(АРХИВА) Возиме дизели без филтри, кои во Европа се отпад: Од половина милион возила со просечна старост од 20 години, само 3 проценти не загадуваат!

by Fokus

Над 90 отсто од отровните прашини во воздухот ги емитираат оџаците на домаќинствата, а само десет отсто се од возилата. Издувните гасови од автомобилите, пак, учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди. Сепак, увозот на возила, кои во Европа се отпад, а кај нас луксуз, се зголемува од година во година.

Во земјава годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година имало околу 500.600 возила, од кои 55 проценти на дизел, 43 проценти на бензин, а само 3 проценти користеле алтернативно гориво. 

Текстот е објавен на 16 јануари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.528.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Во земјава годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година имало околу 500.600 возила, од кои 55 проценти на дизел, 43 проценти на бензин, а само 3 проценти користеле алтернативно гориво.

Просечна старост на патничките возила е над 19,5 години, а за транспортните возила е нешто над 18,8 години, велат податоците од Министерството за економија и труд.

Тоа значи дека во земјава има над пола милион возила, од кои само три проценти не загадуваат и сѐ додека не се намали бројот на возила и увозот на стари автомобили од странство, нема да се реши еден од проблемите со загадувањето, тврди експертската јавност.

И потрошувачката на дизел горивото во Македонија од 2012 година наваму бележи зголемување, односно една година по одлуката на тогашната влада да се дозволи увоз на половни автомобили од земјите на ЕУ со Еуро2 и Еуро3, а подоцна и со Еуро4 стандард.

Дизелот е главен виновник за загадувањето на воздухот со азотни оксиди и тоа го потврди една студија на МАНУ.

Според студијата изработена од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, над 90 отсто од отровните прашини во воздухот ги емитираат оџаците на домаќинствата, а само десет отсто се од возилата. Издувните гасови од автомобилите, пак, учествуваат со 60 отсто во загадувањето на воздухот со азотни оксиди.

Според еден од изработувачите на студиите на МАНУ, Александар Дединец, краткорочни решенија не постојат, а важно е да се дејствува во сите сектори истовремено за да се постигнат резултати.

За возилата предлагаме да плаќаат различна сума за регистрирање, или да се оданочуваат различно при увоз, а основа да биде податокот колку возилото емитира јаглероден диоксид“, вели Дединец.

Во земјите на ЕУ, една четвртина од стакленичките гасови се резултат на емисиите од транспортот. Во Македонија, тој процент е помал, околу десет отсто, но постојано расте. Тоа е резултат на фактот што во периодот од 2012 до 2015 година, 77 отсто од возилата што биле купени, биле дизел.

УВОЗ НА ЕВРОПСКИ „КРШ“

Сѐ почна со масовниот увоз на старите автомобили во 2010 година. Додека во 2008 година имало регистрирано дури 25.000 патнички автомобили, стари до две години, во 2021 година, статистиката брои само 7.000 патнички автомобили стари до две години.

Во истата 2008 година, по македонските патишта сообраќале 176.000 автомобили постари од 10 години. Во 2021 година, бројот на вакви возила е зголемен на 424 илјади. Од секои десет возила, само едно е старо под 10 години.

Преполната државна каса од наплата на акциза од гориво беше причина политичарите на власт да не преземаат ништо, а новонастанатата ситуација, освен на граѓаните што почнаа да возат автомобили кои „баба ги возела“, им одговараше и на нафтените компании, чија потрошувачка на дизел гориво нагло се зголеми.

Иако генерално земено, транспортот не е доминантен загадувач со цврсти честички, кога се зборува за цврстите честички – ПМ10 и ПМ2,5 исфрлени од ауспусите, главните загадувачи се старите дизел возила.

Проблемот со дизел возилата е уште поголем, поради интервенциите за да се избегне вградување многу скап дел, кој во европските земји се смета за потрошен материјал.

Според она што може да се прочита на социјалните мрежи и на некои форуми, филтрите за дизел честички (ДПФ) во огромен број од главно постарите дизел автомобили, но и некои понови, се вадат кога ќе станат нефункционални и ја попречуваат работата на моторот, а потоа проблемот со фабричкиот софтвер на автомобилот се решава за малку пари. Вградување нов ДПФ може да чини кај некои автомобили и до 5.000 евра.

Затоа граѓаните прибегнуваат кон многу поевтино решение – вадење на филтерот и потоа софтверско нагодување за компјутерот на возилото „да не прави проблеми“.

