Текстот е објавен на 10 август, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1453
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Уште првиот ден кога ќе бидам на функција ќе депонирам изјава во Антикорупциска комисија. Во изјавата ќе стои дека мојата имотна состојба и на моето поблиско семејство нема да се менува во сите четири години од мојот градоначалнички мандат. На тој начин ќе се избориме против корупцијата“.
Оваа изјава ја даде актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на една од прес-конференциите, тврдејќи дека на тој начин ќе придонесе во нејзината борба со корупцијата.
Тоа на некој начин го „потврди“ и во нејзиниот исклучително скромен анкетен лист поднесен до Антикорупциската комисија, каде што навела дека поседува само два стана од 38 и 42 квадратни метри во скопско Ѓорче Петров, автомобил, гаража, банкарски депозити…
Од тука, слободно може да се заклучи дека актуелната градоначалничка на свое име нема никакви компании и не поседува големи куќи и станови со огромна квадратура, како што е пракса кај повеќето поранешни и сегашни градоначалници. Но, дали е тоа баш така?
Арсовска за два месеца ќе ја заокружи втората година откако седна на градоначалничката фотелја. Додека таа од една страна ја покажува својата „скромност“ налик на поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од друга страна, како што веќе објавивме, нејзиното поблиско семејство „трупа“ имот, со оглед дека поседува над 4.000 квадратни метри недвижности, фирми, атрактивни згради, старски домови, кои ги издаваат под наем.
Таа ретко зборува и за работата што ја работи, а уште помалку за приватниот живот и што сѐ поседува нејзиното поблиско семејство. Единствено се фали дека е добар менаџер, но никогаш не призна дали има некаква поврзаност со компаниите, кои директно или индиректно ги поседува нејзиниот татко.
ТАТКОТО ГРАДИ И ВО ГАЗИ БАБА
„Фокус“ обезбеди обемна документација, која открива нов имот што го поседува таткото на актуелната градоначалничка, Ванчо Јовановски, кој е лоциран во скопската Општина Гази Баба, во непосредна близина на шпедицијата „Фершпед“ и винаријата „Сковин“.
Поточно, фирмата „Титан Моторс“, основана од Јовановски и уште едно лице, кои и денес се нејзини сопственици, поседува земјиште распространето на 6 катастарски парцели со вкупна површина од 17 илјади квадрати, каде што се вцртани неколку градежни парцели.
Проверките што ги извршивме покажуваат дека на овој имот постојат два деловни објекти од 377 и 485 квадрати, каде што, всушност, е сместена шпедиција, но подигнати се две хали.
Исто така, има маркичка за уште една хала, но за неа сѐ уште не е издадено одобрение за градење од страна на Општина Гази Баба, иако со Град Скопје веќе е склучен договор за регулирање комуналии.
Според документите, пред четири години, односно на 26 февруари 2019 година, „Титан Моторс“ на таткото на Арсовска во Општина Гази Баба, која во тој период е управувана од екс градоначалникот од СДСМ, Борис Георгиевски, поднесува барање за одобрение за градба за објект – Склад/Магацин на градежна парцела 2.1.
„Фокус“ изврши увид на самото место, при што забележавме дека оваа хала со површина од над 1.500 квадрати, е веќе изградена. Но, во меѓувреме е подигната уште една хала на соседната градежна парцела 2, а урбанистичкиот план предвидува можност за изградба на ист објект и на соседната градежна парцела 1,2, но за неа сѐ уште нема одобрение за градење.
Документите до кои дојде „Фокус“ покажуваат дека во периодот кога Арсовска веќе е градоначалничка, односно на 21 септември 2022 година се потпишува договор за регулирање надоместок за уредување градежно земјиште (комуналии) за сѐ уште неизградената хала. Потпис на договорот има ставено Арсовска и Бојан Јовановски, која во тоа време е управител на „Титан Моторс“.
Инаку, да ја објасниме процедурата за издавање на одобрение за градба:
„Пресметување комуналии (надоместок за уредување градежно земјиште) се пресметува за сите објекти во рамка на ГУП во Град Скопје. Потоа Градот издава пресметка за надоместок за уредување градежно земјиште (комуналии), во кои е наведена вредноста што треба да се плати. Таа вредност процентуално се дели на 60 отсто за Град Скопје и 40 отсто за општините.
По извршената уплата „соодветен процент се плаќа во Град, соодветен во општина). Град Скопје за својот дел од надоместокот склучува договор со инвеститорот за уредување градежно земјиште.
Општините, со инвеститорот склучуваат договор за уредување на градежното земјиште. И потоа се издава одобрение“.
КОЈА Е КОМПАНИЈАТА ШТО ГИ ГРАДИ ХАЛИТЕ?
Компанијата „Титан Моторс“, на чие име фигурираат повеќето имотни листови, на бизнис-пазарот се појавува пред речиси 10 години, односно на 21 октомври, 2014 година.
Историјатот на промени што го извадивме од Централниот регистар покажува дека од првиот момент на создавањето на фирмата, па сѐ до денес се направени вкупно 13 промени, и тоа од промена на име, па сѐ до промена на сопственици и управители…
Првично, компанијата имала друго име „Аватар Груп“ и била лоцирана во семејниот дом на Јовановски во скопски Карпош. Во тој период, како сопственици се појавуваат таткото на Арсовска и неговиот бизнис-партнер Ацо Николовски од Штип, кои истовремено фигурираат и како управители.
