Текстот е објавен на 23 јануари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.529.
Податоците што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека меѓу економските оператори што добија тендери за зимско одржување на улици и патишта може да се сретне и тукушто формирана компанија, која веднаш по основањето склучила низа договори за јавна набавка, и тоа исклучиво со јавното претпријатие „Македонија пат“. Потоа, меѓу нив се забележува и фирма со драстични промени во работењето, која една од последните 3 години ја завршило со нула денари обрт. Покрај тоа, во друштвото се случувале интересни промени во сопственичката структура.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
За справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, како и единиците на локалната самоуправа, склучија договори во вредност од 3,5 милиони евра. Но, како што покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, оваа сума допрва ќе расте, бидејќи повеќе од 10 тендери се во фаза на спроведување.
Поточно, склучени се педесетина поединечни договори, кои, покрај останатото, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Патем, истражувањето на ЦГК покажа дека речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување, со оглед дека на нив просечно имало по 1,4 понуди по тендер, што е исклучително ниско ниво на конкуренција, додека на 71 отсто од тендерите имало само по една понуда.
Воедно, ЦГК утврди дека најголеми се тендерите на ЈП „Македонија пат“, кое засега има склучено 3 двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но, сите 3 договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата, додека ова јавно претпријатие, со надлежност да се грижи за одржување и заштита на патиштата, сѐ уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување на патиштата.
Дополнително, 39 општини имаат склучено договори за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата. Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола (250 илјади евра), Кичево (134 илјади евра), Центар (116 илјади евра), Гази Баба (113 илјади евра)…
Притоа, податоците што ги обезбеди „Фокус“ покажуваа дека меѓу компаниите што добија дел од овие тендери има и тукуштоформирана компанија, која веднаш по основањето добила неколку тендери, и тоа исклучиво од „Македонија пат“. Потоа, меѓу нив се забележува и друштво со драстични промени во работењето, кое една од последните години имала нула денари обрт. Кои други фирми може да се сретнат во оваа група?
ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНИЦИ
Имено, најголем договор за зимско одржување на патишта склучила „Лугос ЛЦ“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа компанија склучила договор со „Македонија пат“ за набавка на индустриска сол, во вредност од 2,3 милиони евра. Всушност, станува збор за рамковна спогодба во времетраење од 2 години, во чии рамки ќе се склучуваат посебни договори, со тоа што максималната сума што може да се исцрпи максумум во висината на спогодбата.
Историјатот на оваа компанија открива дека таа е формирана кон крајот на 2020 година (23.9.2020), со седиште во скопски Карпош. Прв сопственик и управител на ова друштво за „неспецијализирана трговија на големо“ била Љупка Цикарска од Струмица. Лице со исто име и презиме може да се најде и како актуелен раководител на Секторот за управување со човечки ресурси во Општина Струмица, но и како поранешен член на управните одбори на Фондот за иновации и на Јавното претпријатие за државни патишта.
Инаку, и ЈП за државни патишта и ЈП за магистрални и регионални патишта, или „Македонија пат“, се основани од страна на Владата, но важат за посебни субјекти. Сепак, тие функционираат испреплетено и имаат тесна соработка, која се остварува и врз основа на годишни програми. На тој начин, впрочем се утврдуваат улици и се проектира сума за што ЈПДП го ангажира „Македонија пат“, што значи првото претпријатие има улога на инвеститор, а второто на изведувач.
Според јавно објавени одлуки на Владата, Цикарска е избрана за член на УО на ЈП за државни патишта во 2017 година, а разрешена е во 2023 година, додека веднаш потоа е избрана за член на УО на Фонд за иновации. Што се однесува до друштвото „Лугос ЛЦ“, Цикарска се јавува како сопственик до февруари 2022 година. Тоа значи дека има поклопување во период од 2 години (2020-2022), кога Цикарска е дел од раководството на ЈП за државни патишта и истовремено е сопственик на приватна компанија која работувала со ЈП „Македонија пат“, тесно поврзано со ЈПДП.
Меѓутоа, на почетокот на 2022 година нов сопственик на „Лугос ЛЦ“ станува косовскиот државјанин Ментор Буши, кој е газда на компанијата во следните 2 години, бидејќи на почетокот на оваа 2024 година таа преминува во сопственост на битолчанецот Африм Јусуфи. Иако по официјален пат се обративме до друштвото и до Јусуфи, сепак, до затворањето на овој број не добивме одговор на прашањата за причините и условите при промените во сопственичката стурктура, ниту за тендерите и договорите за јабна набавка.
