АРХИВА Трајко ќе ги освестува пратениците да ја баталат чашката, уредно да се облечат и да научат да дебатираат!

by Fokus

Текстот е објавен на 20 јануари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 864

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Наместо конструктивна дебата, заснована врз факти и аргументи, личните навреди и дисквалификации се главно обележје на седниците на Собранието, кое е огледало на општеството. Притоа, се добива впечаток дека како одминуваат годините во плурална Македонија, генерално, парламентарните состави стануваат се помалку квалитетни, секако, со чест на исклучоци, а се повеќе подложни на влијанија и притисоци. Затоа, неминовно се наметнува констатацијата дека актуелните пратеници не се во служба на народот, иако токму граѓаните ги сместиле во законодавните фотелји за период од четири години, туку претставуваат продолжена рака на извршната власт, која токму тие ја избираат и во секој момент може да ја разрешат.
Дали сето ова го имал предвид спикерот Трајко Велјановски, кога минатата година двапати им достави етички кодекс на народните избраници, кој пропишува елементарни правила на однесување што треба да ги знаат ученици, а не, пак, за парламентарци? Дали Велјановски сака на тој начин да ја скроти бунтовната и темпераментна природа на неговите колеги, да ги научи на пристојни манири и на учтиво однесување, или, пак, да ги натера да го збогатат квантумот на знаења?

СЕКОЈ НА СВОЕТО СТОЛЧЕ!

Инаку, првиот меѓу еднаквите законодавци, лани во јули им достави на пратениците кодекс за етичко однесување, веднаш по познатата случка со стечајците, кога дел од опозициските пратеници се судрија со припадници на полицијата, што не се дел од собраниското обезбедување. Овој инцидент, кој не дочека разрешница, создаде тензија меѓу власта и опозицијата, па тој го повлече предлогот. Сепак, нецела половина година подоцна, поточно пред Нова Година, првиот човек на народниот дом повторно побара поддршка за оваа идеја, доставувајќи го, според кажувањата на дел од пратениците, идентичниот предлог од пред шест месеци, за кој пратеничките групи треба да се изјаснат до крајот на месецов.
Во секој случај, целта на деветте члена на кодексот, како што се наведува, е воведување на стандарди за етичко однесување на пратениците, преку кои ќе се обезбеди зајакнување на интегритетот и достоинството на пратениците и ќе придонесе за јакнење на довербата на граѓаните кон Собранието. За да се постигне оваа цел, стои во нацрт-текстот, пратениците треба функцијата да ја вршат одговорно, совесно, чесно, објективно и транспарентно, во интерес на граѓаните. Потоа, тие треба да бидат посветени на функцијата како единствена и основна должност, да избегнуваат секаков судир меѓу функцијата и приватните интереси, да не го злоупотребуваат статутот за материјална корист за себе, членовите на семејството или партијата, како и да не примаат подароци и услуги од граѓани и организации, да ги почитуваат другите носители на јавни функции – државни и јавни функционери и други лица кои извршуваат работи поврзани со Собранието.
Покрај тоа, документот ги обврзува пратениците да присуствуваат на седниците и на работните тела на парламентот, при што отсуство е дозволено само во оправдани ситуации. Впрочем, непотребноста на ова ја потврдува самиот Деловник, кој во главата три одредува дека пратеникот има право, но и должност да учествува во работата и одлучувањето на Собранието. Единственото дополнување во кодексот е тоа што пратениците не смеат да ги напуштаат седниците за време на обраќања на претседателот на Собранието и на Републиката – функции кои моментно ги извршуваат Велјановски и Ѓорге Иванов, како и на гости од странство. Интересно е дека во оваа категорија на привилегирани го нема премиерот Никола Груевски!
Ако ова недоволно привлекува внимание, иако одредбите во голема мера се непотребни, бидејќи се подразбираат, со оглед на тоа што во спротивно, во некои случаи пратениците се недоветни, а во некои корумпирани, следат побаналните норми.

СО ЛИЦЕТО НАПРЕД, СО ГРБОТ ОДЗАДИ!

Имено, кодексот определува дека пратениците треба да избегнуваат изјави кои не се поткрепени со докази, да ја засноваат дискусијата на факти, логичка аргументација и на фер толкување. Од ова безмалку ограничување на слободата на говор на пратениците, кои меѓу другото, се еден степен позаштитени од аспект на кривична одговорност, произлегува дека тие освен законодавна, треба да вршат и истражна работа, бидејќи нема да можат да говорат само врз основа на индиции и да покренуваат морални дилеми, туку само врз база на докази. А како поинаку би собрале докази, ако не изигруваат полиција?
Нејсе, исто така, според предлог-кодексот, тие не смеат да му вртат грб на претседавачот со седницата, освен кога се обраќаат од главната говорница. Основно логично прашање во однос на ова е како од место пратеник би му вртел грб на претседавачот, освен ако нема маневарски простор и ротирачка фотелја? Или пак, доколку стои, пракса која замре откако либералдемократите останаа вон парламентот, но и тоа е возможно само ако пратениците се решат да ги испрочитуваат новинарите, кои ја следат седницата од галеријата одзади, што, се разбира, е тешко веројатно.
Згора на се, пратениците ќе треба да ги користат телефоните и лаптопите така што нема да го попречуваат текот на седницата. Што значи тоа, може само да претпоставуваме! На крајот, не смеат да зборуваат гласно на седницата, да не го прекинуваат говорникот, да не употребуваат гестикулации, изрази, синоними со кои го навредуваат соговорникот, да не истакнуваат знамиња, амблеми, текстови и слики со навредлива содржина. Треба да се придржуваат до принципите на човекови права и да не поттикнуваат расна, полова, верска, национална, социјална, здравствена и национална дискриминација.
Наспроти тоа, треба да бидат уредно и соодветно облечени, постојано да стекнуваат знаења за демократската и политичката култура и да го усовршуваат реторичкото знаење. Не смеат да консумираат алкохол за време на седниците, што поттикнува неколку прашања и дилеми. Дали досега праксата на опивање во Собранието е толку честа, па мора со декрет да се забрани? Ако се забранува „чашката”, зошто не се забрани и консумирањето наркотични средства и „швалерацијата”? На крајот, испаѓа дека единствен пратенички порок е „пијанењето”, па паѓаат во вода неодамнешните обвинувања на една пратеничка за „шмркање бело”.

