Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1331
Ќе се оствари ли заканата на мавровци за бојкот на локалните избори поради незадоволство од натрупаните проблеми во општината, а, пред сѐ, урбаниот хаос, недостигот од вода и еколошката катастрофа што му се заканува на овој крај? Градоначалникот на Општината негира дека постои беззаконие, додека неговата матична СДСМ се надева на уште еден мандат во оваа општина
Пишува: Гордана ДУВЊАК
Расте незадоволството и револтот на жителите од мавровскиот регион од урбанистичкиот хаос, неконтролираното исфрлање отпадни води директно во езерото, непочитување на стандардите, како и немање елементарни услови за живеење, поради што се бара од владата и од надлежните нешто да преземат. Сѐ погласно се зборува дека е време Маврово да се врати во старите општински граници и да се одвои од Ростуше, па дури се размислува за конкретни мерки, како граѓанска непослушност и бојкотирање на локалните избори наесен.
По објавувањето на првото продолжение од досието на „Фокус“, во кое се отвори дилемата дали Маврово е на работ на еколошка катастрофа, до нашата Редакција се јавија голем број жители, некои со име и презиме, а други анонимно, кои сакаа да посведочат за она што се случува таму.
НЕМАМЕ ВОДА И ПО 24 ЧАСА, ИЛИ ТЕЧАТ ЦРНИЛА
Со бројни проблеми не се соочуваат само староседелците, туку и викендашите, кои сѐ повеќе време поминуваат во овој крај поради пандемијата и можноста децата да бидат на чист воздух и да се работи од дома.
Еден од нив е скопјанецот Драган Спиревски по професија дипломиран металуршки инженер, кој по татко е од Никифорово, а самиот жител на населбата Леуново.
„Главен проблем е недостигот од вода. Се снабдуваме од резервоари над викендичките, кои не знам дали некогаш се исчистени и хлорирани. Летно време се случува и по 24 часа да нема вода, поради недостиг од притисок. Пробуваме со пумпи, а филтрите се затнуваат од нечистотија. Неразбирливо е дури и апсурдно, имаме куќи покрај Мавровско Езеро и Радика, а да немаме вода. Пиеме црвеница, а плаќаме цела година по 440 денари месечно, а со смет заедно 600 денари“, раскажува Спиревски
Вели дека со пандемијата се зголемил бројот на луѓе, кои престојуваат во викендичките, но општината не посветува доволно внимание на хигиената. Преполни се контејнерите, а ѓубрето се складира во Бунец.
„Тоа требаше да биде привремено решение, но ја израмнија депонијата. Кучиња и крави го расфрлаат ѓубрето, а нема ред, ниту тајминг кога се собира сметот. Не постои канализациски систем и се оди во септички јами и завршува во езеро“, револтиран е Спиревски.
Жителка од истата викенд-населба, која сакаше да остане анонимна, вели дека пишувале многу писма до градоначалникот поради проблемите со водата. Сопствениците на над 60 од вкупно 120 викенд куќи се потпишале и на петицијата.
„Карантинот нѐ освести и ни ги отвори очите. Не може да се даваат дозволи за изградба на викендици, а да не се решаваат егзистенцијалните проблеми на викендашите. Течеше црна вода од цевките и самоиницијативно ја дадовме на анализа. Ни рекоа дека има остатоци од фекалии“, раскажува таа.
И покрај тврдењето на хотелот „Радика“ дека имаат сопствен систем за водоснабдување, оваа жителка вели дека кога хотелот е полн со гости, немаат вода.
„ Децата не сакат да одат на викенди, случајно да не нема вода. Кога „Радика“ е полна со гости, немаме вода. Сѐ повеќе пресушуваат изворите, а и хотелите имаат базени, чија хлорирана вода повторно завршува во езерото“.
Нашиот следен соговорник, скопски бизнисмен, вели дека купил плац за градба во 2019 година и ја почнал процедурата за добивање на потребните документи, но не можел ниту да претпостави со што ќе се соочи.
„Добив правосилно решение и ги платив сите потребни комуналии. Од ЕВН добив одобрение, но кога истото го побарав од комуналното претпријатие за приклучок за вода, не ме одбија, но не добив ниту одговор, по што по истекот на 5 ден., ми беше речено од општината дека тоа се смета за премолчено одобрување“, раскажува тој.
Проблемите настанале, кога во комуналното претпријатие, му било речено дека ги нема во системот и ќе мора сами да инвестираат, поради тоа што тие немаат средства.
