(АРХИВА) Владата го држи обвинителството на краток синџир!

Наместо да се посвети на борбата против криминалот и корупцијата, обвинителството се чуди како ќе „преживее“, откако со новиот ребаланс на буџетот, владата им скрати уште еден милион евра. Со ваквиот чекор, убедливо остануваме на дното како најсиромашно обвинителство во регионот. Пред нас се дури и Косово и Црна Гора.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 31 јули 2024 година, во број 1504.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Премиерот Христијан Мицкоски и новата влада, иако како главен приоритет во нивното владеење ја истакнуваат борбата против криминалот и корупцијата, сепак кажаното, барем засега, повеќе личи на популизам, бидејќи не кореспондира со реалноста.

Додека се крстат во правна држава и тие, како и нивните претходници, ѝ ги „пресекоа“ и рацете и нозете на институцијата што треба да ја води главната битка. Со последниот ребаланс на буџетот му скратија над милион евра на обвинителството, кое и без тоа добиваше минимални средства за воопшто да функционира.

Па, затоа е нејасно како во пракса извршната власт замислува дека обвинителите и истражителите ќе бркаат криминалци, кога имаат недостиг од основни средства за работа, како компјутери, возила, пари за вештачења…

Дека ситуацијата е повеќе од алармантна, покажува и фактот што од државите во регионот, македонското обвинителство има најмал буџет, па дури и од Косово и од Црна Гора.

НАЈМАЛ БУЏЕТ ВО РЕГИОНОТ

Дека состојбата е алармантна, реагираше и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој истакна дека е загрозена работата на јавните обвинителства.

– Имајќи предвид дека претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година беа само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството и минимално ги покриваа потребите на постапките, секое дополнително кратење во услови на општ раст на сите трошоци ја загрозува работата на јавните обвинителства – вели шефот на обвинителите, Коцевски.

Од сметката на обвинителството веќе се скратени парите за опрема, па сега тоа нема како да ги плати веќе набавените педесетина компјутери, печатачи и скенери.

Скратени се и над 80.000 евра за тековно одржување на системите (хардверскиот и софтверскиот систем), а намалени се и средствата за обуки.

Исто така, одбиено е барањето на обвинителството да се обезбедат финансии на обвинителката Ленче Ристоска, која е назначена за обвинител за врски во Европравда, за да може својата функција непречено да ја извршува во Хаг.

Дека ситуацијата е крајно сериозна, обвинителот Коцевски посочува дека во целиот регион не постои држава што помалку вложува во обвинителството од нашата.

Секаде во регионот, уделот на буџетот за обвинителствата во вкупниот буџет расте, додека кај нас се намалува. За споредба, Црна Гора со население од околу 600.000 жители и државен буџет речиси двојно помал од нашиот, издвојува речиси еднакво пари за обвинителството колку нашата држава. Косово издвојува над 4 милиони евра повеќе во вкупен обем на пари – вели Коцевски.

Или ако зборуваме со бројки, македонските обвинителства годинава располагаат со само 13 милиони евра, додека бугарските со неверојатни 228 милиони евра, српските со 79 милиони евра, албанските со 33 милиони евра, а косовските со 17 милиони евра.

СТРАНЦИ НИ ГИ ПЛАЌААТ ИСТРАЖИТЕЛИТЕ

Но, дека за борба против криминалот се потребни многу пари, и не треба да правиме споредба со соседните обвинителства, туку доволно е да се потсети на буџетот со кој располагаше Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тогаш странците порачаа дека правдата е скапа, па ѝ наложија на владата да го одврзе ќесето колку што е потребно.

Па така, редовните обвинителства, вкупно 28, се финансираат со само 13 милиони евра, а СЈО самостојно располагаше со годишен буџет од 4 милиони евра.

Најголемиот дел од буџетот, или 68 проценти се троши за плати, а со останатиот дел не е возможно да се покријат другите потреби или да се затворат старите долгови.

Од друга страна, и истражителите, кои им се десна рака на обвинителите, се плаќаат со пари од странски донации.

– Истражните центри, во најголем дел, се опремуваат со поддршка од САД и од други донатори, а истражителите се обучуваат со странска помош. Истражните центри мора постојано да се надградуваат со технологија, со опрема, со знаења, за да можат да ги пресретнат сторителите на кривични дела на кои, исто така, им е достапна високософистицирана опрема.

Обвинителството со години наназад добива помалку од половина од законски предвидениот буџет, што едвај е доволно за да се финансираат основните трошоци – да се покријат плати, комуналии и она што е предвидено како трошок на кривичната постапка – обдукции, вештачења, анализи и слично. Зошто не се одобрува буџетот неопходен за истражните центри, па и за другите потреби на обвинителството, навистина не би знаел да кажам. Но, она што знам е дека таквиот пристап мора да се промени доколку сакаме резултати – ни изјави обвинителот Коцевски.

Потребата од поголем буџет на обвинителствата особено се наметна пред една деценија, кога со измените на Законот за кривична постапка (ЗКП), истрагата премина во надлежност на јавниот обвинител.

