(АРХИВА) Војна меѓу Иран и Израел ќе и даде одврзани раце на Русија во Украина!

by Фокус

Текстот е објавен на 18 април 2024 година во неделникот Фокус со број 1.489.

Калкулираниот ирански напад дава сериозна надеж за некаков разум во безбедносно најневралгичното географско подрачје во светот. Сега сите очи се вперени во Израел, бидејќи од интензитетот на нивниот одговор, јасно ќе се види дали некој навистина сака голема регионална војна. Израел можеби не е егзистенцијално загрозен од Иран, но ако сака да ја заострува ситуацијата, сигурно ќе претрпи некаква штета.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Иран го нападна Израел со дронови и крстосувачки ракети во првиот директен судир меѓу овие две држави во нивната современа историја.

Иако ефектите од нападите беа речиси никакви, самиот чин го потресе целиот свет и создаде голем страв од повеќе од сигурниот одговор на Израел и евентуално проширување на конфликтот.

Во период кога активна војна од големи размери имаме во Европа, бројни активни судири во Африка и неколку потенцијални конфликти во Латинска и Средна Америка, на светот најмалку му е потребно вакво сценарио.

Сепак, да сме искрени, барем моментално, конфликтот на Блискиот Исток е далеку од фазата кога би излегол од контрола.

ПАРАДА ИЛИ ОДЛУЧНИ НАМЕРИ

Гледано од воено-технички аспект, Иран, всушност, лансираше оружја за кои со стоотстотна сигурност знаеше дека нема да ја завршат работата.

Притисокот од домашната јавност да се бара одмазда за неодамнешниот израелски ракетен напад на иранскиот конзулат во Сирија, веројатно беше пресуден да се изнајде решение што ќе ја анимира јавноста, а нема да изроди некаква поголема опасност за земјата.

И затоа веројатно се лансираа (и тоа со претходна најава) неколку стотици бавни дронови со однапред предвидена траекторија, кои станаа лесна мета на израелските и американските ловечки авиони во регионот уште пред да стигнат до целта.

Да, точно е дека неколку ракети успеаја да ја пробијат одбраната на една израелска воена база, но нема потврда дека тоа биле оружја со хиперсонични карактеристики, ниту, пак, дека масакрирале цело едно одделение на оперативци од Мосад, како што тврди иранската пропаганда.

Сега Израел ќе одговори веројатно со сличен или малку посилен интензитет, но нормално согласно препораките на САД, да не се таргетира иранската нафтена индустрија со што вештачки би се подигнале цените на нафтата.

Всушност, токму затоа и никому во моментов не му одговара голема војна на Блискиот Исток, бидејќи тоа од една страна би било тактички пораз за Американците, од аспект дека би било буст за руската економија, бидејќи цените на нафтата и природниот гас ќе се удвостручат.

Од друга страна, пак, би било буст и за руската армија, која тотално ќе добие одврзани раце и чист терен во Украина, која ќе остане надвор од секакво меѓународно внимание и помош.

На Иран нормално не му одговара голема војна, бидејќи се свесни дека не можат да добијат, а и да ја добијат, нема нешто што посебно да достигнат.

Нивната стратегија веќе 45 година е константна. Да се биде фактор во регионот преку финансирање разни воени милиции во повеќе држави, но никогаш да не се премине црвената линија, која би ја загрозила матичната држава.

Токму затоа и со резерва треба да се земаат популистичките најави дека Техеран ќе направи којзнае што ако биде директно нападнат од Израел. Нивниот прагматизам е прочуен уште од антички времиња и не е случајно што се една од најстарите континуирани држави во светот.

ШТО РЕАЛНО МОЖЕ ДА НАПРАВИ?

Без разлика на фактот што Израел има само 1 отсто население споредено со непријателите што го опкружуваат, нивната армија и генерално стилот на одбраната е доведен до совршенство.

Така што за да се порази овој најголем непријател во арапската историја, неопходен ќе биде комбиниран напад од сите страни истовремено.

Многумина барем вака на прва гледаат токму во Техеран потенцијална лидерска улога, која би можела да ги обедини Арапите и муслиманите во оваа света цел.

Но, тука постои еден проблем. Прво Иранците воопшто не се Арапи, а и нивната припадност на муслиманскиот свет е оспорувана бидејќи тие се во делот на шиитските муслимани. Многу различни од Сунитите, кои доминантно живеат во и околу Израел.

Без разлика на тоа, Иран докажа дека знае да одржува добри односи и со сунитските милитантни групи, па дури и да ги убеди да го следат. Но, дали тоа може да го направи и со цели држави, како Либан, Јордан, Египет и слично, кои би биле неопходни за да се порази Израел. Тоа секако времето ќе покаже, но логично гледано, тоа ќе биде мошне тешко да се изведе.

Сепак, на Арапите им треба нивната силна држава, како што беше сириско-египетската федерација, која природно ги инкорпорира сите потребни ресурси за борба со официјален Тел Авив, а со тоа и со официјален Вашингтон.

Сепак, Иран, ако биде присилен, и тоа како може да му направи некаква штета на Израел. Да не заборавиме дека нивното влијание во разнишаната Сирија е огромно и можат да ја искористат како база за какви било напади.

Односите со Хезболах (најсериозната антиизраелска воена група во моментов) исто така им се на коректно ниво кое би било доволно за некакви поголеми заедно тактички операции. Па, дури и во поглед на воздушните напади, Иран дефинитивно може да направи многу повеќе отколку во првиот пробен напад.

Прочуената израелска „железна купола“, како што популарно се нарекува комбинираната воздушна одбрана на Тел Авив и Ерусалим не е непробојна. Тоа Палестинците со многу помали ресурси од Иран го докажаа неодамна.

Значи секоја бројка над 1.000 лансирани крстосувачки, а особено балистички ракети лансирани наеднаш, сигурно паѓа над двата израелски главни градови.

Оттука, Израел можеби не е егзистенцијално загрозен од Иран, но ако сака да ја заострува ситуацијата, сигурно ќе претрпи некаква штета.

 

БАУКОТ НА НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕ ДЕМНЕ НАД РЕГИОНОТ

Останува уште да одговориме што Израел теоретски би можел да му наштети на Иран. Знаеме дека во минатото многупати се изведувани воздушни удари директно на иранската воена индустрија, која се наоѓа на територијата на Иран.

Знаеме и дека Израел е неофицијалната осма нуклеарна сила во светот со техничка можност да погоди со нуклеарна глава која било држава во регионот.

Тоа теоретски значи дека Израел во крајна инстанца би можел да му направи многу поголема штета на Иран отколку обратно.

Но, дури во тоа сценарио, кое Иран сигурно би го преживеал (поради големината на територијата и спремноста на државата за вакви ситуации), муслиманите би можеле конечно да се обединет и да му го зададат конечниот заеднички удар на Тел Авив и ционизмот како идеологија.

Сепак, без разлика што српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна повторно нѐ плашеше дека за три месеци светот ќе се врати во 1945 година (веројатно мислеше на нестабилноста), малку е веројатно дека судирите на Блискиот Исток ќе одат до тоа ниво.

Поврзани новости