„Сега сум доведен во многу непријатна ситуација, што мора сами да ја правиме водоводната инсталација до главниот приклучок, која можеби е повеќе од еден- два километри, па дури и сами да се договараме со приватни лица, низ чиј имот ќе поминуваат цевките. Еден да не се согласува, нема да можеме да донесеме вода“, револтиран е скопјанецот, кој вели дека општината си го земала својот дел и како да не ја интересира, како ќе дојдат до вода, иако комуналното претпријатие е под нивни ингеренции.
Од Општината пак, потенцираат дека околу тоа дали при градба на одреден објект има доволно количини за вода за напојување, или доволно електрична енергија – во постапка на издавање на одобрение за градење проектот се испраќа до соодветните институции и тие даваат свое мислење.
„Доколку нема можност не се дава согласност т.е. одобрение за градење, а не да се става мораториум на сите градби како што се бара“, потенцираат локалните власти, на кои издавањето на дозволи им е еден од главните општински приходи.
ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ЈА ЗАМАТИЛЕ ВОДАТА ВО МАВРОВСКО?!
В.д директорката на Комуналното претпријатие од Маврово, Дијана Давидовски потврдува дека во 2020 година поради пандемијата, во мавровскиот регион престојувале повеќе сопственици на викенд куќи , а со тоа се зголемила и потрошувачката на вода.
„Треба да се земе предвид дека имаше повеќе месеци сушен период и издашноста на самите извори значително се намали, едноставно немаше толку вода за да се наполнат резервоарите. Исто така, апелиравме до корисниците водата да ја користат совесно, но со тоа знаевме дека ќе немаме позитивен резултат и честопати влегувавме во конфликти за да им укажеме дека тоа не е во ред“, нагласува таа.
В.д. директорката напоменува дека во план ѝ е да инвестираат во барање нови извори и набавка на пумпи за вода со што се надеваат дека во иднина ќе го надминеме овој проблем со недостигот од вода.
„Од водоводната мрежа не е точно дека тече црна вода, туку доаѓаше до заматување на водата од силните земјотреси, кои го погодија овој регион. Можно е црна вода да тече од канализационата мрежа, која не е регулирана и не е во надлежност на претпријатието, и нема допирна точка со водоводот, односно не се мешаат“ , се вели во изјавата за „Фокус“.
Според неа, резервоарите во текот на годината се чистат темелно неколкупати со хлор. Во дел од резервоарите имаат поставено хлоринатори, кои се програмирани на одредено време да испуштаат хлор во самиот резервоар, а на останатите се хлорира рачно со физичко присуство на вработените, периодично во одредени денови во неделата.
Што се однесува до квалитетот на водата, таа вели дека неодамна се земени мостри од водата за испитување од Институтот за јавно здравје од Тетово и резултатите што ги добиле покажуваат дека водата е исправна за пиење и нема никакви показатели дека водата е заматена или има фекалии во истата.
„Еднаш годишно правиме проширени/детални анализи на водата согласно законската регулатива и немаме добиено негативни резултати, односно резултати што покажуваат дека водата не е за пиење“, децидна е в.д. директорката на Комуналното.
Во својата писмена реакција до „Фокус“, Јане Марковски, пак, како еден од најголемите проблеми во Општината го посочува загадувањето.
„ Постојат многу диви депонии, особено на убавите излетнички места на брегот на Мавровско Езеро (Црн Камен, Бачичиште, Бор итн.) и по Радика, направени од несовесни граѓани, без разлика дали се туристи или луѓе што имаат свој имот во крајот. Загадувањето преку цевките од канализацијата од некои од приватните викендички на луѓето, а особено од некои од хотелите чија канализација или оди директно во езерото, или во реките (Мавровска, Ниќфорска, Леунска) и од таму директно се влеваат во езерото“, потенцира тој.
БЛОКАДА ЗА ДЕПОНИРАЊЕ НА СМЕТОТ ВО РУСИНОВО
Градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски признава дека во моментов немаат решение околу депонирањето на сметот.
„ Од 4 август минатата година наваму, постои блокада за носење на сметот во Русиново, каде што обично се носел. Сето тоа го отежна нормалното функционирање во собирањето на сметот и бевме доведени во незавидна ситуација, но не по наша вина“, информира првиот човек на општината.
Тој објаснува дека во изминатите три години обезбедиле донација на два камиона за собирање на сметот и набавиле и еден поголем камион од сопствени средства.
