(АРХИВА) Во кои изборни единици ќе се „крши“ победникот и какви политички блокови се „ѕидаат“?

by Фокус

Текстот е објавен на 05 април 2024 година во неделникот Фокус со број 1.487.

Секоја изборна единица носи специфични изборни битки, кои ќе го одредат вкупниот резултат и исход, но ќе влијаат и врз многу лични планови и амбиции, како и врз идните постизборни разврски. Сето тоа ќе зависи од бројките, кои сите се обидуваат да ги максимизираат преку одредени кампањи. Па така, СДСМ игра на „сѐ или ништо“ на европската интеграција, ВМРО-ДПМНЕ, акцентот го става на економијата и борбата со криминалот и корупцијата, албанската опозиција најавува промена на режимот и кај Албанците, а ДУИ спречува наводно руско влијание.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Откако прво беа промовирани претседателските кандидати, политичките партии ги поднесоа и листите со кандидати за пратеници, со што практично се комплетира кадровската понуда за претстојните двојни избори, кои се смета дека ќе го одредат правецот во кој ќе се движи државата.

Така, на претседателските избори ќе истрчаат седум претседателски кандидати. Тоа се Гордана Силјановска, Стево Пендаровски, Арбен Таравари, Бујар Османи, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска, кои веќе влегоа и во официјална изборна кампања.

По првиот круг од изборите за шеф на државата на 24 април, стартува кампања на двајцата претседателски кандидати што ќе влезат во вториот изборен круг. Односно, двајцата првопласирани од првиот круг во директен дуел ќе бркаат глас повеќе и цензус од 40 проценти на гласањето закажано за 8 мај.

Паралелно со тоа, ќе има и кампања на кандидатите за пратеници. До крајниот рок до Државната изборна комисија поднесени се вкупно 17 листи со кандидати за пратеници, со тоа што 13 партии или коалиции поднесоа листи за сите 6 изборни единици, додека останатите 4 ќе учествуваат во неколку изборни области.

Притоа, најинтересна битка се очекува во првата скопска изборна единица, каде што впрочем ќе се судрат политичките лидери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски. Покрај нив, тука настапува и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, скопската градоначалничка Данела Арсовска, а свои кандидати имаат и ГРОМ, ЗНАМ и други партии.

Што се однесува до албанскиот блок, во „единицата“ ќе се соочат некогашните соборци од „огнената група“ на ДУИ, Блерим Беџети и Изет Меџити, кои сега се на спротивни страни, откако Беџети реши да остане во ДУИ, а Меџити да се отцепи, да формира своја партија и да влезе во сојуз со албанските опозициски партии.

За да се спротивстави на овој силен сојуз, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, почна да формира поширок блок со „помали“ албански партии, како  маргиналната ДПА на Мендух Тачи, но и новоформираните на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи. Покрај нив, се вклучија и етнички партии на Турците, Ромите и Бошњаците.

Како по обичај, Ахмети ќе истрча во шестата изборна единица, каде што ќе му се спротивстави лидерот на Беса и тетовски градоначалник Биљал Касами, кој веќе успеа да го победи ДУИ на локално ниво. Патем, голем адут плус на албанската опозиција е Таравари, кој, пак, реди победи против ДУИ во соседниот Гостивар.

Ако тоа му создава главоболка на Ахмети во „шестката“, тоа што си подаде рака со некогашниот лут противник Зијадин Села му ја олеснува работата во петтата струшко-кичевска изборна единица, каде што заедничката пратеничка листа ќе ја предводи токму Села. Тоа ја фаворизира коалицијата на ДУИ во овој изборен регион.

Како и да е, секоја изборна единица носи специфични изборни битки, кои ќе го одредат вкупниот резултат и исход, но ќе влијаат и врз многу лични планови и амбиции, како и врз идните постизборни разврски. Кои се можните сценарија?

ДВОЈНА БИТКА

Во изминатиов период, се набилда една атмосфера дека ВМРО-ДПМНЕ е сигурен и убедлив победник на изборите. Односно, дека изборниот победник воопшто не е доведен во прашање, туку единствена непозната во равенката е дали победникот ќе успее да формира влада? Или, пак, тоа повторно ќе го стори СДСМ како поразена страна?

