(АРХИВА) ВМРО-ДПМНЕ не доживеа „гербизација“, но дали на СДСМ му се случува „пасокизација“?!

Многу реална е можноста СДСМ да тргне по удолница како ПАСОК, како резултат на една комплексна и повеќедимензиоонална криза на економски план, како и поради многуте болни политички компромиси за краток период, пишуваше меѓу другото „Фокус“ пред една година, посочувајќи дека падот на големите партии отвора врата за дополнително зајакнување на Левица, но и за подем на други движења во најава, како ЗНАМ.

by Фокус

Текстот е објавен на 20 април 2023 година во неделникот Фокус со број 1.437.

Кон средината на ланската година, неделникот „Фокус“ анализираше дали СДСМ ќе заврши како ПАСОК, која своевремено беше водечка партија во грчката левица, но веќе е многу далеку од политичкиот врв, или, пак, пореално е сценариото ВМРО-ДПМНЕ да дојде во иста позиција како ГЕРБ, која победува на избори во Бугарија, но тешко успева да состави влада? По резултатот на изминативе избори, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ е далеку од ситуацијата на ГЕРБ, со оглед дека победи убедливо и ќе формира влада без никакви проблеми со коалицискиот потенцијал. Меѓутоа, дебаклот што го доживеа СДСМ ја турка кон судбината што ја имаше ПАСОК, се разбира, ако овој пад продолжи и кризата дополнително се продлабочи.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кога се прави пресек на политичките процеси во минатото и се проектира идниот развој на настаните, речиси секогаш се врши и одредена компаративна анализа со други држави, најчесто од непосредното опкружување или поблискиот регион, кои имаат слична политичка култура, демократска традиција…

Практично, преку вакви споредби се идентификува одреден причинско-последичен однос, кој потоа се аплицира и врз домашните политички феномени. Во таа смисла, често се говори за српско, косовско, бугарско и грчко сценарио, кога треба да се објасни некоја фактичка ситуација и/или кога се прават проценки за идни разврски.

Така, многумина прогнозираат дека СДСМ се движи кон грчка разврска, односно дека партијата ја чека таканаречена „пасокизација“. Всушност, овој термин укажува дека владејачката партија во земјава ја чека пропаст исто како ПАСОК, која некогаш беше водечка партија во грчката левица, но веќе е далеку од грчкиот политички врв.

Но, евентуална реализација на вакво сценарио подразбира многу претпоставки, а една од нив е да се издигне друга партија во левиот спектар, која фактички ќе ги истурка социјалдемократите. Во тој контекст, се прават анализи дали Левица има капацитет онолку колку што има желба да биде македонската Сириза?

Од друга страна, пак, во последно време сѐ повеќе се дискутира и за „гербизација“ на ВМРО-ДПМНЕ, која лесно би можела да се најде во иста позиција како ГЕРБ во Бугарија – успева да победи на избори, но тешко успева да состави влада, бидејќи е изолирана на политичката сцена.

Исто така, еден период се расправаше дали ДУИ може да „падне“ како Демократската партија на Косово, чиј поранешен лидер, заедно со уште тројца некогашни соборци на ОВК, беше обвинет од хашкиот суд за воени злосторства. Па, се редеа „за“ и „против“ аргументи дали и Али Ахмети може да заврши како Хашим Тачи?

Како се одвивале овие процеси во споменатите држави? Колку ваквите споредби претставуваат издржани анализи, а колку список на посакувани желби? Односно, колку случувањата во други земји се реално остварливи и кај нас – кои се сличностите, а кои се разликите?

ПАСОКИЗАЦИЈА“ НА СДСМ

Поимот „пасокизација“ е релативно нов, но истовремено и доволно стар, за да биде јасна конотацијата во која се употребува. Имено, тој се поврзува со политичката партија ПАСОК, која своевремено беше доминантна централно-левичарска партија, но беше совладана од страна на Сириза.