Но, таквите автомобили загадуваат многу – еден автомобил без ДПФ, иако носи фабрички стандард Еуро 4, загадува колку возило со стандард Еуро 1 или возило што воопшто нема Еуро класа, велат наши извори од техничките прегледи.

ДПФ-филтрите може да траат обично околу 150.000 или двесте илјади километри. Нов филтер ДПФ чини околу 500 евра за нормални автомобили, без вградување, односно преку 1.000 евра за луксузни.

Честопати се случува истото и со катализаторите, кои се исто така скапи, а треба да се менуваат на определена километража од околу 100.000 км.

Кога во автосервисот ќе му кажат на возачот дека катализаторот чини од 500 до 800 евра, тој вели извадете го и продолжува да вози и покрај високата бучава што ја создава заменската цевка што ќе глуми „катализатор“.

ВОЗИМЕ „ПОЛНОЛЕТНИ“ АВТОМОБИЛИ

Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) го претстави извештајот насловен „Возила на европските патишта“, кој дава преглед на тоа како се развива возниот парк на европските патишта.

Последното издание на извештајот „Возила на европските патишта“, кој го издава Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), покажа дека сега има околу 290 милиони возила на патиштата во ЕУ и дека просечната старост на сите видови возила продолжува да расте. Автомобилите во ЕУ сега се стари 12,3 години во просек.

Во некои земји, автомобилите можат да бидат стари и до 17 години, како што е случајот во Грција (во просек 17,3 години) и Естонија (16,6 години). Најновите автомобили ги возат во Луксембург (7,9 години), и во Данска и во Австрија (8,9 години). Што се однесува до Хрватска, според податоците на ACEA, просечното возило е старо 13,3 години.

На македонските патишта се возат стари возила, чија просечна возраст се зголемува од година во година.

Најзагрижувачка е состојбата кај регистрираните автомобили и автобуси, чија просечна старост за 2022 година се искачила на 19,5 години, според податоците од Државниот завод за статистика.

Во Македонија има околу 480.000 автомобили со просечна старост од 19,5 години. Околу 57 проценти од нив возат на дизел, а само 0,03 се електрични.

Улиците и тротоарите навидум се преполни од возила, но, сепак, сме под просекот од Европа, каде што еден автомобил е на двајца жители, додека кај нас еден на четворица.

Новите возила станаа луксуз за граѓаните, односно привилегија за функционерите и државните институции и затоа се одлучуваат да купат постари возила, кои спаѓаат во луксузна категорија, но се големи загадувачи.

Најголема причина за ова, според експертите, е што државата не го субвенционира купувањето на ново возило со еколошко гориво како во многу земји, па граѓаните се одлучуваат да купуваат извозени и истрошени возила со просечна старост од 10 години и со многу опрема за која се плаќа висока царина.

КОЗМЕТИЧКИ ИЗМЕНИ ЗА УВОЗ

Иако се најавува во последните две години, ниту претходната, ниту оваа власт не изразиле намера да ги заострат мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани импортирањето на оние возила кои се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите.

Големите политички партии, пак, само декларативно се залагаат за намалување на штетните емисии од издувни гасови на старите возила.

Србија лани го забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии на издувни гасови, а идентичната мерка веќе ја спроведоа Албанија и Србија.

Црна Гора најавува дека ќе спроведе идентична мерка – забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди кои се произведени пред 2009 година. Поради тоа, постои ризик во Македонија да завршат постарите возила од соседните земји преку каналите на продажба на дилерите.

Последната измена што владата ја направи беше во октомври 2023 година, кога беа усвоени измените на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила.

Повисоките даноци при увозот владата одлучи да важат за луксузните возила, како и за оние постари возила што повеќе го загадуваат воздухот.

Образложението беше дека зголемените давачки за увоз на дел од возилата во земјава се во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови, како и усогласување со најновите ЕУ стандарди.

„Со пропишување на оваа метода, донесена во консултација и со стопанските комори во земјата, се овозможува новите патнички моторни возила да бидат соодветно оданочени, и тоа согласно вредностите на просечната емисија на CO² изразени во потврдата за сообразност за ЕУ одобрување на возилото (Certificate of conformity-COC) според WLTP методата.

Со примена на пропишаните коефициенти за пресметка на специфичната компонента за CO² на данокот на моторни возила, се предвидува зајакнато оданочување со данокот на моторни возила на најголемите загадувачи, а кои спаѓаат во категоријата на луксузни патнички возила или многу стари возила кои се најмалку еколошки од аспект на загадување на животната средина“, истакнаа од Владата.