Всушност, тоа се направи врз основа на интензивно јавно презентирање резултати од предизборни анкети и преку лиферување брифинзи за анкети правени за внатрепартиски потреби. Врз основа на тоа, ВМРО-ДПМНЕ почна да најавува дека ќе направи џандар-збира на изборите, со победа од над 100 илјади гласови.

Од друга страна, пак, СДСМ не негира дека стои послабо на анкетите, но вели дека разликата е далеку од она што го говори опозицијата. Според нив, разликата меѓу Силјановска и Пендаровски е околу 50 илјади гласови, што му овозможува на Пендаровски да брка пресврт во вториот изборен круг, а СДСМ со солиден резултат да брка мнозинство од 61 пратеник.

Настрана одредените разлики при претставувањето на податоците и нивно толкување, нема дилеми дека власта е најфрагилна во првата изборна единица, каде што секогаш постоела најголема критична маса и од таму почнувале промените. Така било секогаш и така ќе биде во иднина.

Дефинитивно, пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски ќе освои најмногу гласови и пратеници, но прашањето е колку ќе освои пратеничката листа на Ковачевски? Според одредени анализи, таа може да биде исклучително близу со онаа на Левица и Апасиев, што ако се случи, ќе биде многу лош сигнал за социјалдемократите и на среден рок.

Токму затоа, се правеа одредени комбинации, Ковачевски, наместо во првата, да биде носител во втората изборна единица, каде што влегува Куманово, каде тој е роден и каде живеел до средно образование. Сепак, тој одлучи да не калкулира и ризично да влезе во директна битка со Мицкоски.

Слична варијанта се разгледуваше и за Оливер Спасовски, кој, исто така, доаѓа од Куманово. Првично тој се споменуваше дека ќе биде носител на пратеничката листа на СДСМ во третата изборна единица, но на крај испадна повторно да истрча во матичната „двојка“, а носител во третата ИЕ да биде заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако таа доаѓа од скопски Центар.

На тој начин, Спасовски сега ќе треба да води двојна битка. Од една страна, ќе се бори против ВМРО-ДПМНЕ, чија листа ќе ја предводи ексминистерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Од друга страна, тој ќе води битка и против ЗНАМ на поранешниот сопартиец Димитриевски, кој, меѓу другото, го напушти СДСМ и поради локално ривалство со Спасовски.

Токму резултатот на пратеничката листа на СДСМ во „двојката“ може да го трасира и идниот политички пат на Спасовски, кој очигледно има големи амбиции. Ако никој нема да му забележи за благ пораз од ВМРО, тогаш тој е пред императив да ја победи листата на ЗНАМ, особено да освои повеќе гласови во Куманово, каде што неговото протеже загуби од Димитриевски на последните локални избори.

Доколку Спасовски направи успех, тогаш тој останува во игра во секое постизборно сценарио. Ако СДСМ ја формира идната влада, тој повторно високо ќе котира во извршната власт. Ако СДСМ замине во опозиција, пак, ќе се наметне како едно од главните решенија за нов партиски лидер, особено што во изминатиот период работеше со членството, а изгради и сериозна структура како шеф на полицијата.

ВНАТРЕПАРТИСКИ ПРОМЕНИ

Но, доколку се случи второто сценарио – СДСМ замине во опозиција и да се избира (старо) нов лидер, од големо значење ќе биде исходот во уште една изборна единица. Се работи за четвртата струмичко-прилепска изборна единица, каде што пратеничката листа на СДСМ ќе ја предводи поранешниот партиски потпретседател и ексминистер за здравство, Венко Филипче, кој ќе се судри со Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Бездруго, исфрлувањето на Филипче за носител на пратеничка листа, откако извесен период беше целосно надвор од партијата и јавноста, е на барање и инсистирање на Зоран Заев, кој пред да стане партиски лидер и премиер цел политички капитал и авторитет го создаде како градоначалник на Струмица.

Како што е познато, Филипче изгради рејтинг на почетокот на ковид-пандемијата, бидејќи добро се носеше со ситуацијата. Но, како пандемијата се ширеше, така неговиот рејтинг паѓаше, а капак на сѐ беше пожарот во модуларната болница во Тетово, кога живи изгоре луѓе. Сепак, Заев не му ја прифаќаше оставката и на мускули го истурка во врвот на партијата.

