однесува на сите клиники и болници во внатрешноста на земјата.

„Фокус“ поразговара и со дел од вработените на Клиниката за кардиохирургија, кои едвај зборуваат на овие теми.

– Факт е дека последната година и пол нема никаква атмосфера за работа, сѐ е напнато, се случија еден куп проблеми. Повеќето од медицинскиот персонал се уплашени и не смеат да комуницираат. Знаеме дека има формирана Комисија, која испитува, дали и колку е зголемена смртноста на пациентите, па ќе оставиме тие да го достават извештајот – тврдат дел од нив.

РАМКА 1

ДИРЕКТОРОТ Е БРАТ НА ЕКСПРАТЕНИК ОД ВМРО-ДПМНЕ

Пред речиси една година, од функцијата директор на скопска Кардиохирургија беше разрешен доктор Јовев, за кој во јавноста се крена голема врева, како од тимот со кој работи години со него, така и од повеќето пациенти, кои, како што тврдеа, им го спасил животот.

Па така, по неколку недели објаснувања, натегања и докажувања, министерот Меџити си остана на своето и не ја промени одлуката да го врати разрешениот кардиохирург на директорската позиција.

Во меѓувреме, таман целата атмосфера малку спласна, од министерството за здравство стигна официјален допис дека за нов директор се назначува кардиохирургот Шокаровски од Охрид, како и плејада пофалби упатени на негова адреса.

Сепак, ако малку се прочепка кој е новиот директор на скопска Кардиохирургија, тогаш се доаѓа до информации дека е брат на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски.

Тој, исто така, беше и член на Извршниот одбор на Лекарската комора, во времето кога со неа управуваше нефрологот Кочо Чакаларовски, а негов заменик беше Ленче Неловска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која се кандидираше за претседател на ЛК, но изгуби од доктор Калина Старделова- Гривчева, а беше и главен подржувач на протестите за „За заедничка Македонија“.

Со оглед на тоа што знаеме дека сите директори се поставуваат по партиска линија, баш изненади моментот дека Шокаровски добива директорска позиција во време на СДСМ или, пак, како што тврдат дел од луѓето со кои поразговаравме, ниту тој, а ниту неговиот брат во моментот имаат некаква врска со ВМРО-ДПМНЕ, туку дека баш напротив во последните години, актуелниот директор е поблизок со сдсмовците.

РАМКА 2

ШЕСТ СТАНА, АВТОМОБИЛИ, ЗЕМЈИШТЕ, ДЕЛОВНИ ПРОСТОРИИ

„Фокус“ ја провери и имотната состојба на актуелниот директор на скопска Кардиохирургија, која што може да се најде на официјалната страница на Антикорупциска комисија.

Според наведеното во анкетниот лист, може да се забележи дека Шокаровски поседува доста недвижен имот, од кој поголемиот дел се наоѓа во Охрид, и тоа лично на негово име.

Податоците од анкетниот лист покажуваат дека Шокаровски поседува дури шест станови во Охрид, од кои два се од по 100 и 125 метри квадратни метри, додека останатите четири стана се движат со квадратура од 20 до 53 квадратни метри.

Но, тоа не е сѐ. Тој, како негов личен имот поседува и градежно изградено земјиште од 288 квадратни метри во Скопје, како и гаража и помали помошни простории во Охрид и Скопје со помала квадратура.

Актуелниот директор на скопска Кардиохирургија, како што е наведено во имотниот лист, на свое лично име и два автомобили, од кои БМВ 318 од 2023 година, вредно околу 2 милиони денари. Исто така, наведени се и два поголеми кредити.

Поврзани новости