(АРХИВА) Во куферот на Палчо имало и мобилен, картички, дискови – дали тој носел и „бомби“?!

Заврши истрагата за случајот за двојното убиство на Вања и Панче, а недостига уште само последната алка, со која треба да се заокружи и одговорноста на осомничениот егзекутор Палевски. Истрагата за него е во тек, а „Фокус“ дознава дека во личниот багаж со кој беше екстрадиран од Турција имал и мобилен. Имал и мемориски картички и дискови, па сега сомнежот е дали на нив можеби имал „бомби“, односно нелегално прислушувани разговори од УБК.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 22 мај 2024 година, во број 1494

Пишувала: Валентина ВУРМО

Веќе една недела Љупчо ПалевскиПалчо, осомничен за киднапирање и двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежоски, е зад решетки во истражниот затвор „Скопје“.

Поради сериозноста на делата што му се ставаат на товар, за него важат и посебни правила и безбедносни мерки во притворското одделение.

Сместен е сам во ќелија, до која се доаѓа преку посебен влез и за него се задолжени неколкумина чувари, кои се ротираат. Нема можност за комуникација со останатите притвореници, а особено не со останатите осомничени за монструозниот случај.

Тој засега не покажувал слабост или грижа на совест. Се однесувал ладнокрвно, без желба за комуникација. Единственото барање што го имал е итно да го посети адвокат.

Иако Палевски имал намера да ја разбие монотонијата на четирите ѕида со плазма-телевизор, кој го донел од Турција, сепак оваа желба ќе му остане неисполнета, бидејќи во притвор е забранет телевизор.

Оваа привилегија ја имаат само затворениците. Единствениот начин на комуникација со надворешниот свет му се лист хартија и пенкало.

СУДЕЊЕТО ЌЕ ПОЧНЕ БЕЗ ПАЛЧО

Истрагата за овој случај е во крајна фаза, поточно таа заврши за тројцата осомничени за помагање на Палевски да ја киднапираат Вања, Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски. Тие и нивните адвокати примиле решенија за завршена истрага по што имаат рок од 15 дена да достават докази.

За време на истрагата, тројцата осомничени признаа вина и открија каде се закопани убиените. Благодарение на нивното сведочење, истражните органи успеаја да го склопат поголемиот дел од монструозното сценарио.

Истражните дејствија се завршени и за таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Истрагата за двојното убиство беше отворена на 5 декември лани, што значи дека на 5 јуни завршува првичниот шестмесечен рок предвиден за времетраењето на истражните дејствија.

Иако овој рок предвиден во Законот за кривичната постапка (ЗКП) може да се продолжи, еднаш со дозвола на виш јавен обвинител, а еднаш со одобрение на републичкиот, сепак, тоа во случајот нема да биде побарано.

За Палевски, пак, истрагата сѐ уште трае, која оправдано се одложи поради неговата екстрадиција. Тој, деновиве се очекува да биде повикан на распит во Обвинителството.

Според ова темпо, обвинителниот акт би требало да биде поднесен деновиве или на почетокот на јуни, а по неговата оцена, судењето најверојатно би стартувало во септември, а можеби и порано, дури за време на судската ферија, кога се судат итни притворски предмети.

Сѐ поизвесно е дека судењето ќе почне без Палчо на обвинителна клупа. Кога ќе заврши истрагата за него и обвинението ќе стане правосилно, доколку судењето сѐ уште трае за останатите, тогаш тој ќе им се приклучи, ќе се спојат постапките.

Доколку, пак, за останатите постапката заврши брзо, пример, во случај да признаат вина, тогаш на Палевски ќе му се суди сам во судница.

Засега е неизвесно и дали ќе биде поднесено обвинение против Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски да избега. Тој, со својот автомобил го превезол Палчо од Белград, преку Бугарија до Турција.

Тој тврдеше дека е невин, бидејќи наводно кога го возел, не знаел дека полицијата трага по него. Сомнежите на обвинителството, пак, се дека за тоа дознал на пола пат, но, сепак, решил да го однесе до крајната дестинација.

ШТО ЌЕ ОТКРИЕ ТЕЛЕФОНОТ НА ПАЛЕВСКИ?

Најверојатно за завршеток на истрагата против Палевски ќе се почека и вештачењето на неговиот телефон.

