Текстот е објавен на 1 мај, 2014 година, во неделникот „Фокус“, во бројот 969
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Само половина час бил пресуден за животот на 65-годишната Стојка Игнатова, по потекло од Штип, која речиси четириесет години живее и работи во германскиот град Хилден. Враќајќи се од пазар, таа почувствувала силен притисок во срцето, ѝ се слошило и следно на што се сеќава се белите мантили околу неа, силната светлина која доаѓала од ходникот и грижата на медицинскиот персонал. Целата сцена се одвивала како на филм откако преживеала инфаркт.
Таа под итно била пренесена во болница во Диселдорф. Таму ѝ била извршена операција, направени ѝ биле сите испитувања и за само 15 дена била испратена на физикална терапија, организирана преку болницата каде што била сместена, за да продолжи со закрепнувањето. По само еден месец оттогаш, таа живее нормално и повремено оди на контроли кај својата матична лекарка.
Според неа, болницата во која била сместена изгледала како хотел со пет ѕвезди, односно луѓето таму се чувствуваат повеќе како да се на одмор отколку на лекување. Од друга страна, со сите медицински апарати со кои располагаат, на лекарите им се потребни само неколку дена за да ги направат сите потребни прегледи, испитувања и дијагностички процедури, без разлика дали се работи за итни пациенти или не.
Токму од тие причини, германското здравство котира на високото шесто место со најдобар здравствен систем во светот. Листите на чекање се ретки, а медицинските установи се опремени со апаратура по најновата технологија. Здравственото осигурување обезбедува речиси целосна покриеност на медицинските терапии и лекови.
За разлика од германското, македонското здравство се наоѓа на листата меѓу последните 20 земји со најлош здравствен систем. Германија ја зедовме како пример бидејќи министерот Никола Тодоров речиси три години прави турнеи дотаму и назад и строго ги „копира“ нивните реформи. Следејќи го примерот на оваа европска земја, тој постојано воведува нови правила во здравството, испраќа лекари на обуки таму, пречекува нивни лекари тука, но, сега-засега, состојбата никако да се подобри.
Активен на овој план е и премиерот Никола Груевски. Тој пред два месеца договори соработка за обука на лекари со државната клиника во Штутгарт. Ако се одделат само пет минути и се прошара по интернет, веднаш може да се направи споредба – како изгледа оваа болница и како изгледаат скопските клиники? Има разлика – и тоа огромна!
Сепак, редно време е да се вратиме во Македонија и да видиме – колку време пациентите чекаат за снимање и испитување, односно колкави се листите на чекање? Дали здравствените реформи: „мој термин“, „клинички патеки“… вродија со плод или нивната ефикасност се забележува само во рекламните спотови на владата, за кои, како што обвинуваат од опозицијата, се трошат милиони евра?
ВОДИЧ – КОЛКУ ТРАЕ ЕДНО ИСПИТУВАЊЕ НА КЛИНИКИ?
Црни точки во јавното здравство и понатаму продолжуваат да бидат долгите листи на чекање, иако министерот Тодоров уште пред две години вети дека секое испитување ќе се прави во рок од три дена, откако ќе биде инсталирана новата медицинска опрема. „Ветено – остварено“.
Барем така им гласеше слоганот, кој не само што не се оствари, туку пациентите за одредени испитувања чекаат од три до осум месеци, што, според тврдењата на лекарите, може да биде кобно за нивниот живот.
Екипата на „Фокус“ пред неколку дена се прошета по скопските клиники, откако во нашата редакција пристигнаа поплаки од неколку пациенти, кои, по неколкумесечното талкање по болничките ходници и трошењето пари, едвај успеале да закажат за испитување. Дел од лекарите тврдат дека таму владее тотален хаос и на шега велат – „не се знае кој пие, кој плаќа.“ Што е најтрагично, сето тоа удира по грбот на пациентите.
– Ова што се случува не е нормално. Потрошив куп пари за пат до Скопје, а никако да дојдам на ред. Лесно е да излезеш и да се фалиш само на телевизија, но така нема да се зачува нашето здравје. Зар треба да ми се случи нешто, па некој воопшто да реагира? Немам 10.000 денари за да одам на приватно да направам испитување. Ми останува тука да чекам, па што биде, нека биде – револтирано раскажува за „Фокус“ 59-годишна велешанка.
Откако ги собравме потребните информации, одлучивме да направиме одреден водич – за кои испитувања најмногу се чека, по колку месеци и дали на сметка на јавното, живее приватното здравство?
Мораме да нагласиме дека за намалувањето на листите на чекање не помогнаа ни новиот начин на упатување на пациентите, ни пробните електронски листи, ниту, пак, новата медицинска опрема. Во скопските клиники и во болниците во внатрешноста се чека од четири месеци до една година за разни прегледи, снимања и дијагностички процедури.
Според тврдењата на дел од лекарите, на прво место на листата најбарани здравствени услуги во јавното здравство е снимањето на магнетна резонанца. Таму луѓето чекаат по пет месеци, а дневно се снимаат околу 60 пациенти. Сè уште има прегледи кои се закажуваат дури по шест месеци, а може и по осум, како, на пример, прегледот на тироидна жлезда, а речиси исто толку време болните чекаат и за резултатите од патолошките испитувања. За компјутерска томографија се чека повеќе од четири месеци, додека за снимање и преглед на органите за варење, односно за гастроскопија, пациентите чекаат и по три месеци.
Долг ред на листите, како што тврдат лекарите, има и за колоноскопија (процедура за испитување на слузницата на дебелото црево), каде што се чека и до четири месеци.
