АРХИВА Вмровски авторитети му порачуваат на Груевски: Повлечи се и спаси ја партијата од пропаст!

by Fokus

Текстот е објавен на 12 мај, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1127

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако за првпат дојде на власт во 2006 година на крилата на незадоволството на Македонците од територијалната реорганизација, кога Струга и Кичево станаа општини со мнозинско албанско население, а Скопје двојазичен град, сепак, ВМРО-ДПМНЕ од тоа време не градеше имиџ на националистичка, туку на модерна демохристијанска партија, со технократско раководство, кое, ослободено од идеолошките догми на претходниците, ќе се посвети на економските и на социјалните теми и прашања.

Во создавањето на ваквата перцепција за ВМРО-ДПМНЕ, многу инвестираа и одредени меѓународни центри, кои во Никола Груевски и неговите најблиски соработници гледаа талентирани и перспективни менаџери, кои земјава ќе ја поведат напред. Дека надворешната поддршка за партијата била неспорна потврди и лидерот на НСДП, Тито Петковски, кој во неколку наврати изјави дека поранешната амбасадорка на САД, Џилијан Миловановиќ, му вршела притисок по изборите во 2006 година да коалицира токму со ДПМНЕ.

Во почетните години на владеењето до 2008 година, но и извесен период подоцна, оваа партија уживаше голема поддршка, не само од САД, туку и од сестринските народни партии од Европа, а со самото тоа и од Европската унија, со оглед дека во најмногу европски држави на власт беа и сѐ уште се конзервативни партии. Водечката европска народна партија – ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел, преку политичките академии на фондацијата „Конрад Аденауер“ обучи многу вмровски асови, кои како дел од раководството на ДПМНЕ ги трасираа главните државни трендови.

Меѓутоа, тие што најмногу го поддржуваа и инвестираа во ВМРО-ДПМНЕ, во меѓувреме почнаа да бараат нови промени во партијата поради недемократското однесување, дезавуирањето на институциите, инволвираноста во криминал и корупција итн. Па, така, за период од една деценија, Груевски од миленик на меѓународната заедница се претвори во проблем за државата, па и за регионот, кој ги опструира демократските процеси и евроатлантските интеграции на Македонија, но ја загрозува и регионалната безбедност.

КОНФРОНТАЦИЈА СО СТРАНЦИТЕ И СО АЛБАНЦИТЕ

Според одредени оценки и толкувања, ВМРО-ДПМНЕ долги години добиваше меѓународна поддршка, не само поради тоа што беше реформирана партија, исчистена од компромитираните кадри, туку и поради општоприфатениот став дека политички влади со конзервативна, па и националистичка супстанца, може да ги решат крупните проблеми, без притоа на улиците да се излее граѓанскиот гнев. Во поткрепа на таа теза одеше аргументот дека десноориентираните партии, по природа, повеќе ги контролираат своите бази кога решаваат непопуларни прашања, додека ги активираат кога тоа го прават социјалдемократски и либерални влади.

Арно ама, не само што Груевски не го реши спорот за името со Грција, како најголем надворешно-политички проблем, од кој зависи членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, туку го продлабочи овој проблем и истовремено отвори и нови фронтови со соседите, пред сѐ, со Албанија и со Бугарија. А, конфронтацијата со безмалку целокупната меѓународна заедница кулминираше по избивањето на политичката криза, како резултат на нелегалното масовно прислушување, кога ДПМНЕ отворено обвини дека „сценаристот“ или „чадорот“ ја предизвикал кризата за да изврши промена на власта, вперувајќи прст кон западните сили и држави.

Откако се доведе во ваква непогодна позиција, ВМРО-ДПМНЕ ги дочека последните предвремени парламентарни избори, на кои поединечно постигна најдобар резултат, меѓутоа не успеа да формира парламентарно мнозинство. Една од причините беше тоа што антизападната политика на партијата значително го намали нејзиниот коалициски потенцијал, па не можеше да најде албански партнер за да состави влада. И покрај тоа, ДПМНЕ извесен период го спречуваше новото парламентарно мнозинство да го конституира парламентот и да избере нова влада.