Како што дознава „Фокус“ од сигурни извори, во куферот на Палчо, освен телевизорот и нешто лири и евра, имало и мобилен телефон, кој турските власти им го предале на македонските колеги.

Засега е непознато дали тоа е мобилниот што Палевски го имал за време на убиството, или купил нов додека бил во бегство? Доколку е фатен со стариот телефон, тогаш и сликата за случајот ќе биде многу појасна.

Како и да е, преку вештачење, од него ќе биде извадена содржината, која може да ѝ открие нови траги и докази на обвинителката.

Оружјето, поточно пиштолот, со кој биле убиени Панче и Вања, пак, сѐ уште не е пронајден.

Од првичните информации се сфати дека и двете жртви биле ликвидирани со ист пиштол. Иако тој не е меѓу доказите, сепак резултатите од обдукцијата, и вештачењето од Крим-техника на МВР, ќе покажат дали ова првично сознание е точно.

Обдукцијата треба да го утврди и времето на смртта, но и причините. Овие сознанија се чуваат во тајност, а првпат ќе бидат презентирани во судница од страна на вешти лица.

– Еден дел од одговорите секако ги дава и обдукцијата, во корелација со другите докази. До овој момент, доказите одат на иста линија со првичните искази на осомничените – појаснуваше обвинителот Гаврил Бубевски.

Во случај оружјето и никогаш да не биде пронајдено, сепак тоа нема да биде пречка да се осудат виновниците, се разбира доколку другите докази укажуваат на тоа.

И во случајот „Монструм“, оружјето никогаш не беше најдено. Сепак, во обвинението беше посочено точно кој пукал во жртвите, а крим-техничарите од МВР утврдија дека масакрот бил извршен со две пушки калашников и еден пиштол, долга деветка.

Во случајот со двојното убиство, осомничените Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев признаа дека биле дел од криминална група предводена од Папата, како што го викале Палевски, која учествувала во киднапирањето. Како извршител на двете убиства, тие без двоумење го посочиле Палчо.

КОЈ Е МОТИВОТ?

Меѓу доказниот материјал се и неколку снимки. Од она што е познато, е дека не е снимен моментот кога е киднапирана Вања, бидејќи влезот од зградата е мртов агол, па не го „фаќаат“ камерите од околните згради и оние од Сејф сити. Тоа, пак, укажува на фактот дека грабнувачите биле доброинформирани за видеонадзорот.

Досегашните сознанија се дека Вања прво била однесена во подрумска просторија од која Палевски имал клуч и била негова. Таму ѝ биле врзани рацете и нозете по што била ставена во вреќа за спиење. За нешто помалку од три часа, пак, девојчето било убиено.

Сепак снимки од двете возила, од кои во едното од нив се наоѓал и Палевски, се уловени на неколку камери на патот до местото каде што била убиена Вања, а потоа и закопана.

Поради краткиот временски интервал и фактот што воопшто немало обид да се изнудат пари, остана да виси мотивот од кој тргна обвинителството – користољубие.

Според првичните сомнежи, наводно Палевски сакал да изнуди пари, кои им биле потребни за партијата. Поточно, според исказите во истрага на тројцата осомничени, Палевски им кажал дека ќе го грабнат девојчето за да изнудат пари од нејзината мајка.

Но, она што, исто така, засега е енигма е зошто Вања е убиена толку брзо, уште пред да побараат пари за откуп? Објаснувањето дека злосторниците ги фатило паника дека целата јавност дознала за исчезнувањето на девојчето не „држи вода“, бидејќи алармот се вклучи напладне, а тогаш егзекуцијата веќе била извршена.

Поради овие нелогичности, останува вистинскиот мотив, сепак, да одекне во судница.

НЕ СЕ ОЧЕКУВА КИДНАПЕРИТЕ ДА ГИ ФАТИ АМНЕЗИЈА

Обвинителот Бубевски појаснуваше дека првичните сознанија за мотивот за извршување на ова кривично дело произлегуваа од расположливиот доказен материјал во тој момент, а тоа беа исказите на осомничените.

Задачата на обвинителството во изминатиот период беше да се проверат овие искази во корелација со материјалните докази, бидејќи она што првично го кажале осомничените може и да се промени.

Поточно, кога ќе седнат на обвинителна клупа, тие можат да ја сменат тактиката за нивна одбрана, односно да не го признаваат кривичното дело и да посочат дека тоа што го кажале во истрага не е точно.