Така беше сѐ до поразот на СДСМ на последните локални избори по кои Заев се повлече од функциите, па заедно со него замина и Филипче. Во меѓувреме, двајцата често можеа да се видат во заедничко друштво, додека Филипче, како што самиот рече, е единствен член во Фондацијата на Заеви, кој не припаѓа на нивната фамилија.

Во изминатиот период, можеше да се слушнат брифинзи дека Заев сакал преку Филипче да го поврати влијанието во партијата, па дури дека го предлагал и за генерален секретар на местото на Миле Зечевиќ. Сепак, во таква работа никогаш не дојде, а со номинацијата на Филипче на врвот на пратеничка листа во базата на Заеви станува јасно дека тој е нивниот играч.

Сега, прашањето што се поставува е дали при евентуален изборен пораз, по кој СДСМ би заминал во опозиција, Заев ќе игра на картата на Филипче за лидер на СДСМ? Или, пак, свесен дека Филипче не е, фигуративно кажано, дрво со силен партиски корен, Заев ќе се обиде преку него да се  договори со друг аспирант за поделба на партиската власт, нешто слично како што своевремено стори со Радмила Шекеринска?

Според познавачите на внатрепартиските прилики, ако СДСМ доживее убедлив пораз и не успее да формира идна влада, тогаш речиси сигурно Ковачевски ќе се повлече од лидерската позиција. Доколку одбие да го стори тоа, многумина веруваат дека не би обезбедил доверба на постизборниот конгрес.

Во секој случај, таков епилог значи дека целокупното партиско членство ќе треба да избира нов партиски лидер, при што, пред сѐ од резултатите во третата и четвртата ИЕ, ќе зависи кој ќе влезе во ваква трка. Односно, дали за партиски лидер ќе трча Спасовски поддржан од Заев, при што Филипче би бил иден генсек, или, пак, Заев можеби ќе биде во кондиција Филипче да го дотурка и до врвот на Бихаќка?

Како и да е, на релацијата Заев-Филипче-Спасовски повеќе се гледа од аспект на идна функционална соработка отколку на спротивното. Она што е неизвесно, е дали ќе се создаде еден скопски контрафронт? Односно, дали Зечевиќ, Петре Шилегов, Стефан Богоев или некој друг ќе влезе во реална внатрепартиска битка директно или индиректно?

Многу работи ќе зависат од генералниот резултат на СДСМ, но и од резултатите по изборни единици, кои ќе бустираат или дисквалификуваат кадри со лидерски амбиции. Иако СДСМ на изборите одлучи да истрча со обединувачки концепт, внатре има разлики и недоразбирања, поради што, велат партиски извори, постизборно може да дојде до жестоки конфронтации.

ОБЕДИНУВАЊЕ ИЛИ СУДИР

За разлика од СДСМ, каде што јасно беше дека има разлики и тензии на многу нивоа, па дури излегуваа и информации за нарушени односи меѓу Ковачевски и Заев, но тоа се менаџираше и се најде заеднички јазик, ВМРО-ДПМНЕ влезе во одреден процес на внатрешен судир меѓу актуелното раководство предводено од Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски.

По измените на Кривичниот законик, кои донесоа амнестија на многу сегашни и поранешни функционери од двете страни на политичкиот спектар, ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека тоа се прави заради амнестија на Заев и други сдсмовски функционери. За кратко време, Мицкоски директно го обвини и Груевски дека соработува со власта со цел да биде амнестиран, а за возврат да помогне за уставните измени и да прави проблеми во партијата.

И од македонската и од албанската опозиција тврдеа дека власта, пред сѐ ДУИ на Ахмети, се на линија со Груевски. Според нив, планот за неговото враќање подразбирал Врховниот суд да ја прифати и признае амнестијата на Ѓорге Иванов. Но, тоа не се случи, откако претседателката на Судот, Беса Адеми реагираше пред меѓународната заедница и доби отворена поддршка.

Освен тоа, во политичките кулоари се говореше дека овој план на двоецот Ахмети-Ковачевски јавно го разобличија ВМРО и албанската опозиција, но во заднина го саботирал и Заев. Тој беше обвинуван дека го пуштил Груевски да избега во Унгарија. Но, овој договор не значел дека Груевски треба да се врати назад и да добие можност да им се одмазди на оние што ги смета за виновни за неговата пропаст.

