(АРХИВА) Татко со голи раце копал дупки за да го најде исчезнатиот син Ангел

Екипата на „Фокус“ посети две велешки семејства за да ја открие вистината за мистериозното исчезнување на 25-годишниот велешанец, Ангел Стојанов. Ангел, пред две години беше претепан и киднапиран, по што му се изгуби секаква трага. Случајот доби судска завршница, но нема завршница на оваа животна приказна. Родителите бараат повисока казна, а семејството на осудените, помала. Се согласуваат само во едно. Дека институциите, односно полицијата и судството, затаиле и не си ја извршиле задачата. „Фокус“ открива дали сè можело да биде поинаку?

by fokus

Текстот е објавен на 24.12.2013 година во неделникот „Фокус“, во бројот 950

Пишувала: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Веќе две години, 25-годишниот Ангел Стојанов од Велес не е ниту меѓу живите, ниту меѓу мртвите. Беше претепан и киднапиран, по што му се изгуби секаква трага. Се открија киднаперите, но не се докажа убиство бидејќи Ангел како буквално да пропадна во земја. А, според законите, ако нема мртво тело, не може ниту да се одговара за убиство.

Мистериозното исчезнување на момчето им донесе немир на две велешки семејства. И по две години, раните се свежи, а болката голема. Тагува семејството Стојанови, кое го изгуби синот единец, но во неспокој и немир е завиено и семејството Нацеви, чии двајца членови, татко и син, го понесоа товарот за исчезнувањето на Ангел.

Она што е заедничко за овие две замразени семејства, е тоа што ниту едното, ниту другото, не е задоволно од разрешницата на случајот. Стојанови бараат доживотен затвор за обвинетите татко и син, но и признание за тоа каде е телото на нивниот единец, за да можат барем да му направат достојно почивалиште. Нацеви, пак, велат дека изречените деветгодишни казни затвор се превисоки за киднапирање и бараат нивните блиски да излезат на слобода.

Ангел исчезна на 7 март 2012 година. Полициската истрага, а подоцна и судот, утврди дека тој бил начекан на велешкиот пазар од Перо и Борис Нацеви, кои го претепале, го ставиле во багажникот на нивниот автомобил и го оставиле покрај реката Бабуна, на оддалеченост од околу 13 километри. Оттогаш Ангел го нема, а синот и таткото завршија во затворот „Идризово“.

КОПАЛ СО ГОЛИ РАЦЕ ЗА ДА ГО НАЈДЕ СИНОТ

Семејствата Стојанови и Нацеви се соседи. Ги делат неколку куќи, распослани во ридот, над познатата црна џамија во Велес. Откако се случила трагедијата, до дома си одат по две различни маалски улички, бидејќи, како што велат, подобро е да не им се вкрстат патиштата.

И двете семејства се исполнети со револт и со гнев. Ја раскажуваат својата вистина и ја бараат својата правда.

Во домот на Ангел, исполнет со негови фотографии, ги затекнавме неговите родители, Сашко и Весна. Раскажуваат дека она што секојдневно ги мачи е каде е телото на нивниот син бидејќи веќе ја изгубиле надежта дека е жив. Веќе поднеле и документи за да се прогласи за мртов.

„Да беше жив, ќе си дојдеше дома. Немаше да нè остави ниту нас, ниту неговата сопруга и двете деца, на возраст од пет и пол и четири години. Уверени сме дека е убиен, а потоа и закопан, за да не се најде телото, а убијците да не добијат доживотен затвор“, вели Весна.

Таа додава дека најтешка е неизвесноста. Секој ден се на штрек дека ќе ја добијат лошата вест, односно дека безживотното тело на Ангел е пронајдено.

„Веќе го нема две години, а ние немаме ниту гроб каде што ќе можеме да се исплачеме. Можат да ни кажат барем каде го закопале, барем толку ни должат“, додава Весна.

Ангел секој ден го бараат и неговите две малолетни деца. Постојано прашувале зошто нивниот татко не е со нив. Семејството засега ја крие вистината од нив, велејќи им дека е на привремена работа во Германија. Стравуваат дека наскоро ќе мораат да ја откријат ужасната тајна. За да дознае каде е неговиот син, и под земја, копајќи со сопствени раце, барал таткото Сашко.

