(АРХИВА)Владата на Трамп ќе чека дивиденда од ветерниците на „Алказар“ близу Штип: Кои се инвеститорите што ќе го градат ветропаркот во источна Македонија?

by Fokus

Компанијата „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург ќе го гради најголемиот ветерен парк со капацитет од околу 400 мегавати на делови од територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш.

Сѐ уште не е познато кога ќе почне изградбата, но, според најавите на компанијата на јавната презентација во Штип, треба да се отпочне со градежни работи во втората половина на оваа година. На официјалната страница на „Алказар енерџи“, пак, е најавено дека изградбата на ветерниот парк ќе почне во 2026 година.

Во вториот инвестициски циклус на „Алказар“ од 2022 година наваму се собрани 490 милиони долари за проекти за обновливи извори на енергија. Најавите се дека во овој циклус, „Алказар“ ќе создаде над 1,6 гигават-часови зелена енергија и ќе привлече 2 милијарди долари директни инвестиции за своите проекти. Најголемите инвеститори во „Алказар енерџи“ се државните банки и инвестициски фондови на САД, Германија, Франција, Холандија, Кина и Австрија. Заеднички именител на сите инвеститори што ги анализира „Фокус“ е вложувањето во енергија од обновливи извори во земјите во развој како Македонија, Србија и Црна Гора.

Текстот е објавен на 13 февруари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.532.

Пишува: Орце КОСТОВ

Компанијата „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург ќе го гради најголемиот ветерен парк со капацитет од околу 400 мегавати на делови од територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш.

Сѐ уште не е познато кога ќе почне изградбата, но, според најавите на компанијата на јавната презентација во Штип, треба да се отпочне со градежни работи во втората половина на оваа година. На официјалната страница на „Алказар енерџи“, пак, е најавено дека изградбата на ветерниот парк ќе почне во 2026 година.

Ветерниот парк со 54 ветерници на површина од 326 хектари, кој ќе има капацитет да задоволува 100.000 домаќинства во Македонија, иако никаде не стои дека „Алказар енерџи“ ќе ни продава електрична енергија по загарантирана цена, е првиот голем проект што премиерот Христијан Мицкоски го промовираше на вториот работен ден од формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.

Претставниците на инвеститорот од Луксембург информираа дека паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини, кои преку новоизградена трафостаница, годишно ќе произведуваат над 860 гигават-часови електрична енергија и ќе влегува во националната енергетска мрежа.

Ќе се постават 80 километри подземни кабли и ќе се реконструираат старите патишта и ќе се изградат нови за потребите на ветропаркот во вкупна должина од 68 километри и приближно седум километри 400-ватен далековод, кој ќе ја поврзува трафостаницата со електричната мрежа.

– Фазата на изградба се очекува да почне во втората половина од оваа година и да трае приближно 3 години, а оперативната фаза ќе почне со поврзување на ветерниците со националната мрежа и се очекува тоа да биде во 2027 година – изјави пред присутните, Татјана Димитрова-Филковска, специјалист за животна средина во „Алказар енерџи“.

Според неа, турбините на 54 ветерници ќе произведуваат енергија со која може да се опслужат над 150.000 домаќинства, притоа избегнувајќи околу 980.000 тони емисии на јаглерод диоксид годишно.

Ветерниот парк ќе биде со работен век од 25 до 30 години и, според најавите, ќе чини околу 450 милиони евра. По изминувањето на овие 30 години, колку што е работниот век на турбините, отпадот ќе го преземе производителот.

Дизајнот на проектот е во тек, а откако ќе бидат завршени комбинираните инженерски и еколошки студии, позициите на турбините и внатрешните патишта ќе бидат потврдени.

Компанијата инвеститор поседува план за земјиштето на тромеѓето меѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш, според кој, најголем дел од земјата е државна, а само мал дел е во приватна сопственост. „Алказар“ најави дека за овој дел ќе плати над пазарната цена.

Компанијата ќе гради на истата локација и врз основа на почнат проект од 2009 година на шпанската компанија „Инвал“, кој никогаш не беше реализиран. Единствената новина е што, наместо тогашните 60, сега ќе се инсталираат 54 ветерници поради тоа што турбините сега имаат различна технологија и се пошироки.

