(АРХИВА) Влада со 24 члена – Македонија како африканските земји и како Србија на Вучиќ!

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јуни 2024 година во неделникот Фокус со број 1.498.

Со новата влада, Македонија доби четири министерства плус, двајца вицепремиери плус, односно новата влада ќе брои вкупно 24 члена, заедно со новиот премиер. Новите министерства ги смисли токму мандатарот, кој најавува намалување на јавната администрација за повеќе од 10 проценти. Тврдат дека нови вработувања во новите министерства нема да има, но законот, кој се изгласа за нецели два дена, единствено упатува на заклучок дека се донесе само за задоволување на коалициските апетити. Зголемената бројка е спротивна на најавените реформи и кратењето на администрацијата.

Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Само во земјите од Африка и во земјите од соседството има толку многу министерства како во Македонија, коментира долгогодишниот професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски, кој веќе е во пензија, но секогаш јавно ги коментира политичките одлуки што се во домен на неговата област.

Новиот мандатар Христијан Мицкоски сам си ги предложи измените, преку ноќ обезбеди двотретинско мнозинство и во Собранието се изгласа Законот за реорганизација на министерствата, чие официјално име е Закон за организација на работа на органите на државна управа (ЗОРОДУ).

Асистентот по административно право и јавна администрација на Правниот факултет, Константин Битраков констатира дека измените и дополнувањата на ЗОРОДУ беа усвоени во Собранието нецели два дена откако беа предложени, така што експертската и пошироката јавност не доби можност (по)добро да се запознае со потребата за нив и со самата формулација на новите, односно изменетите и дополнети законски одредби.

– Оттука, разбирливо е зошто се јавува сомнежот дека примарниот мотив зад измените и дополнувањата на ЗОРОДУ, т.е. зад реорганизацијата на министерствата, беше заткулисен договор меѓу коалициските партнери, а не поголема ефикасност на јавната администрација.

Впрочем, вакво менување и дополнување на закони генерално не е препорачливо, имајќи предвид дека резултатот секогаш ќе биде создавање на уште поголем јаз меѓу политичките чинители и граѓаните и продлабочување на недовербата во партиите и институциите – вели Битраков.

ПОСИРОМАШНА ЗЕМЈА – ПОВЕЌЕ МИНИСТЕРСТВА

Официјално, со измените на Законот, бројот на министерствата од претходните 16 се зголеми на 20 министерства. Колку ќе чинат овие, како што ги нарекува Давитковски, „шнајдерски“ измени, не се знае, но со оглед на тоа што бројката нема да биде само 20, граѓаните ќе треба да плаќаат 20 министри, нивни заменици, вицепремиер и плус министер без ресор.

Споредбата со африканските земји ја правам, со оглед на тоа што колку некоја земја е посиромашна, толку повеќе министерства има. Еве земете ја за пример владата на нашиот северен сосед, има околу 30 министерства.

Западноевропските развиени земји имаат 13, 14 министерства. Англиската влада има 13 ресори – вели за „Фокус“, Давитковски, кој е дециден дека зголемувањето на министерствата е единствено за политички пазар.

Германија и Франција имаат по 15 министерства, додека, пак, Словенија 19. И навистина речиси и да нема држава во Африка во која има помалку од 20 министерства.

Во Египет, заедно со премиерот, има вкупно 33 членови на владата. Во Нигерија, пак, има 26 министерства, меѓу кои има посебно Министерството за породување и продуктивност, Министерството за работа и домување итн. Додека, пак, владата на Танзанија има вкупно 31 член на владата.

Но, да не одиме подалеку, во Србија, владата предводена од претходната премиерка Ана Брнабиќ, броеше 18 министерства и три министри без ресор.

Новата српска влада, пак, што беше изгласана во мај годинава на чело со Милош Вучевиќ, има 25 министерства и пет министри без ресор, што значи бројката е зголемена за дури седум министерства и има двајца министри без ресор.

Минатата влада, која ја водеа СДСМ и ДУИ, воведе ново министерство за политички систем, кое го водеше Артан Груби. Ако тогашната опозиција, а сегашна власт го критикуваше најмногу ова министерство и Груби, сега од него направи два ресори, Министерство за односи со заедниците и уште еден ресор за политички систем.

Мандатарот Мицкоски веќе ја стокми новата влада, во која ќе има 24 членови, заедно со него како премиер. Претходните 16 министерства се трансформирани во 20, што значи ќе има 20 министри и нивни заменици, дел од вицепремиерите, односно тројца ќе бидат и министри, додека, пак, двајца плус ќе бидат само вицепремиери, а еден министер ќе биде без ресор.