Инаку, ПАСОК или Панхелиското социјалистичко движење е основана во 1974 година од страна на Андреас Папандреу, веднаш по падот на воената диктатура. Но, за иронија на судбината, ако ПАСОК била воздигната од Папандреу, кој го враќа народниот суверенитет и спроведува демократска рехабилитација, падот почнува за време на владеењето на неговиот син Јоргос Папандреу.

Токму за време на владата на ПАСОК предводена од помладиот Папандреу, Грција се соочи со големи финансиски и социјални проблеми, голем буџетски дефицит, јавен долг и стапка на невработеност. Иако тоа беше „заслуга“ и на ПАСОК и на десничарската Нова демократија, кои го „пумпаа“ плебсот со разни бенефиции, на крајот револтот од стегањето на ременот падна врз грбот на левицата.

Во еден таков амбиент, замав зеде тогаш ултралевичарската Сириза на чело со Алексис Ципрас, наметнувајќи се како антиестаблишмент-партија. Од тој процес, најголема штета имаше токму ПАСОК, која на изборите во 2009 година освои 44 отсто од гласовите или 160 пратенички места, а веќе во 2012 година падна на 41 пратеник, за во 2015 година да биде дотолчена со само 13 освоени пратеници.

Паралелно со тоа, Сириза, не само што го освои левиот простор, туку ја освои и власта во Грција по „болните“ меморандуми што Грција ги потпишуваше ЕУ, ММФ и Светска банка, со кои се предвидуваа драконски мерки на штедење. Во меѓувреме, Сириза се трансформираше од радикална во умерена и конвенционална левица.

Затоа, со „пасокизација“ се означува аналогија за пропаст на доминантна левичарска структура, а овде најмногу го употребува Левица, која смета дека СДСМ ќе ја доживее судбината на ПАСОК, додека тие ќе се наметнат како доминантна лева сила по примерот на Сириза.

За тоа говореше и партискиот лидер Димитар Апасиев во неодамнешното интервју за „Фокус“, истакнувајќи дека Левица во својата политичка иднина има две битки. Првата битка им е со СДСМ, а дури потоа, како што рече, може да се пресметаат со ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ паѓа под 200.000 гласови, заедно со коалицијата, а Левица сама крева над 100.000 гласови. СДСМ е во коалиција со 25 партии, а секоја од нив има по 1.000 основачи. Во старт 25.000 гласа. По четири најмалку од фамилија што би ги гласале, тоа се 100.000 гласови. Ако одземете 200.000 минус 100.000, самата Левица е пата пата со СДСМ – рече Апасиев.

ЛЕВИЦА КАКО СИРИЗА ИЛИ ЗЛАТНА ЗОРА?

Арно ама, сите не се согласуваат со ваквите тези и очекувања, а најмалку СДСМ, чиј потпретседател Стефан Богоев, исто така во интервју за „Фокус“, рече дека Левица не може да се споредува со Сириза, туку со екстремнодесничарската Златна зора, која неодамна беше забранета, а нејзините водачи одговараа за злосторничко здружување.

Сириза е сестринска партија на СДСМ со која соработуваме. Ципрас и Зоран Заев направија историски исчекор, решија децениски спор. Левица нема ни еден отсто од интелектуалните и политичките капацитети на Сириза. А, во нејзиното дејствување, комплетно делува како Златна зора.Таа е радикално десничарска партија која фаворизира црква, национализам… – истакна Богоев.

Факт е дека Левица и Сириза застапуваат исти ставови за разни економски и социјални прашања, за работнички права и сл. Но, имаат различен пристап за многу теми. На пример, Сириза го реши деценискиот спор со Македонија, што тешко за македонското општество, но и за грчкото општество, кое беше прилично конзервативно и ригидно во однос на македонското прашање.

Наспроти тоа, Левица жестоко се противеше на Преспанскиот договор, а сега уште пожестоко се противи на францускиот предлог. Патем, користи една тврда реторика која многумина ја оценуваат како националистичка, бидејќи често содржи негативни елементи кон други држави и етнички заедници.