Четири години подоцна доаѓа до промена на името и седиштето на фирмата, но и до создавање подружници, каде што како овластени лица, исто така се појавуваат Јовановски и Николовски.
Документите од Централниот регистар уште покажуваат дека веќе во 2019 година доаѓа до промена на управителите, па на нивно место доаѓаат Слаѓана Ѓорѓиевска и веќе споменатиот Бојан Јовановски. Тоа е истиот период кога трае и процедурата за добивање одобрение за изградба на првата хала во скопска Гази Баба.
За краток период, Ѓорѓиевска завршува со управителскиот мандат, па на нејзино место на крајот на 2022 година седнува Христијан Алексов од Штип, кој директорува само два месеца, додека, пак, сега повторно на управителското столче е Бојан Јовановски.
Тоа што е карактеристично за него е што тој управува со уште неколку компании, меѓу кои „Малдиви ДООЕЛ“ од Скопје и „Топ Инвест“ од Штип, а кои индиректно се поврзани со мрежа од други компании.
Сепак, последните промени покажуваат дека, иако Јовановски неколку години не е управител, сепак тој повторно влегува во сопственичката структура на компанијата, заедно со партнерот Николовски, кој, пак, е поврзан со уште три трговски друштва за инвалидни лица.
На тој начин, веќе подолг период функционира блиското семејство на Арсовска, чија мрежа на компании се зголемува, но се јавуваат различни сопственици, управители, кои подоцна се менуваат и на нивно место доаѓаат други.
Актуелната градоначалничка на Скопје, во ниту еден момент не одговори на прашањата на „Фокус“ поврзани со имотната состојба на нејзиниот татко. Таа упорно ги игнорира нашите прашања и поканите за интервју.
Арсовска досега гостуваше во неколку емисии, каде што никој не ја праша за нејзиното семејство и што всушност поседува? Само во една емисија ѝ нагласија дека Антикорупциска ќе покрене постапка за потеклото на имотот на нејзиниот татко, на што само таа кратко одговори:
„Мојот татко не е функционер. Се прави хајка против мене“.
ДВЕ ХАЛИ ВЕЌЕ ИЗГРАДЕНИ, ТРЕТАТА ЧЕКА РЕД
На самото место во Гази Баба можат да се забележат двата изградени хангари, од кои едниот е во сива боја, додека другиот е во црвена боја. Засега, никаде во близина на халите не може да се види табла за да се прочита кој е инвеститорот и кој го врши надзорот, како што е пракса и законска обврска секогаш кога се гради некој објект.
Според тоа што може да се забележи на терен, местото е пусто и во моментот таму не се одвиваат никакви градежни активности. На самата површина се распослани два објекти, за кои може да се забележи дека се нови и штотуку изградени.
– Веќе неколку месеци не се гради ништо. Едно време интензивно се работеше, но сега некако е ставено во мирување. Како и зошто, не знаеме. Можете да забележите дека местото е многу пусто, ама очекувам кај и да е да се вратат работниците – вели работник во една од околните фабрики.
Пред една година, екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на чии имотни листови фигурира името на Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош, Капиштец и Гази Баба.
Според тоа што го дознавме, двата хотелa „Империал“ и „Ројал“ сега се пренаменети во ланец од старски домови со кои управува психијатарот Благоја Стевановски. Тука се и шесте компании на име на семејството Јовановски, како и стан и поголем дел од зграда.
Сѐ уште останува енигма како таткото на Арсовска, кој пред 30 години бил инспектор во МВР, поседува и компании каде што претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка?
Веќе втора година како Арсовска го води Град Скопје и никако не стивнуваат негативните реакции околу нејзината работа. Таа подолг период е на различна бранова должина и со вмровците, кои ја донесоа на власт, но и со владејачката гарнитура, со што Советот на Град Скопје никако да профункционира.
Додека таа упорно продолжува да „владее“, нејзиниот татко упорно го проширува бизнисот и имотот, за чие потекло досега никој не даде никакви одговори. И пак доаѓаме до познатата „Кучињата лаат, карванот си врви“.
РАМКА 1
ОД ФИРМАТА НА ТАТКОТО НА АРСОВСКА НЕ ОДГОВОРИЈА НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“
„Фокус“ испрати неколку прашања и до компанијата што ги гради халите во Гази Баба:
- Може ли да ни кажете што градите во скопската населба Гази Баба и за каква намена е?
- Дали имате одобрение од општината?
- Зошто во моментот нема никакви градежни активности и е стопирана работата?
До затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.
РАМКА 2
УЈП ГО ИСПИТУВА ПОТЕКЛОТО НА ИМОТ НА ФИЗИЧКИ ЛИЦА
Од 2019 година наваму, од Управата за јавни приходи не спроведуваат повеќе постапки за испитување на имотната состојба на именуван или избран функционер, туку според Законот за личен данок спроведуваат посебна даночна постапка за физичките лица што не се носители на јавни функции.
„Управата за јавни приходи, согласно законските надлежности што ги има, континуирано постапува по основа на добиени пријави и претставки, по допрен глас од медиумски натписи, анализа на податоци од годишните даночни пријави или по извршена контрола.
Согласно член 76, 77 и 78 од Законот за данок на личен доход, Управата за јавни приходи спроведува посебна даночна постапка за утврдување на данокот на личен доход на непријавени и неоданочени приходи за физичките лица што не се носители на јавна функција“, се наведува во одговорот од УЈП, даден за „Фокус“ пред неколку месеци.