(АРХИВА) УВОЗОТ НА ЃУБРЕ СЕ ВРШИ НА „ЖИМИ МАЈКА“: Ќе се открие ли македонската мафија што нѐ труе со опасен странски отпад?

by fokus

Текстот е објавен на 7 февруари 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1218

Во Македонија е дозволен увоз на отпад само за преработка, за потребите на одредени компании, но никако за складирање или уништување на отпадот. Ние не можеме да се справиме со нашето ѓубре, а не пак да се справуваме со туѓото. Тоа е логиката, но и законското ограничување. Сепак, се погласни се шпекулациите дека под превезот на легален отпад, се увезува и друг за уништување, кој наводно се гори на повеќе локации низ државата. Надлежните наместо да пуштат инспекции, по се изгледа ги пуштиле да пасат овци. А, ѓубреџиската мафија протифира, ли протифира!

 Пишува: Валентина ВУРМО

Кон крајот на 80-тите години во Италија почна да цвета криминалот со ѓубрето. Мафијашкиот бос Кармине Шиавоне, петнаесетина години подоцна ѝ открил на тамошната парламентарна комисија што го истражувала загадувањето, како Италија се загадувала со токсичен отпад, но неговото сведочење со години се чувало и третирало како државна тајна. Тој ја разоткрил мафијата „Камора“, потенцирајќи дека регионите на Јужна Италија биле загадувани со отпад што доаѓал од цела Европа, не само од Италија.

Членот на мафијата детално опишал како познатиот клан на „Камора“, Казалези, го контролирал депонирањето на отпадот меѓу Латина, на 70 километри јужно од Рим и Казерта, на 40 километри северно до Неапол. Меѓу индустрискиот отпад имало ѓубре од Северна Италија, но и радиоактивен материјал од Германија, кое завршило, на пример, во јами и езера. Мафијата особено многу пари заработила од бизнисот со Германија по падот на Берлинскиот ѕид.

Главен потпорен ѕид на мафијашите, пак, им биле и градоначалниците во сите 106 општини во провинцијата Казерта, кои ги врбувале, а можеле да се потпрат и на молкот на повеќемина министри, како и на поранешниот италијански премиер Чириако Де Мита.

Граѓаните кои самите се бореле против мафијата преку протести, тврделе дека бројот на заболени од рак е енормно зголемен, но тоа не можеле да го докажат на хартија, бидејќи немало статистика за заболените во Неапол и околината.

НА ГРАНИЦА ОПАСНИОТ ОТПАД СЕ ВНЕСУВА НА „ЖИМИ МАЈКА“

Во моменти кога Македонија се бори со енормното загадување, сѐ погласно се поставува прашањето дали можеби и кај нас постои мафија од типот на „Камора“, која увезува европско ѓубре?

Сомнежот се зголемува и поради отсуство на точни и прецизни информации за загадувачите, во немањето волја да се реши проблемот, како и сознанието дека многу лесно во државата може да влезе опасен отпад.

Дека во Македонија, нелегално, се внесува странско ѓубре, кое потоа се уништува тука, се сомневаат еколошките невладини организации.

Нам не ни е познато точното количество отпад и типот на отпадот што се увезува. Отпадот што се увезува за да се извезе не знаеме дали навистина е транзиторен или дел останува и се користи во земјата и под кои услови. Транспарентноста во однос на податоците за увезен отпад е минимална, нема објава на месечни податоци, каде лесно и јасно ќе биде прикажан типот на отпад, колку е увезен, за која намена, на кој начин се искористува и кои компании го увезуваат и каде го извезуваат, велат од „О2 Коалицијата“.

Увозот на отпад наменет за преработка се врши легално, односно со законска дозвола, а она што е недозволено е ѓубрето да се увезува за складирање или уништување.

На прва, нема ништо сомнително при увозот на отпад за преработка, кој се врши според Базелската конвенција за контрола на отпад.

Дозволите за увоз на отпадот ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Тие содржат точни податоци за тоа кој има намера да го испорача отпадот и се приложуваат низа документи за движење на пратката отпад – товарен лист, информации и документи што се однесуваат на транспортерот, увозникот, односно капацитетот каде ќе заврши отпадот – примачот, склучен договор меѓу известувачот и примачот на пратката отпад, документ за обезбедена финансиска гаранција и дополнителни информации што ја опфаќаат испораката на отпад од почетното место на испраќање до местото на прифаќање, вклучувајќи ги и привремените активности за преработка и отстранување.

И дотука се чини дека сѐ е во ред, односно изгледа дека секој детаљ е опфатен. Но, она што е проблематично, е доколку македонските царинари сакаат да направат контрола на отпадот, односно да видат дали сѐ што е напишано во документацијата навистина е натоварено во камионот, тоа нема да можат да го сторат. Или, просто речено, увозот се врши на „жими мајка“!