„Алказар“ се повикува и ги користи старите документи низ македонските институции, вклучително и Решението за спроведување оценка на влијание, што, според екологистите, е пропуст на нашите институции, бидејќи се работи за друг и сосема нов проект.

КОЈ ЌЕ ИНВЕСТИРА ВО ВЕТРОПАРКОТ?

Претставниците на компанијата од Луксембург со седиште во Дубаи појаснија дека „Алкараз енерџи“ е одржлив инфраструктурен фонд на обновливи извори на енергија, поддржан од банките за развој и посочија дека овој проект во нашата држава e најавен во јуни минатата година.

Во своето портфолио, „Алказар енерџи“ наведуваат 5 соларни фотоволтаични централи и 2 ветерни парка во Јордан и во Египет. Од регионот, пак, на нивната веб-страница може да се пронајдат информации за влегување во проект за ветерен парк во Црна Гора од септември лани.

„Алказар енерџи“ е, всушност, независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим советници стационирани во Дубаи. Основан е во 2014 година и во своето портфолио наведува дека за четири години станал најголем инвеститор во проекти за обновливи извори во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка.

Ние со своите партнери пред десетина години решивме дека ќе бидеме инвеститори во пазари во развој. Дојдовме во Македонија, каде што соларната и ветерната енергија сè уште не се толку присутни – рече Даниел Калдерон, извршен директор на „Алказар енерџи“.

Идејата за проектот за овој ветерен парк се актуализираше во јавноста од 2009 година, кога со него се поврзуваа бизнисменот Стефан Пулејковски и шпанската фирма „Инвал“.

Секогаш кога Алказар енерџи ќе дојде во земји, како Македонија, Црна Гора, Египет и Јордан, имаме локален партнер. Најчесто овој локален партнер има доста одработено во дело на подготовка и развој на оваа активност бидејќи треба да се анализира земјиштето, да се види контекстот, какви технологии треба да се применат.

Така што, Стефан го спроведуваше тој дел од проектот, ги завршуваше тие работи и сега ние доаѓаме во момент кога гледаме дека политичкиот прозорец е исправен, економскиот контекст е поволен, трошоците за технологијата се поволни за ова да може да се реализира на начин на кој е потребен – рече Калдерон.

Калдерон, кој зборуваше во Скопје, е меѓу 37-те лица претставени како дел од тимот на „Алказар енерџи“ на официјалната веб-страница. Меѓу нив е и Жарко Василев, менаџер за финансии, кој ќе биде одговорен за работите поврзани со инвестицијата во Македонија.

По пробивањето на бизнисот на Блискиот Исток и Северна Африка, тие го отвораат и фондот со седиште во Луксембург.

На официјалната веб-страница се објавени и инвеститорите во вториот инвестициски циклус на „Алказар“, во кој од 2022 година наваму се собрани 490 милиони  долари за проекти за обновливи извори на енергија, привлекувајќи капитал од Блискиот Исток, Европа, Северна Америка и Европа.

Најавите се дека во овој циклус, „Алказар“ ќе создаде над 1,6 гигават-часови зелена енергија и ќе привлече 2 милијарди долари директни инвестиции за своите проекти.

Најголеми инвеститори во „Алказар енерџи“ се државните банки и инвестициски фондови на САД, Германија, Франција, Холандија, Кина и Австрија. Заеднички именител на сите инвеститори што ги анализира „Фокус“ е вложувањето во енергија од обновливи извори во земјите во развој, како Македонија, Србија и Црна Гора.

Фондот привлекол 8 големи инвеститори, како што е американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC). Оваа корпорација е, всушност, државна финансиска институција на Белата куќа, која вложува во приватниот сектор, посебно во проекти што ги трансформираат земјите во развој на Балканот и на Блискиот Исток.

Во бордот директори на ДФЦ се и две лица од кабинетот на Трамп – државниот секретар Марко Рубио, кој се грижи за надворешната политика на претседателството преку Стејт департментот, како и секретарот за финансии Скот Бесент.

Потоа, во бордот членуваат Ирвинг  Бејли, во улога на постар советник, Кристофер Винс како претседател на бордот и сопственик на „ТРЦ компанис“ – приватна компанија, која изработува проекти за електрични и енергетски системи, цевководна инфраструктура, патишта и автопатишта, како и Девен Парек, кој доаѓа од инвестицискиот фонд „Инсајд партнерс“ од Њујорк.