ФИНАНСИСКИ ПОДЕМИ И ПАДОВИ
Официјалните податоци говорат дека „Лугос ЛЦ“ го добила највредниот тендер за набавка на индустриска сол во вредност од 2,3 милиони евра кон крајот на ланската година (28.10.2024 година), кога веќе сопственик е Јусуфи. Се работи за тендер спроведен по оглас објавен во август 2024 година, или еден месец откако новата влада му препорача на УО за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта од должноста директор да го разреши Костадин Ацевски (кадар на СДСМ), а за в.д. директор да го избере Нуредин Фетаи (кадар на ВЛЕН).
Во тендерската документација за оваа јавна набавка, во делот на економска и финансиска состојба, меѓу другото, се барало заинтересираните економски оператори да имаат остварено минимален приход од вкупно 120.000.000 денари (без ДДВ) во последните 3 финансиски години, вклучувајќи минимален приход од вкупно 60.000.000 денари (без ДДВ) во последните 3 финансиски години во дејноста поврзана со предметот на јавна набавка. Зошто е важно ова да се наведе?
Ако се погледат финансиските извештаи на избраниот економски оператор „Лугос ЛЦ“, евидентни се драстични промени. Така, компанијата во 2021 година остварила приходи од 163.183.101 денари, од кои како добивка останале повеќе од половина, односно дури 95.492.335 денари. Веќе следната 2022 година, кога фирмата преминува во сопственост од Цикарска кон Буши, таа ја завршува со приходи од нула денари, што значи дека немала никаква деловна активност. Во следната 2023 година, пак, друштвото имало приходи од 10 милиони денари и миминален профит.
Оттука произлегува дека „Лугос ЛЦ“ се квалификувал да учествува во постапката, т.е. да го исполни условот за вкупни приходи од 120.000.000 денари во последните 3 години, благодарение на приходот од 163 милиони денари во 2021 година, бидејќи во следните 2 години имал приходи од нула, односно 10 милиони денари. Се уште не е објавена годишната сметка на компанијата за изминатава 2024 година, кога склучи уште неколку договори со „Македонија пат“ за самолеплива фолија за сообраќајни знаци и транспарентен филм, во вкупна вредност од над 5 милиони денари.
Во секој случај, далеку поголем е двегодишниот договор, односно спогодба за индустриска сол во вредност од 141 милиони денари. Она што е интересно, „Македонија пат“ претходно во 2022 година склучила, исто така двегодишен договор за истата намена со „Димакс Русници“ во вредност од 212 милиони денари, но тогаш условот за квалификување подразбирал минимален годишен приход од најмалку 60 милиони денари во последните 3 години. Но, тоа не се барало кумулативно, туку за секоја година посебно, што значи дека ако истиот услов бил и сега „Лугос ЛЦ“ немало ќе бил дисквалификуван во фаза на евалуација.
СОРАБОТКА САМО СО ЕДЕН ОРГАН
Освен за индустриска сол, ЈП „Македонија пат“ склучило 2 договори за набавка на ризла за зимско одржување на патишта во реоните на Скопје и Битола. Еден од нив е склучен на 17.10.2024 година со компанијата „Сопот“ во вредност од 7,9 милиони денари. Оваа компанија, основана во далечната 2000 година, која е во сопственост на Јетула Исени и Исни Алими, соработувала исклучиво со еден договор орган, т.е. токму со „Македонија пат“.
„Сопот постои од 2000 година и нашата главна и единствена дејност е оперирање со каменолом Сопот, т.е. експлоатирање на варовничка руда и нејзино преработување (дробење и сепарирање) до производи коишто претежно се користат во градежништвото – тампон за патишта, фракции (агрегати, ризла) за производство на бетон, асфалт и за зимско одржување на патишта. Во рамки на нашето долгогодишно работење, во одредени периоди сме соработувале и со ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта.
Од причина што ние немаме наш транспорт, како и градежна оператива за извршување на градежни работи, туку само сме производители на материјал што се користи во градежништвото, а со оглед на тоа дека Македонија пат е меѓу ретките јавни претпријатиjа коишто распишуваат јавни огласи само за набавка на таков материјал бидејќи сами го вршат транспортот, сме имале можност да конкурираме само на огласите распишани од „Македонија пат“, велат од компанијата, додавајќи дека договорите за јавни набавки не завземаат повеќе од 10-15 отсто од вкупниот годишен промет.