ПОПОВСКА: ДА СЕ СЛЕДИ ПАТОТ НА ПАРИТЕ!

Квалитетот на отпадот се потпира само на документацијата, односно не може да се провери, бидејќи во државата не постои акредитирана референтна лабораторија.

Македонските царински органи се должни да ја проверат оваа документација. Карактеризацијата извршена од страна на акредитирана лабораторија со потекло од развиените земји, во принцип претставува доволна гаранција дека наодот од документацијата е соодветен на фактичката состојба. Меѓутоа, понекогаш карактеризацијата на отпадот што се приложува во документацијата може да биде спорна и во тој случај во Македонија не постојат услови за контрола на отпадот што се увезува, бидејќи немаме акредитирана лабораторија за карактеризација на отпадот, велат од Министерството за животна средина.

Токму поради неможноста за контрола, од невладините организации се сомневаат дека под превезот на легалниот увоз се внесува и опасен отпад за уништување.

Според Арианит Џафери од тетовската „Екогерила“, забраната за увоз на отпад во Македонија значително ќе придонесе да се намали нивото на загадувањето, особено во Скопје и затоа ги повика премиерот Зоран Заев и Владата да го променат Законот за увоз на отпад.

Македонија нема капацитет да се справи со сопствените количества отпад, па така увозот на отпад од земјите од ЕУ остава сомнежи за корумпираните врски и можни импликации за интересите на мафијата. Бараме од ОЈО да ја испита оваа активност, вели Џафери.

Решението, според ДОМ, е основање национална акредитирана референтна лабораторија што ќе може да врши контрола на квалитетот на отпадот што се увезува во Македонија.

Нема прецизни информации во институциите за тоа каков отпад влегол во Македонија. Веќе две-три години се обидувам да дојдам до конкретни податоци, но повеќе места ми даваат различни податоци, па во една таква хаотична ситуација може да се провлекува и некој криминал со отпадот. Бидејќи нема контрола, може да се увезува опасен отпад за уништување, а на документацијата да пишува дека увезуваме суровина, вели пратеничката Лилјана Поповска.

Таа додава дека мора да се направи и поголема контрола на работата на „Дрисла“.

Град Скопје треба да врши контрола на сѐ што влегува во „Дрисла“. Треба да се следи и текот на парите и на фактурите во депонијата. Доколку се прави криминал, тоа е мрежа, многу канцеларии се во прашање, не е само еден човек, вели Поповска.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ИТАЛИЈАНСКОТО ЃУБРЕ ШТО ТРГНА КОН „ДРИСЛА“?

Според неофицијални информации, кои сѐ погласно кружат во јавноста, во Македонија сепак влегува и странски отпад за уништување, и наводно се гори на три локации, и тоа во Скопје, Тетово и во Битола, каде што според упатените, и мерните станици покажуваат најголемо загадување.

Шпекулациите за увоз на странско ѓубре се разгореа кон крајот на 2016 година, кога италијанските медиуми објавија дека опасен отпад натоварен од Италија во 1.130 контејнери, тргнал кон Македонија и требало да се истовара на депонијата „Дрисла“. Пратката товарена на брод тргнала од пристаништето „Џоја Тауро“, Италија, и стигнала во Драч, Албанија, но официјално не го минала граничниот премин „Ќафасан“. Италијанските медиуми располагаа и со голем број детали, од регистарски таблички на возилата, до датумот на кој требало да се изврши испорака на пратката.

Раководството на скопската депонија „Дрисла“ тогаш за „Фокус“ изјави дека тие досега не увезле ниту еден килограм странски отпад, оградувајќи се од пишувањата на италијанските медиуми, дека отпадот бил наменет за „Дрисла“.

Но, за разлика од нивниот одговор, од Министерството за животна средина на нашето прашање дали концесионерот на депонијата, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“, од 2013 до 2017 година има побарано дозвола од Министерството да складира и уништува отпад од странска држава, ни одговорија позитивно.

Да, има побарано увоз на отпад во 2016 година, но со Решение од министер со бр. УП1-11/2-241 од 07.09.2016 година е одбиено барањето за увоз на отпад, ни одговорија од Министерството за животна средина.

Покрај мистериозно исчезнатиот отпад, кој може и да е радиоактивен, италијанските медиуми пишуваат, а приложуваат и документи, дека во февруари 2016 година, четириесет општини од Италија со концесионерот на „Дрисла“, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ДОО, потпишале резолуција за прекугранично располагање со нивното ѓубре.

По истиот пат по кој наводно тргнал и опасниот отпад, поминале уште 1.140 контејнери, кои влегле во Македонија, но според Царинската управа сме увезле разна стока, како замрзнато пилешко месо, банани, моторцикли, детски играчки, износена облека, ќебиња, јакни работни синтетички, регистратори, сардини во масло, оксиди на бакар, овча кожа, но не и отпад.