Оваа американска владина институција е формирана во првиот мандат на претседателот Трамп во 2019 година, со цел да се инвестира заедно со приватни компании во земјите во развој.

Еден од инвеститорите е Меѓународната финансиска корпорација (IFC). ИФЦ е членка на Групацијата на Светска банка и е најголемата глобална развојна институција фокусирана на приватниот сектор на пазарите во развој. Ја води сенегалскиот економист и бивш министер за финансии на земјата, Махтар Диоп, кој е еден од најголемите луѓе во Африка.

Трет инвеститор во фондот што ќе гради ветропарк во Македонија е „Proparco“, финансиска институција од Франција, која е огранок за финансирање на приватниот сектор на Агенцијата за развој на Франција.

Нејзиното дејствување се фокусира на клучните развојни сектори: инфраструктура, главно за обновливи извори на енергија, агробизнис, финансиски институции, здравство и образование.

Франсоа Ломбар беше назначена за главен извршен директор на „Пропарко“ од страна на одборот директори на 25 март 2022 година. Претходно, таа беше финансиски директор на државната агенција за развој на Франција.

Еден од големите инвеститори во фондот на „Алказар“ е германската „KFW DEG“, подружница на германската државна инвестициска и развојна банка „KFW“ со седиште во Франкфурт.

Deutsche Investitions- und Entwicklungsgesellschaft (DEG) е развојна финансиска институција (DFI) и подружница на „KfW Group “. Основана е во Келн, во септември 1962 година, како компанија во федерална сопственост. Со портфолио од околу 9,2 милијарди евра во речиси 80 земји, DEG е еден од најголемите светски финансиери за развој на приватниот сектор.

Од 2014 година, „KFW“е најголема светска банка за национален развој, а од 2018 година, трета по големина банка во Германија според билансот на состојба. „KFW“ е во сопственост на Сојузна Република Германија (80 проценти) и државите на Германија (20 проценти). Ја предводи петчлен извршен одбор на чело со извршниот директор Стефан Винтелс.

Во меѓувреме, развојната банка, освен што инвестира во „Алказар“, му одобри на македонскиот државен енергетски оператор ЕСМ кредит од 55 милиони евра за изградба на фотоволтаичната електроцентрала.

Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“, а вкупната инвестиција е 55 милиони евра. Од нив, 47,3 се за Битола 2, а остатокот е за ветерниот пар Богданци.

Инвеститор во ветропаркот преку „Алказар“ ќе бидат „OeEB“, развојна банка на Австрија, во целосна сопственост на централната банка во земјата, Европската инвестициска банка (ЕИБ), која е банка формирана од ЕУ и сопственост на 27 земји-членки на ЕУ. Претседател на најголемата мултилатерална финансиска институција во светот е Надја Калвино од Шпанија.

Друг инвеститор е Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата (AIIB), која е мултилатерална развојна банка и втора по големина мултилатерална развојна институција во светот, со седиште во Пекинг, која брои 110 членови.

Почетниот капитал на банката беше 100 милијарди американски долари, што е еквивалентно на две третини од капиталот на Азиската банка за развој и околу половина од капиталот на Светска банка.

Банката од 2014 година добива највисок кредитен рејтинг од трите најголеми рејтинг-агенции во светот, и од своето основање се гледа како потенцијален ривал или алтернатива на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Претседател на одборот директори е Џин Ликун од Кина.

Во „Алказар“ ќе инвестира и Швајцарскиот инвестициски фонд за пазари во развој (СИФЕМ) основан како приватна компанија во целосна сопственост на Конфедерацијата, потоа ФМО – холандска развојна банка структурирана како билатерална меѓународна финансиска институција од приватниот сектор со седиште во Хаг, Холандија.

Меѓу другото, ФМО управува со средства за министерствата за надворешни работи и економски прашања на холандската влада. Холандската влада поседува 51 отсто од акциите, но ФМО работи како комерцијална компанија.

„AllianzGI“ е, исто така, инвеститор во „Алказар“. Оваа фирма за управување со инвестиции стана позната по еден од најголемите случаи со измами, во која фондот изгуби 6 милијарди долари во 2020 година. Таа е фирма-ќерка на „Алијанц“, најголемата осигурителна компанија во светот со седиште во Минхен, која управува со 2.432 милијарди евра во моментов.