Во меѓувреме, Апасиев најавува дека, кога ќе биде во можност, т.е. кога ќе дојде на власт, ќе им удри сатар за крупните капиталисти, на националните медиуми и многу други категории. Такви тешки зборови Ципрас никогаш не кажал, а уште помалку направил или спровел кога бил во позиција.

Дури, по краток отпор попушти и под притисокот на меѓународните кредитори и реалноста дека долговите мора да се вратат, бидејќи едноставно нема бесплатен ручек. Така, Грција мораше да плати за сите популистички привилегии за средната работничка класа, и тоа со камата.

Оттука, груби аналогии не може да се прават, бидејќи две идентични копии нема, особено не во различни околности и констелации. Тоа не значи дека Апасиев еден ден не може да дојде на власт како Ципрас, но ако сака да остане натаму, ќе мора и тој да ја омекне реториката. Но, уште побитно, да ревидира одредени програмски определби, особено оние што рефлектираат повеќе кон Исток отколку кон Запад.

Едноставно, тие се позиции што може да донесат политички поени, со помош на кои партијата би се факторизирала на краток рок. Но, не се опортуни на подолг рок, бидејќи во мултиетничко општество тешко овозможуваат простор за поширок маневар, тешко дозволуваат освојување на власта, а уште потешко стабилно и одржливо владеење.

ГЕРБИЗАЦИЈА“ НА ВМРО-ДПМНЕ

Во секој случај, за потенцијална „пасокизација“ на СДСМ има уште еден основен предуслов, а тоа е СДСМ прво да падне во опозиција. Но, како моментално се наредени коцките на политичката сцена, постојат поделени мислења дали ВМРО-ДПМНЕ е во кондиција да ја освои власта?

Зошто многумина се сомневаат во таков епилог?

Според застапниците на оваа теза, пореална е можноста за „гербизација“ на ВМРО-ДПМНЕ отколку за „пасокизација“ на СДСМ. Иако ВМРО стои подобро на анкетите и има поголема поддршка, според нив, нивниот проблем е што СДСМ има поголем коалициски потенцијал.

Меѓутоа, што, всушност, значи „гербизација“?

Станува збор за исклучително нов поим, кој веќе го употребија неколку домашни аналитичари и новинари, правејќи проценка дека ВМРО-ДПМНЕ може да ја доживее судбината на ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој успева да победи на парламентарни избори, но не успева да формира влада, бидејќи има широк политички фронт спроти себе.

За потсетување, Борисов е некогашниот бодигард на комунистичкиот водач Тодор Живков и полициски функционер во време кога Бугарија се „чистеше“ преку масовни ликвидации на криминалци во пресрет на влегувањето во ЕУ. Тој е избран за пратеник како дел од Движењето на царот Симеон Втори во 2005 година, а истата година станува и градоначалник на Софија.

Веќе следната година ја основа организацијата ГЕРБ, која прераснува во политичка партија што го зазема главното место во десницата. Арно ама, во контекст на ВМРО-ДПМНЕ не се користи овој почетен дел од историјата на ГЕРБ, кога Борисов со нова партија успева да ја направи продор, што е реткост во десничарските кампуси, од проста причина што овие партии имаат многу поцврсто и похомогено гласачко тело отколку левите.

Туку, во предвид се зема поновата историја на ГЕРБ, откога Бугарија влезе во перманентна политичка криза токму поради владеењето на Борисов, што произведе многу таканаречени протестни партии. Тие главно никнаа од протестите мотивирани од честите поскапувања и намалувањето на животниот стандард.

Меѓу нив беше Има таков народ на популистот Слави Трифонов, кој успеа да победи на избори, но не направи влада и веќе стана декор во бугарската политика. На следните избори победи уште една млада партија – Промената продолжува на експремиерот Кирил Петков, кој беше дел и од една од привремените влади назначени од претседателот Румен Радев.