Па така, потпретседателот Александар Николоски ќе биде министер за транспорт и заменик-претседател во владата, односно вицепремиер, Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, ќе биде вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, а Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, кое е дел од коалицијата „Влен“, ќе биде вицепремиер за животна средина и просторно планирање и вицепремиер во новата влада.

Освен овие вицепремиери, кои ќе бидат и министри, има и двајца плус вицепремиери, кои ќе предводат ресори надвор од овие 20 министерства. Претседателот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски ќе биде вицепремиер одговорен за политички систем, вицепремиерско место без министерство доби и „Влен“, па секретарот за надворешни работи на Алијанса за Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари, Арбен Фетаи ќе ја наследи Славица Грковска и ќе биде задолжен за добро владеење.

Надвор од овие министерства, функција доби и Шабан Салиу, кој ќе биде министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

НАДВОРЕШНИ РАБОТИ СЕ СПОЈУВА СО ТРГОВИЈА

Со новата реорганизација, Македонија доби четири нови министерства, Министерство за спорт, кое се изроди од Агенцијата за млади и спорт, Министерство за европски прашања, кое произлезе од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое е сосема ново министерство, и Министерството за јавна администрација.

Последното министерство произлезе од Министерството за информатичко општество и администрација, кое, всушност, во новата влада се дели на два ресори. Едното е Министерството за јавна администрација, а второто е Министерството за дигиталната трансформација.

Министерството за надворешни работи се преименува во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, па така ова Министерство, освен со дипломатските односи на земјава и нејзината надворешна политика, ќе се занимава и со трговија, сектор кој досега припаѓаше во Министерството за економија.

Дел од досегашното Министерство за економија ќе се трансформира во Министерство за енергетика, кое ќе се занимава и со рударство и експлоатација на минерални суровини. Туризмот, исто така, од економија, се сели во Министерството за култура, кое станува Министерство за култура и туризам.

Се дели и поранешното Министерство за труд и социјална политика, па секторот труд се сели во Министерството за економија, кое сега станува Министерство за економија и труд, додека другиот дел се именува Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Останатите министерства си остануваат како и претходно, со ист назив и иста надлежност. Вработените, според донесените измени, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа, побарувањата и намирувањата на обврските, како и други средства од надлежностите на останатите министерства кои преминуваат од едно во друго министерство, се преземаат во министерствата согласно со овој закон најдоцна во рок од 5 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Како причина за носењето на овие измени се наведува тоа што, според предлагачот, некои органи на државната управа и управни организации, како и самостојните органи, не се функционални и не ја исполнуваат основната нивна функција, односно тие не функционираат за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.

Битраков за „Фокус“ ги анализира подетално измените и издвојува неколку поенти, меѓу кои и тоа дека со овие измени Македонија има релативно висок број министерства, што само по себе може да биде оспорувано во јавниот дискурс.

За него, впечатливо е новото Министерство за надворешни работи и трговија, кое влегува од досегашното Министерство за надворешни работи и организациски единици од досегашното Министерство за економија, кои се занимавале со надворешното трговско работење.

ИЗМЕНИ БЕЗ РАЗГРАНИЧУВАЊА

Компаративно гледано, реткост е да се види вакво министерство. Министерствата за надворешни работи најчесто се одговорни за државните надворешни и дипломатски односи (билатерални и мултилатерални односи) и за пружање помош на сопствените граѓани во странство, а не и за надворешната трговија.

Надворешната трговија најчесто е надлежност на она министерство, кое се занимава со трговијата воопшто, односно со економските прашања. Во само неколку земји во светот постојат министерства за надворешни прашања и надворешна политика и тоа, според моите сознанија, ниту една од овие држави не е на европско тло – вели Битраков.

Второ, според него, нејасно е зошто со овие измени и дополнувања не се направи соодветно подетално разграничување на органите во состав на министерствата и самостојните органи на државната управа, така што ќе биде појасно што називот на органот говори за неговиот статус и тип на надлежности.

Во моментов во државата владее соодветен нормативен хаос – седумдесетина органи во состав на министерствата и самостојни органи на државната управа носат разни називи (управи, бироа, инспекторати, служби, агенции), но самиот назив на ниту еден начин не е поврзан со нивната надлежност и статус.

Потребно е да се прецизира што работи едно биро, што една управа, што една агенција и каков статус овие органи имаат (самостојни или во состав на министерствата, со својство на правно лице или не) – додава Битраков.

Тој има и дилема дали периодот од шест месеци за да се усогласат сите потребни закони со новите измени е доволен и дали во овој период може да се направат соодветни анализи.