Последен инвеститор во „Алказар“ е нам добропознатата Европска банка за обнова и развој (ЕБОР). Со седиште во Лондон, ЕБОР е во сопственост на 73 земји и две институции на Европската Унија, а најновиот акционер е Алжир од октомври 2021 година.

ШТО ЌЕ ДОБИЕ МАКЕДОНИЈА ОД ПРОЕКТОТ?

Најавата за изградба на нов ветерен парк во Македонија предизвика бројни реакции од научната фела затоа што, освен тоа што ќе се инвестираат 450 милиони евра во ветерници и ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата, владата не откри што ќе добие Македонија.

Освен приходите од данокот на добивка, колку ќе заработи земјава од инвестицијата од закупот на државното земјиште во следните 30 години и дали Македонија ќе добива поевтина електрична енергија од оние ветерници или целата ќе завршува на слободниот пазар. И најголемото прашање што се провлекува е зошто Македонија не е коинвеститор во овој проект?

„Фокус“ побара одговори од Министерството за енергетика и од компанијата во Луксембург, но до затворањето на неделникот не беа пристигнати.

Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, поттикнат од најавата за оваа инвестиција, со посебен осврт се насочи кон анализа на најавената инвестиција.

Тој потенцира дека „ветропаркот нема да биде македонска инвестиција, туку ќе биде странска директна инвестиција од странски инвестициски фонд. Потоа, Трајковски посочува дека ќе се разгледаат главните поенти од објавата, со цел да се разбијат некои митови.

Прво, странската инвестиција ќе отворела 630 работни места за време на изградбата и ќе задржеле 200 вработени по пуштањето во работа. Па, доколку нашата држава инвестираше и градеше, ние, исто така, ќе ги вработевме тие 630, односно 200 луѓе, така што тука нема никаква екстра придобивка.

Второ, ни кажуваат дека оваа странска инвестиција ќе ни го кренела годишниот БДП за 100 милиони евра. Иако другпат ќе видиме дека оваа бројка е нереална, дури и ако ја прифатиме, се работи за чисто статистичко учество, односно евидентирање на производот во домашниот БДП, додека во стварноста, македонскиот буџет нема да види денар од тие пари, бидејќи странскиот инвеститор ќе го изнесе профитот во фондот во Луксембург, од каде што ќе им исплатува солидни дивиденди на инвеститорите.

Единствениот ќар би бил данокот на добивка од 10 отсто, но и тука нема екстра придобивка, бидејќи доколку инвестиравме самите, данокот секако би се уплатувал во буџетот – укажува професорот Трајковски.

Тој заклучува дека дотука не видовме никаков екстра ќар, па, како што вели, да го видиме сега зијанот.

Доколку навистина ветропаркот остварува годишна добивка од 100 милиони евра, за 30 години (колку што типично изнесува работниот век на ветерните централи), нашата изгубена добивка изнесува неверојатни 3 милијарди денешни евра. Во идни евра, прилагодени со инфлацијата – двојно повеќе.

Значи, губиме 3 милијарди евра добивка, а заштедуваме само каматни трошоци, кои при каматна стапка од 4 проценти (за кредити за зелена енергија, што лесно се одобруваат деновиве), на 85 отсто од 500 милиони долари, односно 425 милиони долари позајмени пари на 20 години, изнесува само околу 215 милиони долари. Така ние би вратиле вкупно 425+215=640 милиони долари во 20 еднакви ануитети од по 32 милиони долари – образложува Трајковски.

Тој додава дека бидејќи ануитетите за заемот се отплатуваат од приходите, ние повторно ништо не губиме – ветерната централа носи по 100 милиони долари годишно, отплатуваме по 32 милиони долари, а ни остануваат уште по 68 милиони годишно.

По отплатата во 20-та година, според него, секоја година би ни останувале сите 100 милиони денешни долари, но индексирано со стапката инфлацијата – сѐ повеќе и повеќе.