За разлика од Трифонов, Петков успеа да формира влада, но таа се потпираше на гломазна и шарена коалиција, па нејзиниот век беше многу краток. На последните избори, оваа партија веќе се етаблираше како водечка граѓанско-либерална, па може да се каже и централно лева партија, забрзувајќи го падот на традиционалната левица претставувана од веќе ретроградните социјалисти.

Сепак, на последните избори, на прво место завршува ГЕРБ на Борисов, но далеку е од позиција да формира влада. Така беше на претходните избори, иако Борисов отстапи од амбицијата повторно да биде премиер. И сега е во тешка ситуација, па затоа подава рака кон најголемиот ривал Петков, промовирајќи го концептот за заедничко владеење.

ГЕРМАНСКИ РЕЦЕПТ ЗА ЗАЕДНИЧКО ВЛАДЕЕЊЕ

Говорејќи за можните компромиси, Борисов посочи дека во Романија има ротација на премиери. Но, неговата идеја во суштина претставува адаптирана верзија на германскиот модел за заедничко владеење, што долги години го аплицираа демохристијаните и социјалдемократите.

Меѓутоа, треба да се истакне дека тоа беше во ерата кога неприкосновен политички авторитет беше Ангела Меркел, во чие време ЦДУ книжеше само победи. Во таква ситуација, социјалдемократите немаа голем избор – или ќе му се приклучеа на победникот или ќе заглавеа во опозиција.

Меѓутоа, ваквата споредна улога во германската влада не ги уништи социјалдемократите, како што тоа често се случува на Балканот со секоја партија што ќе стане приврзок на „поголемиот брат“ по што прво губи идентитет, потоа рејтингот и влијанието, па сѐ останато.

Дури, веднаш по пензионирањето на Меркел, ЦДУ ги загуби изборите, а социјалдемократите предводени од актуелниот германски канцелар Олав Шулц победија и формираа влада со „зелените“.

Кога би се правела споредба со Бугарија, проблемот е што ниту Борисов, ниту Петков не се неспорни авторитети како што беше Меркел во Германија, за да ги амортизираат разликите, нудејќи концепт за заедничко владеење за повисоки цели.

Покрај тоа, се забележува дека Борисов инсистира на договор, а Петков упорно одбегнува, од причина што неговата партија се роди како антипод на самоволието и корумпираноста на владата на Борисов.

Слично е и во Македонија. Ако Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски си подадат рака и договорат заедничка власт, ќе загубат многу гласачи кои се индоктринирани, покрај останатото, и поради меѓусебните  конфронтации.

Тоа е и една од причините зошто оваа идеја промовирана од поранешниот премиер Зоран Заев за поделба на власта меѓу СДСМ и ВМРО не доби поширока поддршка.

Но, сведоци сме како во албанскиот блок во континуитет се применува овој германски модел, се разбира, во една модифицирана верзија. Во иста влада со ДУИ прво влезе Алтернатива на Африм Гаши, па Беса на Биљал Касами, а сега и Алијанса на Арбен Таравари.

Иако Алијанса се истакна како главен противник на ДУИ, обвинувајќи ја дека го политизирала и корумпирала цел систем, сега одлучи да соработува со неа. Просто кажано, сфатија колку е саат, односно дека ДУИ е речиси непобедлива, па одлучија да му се придружат на „непријателот“.

Како дојде до тоа да се потврди митот за непобедливоста на Ахмети? Зошто албанските опозиционери увидоа дека ДУИ не може да се детронизира, и тоа во време кога дувнаа поинакви ветришта, пред сѐ поради внатрешниот конфликт со „огнените“?

КОСОВСКО ИЛИ ХАШКО СЦЕНАРИО

Како што е познато, голем удар за албанската политичка елита во регионот беше одлуката на хашкиот суд да го обвини поранешниот косовски премиер и лидер на Демократската партија Хашим Тачи за воени злосторства. Кога тој беше обвинет, неговата партија замина во опозиција, што му го отвори патот кон власта на актуелниот премиер Албин Курти.