Сепак, Крвавиот четврток во парламентот само ја зацементира автократската слика за Груевски кај меѓународната заедница, кај албанските субјекти, но и кај поширокото граѓанство, во чии очи ова ВМРО-ДПМНЕ веќе зрачи како силеџиска, па и терористичка партија. Во вакви околности, кога партијата е изолирана и во меѓународни и во домашни рамки, со крајно нарушен кредибилитет, се поставува прашањето дали има иднина макар и на среден рок, без да претрпи коренити реформи, смена на раководството, па дури и комплетен ребрендинг? Или, пак, партијата со исто раководство и во ист стил ќе води опозициска битка сѐ до следните избори?

БЕЗБЕДНОСНА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА ЗА СПАС ОД ОДГОВОРНОСТ

Инаку, точка на пресврт која го одреди идниот развој настаните на политичката сцена беа настаните во парламентот, каде што група граѓани, со асистенција на високи владини кругови под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, упаднаа, претепувајќи пратеници од новото парламентарно мнозинство. Иако од партијата негираат, постојат сериозни индиции дека планот бил да се предизвикаат меѓуетнички инциденти, при што сите политички чинители би требало да седнат на маса во интерес на државата. Во една таква претпоставена ситуација, никој не би барал индивидуална правна одговорност, туку сите заедно требаше да ја спасуваат државата од пропаст.

Откако овој план пропадна, беше дефинитивно јасно дека ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција, бидејќи инсистирањето на безбедносна дестабилизација, заради факторизација на политичката арена, само ќе ги доведеше до амбис. Но, фактот што вмровското раководство попушти и тргна по овој пат значеше дека мора да се дистанцира и да се огради од луѓето што протестираа или поточно влегоа во парламентот, за што постојат сознанија дека биле координирани, па дури и платени. Самото тоа создаде револт кај дел од „тврдокорните“, кои се прашуваат дали можеби Груевски се испазарил за амнестија, штом така лесно и мирно се повлекува?

Добро упатени дипломатски извори велат дека Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, преку двајца бизнисмени, подолг период по декемвриските избори разменувале пораки со Заев во врска со трансферот на власта. Непосредно пред крвавиот четврток, пак, во парламентот, поединечни средби оствариле Оливер Спасовски и Никола Тодоров, како и Илија Димовски и Дамјан Манчевски. Меѓутоа, штом дојде до крвав трансфер на власта, очигледно е дека овие преговори не резултирале со никаков договор за официјална или неофицијална амнестија, туку сите страни останале вкотвени во првичните позиции.

Партиски извори објаснуваат дека амнестијата е невозможна од неколку причини. Од една страна, новата власт предводена од СДСМ доколку влезе во таков аранжман практично би си пукала во нога, бидејќи, простувајќи криминал, освен што ќе им даде сигнал на своите луѓе да крадат како нивните претходници, ќе разочара голем дел од народот што се залага за владеење на правото и неселективна примена на законите. Од друга страна, пак, дури и Груевски да издејствува амнестија, тој тоа може да го стори само за себе, па ќе се доведе во незавидна и непријатна ситуација пред своите соработници кои се соочуваат со најмногу истраги од СЈО, кои доколку се почувствуваат предадени нема зошто да бидат верни кон шефот.

МАКЕДОНИЈА КАКО СИРИЈА?!

Па, кога амнестијата се наметнува како невозможна солуција за решавање на политичкиот ребус, доброупатените велат дека на Груевски му останува да ја држи лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, што засега му е најсилна брана од кривична одговорност, која му обезбедува барем алиби дека евентуален притвор од судот по барање на СЈО е политички реваншизам и пресметка со новата опозиција. А, доколку биде притиснат до ѕид и повеќе нема каде, на располагање му стои претседателот Ѓорге Иванов да го аболицира или да го помилува како некој против кого, нели, новата власт се пресметува од политички мотиви.

Дека Груевски не планира наскоро да абдицира, потврдува тоа што многумина аналитичари, професори и новинари деновиве го оправдуваат дека направил максимум што може во ваков политички контекст пред да се повлече во интерес на државата. Притоа, еден од нив е поранешниот пратеник и функционер на ДПМНЕ, Александар Пандов, кој на Фејсбук напиша: „Сега тие што лелекаат сакам да ги потсетам дека водачот на ВМРО многу јасно кажа дека без 63 пратеници не може да гарантира дека ќе одбрани некои значајни позиции на Македонија во еден ваков налет од надворешни центри со каков се соочуваме скоро три години. Кој го разбра, го разбра. Многумина очигледно не го разбраа или не сакаа да веруваат“.