„Откако исчезна Ангел, полицијата ја пребаруваше реката и нејзиното корито. Уште тогаш им велев дека не е во водата, туку се сомневав дека е закопан, поради што со месеци копав во близина на местото каде што му се изгубила трагата. Колку дупки сум ископал, си знам само јас, а во потрагата ми помагаа и неколку пријатели, но безуспешно“, вели Сашко.

Тој обвинува дека полицијата потфрлила уште во стартот. Според него, нивна била задачата да го прочешлаат теренот и да го најдат неговиот син. Затоа сè уште бара и се надева на помош од неа.

„Знам каде е телото. Тоа е блиску до селото Ногаевци, во пречник од еден километар. Но, сега не можам сам да го пребарам теренот, поради што барам помош од министерката Гордана Јанкуловска, да ми даде куче трагач и луѓе со кои ќе го прекопаме теренот“, вели Стојанов, нагласувајќи дека додека е жив ќе инсистира да му кажат каде е телото на син му, оти никој нема право тоа да го крие од него.

Неодамна реката Бабуна исфрли леш во фаза на распаѓање, а првите сомнежи беа дека тоа е телото на Ангел.

Ме повикаа да извршам распознавање, односно да потврдам или да негирам дали е тоа мојот син. Не можам да ви опишам како се чувствував, само знам дека нозете ми се пресекоа. Штом го видов лешот, знаев дека не е Ангел“, раскажува Сашко.

Стојанови објаснуваат и дека воопшто не се задоволни од казната која ја добиле таткото и синот. Бараат најстрога казна, односно доживотен затвор. Во вината на Перо и Борис се уверени, бидејќи како што велат тоа го покажале и доказите.

„Крвта на Ангел беше пронајдена во колата со која убијците го однеле покрај Бабуна. Речиси совршено ја исчистиле колата, ама мала трага оставиле во близина на багажникот, во кој го товариле, откако го претепале. За тоа, пак, како го тепале и го ставиле во автомобилот, имаше и сведоци“, вели Сашко.

СЕКОЕ СЕМЕЈСТВО СО СВОЈА ВИСТИНА

На страв, неизвесност и исчекување, наидовме и во домот на семејството Нацеви. Драгица и нејзината 29-годишна ќерка Јасна, пак, ја бараат правдата за своите најблиски. И тие се лути на полицијата, која според нив можела да спречи сè, само требало навреме да си ја врши работата. Мајката и ќерката раскажуваат за нетрпеливоста и за проблемите што ги имале со сега исчезнатиот Ангел. За тоа дека барале помош од полицијата, но не ја добиле.

„Проблемите почнаа пред неколку години, кога со Ангел, сè почесто се сретнувавме во Центарот за наркозависници, каде што двајцата одевме. Одеднаш почна да ме прогонува, бараше да бидам со него, а подоцна почна и да ме тепа. Ми го удри носот пред вработените во Центарот, а многу пати со модринки се враќав дома. Ми бараше пари, а и метадон. Ни доаѓаше дома, пред врата, и ни правеше проблеми. Почнуваше да вика, а дури и ни ја запали колата. Само јас над 30 пати го имам пријавено во полиција, а десетина пати го пријавуваше и татко ми, но оттаму не реагираа“, раскажува Јасна, која додава дека од полицијата иронично ја прашувале да не сака случајно 24-часовно обезбедување.

„Зар требаше да ме убие за да реагираат. Да си ја вршеа својата работа, татко ми и брат ми немаше да бидат зад решетки“, додава Јасна.

Таа раскажува дека го пријавила Ангел за нанесување тешка телесна повреда, но додека чекала да ја викнат на судење, ѝ стигнало известување дека самата се откажала од гонење на Ангел и ја повлекла пријавата. Тврди дека никогаш не потпишала дека се откажува од пријавата и се прашува кој се осмелил тоа да го стори тоа во нејзино име?

Нејзината мајка Драгица раскажува дека во 1997 година од Словенија, каде што живееле, се вратиле во Велес. Живееле мирно и спокојно, но по десетина години нивниот живот се искомплицирал.

„Најмногу сум ѝ лута на полицијата. Зар нејзината работа не е штом еднаш ќе пријавиш, да те заштити? Исто така, не сум задоволна ниту од судството, бидејќи 24-годишниот син Борис го затворија на правдина. Сопругот призна дека го истепал Ангел, сакајќи да го заплаши, но кога тоа се случило, синот не бил со нив“, децидна е Драгица.