Ваквото рекомпонирање на политичките сили на Косово се случи во специфичен момент, кога Тачи влезе во преговори со српскиот претседател Александар Вучиќ за решавање на косовското прашање според моделот на размена на територии.

Тоа наидуваше на поддршка и од тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, но не и од демократите во САД, а особено не од европските сили. Тогаш имаше и тврдења дека политичката егзекуција на Тачи е европско-германска иницијатива за уривање на проектот за размена на територии, што би предизвикал домино-ефект во балканското буре-барут.

Кога веќе Трамп ја загуби власта, а Курти се етаблираше на власт во Косово, што доведе до компликации во односите со Србија, тешки обвинувања на негова сметка испорача Ричард Гренел, кој беше специјален пратеник на Трамп за преговорите меѓу Белград и Приштина:

Уште еднаш, радикалниот левичар и искусен фашистички премиер на Косово, Албин Курти, еднострано прави чекор да ги забрани српските регистарски таблички и лични карти на Косово. Тоа е глупаво, несовесно и непотребно. Зошто Ентони Блинкен не му каже да престане со фашистичките методи?“

Се чини дека идејата за размена на територии веќе е завршена работа. Токму затоа може има нервоза и во Белград и во Приштина, бидејќи свесни се дека мора да го решат прашањето интегрално, па и едните и другите почнаа да заземаат максималистички позиции, знаејќи дека ќе мора да прават отстапки во текот на преговорите.

Каде е тука Ахмети?

Лидерот на ДУИ постојано ја нагласува потребата од договор меѓу двете страни, при што често го прозива и Косово, порачувајќи му дека мора да постигне договор за стабилност и просперитет во регионот.

Дефинитивно, тој има чувство како да се постави со цел да не наруши интересите на големите сили, поради што речиси невозможно е да ја доживее судбината на Тачи, односно да заврши под прогон од Хаг. Што, пак, не значи дека нема опасност да заврши во политичка пензија, ако се распламти пожарот предизвикан од „огнените“.

Но, многу реална е можноста СДСМ да тргне по удолница како ПАСОК, како резултат на една комплексна и повеќедимензиоонална криза на економски план, како и поради многуте болни политички компромиси за краток период.

Сепак, добрата страна е што тие компромиси и овозможуваат да го компензира падот со коалициски потенцијал, што, пак, е најголем дефицит на ВМРО-ДПМНЕ, како што е случај и со ГЕРБ.

И кај двете партии се забележува општ пад во поддршката, што ја отвора вратата за дополнително зајакнување на Левица, но и за подем на други движења во најава, како она на Максим Димитриевски.

 

Тито Петковски, поранешен спикер и партиски лидер
СДСМ ГИ НАПУШТИ ЛЕВИЧАРСКИТЕ ПОЗИЦИИ, НО ТЕШКО ЌЕ БИДЕ ИСТИСНАТА ОД ЛЕВИЦА

СДСМ е во пад бидејќи ги напушти левичарските позиции, но тешко дека целосно ќе пропадне и ќе биде истисната од Левица, смета поранешниот претседател на Собранието, потпретседател на СДСМ и лидер на НСДП Тито Петковски.

Кај нас, големите партии имаат стабилни гласачки тела и тешко се случуваат толкави потреси како во други земји, една партија да истисне друга. Но, проблем за СДСМ е што паѓа бидејќи ги напушти левичарските позиции во економијата, социјалата. Тоа се случи со Зоран Заев, крупен капиталист, кој програмски ветуваше враќање на средната класа, но ништо од тоа не се случи, а оваа тенденција продолжува и сега со Ковачевски – вели Петковски.

Сепак, според него, Левица нема капацитет да го заземе местото на СДСМ во левиот спектар, како што тоа го направи Сириза во Грција.

