Текстот е објавен на 15 февруари 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1219
Во рамки на изминатава владина реконструкција, нов министер за култура стана Хисни Исмаили, како кадар од редовите на Алтернатива на Африм Гаши, која се формираше по расколот што се случи во БЕСА. Од крилото на БЕСА што ја формираше оваа партија беше и претходниот министер Асаф Адеми. За време на неговиот мандат, како што тогаш пишуваше Фокус, невладини здруженија и физички лица кои директно или посредно може да се поврзат со таборот на Гаши добиле државни пари преку годишната програма за проекти од областа на културата.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Распределбата на буџетски пари преку годинашната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата ја скандализираше јавноста, од причина што голем дел од парите завршија кај нови и анонимни субјекти, додека истовремено беа укинати средствата за бројни традиционални фестивали и манифестации. Арно ама, оваа распределба на јавни средства станува уште поконтроверзна и сомнителна кога ќе се земат предвид информациите дека дел од парите доделени преку министерството раководено од Асаф Адеми од БЕСА ги добиле невладини организации и физички лица кои можат да се поврзат со партијата.
Според податоците што ги обезбеди и потврди „Фокус“, меѓу грантистите на конкурсите во областа на културата може да се сретнат граѓански здруженија чии сегашни или поранешни управители биле дел до органите на БЕСА, или, пак, се јавуваат како донатори на партијата. Но, јавни пари добиле и двајца функционери на БЕСА, од кои едниот беше кандидат за градоначалник од редовите на оваа партија, исто како и актуелниот министер за култура Адеми. Заеднички именител за сите нив е тоа што во рамките на внатрепартискиот конфликт ја зазедоа страната која подоцна за нов лидер го избра Африм Гаши и се пресели од опозиција во власта.
КУЛТУРЕН ГРАНТИСТ И ПАРТИСКИ ДОНАТОР
Од официјалните податоци што ги објави Министерството за култура може да се констатира дека еден од добитниците на средства во категоријата за издавачка дејност и литература е културното здружение „Визиони М“, кое добило средства за три проекти во вкупна вредност од 350.000 денари. Притоа, еден од проектите се однесува за делото насловено „Не се откажувај“, за кое здружението барало 153.000 денари, но надлежната комисија во ресорното министерство му одобрила 50.000 денари. Понатаму, невладината организација побарала над еден милион денари за друг проект под наслов „Клуб на читање – Куманово“, меѓутоа и биле одобрени 100.000 денари.
Исто така, „Визиони М“, преку неговата подружница „МКШ Принт“, побарало 4.632.000 денари за издавање 12 броја на списанието „Шења“, ама и биле одобрени 200.000 денари. За потсетување, културното здружение речиси истовремено бараше и државни субвенции за „Шења“ во рамки на проектот за поддршка на печатените медиуми, меѓутоа владата го одби неговото барање поради тоа што не ги исполнило критериумите. Колку за информација, ова списание своевремено го уредуваше Гаши, кој по формирањето на БЕСА стана генерален секретар на партијата, а после внатрепартискиот раскол што настана по локалните избори во 2017 година стана лидер на една од двете фракции на поделената партија.
Според податоците од Централниот регистар, здружението е регистрирано во 2004 година со седиште во Скопје со основна дејност за издавање списанија и периодични публикации. Моментално, овластено лице е Исмаил Бериша со адреса на живеење во скопски Бутел, чие име, патем речено, се наоѓа и на листата на донатори на БЕСА во изборната кампања за предвремените парламентарни избори на крајот во 2016 година, кои беа први избори на кои учествуваше партијата и воедно постигна одличен резултат. Конкретно, името и презимето на Бериша е наведено во листата на донатори под реден број 96, каде стои дека тој донирал 10.000 денари за изборната кампања.
Според изештајот што БЕСА го доставила до Државниот завод за ревизија и до други државни институции, меѓу донаторите за изборната кампања на партијата може да се сретне уште еден субјект со сличен назив, но не станува збор за здружение, туку за компанија. Имено, се работи за друштвото „Висион Академи“, кое донирало 500.000 денари, што е максимално дозволена донација за правни лица. Како сопственик и управител на компанијата со седиште во тетовска Мала Речица се јавува Атиџе Максути, која беше дел од Централното претседателсво на БЕСА, додека нејзиниот сопруг Али Максути, исто така, беше дел од партиските органи и донаторски листи. Тоа укажува на поврзаност меѓу субјекти во кои се содржи називот „Визион“, независно дали делуваат во граѓанскиот или во бизнис секторот.
УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОРИ И ПАРТИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ
Покрај тоа, грант од Министерството за култура раководено од кадар на БЕСА добило уште едно здружение што по дефиниција носи предзнак на невладино и граѓанско, но всушност може да се доведе во корелација со висок партиски функционер од таборот на Гаши. Во таа насока, може да се спомене „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, која побарала 262.500 денари за проектот „Младински вредности“ во делот за издавачка дејност и литература, но добила 90.000 денари. Потоа, во категоријата за интердисциплинарна дејност, Унијата побарала 3.272.600 денари за културно-дигиталниот проект „Антитеза“, а и биле одобрени 200.000 денари.
Официјалните податоци говорат дека како сопственици на „Унијата на студенти – Албанци во Македонија“, формирана во 2015 година, се јавуваат две невладини организации. Едната од нив е здружението за едукативно и културно образование на граѓани со назив „Клуби Елита“, формирано во 2006 година со седиште во Скопје, чие овластено лице моментално е Ќемал Кроси, но, според историјатот на промени на друштвото, до крајот на минатата 2018 година на негово место бил Скендер Реџепи, поранешен потпретседател и актуелен генерален секретар на БЕСА на Гаши. Другиот косопственик на грантистот е невладината организација „Викли Балкан“ со седиште во скопско Студеничани.
Дополнително, државни пари преку конкурсите во културата добија и други високи функционери и видни претставници на БЕСА. Еден од нив е универзитетскиот професор и член на претседателството на БЕСА Љуљзим Алиу, кој побарал 255.000 денари за делото „Методика по наставата по албански јазик во основното образование“, а на крајот добил 150.000 денари. Другиот е уште еден универзитетски професор кој беше кандидат од редовите на партијата за градоначалник на Дебар на локалните избори, Џемаил Чупи, кој доби 100.000 денари за делото „Политичка култура во Република Македонија“, или речиси двојно помалку од бараните 195.000 денари.
Па, кога ќе се соберат средствата што ги добиле здруженијата „Визиони М“ и „Унијата на студенти Албанци“, кои индиректно може да се поврзат со БЕСА, како и двајцата партиски функционери и претставници Алиу и Чупи, произлегува дека речиси 900.000 денари јавни пари завршиле кај субјекти блиски до БЕСА преку конкурси и програма реализирана од министерство раководена од кадар на БЕСА. Дополнителен сомнеж за начинот на трошење на парите фрлаат и одлуките да се издвојат големи суми без никакви критериуми, како што е грантот во областа на музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство за „Уметничката галерија – Тетово“ за откуп на слики од младиот и релативно анонимен сликар Хиса Адеми од 850.200 денари, колку што впрочем и биле побарани?!
РЕВИЗИЈА НА ДЕЛ ОД ПРОЦЕСОТ, НО ДАЛИ ШТЕТАТА Е ВЕЌЕ НАПРАВЕНА?
Во однос на тоа, побаравме коментар од БЕСА, од каде на одговори не упатија кон Министерството за култура на чело со министерот од нивната партија Адеми, кој веќе се обиде да се одбрани дека за распределбата на парите не одлучува лично и дискреционо. Како што рече министерот за култура, тој ставил потпис на финалните решенија што ги донеле комисиите во министерството, кои, според него, биле проверувани по десетина пати. Сепак, индикативно е тоа што јавни грантови добиле здруженија и луѓе блиски до БЕСА набргу откако министерството го презеде нивни сопартиец.
Инаку, овој случај деновиве предизвика реакција и од многу културни работници и уметнички здруженија, кои обвинија дека конкурсите се спроведуваат без никакви критериуми, по партиски и етнички клуч, или по субјективни и произволни проценки. Поради тоа, реагираше и премиерот Зоран Заев, кој најави дека дел од конкурсот ќе биде поништен. Сепак, најверојатно веќе е предоцна макар и да се санира штетата што е направена со симптоматичното трошење на народните пари во културата, што само се надоврзува на бројните случаи на непотизам, судир на интереси и трговија со влијание во структурите на власта.