Семејството Пецови тврди дека Борис имал алиби за време на настанот. Според нив, за време на настанот Борис, со другар, бил на бензинска пумпа, каде што менувале свеќички на автомобилот, а потоа заминале кај другарот дома. По 23 часот, пак, бил со девојката.

„На судењето само еден сведок посочи дека и Борис бил на пазарот и го тепал и го товарил Ангел во автомобилот, но овој сведок неодамна отиде кај нашиот адвокат и ја повлече изјавата. Значи, без никаков доказ е осуден на девет години затвор“, тврди Драгица.

Ова, пак, е неприфатливо за семејството Стојанови, кои тврдат дека доказите покажале дека во инцидентот учествувал и Борис, бидејќи според нив, траги од крв, која му припаѓала на Ангел, биле пронајдена на неговите панталони. Исто така, тврдат дека телефонските листинзи покажале дека Борис имал неколку телефонски разговори со другарот, со кого наводно бил критичната вечер. Поради тоа прашуваат, зошто би разговарале по телефон, ако биле заедно?

Освен слобода за синот и братот, Пецови бараат слобода и за нивниот сопруг и татко Перо.

„Тој не го убил Ангел за да добие толку голема казна. Призна дека заедно со еден познаник, кој дојде од Грција, го истепале за да го заплашат да ја остави ќерка ни на мира, но кога го пуштиле кај Бабуна, тој бил жив и почнал да бега. Оттогаш и не го виделе“, раскажува Драгица.

Полицијата не успеела да го пронајде споменатиот грчки државјанин, а според родителите на Ангел, тоа е една голема измислица. Велат дека веднаш било проверено дека човек со таков идентитет не ја поминал границата, коментирајќи дека тоа е обид од целата ситуација да се извлече синот на Пецови.

ЕДИНСТВЕНО СО НОВИ ДОКАЗИ ДО НОВО СУДЕЊЕ

За овој случај, речиси, се исцрпени сите судски механизми. Пред неколку месеци Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда, односно ја потврди вината на таткото и синот, и казната од деветгодишна робија. Врховниот суд, пак, направи ревизија, со којашто беше посочено дека Апелациониот суд постапил правилно.

Според адвокатот на семејството Стојанови, Акија Мандак, случајот може да се отвори повторно, единствено доколку се најдат нови докази.

„Доколку Ангел се појави жив, тогаш нормално е дека би имало повторно судење, како и во случај да се пронајде неговото мртво тело. Само овие претпоставени ситуации можат да променат нешто, а дотогаш останува на сила пресудата од по девет години“, вели Мандак.

Во текот на судењето, обвинетиот Перо Нацев се правдаше дека бил принуден да си го брани семејството, кое долго време било тероризирано од Ангел.

„Четириесет пати имам пријавено во полиција дека Ангел ни се заканува со нож, со бензин, со сила, но никој ништо не презеде. Како словенечки државјанин, реагирав и до словенечката амбасада, но велешката полиција молчеше. Моето семејство беше загрозено и кога никој од државните институции не спречи, морав јас да го бранам. Пред неговите родители изјавувам дека ниту знам каде е, ниту јас сум го сокрил, а сè што сторив е во самоодбрана, под дејство на алкохол“, рече Петар Нацев во својата одбрана пред судот.

Неговиот син, Борис, пак, тврдеше дека е невин и дека воопшто не учествувал во кривичното дело.

„Не сум сторил ништо од тоа за што ме товарат. Ако истражниот судија беше коректен и го прифатеше моето барање да се обезбеди снимка од бензинската пумпа во критичниот час, ќе ме имаше мене со сведокот како во тоа време менуваме масло. Тој не ја побара, а кога судот во процесот ја бараше, беше доцна бидејќи снимката беше избришана. За разлика од Стојанов, кој е докажан криминалец, јас немам никаква темна точка во мојот живот“, рече Борис Нацев.

Од велешката полиција потврдија дека обвинетите татко и син немаат кривично досие, а дека Ангел им бил познат, бидејќи бил пријавуван за повеќе кривични дела.

Дали оваа трагична животна приказна од нашето маало можела да има друг тек? Дали двете велешки семејства ќе имаа помирен и посреќен живот доколку институциите реагирале навреме? Доколку надлежните се обиделе да спречат, а не да лечат?

За жал и одговорите на овие прашања се закопани некаде длабоко со мистеријата, што точно му се случи на Ангел Стојанов?

 

Поврзани новости