„Немањето каде да го одлагаме сметот доведе до неубави слики. Сѐ уште немаме договор за одлагање на сметот во Русино и ние со тешки маки се снаоѓаме“, додаваат од Општината.
И додека одговорните од Националниот парк во Маврово се категорични дека строго се води сметка околу начинот на кој се сечат дрвјата во атарот на Паркот и се прави само „проредување“ , жителите се жалат на нелегална и неконтролирана дива сеча, со која, како што тврдат, буквално се масакрираат бујните и полни со живот шуми на Бистра (и останатите планини во склоп на Националниот парк).
Како пример го наведуваат местото во Ниќифорската шума, кое било познато како природно поило за дивите животни, а кое од пред некое време со таквата неконтролирана сеча е затрупано и е направена голема штета врз крупниот дивеч.
„Поради големата сеча се прават шумски патишта речиси насекаде и со тоа се прекинуваат некои текови на шумските потоци и се уништуваат прастари шумски екосистемски, кои беа речиси недопрени поради бујната вегетација и нивната скриеност. Поради тоа, не страдаат само животните, туку сме во опасност и самите ние од овој крај. Се зголеми опасноста од ерозија/лизгање на земјиштето, а пресушените извори сѐ почесто и почесто се причина за снемување вода во крајот“, велат нашите соговорници.
Живоин Ристовски, пак, раскажува дека по потекло е од Леуново и голем вљубеник во природата и спортски риболовец.
„Омилено место за риболов ми е местото наречено Лисолај. Тоа е заливче непосредно под хотелот Радика. Последните години уловот ми е послаб, а минатата година можам да кажам нула. Сега ми е јасно кое живо суштество ќе опстои во вода полна со хемикалии и фекалии“, раскажува тој и додава дека е запрепастен што Мавровско езеро се повеќе се претвора во бара.
РЕФЕРЕНДУМ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ОПШТИНАТА ВО СТАРИТЕ ГРАНИЦИ?!
Секој од нашите соговорници има свое видување околу тоа што ѝ недостига на општината, но се чини дека „заеднички именител“ е чувството дека од една страна неконтролирано се гради, а не се води доволно грижа за развојот на општината, туку само за профит.
Градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше од редовите на СДСМ, Медат Куртовски, во изјава за нашиот весник ги отфрли обвинувањата на сметка на локалната власт. Негира дека постои урбан хаос и тврди дека во неговиот мандат строго се почитувала законската процедура.
Мавровецот Спасен Михајловски, кој живее и работи во Скопје и еден е од активистите за спас на Маврово и Мавровско Езеро, во изјава за „Фокус“, вели дека во ништо не се согласува со тврдењата на градоначалникот, кој како што вели, „не е дел од општината, бидејќи него Маврово не го интересира, туку само партискиот интерес на СДСМ и ДУИ“.
„Маврово ќе опстои и покрај минатите злодела кои ги прават партиските клонови, без оглед дали се од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Неправдата ќе излезе на виделина, дојдоа торбеши од селата и станаа градоначалници и директори и го распродаваат Маврово за нивни лични интереси или интерес на партиите“, додава резигнирано Михајловски.
Тој уверува дека најголемата асимилација на Мавровци, не е направена, ниту во турско време, ниту пред и по НОБ, туку во последните 12 до 16 години, од како е направена новата територијална поделба на општините и се споиле со општината Ростуше, каде што доминантно е торбешкото население.
„Во Маврово не е направена ниту една улица , не е поставена ниту една шахта, а камоли колекторски систем“, додава тој.
Во незадоволството на жителите можевме и лично да се увериме при нашата неодамнешна посета на Маврово, кога налетавме на неколкумина староседелци , кои случајно дознале дека на јавен увид во Општината е ставена и една парцела на влезот во Маврови Анови, која со години останала неизградена, па затоа се барало општината да го поништи договорот.
Олимпиецот по нордиско скијање и староседелец, Дарко Дамјановски, вели дека иницијативата е ставена „подмукло“, со намера да се „опипа“ пулсот на населението.
„Ова нема, вака да заврши. Ќе бараме да се распише референдум и повторно општината да се врати во старите граници и да се оддели од Ростуше. Сите ресурси се наоѓаат во Маврови и ние 80 отсто ја финансираме општината ,а ништо не се прави за населението од мавровскиот регион. Тотално е запоставена општината Маврово. Ако продолжи вака, ќе повикаме на граѓанска непослушност“, вели револтирано тој.
Танасие Арсевски , жител на селото Никифорово, потсетува дека целата населба и пошироко се гради на катастарски имот на Никифорово.