На иста линија е и универзитетскиот професор чии ставови се блиски до се уште владејачката партија, Александар Србов, кој го глорификуваше Груевски дека пружил максимален отпор и префрла дел од вината за смената на власта кон народот: „Цело време се говори за народ. Колку народ имаше пред Парламентот на 27 април? Три до 4 илјади патриоти. И колку од нив влегоа во собранието? Тоа ли е целиот народ? Каде беа другите? Дома, пред телевизор, на интернет. Време е да се биде реален, да се погледне на вистината в очи и да се биде самокритичен. Груевски не само што не попушти, тој остана исправен докрај…“.

Новинарот од провладината „Република“, Наум Стоилковски, пак, смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што ретерирал се жртвувал за да спречи судир меѓу големите сили на товар на граѓаните: „ВМРО- ДПМНЕ направи максимум. Се друго ќе водеше кон два парламента и две влади. Едните признаени од САД, ЕУ и западот, другите, и без да бараат и посакуваат, ќе ги признаеше Русија. Ќе станевме држава на поделени Македонци, со едната помала група на Македонци ќе застанеа и Албанците. Ќе дојдевме до граѓанска војна. Ќе станевме прокси, ќе станевме инструмент за борба меѓу САД и ЕУ. Сирија. Дамаск. Алепо…“.

НОВИ ЛИЦА, НО НЕ И РЕФОРМИ

Врз основа на тоа, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја подготвува јавноста за опозициски денови, но воедно го смирува и членството, кое е незадоволно поради тоа што партиското раководство заминува во опозиција без посилен отпор, откако претходно ги вадеше на улица за да ја „бранат“ државата. Но, партиски членови велат дека незадоволството е на пониските нивоа на партиската структура и се изразува во месните комитети. Како што дознаваме, на последниот Централен комитет, единствено пратеникот Јохан Тарчуловски побарал партијата да не ги остави на цедило луѓето што протестираа, додека никој во партискиот врв ниту побарал одговорност, ниту кадровски промени.

Сѐ додека чесното и незадоволно членство од најниските партиски ешалони не почне акција и барање за нивно разрешување, тие и понатаму ќе користат еден дел од членството како топовско месо и како параван за самоспасување од претстојните кривични прогони. Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ не е во самата партија, односно во членството, туку во персоните што раководат со партијата од највисоко до најниско ниво. Со нивното заминување, односно разрешување и исклучување, партијата има сили, моќ, знаење и кадри кои ќе ја реформираат во современа десничарска партија – вели Јове Кекеновски од ФРОДЕМ, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.

Оние што имаат амбиции да седнат во фотелјата на Груевски, меѓу кои главно се споменуваат Влатко Ѓорчев и Антонијо Милошоски како истакнати изворни вмровци, Никола Тодоров како адут на Груевски, но и Никола Попоски, кој е фаворит на меѓународната заедница, засега молчат и чекаат да видат како ќе се развиваат настаните. Тоа значи дека Груевски треба да одлучи сам да се повлече од лидерското место, бидејќи секој обид да биде променет е осуден на пропаст во ситуација кога партискиот статут, со промените по 1998 година по конфликтот меѓу Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски, го направи партискиот лидер неприкосновен владетел. Но, висок партиски функционер вели дека Груевски засега не дава сигнали оти има намера да се повлече, бидејќи ужива поддршка од партиските органи и членството како лидер што не претрпел ниту еден изборен пораз во последните десетина години.

Груевски ќе ја води партијата најмалку до следните локални избори, по кои, ако постигне позитивен резултат, ќе го засили барањето за предвремени парламентарни избори. Но, кога ќе се формира новата влада, поддршката за ВМРО-ДПМНЕ автоматски ќе опадне бидејќи голем дел од гласовите се добиени по клиентелистички принцип. Како и да е, партијата ќе продолжи да форсира националистичка реторика во функција на предизборна кампања и ќе прави силни опструкции, почнувајќи од парламентот, се до сите институции и органи каде што има свои инсталации – вели Глигор Стојменов, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а денес силен критичар на актуелното партиско раководство.

УЧИ ЛИ ГРУЕВСКИ ОД ТУЃИТЕ ГРЕШКИ?

Сепак, она за што се согласуваат поранешни високи функционери и влијателни фактори во партијата, кои денес слободно го искажуваат својот став бидејќи се надвор од партиските структури, е дека ВМРО-ДПМНЕ нема иднина на среден рок со актуелното партиско раководство. Според нив, партијата што побргу треба да се реформира, да се дистанцира од насилството, да прекине со груевизмот, кој во суштина значи клиентелистички модел на контрола и владеење, како и да прекине да сее омраза и да предизвикува делби меѓу граѓаните.