Никаква промена нема ниту со листите за операции. Болнички извори тврдат дека за операција на кила се чека од најмалку три месеци до половина година. Слично е и со ортопедските и со гинеколошките операции, каде што, исто така, се чека најмалку по четири месеци за операција. Според онколозите, најалармантно е тоа што до три месеци чекаат и болните со рак за да почнат со зрачна терапија.
Ништо не е поразлична ситуацијата ни во градската болница „8 Септември“, каде што лекарите се пренатрупани со работа, а болните се молат конечно да дојдат на ред.
– Пациентите кај нас за компјутерска томографија се закажуваат дури за јули или за август. Нема шанси порано. Болницата е преплавена со пациенти, а лекарите не можат да дигнат глава од работа. Реално би било дневно да правиме по 20 компјутерски томографии, а ние правиме дури по 40, што придонесува опремата брзо да се расипува – тврди доктор Сашо Стојчев, директор на болницата.
КОМПЈУТЕРСКИТЕ ТОМОГРАФИ НА РАДИОЛОГИЈА НЕ РАБОТАТ
И по четири години, во владиниот отчет не прекинуваат фалбите за набавката во грандиозниот проект за медицинска опрема, кој чинеше вртоглави 100 милиони евра. Сепак, тоа изгледа така само на хартија, додека ситуацијата на терен покажува нешто сосема друго.
„Фокус“ пред неколку дена ја посети скопската Клиника за радиологија, каде уште на вратата нè пречека турканица, нервозни и револтирани пациенти, незадоволни од долгите редици, неорганизираноста и трнливиот пат што го поминуваат по болничките ходници.
Според наши информации, речиси една недела на Клиниката не работел ниту еден од трите апарати за компјутерска томографија. Тамам еден ќе направат, друг ќе се расипе. Сите пациенти за испитувања се презакажуваат во градската болница „8 Септември“.
– Чекав со месеци за испитување на Клиниката, сега апаратите не им работат и ме препратија во Градската болница, каде што морам да чекам уште неколку месеци. Не ми е јасно што ќе правам. Да имам пари, веднаш ќе одам во приватна болница, ама немам. Кој знае што може да се случи додека јас да дојдам на ред – објаснува 49-годишен кумановец, кој сакаше да остане анонимен.
На оваа тема упативме прашања и до директорката на клиниката, Надица Митреска, која до затворањето на весникот не одговори ниту на нашата порака, ниту на мејлот што ѝ го испративме.
Од друга страна, доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство, вели дека за џабе ѝ се сите фалби на владата, кога пациентите пак страдаат.
– Кај нас во Македонија сè е наопаку. Здравствените власти ги имитираат странските здравствени системи, но досега нема никаков ефект од тоа. Болните се шетаат од една болница до друга, но освен што менуваат болници, почнаа да ги шетаат од еден град во друг за да си направат испитување. Работите сè повеќе се влошуваат. Жално и страшно е тоа што си играат на нивна сметка – тврди Оровчанец.
Со сличен став како него е и доктор Никола Пановски. Тој тврди дека клиниките трошат куп пари само за сервисирање на расипаните апарати.
– Клиниките имаат ограничени буџети и немаат доволно пари. Ако еден апарат се расипе, потребни се пари за сервисирање, а ги нема. Така, како и да се сврти работата, сè оди на грбот на пациентите – истакна доктор Пановски.
Сепак, да се навратиме на набавката на медицинска опрема. Таа требаше да ја игра клучната улога во намалувањето на долгите листи на чекање. Колку што нè држи сеќавањето, поголемиот дел од апаратите беа промовирани само на три дена пред парламентарните избори во 2011 година.
Во тоа време, во еден ден, тогашниот министер Антонио Милошоски го пушти во употреба компјутерскиот томограф во охридската болница, првиот човек за финансии Зоран Ставревски во Струмица отвори дијагностички центар, ексминистерот за здравство Бујар Османи се прошета до Велес, го пушти компјутерскиот томограф, а подоцна се врати на скопската Клиника за кардиологија, каде што заедно со премиерот Груевски го пуштија во употреба ангиографот.
Јасно е дека кај нас повеќето од работите се совршени само во рекламните спотови и во владините отчети со скапа печатена хартија.
Нели, здравјето е бесценето! Барем така пишува на билбордите за реклами што ги плаќа Министерството за здравство.
Рамка 1:
„МОЈ ТЕРМИН“ СОВРШЕН САМО ВО РЕКЛАМИТЕ
По повеќе од половина година, електронскиот систем за закажување „Мој термин“ и натаму им задава проблеми и главоболки на пациентите, а богами и на лекарите. Дел од нив се незадоволни затоа што, откако е воведена оваа реформа, им се усложнил патот за одредени испитувања, кои порано ги правеле за кратко време.
– Јас треба да правам магнетна резонанца на колено. Матичниот лекар ми е во Ресен, а за да ми го закаже ова испитување ме препраќа на специјалист во Битола, кој треба да ми даде упат. По цело ова патешествие, да не зборуваме за тоа уште колку месеци треба да чекам за да дојдам на ред. Нормално се откажав. Прашав на приватно и, за мојот случај, магнетната резонанца чини 8.800 денари – раскажува 29-годишниот ресенчанец В.В.
Рамка 2:
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО МОЛЧИ
„Фокус“ испрати неколку прашања до Министерството за здравство – колку време пациентите чекаат за одредени испитувања и зошто, и покрај ветувањата на министерот Тодоров, овој проблем сè уште не е решен? Прашањата беа испратени на мејловите, до Службата за односи со јавност и до шефот на кабинетот на министерот, Ангел Митевски. Сепак, до затворањето на весникот не добивме никаков повратен одговор оттаму.