Левица е класична комунистичка партија, но е поставена на анти основа. Нивната реторика е антиалбанска, против Бугарите, Грците, па и САД. Тоа е проруска партија, која е некомпатибилна за мултиетничко општество. Комунистите во Грција, но и во Шпанија што направија успех беа и се прозападни комунисти – вели Петковски.

Тој вели дека кавгата во македонскиот блок меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја користат Албанците на чало со ДУИ, кои изборија етнички права, јазична бинационалност, поради што Петковски прашува што е следно?

 

Марјан Ѓорчев, поранешен пратеник, министер, амбасадор
ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ИМА СТАБИЛНА ВЛАДА АКО НАПРАВИ СОЈУЗ СО СИЛЕН АЛБАНСКИ БЛОК

СДСМ ќе падне како ВМРО-ДПМНЕ во 2002 година, кога освоивме под 30 пратеници, и многу тешко ќе состави влада и покрај евентуалниот сојуз со албански партии, вели поранешниот пратеник, министер, амбасадор и градоначалник Марјан Ѓорчев, кој беше потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според мои проценки, ВМРО-ДПМНЕ реално гледано ќе освои над 50 пратеници или тука некаде, зависно помалите коалициски партнери колку ќе донесат, оние сега што се, плус евентуално Павле Трајанов и уште некој ако се приклучи, гледам сигнали од ВМРО-НП итн. Без албански партнер, тешко ќе се воспостави стабилна власт, ќе треба многу компромиси со Левица, Максим Димитриевски, кои имаат свои специфики и се од другиот идеолошки блок – вели Ѓорчев.

Според него, особено битно за политичката сцена, вклучително и за ВМРО-ДПМНЕ, е дали „огнената група“ целосно ќе се издвои од ДУИ ќе формира респектабилен коалициски блок со Беса и Алтернатива.

Али Ахмети е воен херој, мит… И албанските лидери тешко одат против Ахмети, но има опозициско расположение, гледам и одредено поттикнување од меѓународната заедница, од која дел е за промени и во ДУИ. Па, овој блок би ѝ парирал на ДУИ, и ако освои над 10 пратеници, може да му донесе стабилност на ВМРО-ДПМНЕ при евентуално идна влада – смета Ѓорчев.

Тој додава дека земјава е во голема криза по Преспанскиот договор и компромисите со Бугарија, каде што, како што посочува, до израз доаѓаат тешки поделби какви што сѐ повеќе ќе доаѓаат и во Македонија.

 

Џевдет Хајредини, политички аналитичар
ДУИ НЕМА ДА БИДЕ ИМУНА НА ПРОМЕНИТЕ, МОЖНО Е ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА АХМЕТИ

Политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини, кој е поранешен пратеник министер, смета дека СДСМ убедливо ќе ги загуби следните парламентарни избори од ВМРО-ДПМНЕ, но, како што додава, нема да ја доживее судбината на грчки ПАСОК.

Трендовите се лоши за СДСМ, која се повеќе губи поддршка кај Македонците, која е толку голема за ВМРО-ДПМНЕ, што мислам дека нема да може да се игнорира после следните избори и Мицкоски ќе ја предводи следната влада. Сепак, тоа не значи дека СДСМ ќе заврши како ПАСОК, а Левица ќе го зазеде нивното место. Левица ќе остане маргинална партија, која сега има 2, а на следните избори ќе има 5 или нешто повеќе пратеници – вели Хајредини.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да формира влада без ДУИ, која, како што посочува, нема да остане имуна на промените. Дури, Хајредини очекува скоро пензионирање на Али Ахмети.

Тоа нема да се случи како во Косово, како последица на судски постапки од хашкиот трибунал. Тоа ако требаше да се случи веќе ќе се случеше. Тоа ќе биде резултат од притисокот на Албанците, но и внатре во неговите редови. Алијанса влезе во владата, но таа пак е против ДУИ, а против ќе бидат и „огнените“. Ако ДУИ го загуби и Скопје, откако остана без Гостивар и Тетово, тоа ќе значи пензија за Ахмети – вели тој.

Поврзани новости