Дури и првиот лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, кој одигра клучна улога при изборот на Груевски за негов наследник, јавно му порача да го следи неговиот пример, односно да се повлече и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да се реформира. Според првиот човек на ВМРО-НП, партијата нема иднина откога се судри со меѓународната заедница и ги расипа односите со албанските партнери, што ја оневозможува утре да дојде на власт, макар и да победи на избори.

И поранешниот пратеник и министер од редовите на ДПМНЕ, Љубе Бошкоски, му порачува на Груевски да го погледне неговиот пример и да сфати дека поради тоа што делувал наспроти меѓународната заедница за време на конфликтната 2001 година, иако бил целосно во право, завршил во Хаг. Наспроти тоа, додава лидерот на Обединети за Македонија, ДУИ соработуваше со меѓународната заедница, што им овозможи од терористи да се трансформираат во политичари, кои до ден денес се на власт.

Имајќи ги предвид туѓите лекции и искуства, Груевски сигурно е свесен за опасноста во која ја доведе партијата, конфронтирајќи ја со сите, и дома и надвор, само за да дојде во позиција да преговара и евентуално да се договори за ослободување од кривичен прогон од СЈО и од кривична одговорност од реформираното судство, кое секако ќе суди поинаку откако ќе се промени власта. Но, до кога Груевски ќе ја држи во заробеништво партијата, како што десет години ја држеше државата?

РАМКА 1

Брат против брат

БОРИС ЗМЕЈКОВСКИ ГО ПОДДРЖУВА, ВЛАДИМИР БАРА СМЕНА НА ГРУЕВСКИ

Откако стана јасно дека на изборите ќе има десен опозициски блок составен од НП, ОМ и Достоинство, Никола Груевски на пратеничките листи стави неколку постари вмровски кадри, меѓу кои првиот партиски генерален секретар Борис Змејковски.

По неуспехот ВМРО-ДПМНЕ да формира влада, особено во текот на крвавите настани во парламентот, Змејковски му изрази поддршка на Груевски, тврдејќи дека не е точно оти партијата подготвува терен за лидерска смена, туку актуелниот лидер има максимална поддршка од партиските органи и од членството.

Интересно е тоа што неговиот брат, Владимир Змејковски, е претседател на Форумот на слободоумни патриоти, кој функционира како фракција во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, која бара вонреден конгрес за да се избере ново партиско раководство и лидер.

Како што истакнува постариот од браќата Змејковски, тоа го бара членството, кое е незадоволно, но не може да дојде до израз од причина што на чело на секоја месна заедница стои човек близок до врхушката, како што, според него, е случајот и со неговата месна организација во Лисиче, која ја води поранешен член на обезбедувањето на Сашо Мијалков.

Кога начинот на кој Груевски управува со партијата и владее со државата раскара брат со брат од партиската елита, тогаш јасно е зошто за време на „преродбата“, „обичниот“ народ се подели како никогаш порано.

РАМКА 2

Почнаа лицитации за нов лидер

ЈАКОВЛЕСКИ ГО ПРЕДЛАГА БОШКОСКИ, ТОЈ, ПАК, ГО ПОВИКУВА ГЕОРГИЕВСКИ

 За разлика од Мане Јаковлески, кој смета дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски ќе победи на следните избори, кога и да се одржат, неговиот брат Гојко Јаковлески вели дека партијата со актуелното раководство нема иднина, поради што мора да дојде до лидерска смена.

ВМРО нема иднина со ова раководство, па сугерирам ВМРО да оди во опозиција и да биде силна опозиција, ама претходно да избере ново раководство и лидер. Најдобар избор би бил Љубе Бошкоски, кој е симбол за жртва за Македонија и за борба против режимот – изјави Гојко Јаковлески.

Бошкоски, пак, вели дека никогаш не ја напуштил идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, но, додава тој, нереално е опцијата тој да се врати во матичната партија и да стане партиски лидер.

Во партијата треба темелна реформа и секој што е инфициран со „груевизмот“ не може да биде решение за ВМРО-ДПМНЕ – дециден е Бошкоски, кој, пак, посочува дека единствен човек кој може да ја рехабилитира партијата е Љубчо Георгиевски.

Но, првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-НП, Георгиевски уверува дека не е заинтересиран да се врати на чело на партијата.