УКАЖУВАЊЕ НАМЕСТО ПАРИЧНА КАЗНА

Се што беше наведено, освен сегментот за облекувањето, не треба да го земаат здраво за готово најголемиот дел од пратениците во средните и задните клупи, кои речиси никогаш не истапиле на собраниската говорница, ниту се јавиле за збор од место. Тие слободно може да се преселат во собраниското ресторанче, така што нивните говори, реторички вештини, демократски знаења се небитни, зашто веројатно никогаш нема да ги дознаеме. Другите, што често или повремено учествуваат во дискусиите за точките на дневен ред, па може да го прекршат кодексот, ќе заработат пријава за повреда од страна на секој пратеник до претседателот, која ќе се разгледува на секоја наредна координативна средба.
За непочитување на кодексот, се изрекуваат мерки укажување, јавно укажување и јавно укажување објавено на веб страната на Собранието. Претходно, претседателот на пратеникот мора да му изрече предупредување и доколку е незадоволен, пратеникот може да поднесе приговор, односно жалба кон најава на изрекување на соодветна мерка. Тоа се прави на координативна средба, на која се зазема став, а конечната одлука ја донесува претседателот. Фактот што казните се симболични, и во спротивност со кодексите во Европа – не удираат по џебот и по статусот на пратениците, само ја надополнува оценката за суштината на кодексот.
Колку за споредба, кодексот што Европскиот парламент го усвои лани, прецизно утврдува дека членовите на ЕП ќе мораат да пријават каква било надворешна активност од која ќе заработат повеќе од 5.000 евра годишно и мораат да одбијат подароци поскапи од 150 евра. Претседателот на Парламентот, откако ќе се консултира со советодавна комисија, може да одлучи да ги санкционира пратениците кои го кршат кодексот, како на пример со глоба еднаква на дневници од два до десет дена, привремена суспензија од парламентарните активности најмногу до десет дена или, пак, со губење на улогата известувач или друга избрана функција.
Оттаму, македонскиот кодекс во најава наместо парични казни и суспензија, предвидува само укажување, кое, во најстрашна варијанта, може да биде јавно. За пратениците кои, како што претходно беше кажано, секојдневно си разменуваат доза навреди, едно укажување плус е сосема ирелевантно. Поради тоа, уште отсега може да прогласиме неуспех на оваа инцијатива, која не претставува ништо друго, ами про-форма.

РАМКА 1
Партиите да се изјаснат
БОНЕВА И ИВАНОВСКИ ГО ДАЛЕ КОДЕКСОТ НА АНАЛИЗА

Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Силвана Бонева и Игор Ивановски, ни изјавија дека се уште го анализираат етичкиот кодекс, па, како што велат, до крајот на месецот ќе се изјаснат дали за нив е прифатлив или не. Неофицијално дознаваме дека најверојатно, вмровците ќе го прифатат, а социјалдемократите ќе го отфрлат кодексот. Тоа на една седница пред неколку дена го навести пратеничката Весна Бендеска, која иронично прокоментира дека кодекс му треба на претседателот Велјановски, Тогаш, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и дофрлија дека правила на однесување му се потребни на Јани Макрадули, кој важи за еден од пратениците со најостар речник!

РАМКА 2
Собранието по стапките на Владата
МИНИСТРИТЕ ЗБОРУВААТ САМО СО ДОЗВОЛА НА ПРЕМИЕРОТ

По неколкукратно одложување, Владата во 2010 година усвои Етички кодекс, според кого премиерот и министрите треба да работат законито, професионално и ефикасно. Ниту еден од нив не смее да изговори збор за стратешките цели на Владата, ако претходно не добие одобрение од премиерот и не смее да изнесува информации од дискусии на владините седници. Администрацијата на Илинденска бб. мора да биде стручна и да не учествува во активности на политичка партија. Она што е нејасно е кој ќе им „суди”, имајќи предвид дека „огрешените” не подлежат под кривична одговорност.
– Овој документ е значаен зашто со него ќе се намали партизацијата на јавната администрација, проблем за кој повторно ќе има забелешка во следниот извештај на Европската комисија. Секоја европска држава има ваков кодекс со кој се придонесува за транспарентното работење на министрите и на функционерите – оценува за дел од дневните весници Борче Давитковски, актуелен декан на Правниот факултет.
Во прилог на тоа, свои етички кодекси имаат државните административци, локалната администрација, секоја државна институција како Агенцијата за државни службеници, како и полицијата, кој стои на видно место во секоја полициска станица, за да можат да го прочитаат не само полицајците, туку и граѓаните што треба да ги знаат полициските овластувања!

РАМКА 3
И новинарите со свој етички кодекс
СЛОБОДА НА ГОВОР – НЕПРИКОСНОВЕНО ПРАВО

Слободата на говор е неприкосновено право на новинарите, чие основно право е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите, да ги бранат човековите права, достоинството, да го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, да придонесуваат за јакнење на правната држава и контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Ова се дел од сегментите на Етичкиот кодекс за новинари, кој дефинитивно повеќе претставува слово на хартија, отколку ориентир за професионално новинарство!

 

Поврзани новости