Согласно податоците со кои располага Царинската управа за увоз на патнички автомобили во земјава, велат од Владата, новата Уредба нема негативно финансиско влијание кај купувачите на нови возила, освен за оние возила кои спаѓаат во категоријата на луксузни или т.н. премиум возила.

Напротив, како што се додава, се очекуваше новата Уредба да изврши надолен притисок врз продажните цени на новите возила од ниска или средна класа што сепак не се случи.

РЕКОРДЕН УВОЗ НА НОВИ ВОЗИЛА

Мерката се донесе да се поттикнат граѓаните и компаниите да инвестираат во набавка на возила што исполнуваат повисоки еколошки стандарди, без оглед дали станува збор за набавка на нови или половни возила, и со тоа придонес кон декарбонизација на транспортот во земјата и намалување на загадувањето на воздухот.

Мерката на владата од 2023 година ги поттикна граѓаните да набават нови возила, но ги поттикна и да си купат поевтини луксузни возила од категориите СУВ и лимузина.

Продажбата на возила во Македонија лани достигнала рекордни бројки во делот на нови автомобили, камиони и автобуси, а голем раст е забележан и кај увозот на половни возила.

Според податоците од Царинската управа, во текот на 2024 година, заклучно со 31 декември се увезени 54.651 автомобили, од кои 13.168 се нови, а 41.483 се половни.

Споредено со податоците од минатите години, лани увозот на нови возила достигнал бројки кои не се регистрирани никогаш претходно од 2009 година. Ова првенствено се должи на набавката на нови автомобили. За првпат од 2009 година кога биле увезени 10.574 нови автомобили е надмината бариерата од 10.000 возила.

Тоа претставува сериозен раст во споредба со 2023 година, кога биле увезени вкупно 43.212 автомобили, од кои 9.999 нови и 33.213 половни. Растот е забележителен и кај новите возила, речиси за 30 отсто, но и кај половните возила за нешто над 25 проценти.

Во 2022 година биле увезени 8.790 нови автомобили и 23.381 половен патнички автомобил, што е огромно процентуално зголемување на увозот, и покрај тоа што македонските граѓани немаат никакви субвенции од државата за купување на нови, било да се бензинци, дизели или електрични возила, наспроти стари возила кои се поголеми загадувачи на животната средина.

Најлоша е состојбата со возниот парк кај автобусите, каде што во 2024 година се увезени само 46 нови автобуси и дури 258, кои биле импортирани како стари.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на регистрирани возила во 2022 година изнесувал 569.871, од кои над 483.000 се патнички автомобили со македонски регистарски таблички.

Притоа, во 2022 година Скопје ја надминал бројката од 200.000 возила на улиците според бројот на издадени регистарски таблички.

ЗАГАДУВАЊЕТО ЌЕ СЕ НАМАЛУВА СО КАР-ШЕРИНГ

Загадениот воздух во Скопје ќе се намалува со проект за споделување и изнајмување електрични возила.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска и министерот за животна средина, Изет Меџити, во понеделникот потпишаа писмо со намери со словенечката компанија „Авант кар“, која треба да го реализира првиот проект за 100 отсто електричен кар-шеринг во Скопје.

Преку овој проект, граѓаните во главниот град на Македонија ќе имаат пристап до модерен, економичен и еколошки транспорт, кој е дизајниран да го намали сообраќајниот метеж, загадувањето и зависноста од фосилни горива, се наведува во заедничкото соопштение од настанот.

„Денес го поставуваме Скопје на мапата на модерните градови, кои не само што зборуваат за одржливост, туку и преземаат храбри чекори кон неа. Гужвите, загадувањето и зависноста од фосилни горива не се нешта со кои треба да се помириме”, изјави министерката Божиновска.

Систем за споделување автомобили со 100 отсто електрични возила на брендот „Avant2Go“ веќе функционира во Словенија, Хрватска и Австрија.

„Целта е на овој начин директно да влијаеме и да ги намалуваме емисиите на CO2 и загадувањето, што е наш приоритет како Министерство. Граѓаните ќе имаат можност за поекономичен транспорт, без компромиси за животната средина“, рече министерот Меџити.

Реализацијата на проектот е предвидена да почне со обезбедување јавни и приватни паркинг-простори и поставување соодветна инфраструктура за полнење во неколку скопски општини.

Поврзани новости