„Наш човек беше во архивите на Истанбул и таму дојде до документи, дека во населбата Маврови Анови (каде што е интернатот) е градено на имот од неговите претци. Води спор со Министерството за образование и бара обештетување. Спремни сме да ангажираме адвокат и да ни извади за сите наши парцели за кои имаме тапии уште од турско време“, додава тој.
Револтиран е од тоа што на локацијата над бензинската пумпа, каде што е „Бел Коњ“ наводно ќе се гради Дом за сместување, но се плашат дека со пренамена, во тој простор ќе се гради и џамија.
„Израснав и остарев во овој крај, но никогаш немало овде џамија, а и бројот на муслиманско население е незначително. Општината им дава поддршка. Ова е туристичко место и сите средства од туристичките такси завршуваат за Ростуше и Скудриње“.
ЌЕ СЕ ГРАДИ ЛИ ЏАМИЈА ВО МАВРОВИ АНОВИ?
И за ова побаравме одговор од Општината околу тоа зошто не е поништен Договорот за отуѓување на земјиште на лицето Незир Сулејмани од 2012 година, и покрај тоа што е изминат периодот предвиден за градба?
Во одговорот на градоначалникот се вели дека „Договорот не е поништен од причина што во членот 8 од истиот стои дека тој ќе биде раскинат само доколку „дојде до промена на намената со изградба на друг објект без согласност на закупувачот“. А, во сите други случаи како доцнење со документација, време на изградба и друго, купувачот се задолжува да плати казна од 2 отсто од вкупната постигната цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец“.
На нашето конкретно прашање што точно ќе се гради на таа парцела и дали навистина е предвиден верски објект, градоначалникот Куртовски ни го даде следниот одговор:
„На таа парцела е предвидено да се гради / градат објект со намена А4- времено сместување во согласност со Урбанистичкиот план на М. Анови Урбан Блок 1. Во урбанистичко-планската документација, никаде не стои дека ќе се гради верски објект – џамија“.
Впечатокот што го понесовме на заминување од овој убав крај е дека мавровци како одамна да изгубиле верба во политичарите.
Но, не треба да се заборави дека оваа 2021 година не е само година на пандемија, туку и на редовни локални избори што треба да се одржат наесен. Премиерот Зоран Заев неодамна во наведувањето на општините од чие работење е задоволен ја спомна и Општина Маврово-Ростуше, каде што беше освоено градоначалничкото место на минатите избори уште во првиот круг, а имаат и мнозинство (6) советници во 11-члениот Совет.
Последниот збор ќе го имаат граѓаните, кои наесен со заокружување на гласачкото ливче ќе можат да ја казнат локалната власт, доколку сметаат дека не сработела доволно и во нивен интерес, или, пак, да ја наградат со уште еден мандат за да се завршат отпочнатите проекти. Третата непопуларна, но легитимна можност, е бојкот на изборите, во знак на граѓанска непослушност, затоа што тука првенство живеат луѓе, а потоа избирачи.
Сепак, не треба да се заборави и дека прекројувањето на општинските граници повторно е во рацете на политичарите во Парламентот. И сѐ така во круг.
Рамка 1
Национален парк Маврово
НЕМА ДИВА СЕЧА И НЕКОНТРОЛИРАНО ЛОВЕЊЕ НА ДИВЕЧ
Дивата сеча во Националниот парк Маврово секој месец се контролира од страна на Државниот инспекторат за шумарство и лов, за што постојат и записници, уверува првиот човек на оваа национална институција под капата на држава, Самир Ајдини.
„Тврдам дека ниту едно дрво не е исечено, доколку не е обележува од наша страна. Но, точно е дека повремено вршиме проредување“, вели тој.
Според директорот, апсолутно се почитува и Законот за лов и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, добиваат дозвола за отстрел на животни.
Последното дозвола датира од 3 ноември 2020 година потпишана од министерот Арјанит Хоџа, во која точно е определено дека може да се застрелаат следните видови диви животни: обичен елен во ограден простор 23 грла (15 машки и 8 жени), дива свиња 70 грла на целата територија на Националниот парк и дивокоза 19 грла од кои 3 на Шар Планина и 16 грла на Бистра.
Тој ги нарекува „шпекулации“ тврдењата дека постои неконтролиран лов наменет за богати клиенти и потсетува дека пред една година поднеле кривична пријава за лице кое било затекнато на територијата на НП Маврово со оружје и уловен дивеч.