И УБК БАРА ОПАСЕН ОТПАД

Информацијата за опасниот отпад стигна и до македонските истражни органи, но засега не соопштуваат резултати од истрагата. Како што неофицијално дознаваме, од доброупатени извори, се формирала работна екипа со претставници од Управата за финансиска полиција, но и од Управата за безбедност и контраразузнавање, која требало да дознае дали во државата навистина влегува опасен отпад.

Дознаваме и дека Управата, на чие чело стои директорот Арафат Мареми, во меѓувреме ја чешла и депонијата „Дрисла“, а предмет за депонијата имаат отворено и од Основното јавно обвинителство. Сепак, тоа не е сѐ. Неофицијално дознаваме и дека Специјалното јавно обвинителство чепка по ѓубрето, а наводно истражителите биле насочени кон перење пари и провизии. Сепак, за овој предмет не успеавме да дознаеме повеќе информации, бидејќи од СЈО ни одговорија дека и доколку се води предистрага, таа е тајна.

И во моментот кога сите мислеа дека ѓубрето од Италија се изгубило некаде по пат, извори за „Фокус“ брифираат дека постои голема можност оваа пратка да влегла во Македонија, но не преку преминот „Ќафасан“, како што наводно било предвидено, туку на граничниот премин „Стар Дојран“ кај Дојран.

– На овој граничен премин кога стигнува пратка на која пишува „опасно“, никој не го отвора контејнерот и не прави проверка, вели нашиот извор.

Тој вели дека на крајот не се исклучува ниту можноста опасниот отпад да се внесува на диви премини.

Невладините организации кои почнаа протести против загадувањето, сметаат дека властите, доколку сакаат да ѝ објават војна на мафијата со ѓубре, треба да тргнат од „Дрисла“.

Сакаме да прашаме, што се гори во печките на „Дрисла“, дали тој отпад се декларира како отпад, дали имаат соодветни филтри. Што преземаат државните органи за санкционирање. Има ли ноќни и ненајавени смени, прашува Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“.

Активистот Тони Никушевски од „За чист воздух“, пак, бара Град Скопје да го раскине договорот со италијанскиот концесионер „ФЛЦ Амбиенте“.

Најголемиот проблем е тоа што во оваа депонија се гори секаков вид ѓубре, вели Никушевски.

ЌЕ СИ ЗАМИНАТ ЛИ ИТАЛИЈАНЦИТЕ ОД „ДРИСЛА“?

Борбата за најголемата скопска депонија „Дрисла“, поточно за милионскиот бизнис, трае веќе седум години, и никако да се оконча. Наместо за овој период депонијата да прерасне во еколошки парк, и понатаму е само еколошка бомба, која ги труе скопјани, а се чини дека така ќе биде и во догледно време, бидејќи во градот со месеци се одложува изборот на новиот концесионер.

Имено, концесијата во 2012 година, градот Скопје, на чело со градоначалникот Коце Трајановски, му ја додели на италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ и „Униеко“, а конкурентната „Шолц“ од Германија со години правдата ја бараше на суд.

Во јули годинава, Вишиот управен суд донесе мериторна одлука според која требаше да се оконча долгогодишниот спор меѓу компаниите, бидејќи му се наложи на Град Скопје повторно да направи бодување  и да одлучи кој ќе биде концесионер. Во игра се двете завојувани страни, актуелниот концесионер од Италија „ФЛЦ Амбиенте“ и германскиот холдинг „Шолц“, а во игра се враќа и австриската АСА „Интернешнел“.

Но, наместо Градот конечно да го избере новиот концесионер, постапката тапка во место, бидејќи италијанскиот конзорциум барал повторување на судската постапка.

Бараме повторно судење бидејќи приложивме нови докази,односно полномошното на адвокатката на „Шолц“ е издадено од поранешен управител, кој веќе со години не е на таа позиција, ни изјави Љупчо Шврговски, правен застапник на „ФЛЦ Амбиенте“.

Од германската компанија „Шолц“, пак, нѐ брифираат дека во изминативе години тие го ширеле бизнисот, од акционерско друштво станале холдинг, па поради тоа имало и смена на позиции. Сепак, истакнуваат дека стариот управител и понатаму имал задача да го истера процесот со „Дрисла“, односно дека тие и понатаму се заинтересирани за депонијата. Па, затоа за нив, овој обид на нивниот конкурент е само купување време.

Од „Шолц“ очекуваат дека конечно тие ќе ја добијат депонијата и ќе се стави крај на оваа долгогодишна битка. Тие и понатаму тврдат дека италијанскиот конзорциум го нема потребното искуство за работа во дејноста со отпадот, поради што и ја почнале правната битка.