Инаку, за изгубените 3 милијарди долари, државата ќе мора да се задолжува за своите потреби – ете ја најочигледната штета од испуштениот проект и нашето неработење. Нема да видиме ни модерни болници, ни брзи пруги, ама затоа странските инвеститори задоволно ќе тријат раце од вакви како нас – посочува Трајковски.

Тој, исто така, посочува дека „Македонија нема да добива 18 отсто од произведената струја, како надомест за локациите, а општините ќе добиваат некаков мизерен надоместок на име закуп. Бидејќи се работи за земјиште од V и VI категорија на планините, за 50-60 хектари не би добиле повеќе од половина милион евра годишно.

Ова, вели тој, е премала цена за изгубените локации, каде што Македонија би можела самата да гради ветропаркови, а на овој начин се лишува од нив во следните 30 години“.

Чудно е зошто оваа „инвестиција“ не беше рекламирана во изборната програма на владејачката партија. Но, сега станува помалку чудно зошто молчеле додека ние, инженерите се боревме против раскрчмувањето на Чебрен и гасната централа на Митилинеос за време на владеењето на претходната власт. Сега гледаме дека, всушност, се работи за две страни на една иста паричка.

Четврто, не стана ни збор за балансирањето на предложениот ветропарк. Да претпоставиме дека Македонија нема да има обврска да им го откупува целокупното производство. Но, во тој случај, зар странците би прифатиле толку висок ризик да ја продаваат електричната енергија „ден однапред“ (day ahead) и да ризикуваат наредниот ден – доколку нема ветер – да плаќаат по 105 евра/MWh за балансирање, односно покривање на количествата што не ги испорачале? – прашува Трајковски.

Тој, исто така, потсетува дека „кога беше прашана сегашната министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, околу изградбата на „Чебрен“, таа одговори дека експертите се сомневаат во економската физибилност поради намаленото количество на врнежи, поради што од власта сакале да порачаат физибилити студија. Тоа, според него, би бил правилниот пристап.

Наместо тоа, додава тој, сега како гром од ведро небо доаѓа веста за ветропаркот. Ни помалку, ни повеќе, туку проект од 500 милиони долари треба да се гради без никаква анализа – нешто слично како со автопатиштата на Бехтел и Енка“.

Врз основа на претходно изложеното, сметам дека се големи шансите, откако „Алказар енерџи“ ќе ја сними ситуацијата на теренот и правилно ќе ги измери сите ризици во кои се впушта, самите да се откажат од предложената инвестиција.

Нема да ни биде првпат, доволно е да се потсетиме дека владата на Зоран Заев во 2021 година имаше намера да гради ветропарк во Кумановско, најголем на Балканот. Од него не испадна ништо, слично како инвестициите на Субрата Рој.

Ако „Алказар енерџи“, сепак, реши да гради, можеби најдобар предлог што може да се даде во моментот е Македонија и самата да инвестира во нивниот фонд и така да учествува во добивката, иако би плаќала надоместоци за менаџирање и перформанси на фондот (management & performance fee).

Може да инвестира фондот за ПИОМ, осигурителните компании, но и домашен фидер-фонд, што би прибирал пари од македонските граѓани за инвестирање во главниот фонд од Луксембург. Ако не можеш да го победиш противникот, тогаш – приклучи му се. Пресметките на цените и исплатливоста ќе ги видиме другпат.

На странскиот инвестициски фонд можеме само да му порачаме со здравје да си ги изнесе и троши парите од профитот, а на македонските граѓани – на здравје бричењето – заклучува Трајковски.

ВЛАСТА ОЧЕКУВА ПОГОЛЕМА ЕНЕРГЕТСКА НЕЗАВИСНОСТ

Пред промоцијата на инвестицијата во Северна Македонија, во јуни 2024 година, претставниците на „Алказар енерџи“ имаа состанок во Владата со премиерот Мицкоски, кој, пак, рече очекува дека оваа инвестиција ќе ја зголеми енергетската независност на државата.

Кога зборуваме за енергетски независни, зборуваме за енергетски независни во делот на електричната енергија. И тоа може да се реализира само со детален план за енергетиката, каде што верувам и знам дека ќе имаме голем напредок – рече тогаш Мицкоски.

Тој вели дека целта е од земја увозник, „да станеме и земја извозник на електрична енергија“.