Веќе на 11.12.2024 година, „Македонија пат“ склучил договор за истата намена и со „Винер Сервис“, во износ од 8,2 милиони денари. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија во сопственост на Дејан Героски е основана во Битола на 20.08.2024 година, а веќе на 21.10.2024 година, или само 2 месеци подоцна, склучува 2 договори за јавна набавка за хидропумпа и резервоар за хидрол од над 300 илјади денари, а на 25.10.2024 добива тендер за гуми за товарни моторни возила и специјални градежни машини тежок 18,8 милиони денари.
Понатаму, компанијата на 04.11.2024 склучува повеќе договори во рамки на деллива постапка за потрошен материјал за механичка работилница и механизација во вкупна вредност од над 2 милиони денари. На 11.11.2024 година, пак, склучува договори за акумулатори од 4 милиони денари, додека на 10.12.2024 и договор за моторни масла и мазива од 2,3 милиони денари. Па, кога ќе се соберат сите договори, вклучително и оној за ризла, произлегува дека оваа компанија за краток период после формирањето добила тендери во вкупна вредност од над 40 милиони денари.
ЖАЛБИ ОД ПОВЕЌЕ КОМПАНИИ
И двата договори за ризла за териториите на Скопје и Битола се склучени во рамки на делливи набавки, при што постапките за неколку од посебните делови или т.н. лота, кои се однесуваа на териториите на подружници Автопат, Велес и Штип, биле поништени со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“ или пак дека „понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот“. Слична судбина имала и првата тендерска постапка за ангажирање на механизација за зимско одржување на патишта…
Имено, на 26.09.2024 година е објавен оглас за ангажирање трети лица за зимско одржување на државните патишта на територија на Подружница Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат, за период од 8 месеци. Во текот на постапката, се направиле измени во делот на техничката спецификација. Арно ама, на крај тендерот пропаднал, со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“. Патем, треба да се напомене дека за оваа тендерска постапка биле поднесени 3 жалби.
Поточно, жалбите биле поднесени од компаниите „Јан Констракшн“ од Брвеница и уште 2 компании со седиште во Мала Речица – „Аннра Центрум“ и „Инфраструктура“. Покрај останатото, во нивните жалби се наведува дека во тендерската документација се сторени битни пропусти од страна на договорниот орган, кои, според нив, „значително влијаеле на квалитетното и законито спроведување на постапката за јавна набавка“. Односно, стои во една од жалбите, договорниот орган не само што објавил неквалитетна и незаконска постапка за јавна набавка, туку имал цел неоправдано да ја ограничи конкуренцијата.
„Целосно нејасно било како договорниот орган предвидел да доделува бодови кога истите не се користат кога економски најповолната понуда се избира само врз основа на цената. Ваквиот критериум за избор бил контрадикторен и оставал простор за нејаснотии при евентуалното поднесување на понудите и на тој начин бил спротивен на законски предвидениот критериум – најниска цена“, навел еден од жалителите. Друг жалител, пак, посочил:
„По спроведувањето на постапката во 2023 година, договорниот орган доделил 11 договори. Вкупно 11 економски оператори можеле да учествуваат и биле избрани за најповолни понудувачи. За разлика од 2023 година, сега истиот договорен орган објавува постапка за јавна набавка за истиот предмет на набавка со таа разлика што бројот на делови од 37 е намален на 5 дела. Ова многу кажува по однос на неможноста за пристап на малите и средни претпријатија во постапката… Ова значи дека конкуренцијата на дел 2 е сведена на еден единствен економски оператор кој однапред може да се предвиди…“.
ПРОПАДНАТА ТЕНДЕРСКА ПОСТАПКА
Како и да е, второстепената Државна комисија за жалби по јавни набавки ги отфрлила сите жалби поради неоснованост, но, сепак, оваа тендерска постапка пропаднала. Потоа, ЈП „Македонија пат“ на 19.12.2024 година објави нов оглас за истата намена. Според него, рокот за доставување понуди измина пред неколку дена, но сѐ уште не е избран најповолен понудувач. Додека тоа се случи, јавното претпријатие се потпира на сопствена механизација за чистење на улиците, но, како што соопштија од таму, и на фирми со кои соработувале.