Но, оттогаш ниту една влада немала слух за потребите на оваа институција, што укажува на фактот дека, и покрај нивните постојани заложби пред јавноста дека ќе се борат против криминалот и корупцијата, со минималниот буџет ѝ ги врзуваат рацете на институцијата задолжена за тоа.

Или, во превод, ниту на една влада не ѝ одговарало силно и независно обвинителство, бидејќи тогаш со одврзани раце ќе почне да чепка и во нивните редови.

НЕМА ПАРИ ЗА ВЕШТАЧЕЊА

Финансиската слабост на обвинителството се одразува и врз квалитетот на истрагите, бидејќи другата страна, криминалците се финансиски многу помоќни.

Користат поскапа и понапредна опрема, па оние што треба да ги откријат и стават зад решетки, каскаат зад нив.

Освен со опрема, се кубури и со човечки потенцијал, односно има недостиг од кадар, од областа на информатичко-комуникациските технологии.

Не само што е мал бројот на ИТ кадар, туку и не постои интерес за нивните огласи за вработување на нови луѓе на овие позиции, бидејќи платите се мизерни во споредба со приватниот сектор.

Ова дотолку повеќе што постојано се појавуваат потреби за вклучување нови софтверски решенија и сложени системи, кои треба да овозможат електронско управување со предметите и меѓуинституционална интероперабилност“, пишува во годишниот извештај на обвинителството.

Таму се додава оти на ниво на сите јавни обвинителства во 2023 година биле пополнети вкупно само 6 работни места за ИТ кадар, што ни оддалеку не ги задоволува потребите на јавните обвинителства за ваков кадар, кој е неопходен и за одржување на системот за електронско управување со предметите, но и за непречено функционирање на опремата во истражните центри.

Вештачењата, исто така, се голем товар за обвинителствата, а клучни се за докажување на кривичните дела. Колку за потсетување, финансиското вештачење, кое беше изработено за случајот „Империја“, а кое зад решетки ги стави Сашо Мијалков и Орце Камчев, чинеше 150.000 евра.

Доста скапи се и меѓународните вештачења, кои честопати се неопходни, па нивната вредност е над 30.000 евра. Такво вештачење се изработува за случајот „Онкологија“, но и за уште многу други предмети поради немање експерти или овластена институција во земјава за вештачење во одредена област.

Со истекот на секоја година на рабушот на обвинителството се додава и нов долг од над 160.000 евра.

„Доколку на ова се додаде и фактот дека секоја година, овој недостиг од средства се зголемува поради долгот пренесен од претходните години, повеќе од очигледно е дека со неадекватно финансирање на потребите се доведува во прашање вршењето на основната функција на јавното обвинителство“, се наведува во извештајот на обвинителството.

ОПАСНОСТ ОД БЛОКИРАЊЕ НА СМЕТКАТА

Покрај сите тековни трошоци, над обвинителството надвиснуваат и трошоци од тужби.

И покрај законското право за исплата на додатоци на плата за работење во посебни услови за работа, висок ризик и доверливост, кои изнесуваат до 35 проценти од основната плата, обвинителството не е во можност да ги исплати максималните износи. Токму затоа се соочува со тужби, кои поради судските трошоци чинат двојно повеќе.

Тоа се реперкуира со приватни тужби пред надлежен суд, кои по судската разрешница и носење правосилна пресуда се ефектуираат во исплата на неисплатените додатоци на тужителите до максималните, но и пресметка и исплата на законска казнена камата, подмирување на судските трошоци, како и трошоците на извршување“, алармираат од обвинителството.

И пред една година, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека буџетот за правосудството бил преполовен, од законски предвидениот, а од друга страна, оној на владата беше зголемен за 2,5 пати.

Мизерната финансиска состојба на обвинителството е констатирана и во најновиот извештај за владеењето на правото на Европската комисија, во кој за првпат се вклучени и земјите-кандидати за членство во ЕУ.

Во него се наведува дека ограничените финансиски средства доделени на правосудството може да влијаат врз неговата финансиска независност, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата.

Заклучокот на ЕК ни е слика и прилика што ја гледаме секоја година. Секоја нова влада јавно се залага за борба против корупцијата и криминалот, а зад затворени врати прави сѐ за да тоа не се случи.

Бидејќи, доколку му дадат финансиска моќ и независност на обвинителството, знаат дека набргу ќе чукнат и на нивната врата!

НЕМА ВОЗИЛА ЗА ОБВИНИТЕЛСТВАТА, АМА ИМА ЗА ВЛАДАТА

Од обвинителството барале да купат и возила за истражните центри и увидните тимови, но барањето им било одбиено.

Колку за споредба, пак, ваквата потреба неодамна ѝ беше задоволена на старата влада, а бенефитот сега ќе го имаат новите министри. Поточно беа потрошени 1,6 милион евра за изнајмување 45 нови луксузни автомобили.

НЕМА НИТУ ОБВИНИТЕЛИ

Предвидениот број на јавни обвинители низ обвинителствата во земјава изнесува вкупно 261. Во 2023 година, пак, пополнети биле вкупно 179 места, односно едвај 68,6 отсто од предвидениот број. Недостасува повеќе од една третина од потребниот број јавни обвинители.

Поврзани новости