РАМКА 3

Глигор Стојменов, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

ПАРТИЈАТА ДА СЕ РАСПУШТИ И ДА СЕ ИЗГРАДИ ОД НУЛА

 ВМРО-ДПМНЕ има потреба од целосен ремонт, расчистување со „груевизмот“ и преобразба во модерна проевропска партија, порачува Глигор Стојменов, поранешен функционер од партијата, кој ја напуштил во 2014 година поради несогласување со политиките на актуелното партиско раководство.

Мора да се распушти целиот Извршен и Централен комитет и одново да се екипираат месните и општинските организации, за партијата да се изгради одново. Но, уште поважно е да се расчисти со „груевизмот“, со овој начин на размислување и водење политика, со пресиите и клиентелизмот, но и со просрпската и антиевропска надворешна политика – објаснува Стојменов.

Според него, Груевски ќе настојува и ќе опстои на чело на партијата до локалните избори, а оние што имаат лидерски амбиции и не се согласуваат со дел од политиките, не се спротивставуваат и не покренуваат иницијативи за одговорност и промени.

Главен принцип врз кој функционира партијата е лојалноста и никој не смее да преземе нешто, туку сите чекаат што ќе биде, односно дали Груевски ќе реши сам да се повлече, па да настапат – нагласува тој.

РАМКА 4

Јове Кекеновски, основач на ВМРО-ДПМНЕ

ГРУЕВСКИ НЕМА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ, ПАРТИЈАТА МУ ТРЕБА ЗА ЛИЧНА ЗАШТИТА

ФОКУС: Откако стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција, дали се отвора простор за реформи во партиското раководство, па и за лидерска смена?

КЕКЕНОВСКИ: За жал, простор сѐ уште не е отворен, но не значи дека не е подотворен. По случувањата во Собранието, многумина го видоа и се уверија во вистинското лице на лидерот и лицето на партиската врхушка на ДПМНЕ и во тоа што јас и моите соистомисленици го говориме повеќе години наназад. Многумина од нив се охрабрија и гласно побараа одговорност и оставка, но тоа не допира до нивните уши, а на нив ниту на крај памет не им паѓа да си дадат оставка. Ова раководство нема никаков кредибилитет да изврши реформи затоа што тоа всушност одамна ја реформираше ВМРО-ДПМНЕ од демократска во антидемократска партија, од партија на народот во партија на фамилијата и врхушката, од чесна и патриотска во криминална и во партија на лажни патриоти, од партија што обединува, во партија што разединува.

ФОКУС: Дали верувате дека постои можност Груевски да се повлече доброволно по некаков договор за амнестија, или, пак, ако се повлекува, тоа ќе биде под притисок на истрагите од СЈО?

КЕКЕНОВСКИ: Воопшто не верувам дека тој самиот ќе се повлече. За тоа е потребно храброст. Нему сѐ уште му е потребна партијата и полтроните во неа за лична заштита и спас. Секој негов поминат ден на функцијата претседател на партијата значи чекор поблиску до нејзиното самоуништување. Впрочем, историјата познава големи, доблесни и храбри лидери кои сигурни во својата невиност и чесност си поднеле оставка, не сакајќи да ја инволвираат и оцрнуваат партијата или пак да ја користат како параван. Самите надвор од партијата се борат да ја докажат својата невиност пред органите на правдата. А, што се однесува до амнестија, не знам кој е тој кој би му ја дал откако се ќе излезе на површина за брзо време.

ФОКУС: Каков профил на личност треба да биде новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и дали гледате таков лик во редовите на партијата, кој го сметате за сериозен кандидат за наследник на Груевски?

КЕКЕНОВСКИ: Секако дека голема партија како ВМРО-ДПМНЕ има многу квалитетни кадри за функцијата претседател на партијата, но сакам да потенцирам дека никој од овие кои сега се во Извршниот и Централниот комитет, во раководствата на ОК и МК на партијата, како и сите оние кои биле сервилни и слугувале на партиската врхушка немаат никаква шанса ниту да помислат, а не да се обидуваат да лобираат да станат лидери на партијата во иднина. Новиот лидер треба да биде човек со интегритет и авторитет, демократ и патриот исполнет и докажан во својата професија. На Македонија и на ВМРО ДПМНЕ не им е потребен неизживеан и суетен лидер кој лаже и манипулира 24/7. Не им е потребен лидер кој допрва ќе трага по славољубие, туку потребен им е одлучен и лидер кој држи до својот даден збор…

Поврзани новости