Во прв ред, тоа е Заев, а веднаш по него на листата на Груевски е Мицкоски, кој, како што покажа времето, веднаш заборавил кој го поставил на чело на ВМРО-ДПМНЕ и почнал да води самостојна и автохтона политика. Токму тоа, покрај другото, е причина за зближувањето на Заев и Мицкоски, за што ги напаѓаше и Груевски.

И покрај тоа што Заев во одредена фаза сакаше да го урива Ковачевски, па му нудел пратеници на Мицкоски за предвремени избори, на крај се врати во матичната куќа и сега влегува во заедничка битка со „своите“. А, времето ќе покаже какви ќе бидат последиците од ова туркање на проблемите под тепих.

Наспроти тоа, Мицкоски отворено се конфронтираше со Груевски, со што донекаде го разобличи планот за негово враќање, претставувајќи ја власта како спремна да продолжи со пазарот на сметка на владеење на правото. Воедно, тоа имаше одредена катарза внатре во редовите на ВМРО, каде што практично се расчисти кој е кој и кој е со кого.

Сепак, за кратко време оваа битка престана, бидејќи Мицкоски одлучи дека не треба дополнително да го провоцира Груевски да вади од нафталин работи што лошо би звучеле во јавноста. Груевски, пак, сфати дека планот за негово враќање е разобличен и саботиран и повеќе вербалните препукувања со Мицкоски нема да му донесат никаков бенефит. Напротив.

Во таква ситуација, се поставуваше прашање дали, сепак, Груевски ќе се вмеша во изборниот процес? Притоа, анализите одеа во правец дека тоа би можел да го направи со одредена поддршка на градоначалниците Јакимовски и Арсовска, кои влегоа во трка за претседател, односно пратеник. Иако Јакимовски во една пригода призна дека неодамна се сретнал со Груевски, сепак, каква било поддршка засега изостанува.

Со или без ветар во грб од Груевски, Јакимовски и Арсовска, главниот напад го имаат кон Мицкоски и затоа се смета дека одат на линија на СДСМ и утре, ако има таква можност, би влегле и во заедничка коалиција. Наспроти тоа, Димитриевски ја напаѓа поранешната партија СДСМ и плус ДУИ, па од тие причини се верува дека утре би соработувале со ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, се цртаат и контурите на политичката сцена.

„ПОБЕДНИК СО ПОБЕДНИК“

Што се однесува до албанскиот блок, ДУИ влезе во операција на формирање на еден граѓански фронт, но без Македонци. Но, јасно е дека тоа повеќе е направено од зорт отколку стратешки. Едноставно, не се избираат средства како да се дојде до победа против здружената албанска опозиција, поддржана од влијателниот косовски премиер Албин Курти.

Во тој контекст, оваа коалиција најави настап и во третата и во четвртата изборна единица преку партнерските турски партии, но најголем фаворит е во петтата охридско-струшко-кичевска изборна единица. Таму ДУИ го има „проблематичниот“ струшки градоначалник Рамиз Мерко, кој се најде на „црна листа“ на САД, но носител ќе биде неговиот претходник Села, кој деновиве и судски го доби брендот и печатите на Алијанса за Албанците по разделувањето со Таравари.

Покрај тоа, во „петката“ влијание има и Хоџа во битолско-ресенските албански села, а, се разбира, најголемата база е во Кичево, родното место на Ахмети. Таму ДУИ со години победуваше убедливо, со неприродни разлики, кои се испостави дека се плод на аурата на Ахмети, кој потекнува токму од Кичевско, поточно од Зајас.

Но, и таму работите почнаа да се менуваат, особено откако внукот на Ахмети, Фатмир Лимани, се отклони и направи упад во гласачката структура на ДУИ, освојувајќи неколку илјади гласови како независен кандидат за градоначалник на Кичево. Плус, албанската опозиција активно ја поддржува и Беким Ќоку, советник на Курти, кој е токму од Струга.