Управниот суд во својата последна пресуда утврдил дека победничкиот конзорциум не доставил доказ дека работеле со отпад, туку „Униеко“ се занимавала со градежништво и производство на тули, а ФЛЦ „Амбиенте“ реално немала и што да понуди како доказ, бидејќи за таа дејност била регистрирана два дена пред истекот на продолжениот рок за аплицирање на тендерот. Поточно, во времето кога течел првиот рок од тендерот, во јануари 2012 година, фирмата воопшто не била регистрирана. Рокот потоа бил продолжен од градскиот Совет по барање на еден од понудувачите.

Исто така, според судската одлука, оваа компанија не доставила ниту доказ за финансиската состојба.

СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК, НО ОФИЦИЈАЛНА СТАТИСТИКА НЕМА

На последната судска одлука многу не се израдува ниту градоначалникот Петре Шилегов, бидејќи тој сакаше Градот самостојно да го избере концесионерот, но не да избира меѓу двете завојувани страни, и дополнителната трета, Австријците, туку под нови услови да распише нов тендер на кој ќе се борат повеќе компании.

Ваквото барање од градот го аргументираа дека денес технологијата, во однос на отпадот е отидена далеку понапред од понудената, па сигурни се дека ќе најдат подобар концесионер.

Додека да падне одлуката кој да биде новиот концесионер, „Дрисла“ и понатаму работи на стариот начин кој загадува. Во 2012 година, кога се избра концесионерот, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте и „Униеко“, визијата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски беше дека до 2016 година „Дрисла“ ќе стане модерна европска депонија и ќе работи по стандардите на италијанската депонија „Белведере“, која од ѓубрето прави струја. Но, новите стопани, освен што заѕидаа десетина тули, правејќи постројка за новата медицинска печка, која сѐ уште ја нема, сѐ друго оставија како што си беше. А, според договорот, за четири години требаше да инвестираат дури 80 милиони евра!

И додека трае битката за тоа кој да ја лапне концесијата, вистинска мистерија е што се случува во „Дрисла“?

Таму вратите се отворени за јавноста, но она што може да се види е само купишта ѓубре, без пристап до документацијата, а, според сѐ погласните шпекулации, таму се крие вистината, и тоа онаа за медицинскиот отпад.

Доброупатени извори за „Фокус“ откриваат дека со години од Државниот инспекторат за животна средина не е извршена инспекција, барем не реална, за конечно да им се стави крај на гласините дека се прават страшни злоупотреби со медицинскиот отпад. Обиди да го разбуричка „ѓубрето“ имаше неодамнешниот в.д. директор Мирослав Богдановски, но по само шест месеци тој беше тргнат од позицијата, а инспекторатот повторно премина во рацете на кадар на ДУИ.

Сакавме да го прашаме актуелниот министер за животна средина, Садула Дураки, дали можеби тој слушнал за шпекулациите дека во Македонија се увезува отпад за уништување, но тој не одговараше на телефонските повици на „Фокус“. Во меѓувреме, од Државниот инспекторат за животна средина, иако го известиле Обвинителството дека „Дрисла“ не загадува, ја игнорираат ваквата забелешка и велат дека продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.

Случајно или не, сите шпекулации околу загадувањето водат кон италијанското сценарио. Уште една случајност е што и таму, како и кај нас, во екот на аферата за загадување, не се правела прецизна статистика за заболените од рак.

Кога го посетивме најблиското населено место до скопската депонија „Дрисла“, селото Батинци, тамошната лекарка нѐ пречека со шокантни податоци. Ни тврдеше дека бројот на заболени од рак, особено на белите дробови е енормно зголемен, но не само во Батинци, туку и во Драчево и во Лисиче, кои се во близина. За да ги поткрепиме информациите на докторката, побаравме статистика од Институтот за јавно здравје, за заболени од рак во овие места, но од таму ни одговорија дека такви податоци немаат, односно заболените ги броеле по региони, а не по села. Сума сумарум, мафијата се наѕира, само уште да ѝ го дознаеме името!

ВО 2015 И ВО 2016 ГОДИНА РЕКОРДЕН УВОЗ НА ОТПАД

Според годинешните извештаи на Министерството за животна средина, увозот на отпад енормно се зголемува во 2015 и во 2016 година, бидејќи овие две години бил увезен отпад, кој за дваесетина пати бил поголем од количествата увезени од претходните пет години.

Увозот од 2011 до 2015 година се движел меѓу 815 и 3.492 тони, без да се прецизира во извештајот конкретно од кој тип е отпадот. Во 2015 година, бројките нагло се качуваат на 78.595 тони, а во 2016 година дури на 118.778 тони. Во 2017 година, пак, повторно увозот на опасни материи е намален на 6.610 тони, приближно на количествата пред 2015 година.

Поврзани новости