Да се надеваме дека овој процес ќе биде инициран што поскоро и ќе биде завршен навреме. За жал, практиката покажува дека во државата некогаш долго време егзистира неусогласеност на системските со посебните закони, што создава проблеми во секојдневието (да се присетиме на проблемите со прекршоците, правилата на управната постапка и слично) – вели Битраков.

Тој се надева и очекува дека реформата на јавната администрација нема да заврши овде, туку дека ќе резултира со посериозни реформски чекори, како реорганизација на органите во состав на министерствата и самостојните органи на државната управа, уредување на системот на плати во јавниот сектор (и државната управа како потесна категорија), поголема отчетност на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, стручно усовршување на кадрите во јавниот сектор, овозможување на вработување и унапредување врз основа на мерит и слично.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека со зголемувањето на бројот на министерствата не се планирани зголемувања на бројот на вработени во институциите.

ВЕЧНА РЕФОРМА

Дури тие најавуваат и намалување за повеќе од 10 проценти. Мицкоски најави дека ќе има кратење институции и позиции во администрацијата, во здравството нема да има повеќе економски директори, ќе се намали и бројката на пратеници и членовите на управни и надзорни одбори.

Идната влада нема да има повеќе економски директори во здравствените установи низ земјава. Исто така, ќе почне и процесот со кои ќе има 100 функционери помала администрација. Исто така, веднаш со формирањето на владата ќе се прави и еден Клинички центар што значи уште 50 функционери помалку.

При формирањето на управните одбори има согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик и нормално уште еден чекор, намалување на пратениците од 120 до 90, но за тоа ќе треба да се отвори Уставот – рече Мицкоски.

Засега сите се скептични дека ќе има суштинско намалување на администрацијата со оглед на тоа што партиските кадри чекаат вработувања.

Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институција, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката доаѓа до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.

Давитковски смета дека за вистински реформи во администрацијата и вработување на квалификувани, а не партиски кадри потребна е силна политичка волја.

Според него, нашата реалност и суштина што треба да се смени се гледа во здравствениот сектор, каде што од 22 илјади вработени, повеќе од половина се администрација, таму е примено и „шуто и рогато“, а доктори нема. Како најсвеж пример го кажува вработувањето на 18 лица на Клиниката за токсикологија, каде администрација има, а доктори нема.

Дека реформите во јавната администрација одат бавно, констатира и Европската комисија во речиси сите извештаи.

Претходниот собраниски состав не усвои неколку клучни закони за реформа во администрацијата, меѓу кои беа Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, како и Законот за висока раководна служба, кој е клучен за деполитизација на работата на јавните институции.

Последниот закон е клучен за да се назначат стручни директори во агенциите и во институциите. Иако реформи може да се направат и со сегашните закони, ако има политичка волја, Европската Унија притиска на носење неколку закони, поучена дека волја нема. Но, и новите закони не се гаранција дека ќе добиеме мала и ефикасна администрација.

 

Кратењето на органите не е исто со кратењето на администрацијата

Намалувањето на десет отсто од институциите не мора да резултира со респективно намалување на бројот на вработените во јавниот сектор, вели асистентот по административно право и јавна администрација, Константин Битраков.

Тој ја потсетува новата влада на проблемите со кои се соочи претходната влада во 2022 година, кога се усвои заклучок дека ќе спроведе реорганизација на државната управа согласно препораките од проектот „Поддршка на државната реорганизација“.

Конкретно, требаше да се фузираат и укинуваат повеќе органи во состав на министерствата и самостојни органи на државната управа.

– Имено, не беше јасно што ќе стане со човечките ресурси (кадрите). Останаа неодговорени прашањата на експертската јавност и невладиниот сектор дали укинувањето на органи или нивното присоединување кон други ќе имплицира и осцилации во бројот на вработени во јавниот сектор и алокација на човечките ресурси. Оттука, и во овој случај е можно истото, да се намали бројот на органи, а тоа да не значи намалување на бројот на вработени – вели Битраков.

За него е и нејасно дали се мисли на намалување од десет отсто на органите на државната управа, која ја сочинуваат сега дваесет министерства и 70-тина органи во состав на министерствата и самостојни органи или се мисли на 10 отсто од јавната администрација воопшто, која брои 1.300 институции од кои дел се основани и од единиците на локалната самоуправа.

Ако се крати од органите на државната управа, тоа би значело кратење на десетина органи, додека кратењето во јавната администрација би било поголем предизвик. И тој цени дека со најавата е реална само со сериозна политичка волја и решителност.

Поврзани новости