Инаку, и Таравари има свои адути, со оглед дека доби поддршка од влијателни авторитети во Алијанса, кои беа блиски до Села и застанаа до него своевремено во битката со Тачи, како што се Сурија Рушити, Гариб Каба… Конечно, тој доби поддршка од Фета Алими, човекот кој го спаси Села од смрт во Собранието на „крвавиот четврток“, како и од синот на Арбен Џафери, идеологот на ДПА од која произлезе и АА.

Така што и во „петката“, албанската опозиција има начини да му парира на сојузот на ДУИ, но тоа посебно важи во другите изборни единици, каде што се очекува неизвесна битка. Истото важи и за претседателската трка, каде што многу анкети му даваат предност на Таравари, што навестува дека конечно реално можно сценарио е ДУИ да замине во опозиција.

Откако одлучи да се дистанцира од СДСМ наместо да формираат предизборна коалиција, ДУИ покажа дека постизборно сака да ги остави сите врати отворени, вклучително и за соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, Мицкоски недвосмислено говори дека посакуван партнер му е албанската опозиција, која, според сите проценки, би ја зел во влада доколку со неа има мнозинство.

Дури и ДУИ да победи, хендикеп ќе биде тоа што голем број пратеници ќе бидат коалициски. Можеби Села и Тачи нема да му свртат грб на Ахмети, но кој може да гарантира за Хоџа и Реџепи? Или, пак, за турските партии, од кои најголемата беше во коалиција со СДСМ, па преговараше со ВМРО-ДПМНЕ и на крај се сврти кон ДУИ бидејќи Мицкоски одбиваше да даде пратеник? Да не говориме за ромската партија.

Згора на тоа, ДУИ, Ахмети и Османи сега говорат дека Мицкоски не одлучувал кого да земе во коалиција, туку народот. Со други зборови, ако Албанците му дале поголема поддршка на ДУИ, тогаш ВМРО или СДСМ сеедно, мора со нив да договараат влада. Но, притоа забораваат дека токму тие го прекршија правилото „победник со победник“, што му дава одврзани раце на Мицкоски да прави влада и со албанската опозиција, особено ако има математичка комоција.

Во крајна линија, сето тоа ќе зависи од бројките, кои сите се обидуваат да ги максимизираат преку одредени кампањи. Па така, СДСМ игра на „сѐ или ништо“ на европската интеграција, ВМРО-ДПМНЕ, акцентот го става на економијата и борбата со криминалот и корупцијата, албанската опозиција најавува промена на режимот и кај албанскиот блок, а ДУИ спречува наводно руско влијание. Просто, популизмот повторно се враќа на голема врата.

 

КАДЕ СЕ ДВИЖИ ЛЕВИЦА?

Кога се говори за постизборни комбинаторики, се кристализираат посакуваните блокови, со тоа што единствено надвор од двата системи останува Левица, која отворено вели дека нема да стане дел од владата по секоја цена, туку само ако бидат прифатени нивните принципи и барања. Ако ВМРО има потреба од гласовите од Левица за да формира влада, можеби ќе ги добие за да се смени оваа власт, меѓутоа во вид на малцинска поддршка.

Се забележува дека во последно време рејтингот на Левица стагнира. Некои аналитичари велат дека тоа е резултат на острото спротивставување на ВМРО-ДПМНЕ кон францускиот предлог. Во спротивно, разочарани гласачи од неодлучната десница ќе продолжеа да се прелеваат кон Левица, како што имаше такви бранови по 27 април и Преспанскиот договор.

Во една пригода, партискиот лидер Димитар Апасиев изјави дека тоа што можеле да земат од десниот блок веќе зеле и треба да се концентрираат на левиот блок. Арно ама, и таму работата им е комплицирана, бидејќи природно рамо за плачење на разочараните гласачи од СДСМ не е Левица, туку ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој има поголем рејтинг од претседателската кандидатка поддржана од Левица, Билјана Ванковска.

Претстојните избори ќе покажат дали Левица или ЗНАМ е најсилната трета партија по ВМРО и СДСМ. Иако сите испитувања на двете партии заедно им даваат десетина пратеници, има разни податоци околу тоа на која партија колку од нив ѝ припаѓаат. Тоа, во голема мера, ќе зависи и од распоредот и од концентрацијата на гласовите по изборни единици.

Поврзани новости