За амбициозните планови на власта зборуваше и министерката Сања Божиновска од новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Енергетиката, рече таа, „ја ставаме во центарот на нашите политики“ и најави повеќе проекти – од изградба на нови капацитети за обновлива енергија до поддршка за енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати и поповолни услови за продажба на вишокот енергија на домаќинствата што имаат фотоволтаици.

„АЛКАЗАР“ СТЕКНА ПРАВА ЗА ПРОЕКТ ЗА ВЕТЕРНА ЕНЕРГИЈА ОД 200 MW ВО СРБИЈА

„Alcazar Energy Partners“ објави потпишување договор со RP Global за да ги обезбеди правата за развој, изградба и функционирање на „Project Celzijus 1“, копнениот проект за ветерна енергија од 200 MW, заедно со цевковод од 768 MW проекти од ветер и соларна енергија во Србија.

Во соопштението за медиумите, Alcazar Energy Partners објави дека локацијата се наоѓа источно од Белград и додаде дека аквизицијата се очекува да заврши до крајот на годината.

Трансакцијата ќе означи значајна пресвртница бидејќи ќе напредува кон нејзината цел за изградба на средства за обновлива енергија во Србија, во вкупна вредност од 600 милиони американски долари и да стане најголемата платформа за обновлива енергија во регионот, со вкупна цел од 1,2 милијарди американски долари во средства.

Откако ќе бидат целосно оперативни, се очекува проектите да генерираат над 1.700 GWh чиста енергија годишно, се вели во ажурирањето.

Компанијата ја процени капиталната инвестиција во Проектот Целзијус 1 на 300 милиони долари. Тоа би било еден од најголемите ветерни електрани на Западен Балкан, додаваат од компанијата.

Откако ќе биде оперативен, Проектот Целзијус 1 ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на повеќе од 31.000 домаќинства, притоа спречувајќи ослободување на приближно 426.000 тони еквивалент на јаглерод диоксид годишно. Се очекува инвестицијата да отвори повеќе од 800 работни места за време на фазата на изградба, што ќе придонесе за локалната економија.

На белградскиот енергетски форум 2024 година, „Алказар“ ја откри амбицијата да заврши две или три аквизиции на проекти за обновлива енергија во следните неколку квартали за да достигне 1 GW капацитет во Западен Балкан.

Во јуни 2024 година, набргу откако стигна до конечното затворање на својот фонд за одржлива инфраструктура AEP-II, „Алказар“ почна со инвестиција од 400 MW во ветерна енергија во Северна Македонија. Пред три недели, „Алказар“ го потпиша договорот за поврзување на мрежата за проект за ветерна енергија Бијела од 118,8 MW во Црна Гора.

„АЛКАЗАР“ ЌЕ ЈА ГРАДИ НАЈГОЛЕМАТА ФАРМА НА ВЕТЕР ВО ЦРНА ГОРА

Инвеститорот „Алкараз“ потпиша меморандум за разбирање со црногорското државно претпријатие за електростопанство Електропривреда Црне Гор (EPCG), со што иницира преговори за купопродажен договор за електрична енергија што ќе ја произведува идната ветерна електрана на „Алказар“ со моќност од 118,8 MW во Бијела.

„Алказар енерџи“ ги стекна правата на проектот на ветерната електрана Бијела во септември 2023 година. Една година подоцна потпиша договор за изградба на инфраструктура за поврзување на објектот со мрежата.

„Како клучна компонента на владината Национална стратегија за развој за 2040 година, Бијела ќе ја поддржи посветеноста на Црна Гора за намалување на емисиите на стакленички гасови, соопштија од „Алказар“ во соопштението за печатот.

Најголемиот парк со ветерници во Црна Гора ќе обезбеди чиста енергија за повеќе од 16.000 домаќинства, а истовремено ќе спречи ослободување до 230.000 тони јаглерод диоксид годишно, се вели во соопштението. Ветерниот парк ќе обезбеди зелена енергија за повеќе од 16.000 домови.

Развојот на Бијела, поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ќе ја поддржи стратешката експанзија на „Алказар“ во Западен Балкан и нејзината цел за развој на 1 GW обновлива енергија во регионот, се вели во соопштението. Проектот Бијела ја поддржува амбицијата на „Алказар“ да развие 1 GW обновливи извори на енергија во Западен Балкан.

Поврзани новости