Во ваков случај, според стариот ЗКП, судот имаше увид во двата искази, па му поклонуваше верба на оној за кој сметаше дека е вистинит. Но, со законот од 2013 година, се „важи“ она што е кажано во судница.

Сепак, обвинителот во ваков случај може да го соочи обвинетиот со исказот од истрагата. Доколку, пак, и другите докази одат во насока на првичниот исказ, тогаш е јасно дека обвинетиот ја сменил тактиката за одбрана во судница, а ја зборувал вистината за време на истрагата.

Но, бидејќи се соочуваат со казна доживотен затвор, многу веројатно е да се очекува осомничените да признаат сѐ и во судница, со надеж дека во таков случај, поради нивната соработка, но и сведочење за да се утврди вината на егзекуторот, ќе се извлечат со помала затворска казна.

Меѓу осомничените е и таткото на Вања, Ѓорчевски. И тој заврши во притвор откако останатите тројца осомничени за грабнување кажале дека лично таткото комуницирал со Палчо и му дал информација во колку часот неговата ќерка излегува од дома.

Поради сериозните обвинувања, таткото веднаш беше уапсен, а од другите докази ќе зависи дали навистина тој учествувал во монструозниот план скроен за неговата ќерка или станува збор за грешка.

Фактот што неодамна беше пуштен од „Шутка“ и замина во домашен притвор може да сигнализира дека доказите на обвинителството за неговата вмешаност се „тенки“.

ДАЛИ ПАЛЕВСКИ НОСЕЛ „БОМБИ“ ВО ТУРЦИЈА?

Покрај телевизорот и телефонот, кои Палчо го носел во својот куфер, меѓу своите лични работи, дознаваме дека имал и неколку мемориски картички и дискови.

Оттука се покренува и сомнежот, дали на нив можеби Палевски имал зачувани „бомби“, односно нелегално прислушувани материјали од УБК? Општо познато е дека тој поседуваше снимки, па нема да биде изненадување доколку ги понел со себе за да ги употреби како одбранбен штит или уцени.

Палевски, поради „бомбите“ беше „таргет“ и на СЈО, но никогаш против него не беше поднесено обвинение и не беше осуден.

Неделникот „Фокус“, пред три години истражуваше што се случи со случајот „Никола Тесла“, кој водеше до името на Палчо, но и до мотивите зошто предметот се кочи.

Поточно, во 2017 година, Палчо беше уапсен, поради сомнеж дека објавува нелегални прислушувани разговори, но предистрагата никогаш не беше завршена.

Апсењето следуваше откако во 2016 година, на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани разговори, од кои повеќето приватни.

Тогаш најзасегнати беа пратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ-Латас, Ивона Талевска, бизнисменот Јордан Камчев, поранешниот премиер Хари Костов и други.

Тогаш Латас побара помош од СЈО и поднесе пријава по што беше отворена предистражна постапка.

По една година од пријавата, по наредба на СЈО, Палчо беше уапсен, како лик кој се криел под псевдонимот „Никола Тесла“.

По дваесетина часа поминати во полициска станица и четири часа во просториите на СЈО, тој беше пуштен на слобода.

Од неговиот дом, истражителите на СЈО одзедоа и компјутери и мобилни телефони, но не беше откриено што пронашле во нив.

Неделникот „Фокус“ тогаш открива дека СЈО има обезбедено голем број докази за осомничени што поседувале нелегално прислушувани разговори, а со кои наводно уценувале и рекетирале бизнисмени и политичари.

Според нашите доброупатени извори, обезбедени се и докази и сведочења за извршените изнуди, како и пресметка за тоа колку пари се свртеле од „бизнисот“ со бомбите.

Од друга страна, пак, беше нејасно зошто тогаш СЈО овој предмет сѐ уште го држи во фаза на предистрага?

Поради недостиг од официјални информации, нашите сознанија одеа дури дотаму дека се штити одреден осомничен, син на тогашен владин советник, а поранешен висок функционер во безбедносниот сектор. Односно, ако картите се отвореле до докрај, наводно, и оваа заштитена ѕверка би завршила зад решетки.

Доколку во куферот навистина имал и „бомби“, можно е да бидат споменати во судница, иако и немаат поврзаност со двојното убиство. Ако му биле последната сламка за спас, тогаш таа му пропадна на патот од Беликесир кон „Шутка“.

Поврзани новости