„ЈП Македонија пат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата. Исто така, на располагање се и фирмите со кои соработуваме, како навремено би се справиле со снежните наноси“, истакнаа од таму, апелирајќи на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината кон условите на патот.
До јавното претпријатие упативме прашање во која фаза е тековната тендерска постапка за ангажирање на трети лица за зимско одржување на државните патишта на територија на Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат, односно кога треба да се очекува да биде избран најповолен понудувач? Исто така, прашавме на кои фирми мислеа кога рекоа дека имаат помош, имајќи во предвид дека се уште не е спроведен тендер? Досега, одговори не добивме.
За разлика од „Македонија пат“, Градот Скопје на крајот на 2023 година склучи договор за ангажирање специјални возила за зимско одржување на улиците со времетраење од 2 години, што значи дека договорот важи и за постојната зимска сезона. Станува збор за договор со „Нексос Инженеринг“ од 66 милиони денари за двете години. Оваа компанија е персонално поврзана со градежната „Сајон Проект“, која има блокирана сметка.
На крајот, вреди да се потенцира дека уште една компанија која склучила највредни договори за зимско чистење на улица е „Анизор Драшко“ со седиште во Сарај, која добила вакви тендери од многу скопски општини. Меѓу нив, највреден е оној со Центар од над 7 милиони денари. Но, друштвото има договори за зимско одржување со 5 скопски општини во вкупна вредност од 342 илјади евра…
ПРИВАТИЗАИЈА НА ЗЕМЈИШТЕ
Од овие 2 компании, особено внимание привлекува „Нексос Инженеринг“ во сопственост на Јонче Спирковски, која е основана во 2004 година со основна дејност – изградба на објекти од нискоградба. Оваа компанија, која до средината на 2023 година го носела називот „Аполо Инженеринг“, се најде во една сторија на ИРЛ, поврзана со приватизација на државно земјиште во Влае, Општина Карпош, вклучително и на дел од улица. За што поточно станува збор?
„Постапката е овозможена преку Министерството за финансии. Започнала во 2014 година кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, а завршува 6 години подоцна кога со државата управува СДСМ. Подрачна единица при Управата за имотно правни односи одлучила да го удоволи барањето на Аполо Инженеринг за приватизација на државно земјиште кое опфаќа и 153 квадрати од улицата Есперанто, која се наоѓа пред кафулето Кино Влае, без воопшто да излезе на терен и да утврди дека граѓаните остануваат без дел од улица за бизнис интереси“, пишуваше ИРЛ.
Основа за приватизација е тоа што некогашната „Аполо Инженеринг“, а денес „Нексос Инженеринг“, на посоченото земјиште поседува објекти кои се изградени уште во 1965 година и има право на користење на земјиштето без за тоа да плати некаков надомест. Во решението било наведено дека на парцелите кои се приватизираат во корист на „Аполо/Нексос“, компанијата имала право на користење и е сопственик на веќе изградени објекти. Но, на улицата пред Кино Влае немало ниту еден изграден објект, ниту пак некој имал стекнато право на користење.
Барањето за приватизација во Неготино пристигнало без потребните документи и со неодредени парцели за кои се бара приватизација. Во моментот кога „Аполо“ го поднел барањето во 2014 година и во наредните 8 месеци, сопственик на објектите е компанијата за маркетинг „СВ-РСА“. Договорот меѓу „Аполо“ и „СВ-РСА“ за продажба на објектите бил склучен дури на 25.08 2015 година, додека Деталниот урбанистички план за оваа локација е донесен во 2016 година и на парцелите предвидено е да се изградат висококатници и трговски центар.
„За приватизацијата, Аполо Инженеринг требала да плати 341.202 денари, но бидејќи ја платиле целата сума наеднаш добиле дисконт од 35 проценти, што значи само 285 денари за метар квадратен или нешто повеќе од 3.500 евра. Неколку месеци по приватизацијата, компанијата го продала целото приватизирано земјиште на Јонче Спирковски кој е сопственик на „Аполо“. Во купопродажниот договор наведено е дека имотот е продаден за цена од 2.950.000 денари со вклучен ДДВ – сума која Спирковски ќе ја плаќа по пат на компензација“, објави ИРЛ, од каде ја посочија оваа компанија како учесник и во „бетонизацијата на Тафталиџе“.