АРХИВА Мирсад Ндрецај и Бег Ризај се уапсени, па ликвидирани за да не го откријат сценариото за кумановската војна!

by Fokus 08:00
08:00

Текстот е објавен на 6 ноември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1048

Семејствата на загинатите припадници на терористичката група против која полицијата дејствуваше во мај во Куманово, ги препознаа своите роднини од видео материјалот на МВР и од тоа направиле мозаик- фотографија со која очекуваат дека ќе се направи пресврт во вистината за полициско-теориристичката крвава престрелка. За прв пат преку „Фокус“ пренесуваат порака дека Мирсад Ндрецај и Бег Ризај, за кои и претходно беа објавени фотографии од албанските медиуми, но и Арбен Реџај и Самид Кастриоти чиј идентитет за прв пат се открива јавно, и се предале на полицијата, а дури потоа биле егзекутирани. Семејствата тврдат дека водачите на кумановската група се подоцна ликвидирани за да се прикрие сценариото за кумановската војна, кое им било познато на македонски и на косовски политички функционери, а според кое за пет милиони евра, пари од кои дел им се исплатени на водачите на групата, новите „учки“ требало да изведат неколку терористички акции во Македонија – без жртви, за да го свртат вниманието на јавноста од „бомбите“, а со нивното апсење и неутрализирање во Македонија, високите косовски функционери требало да се ослободат од сведоци за злоделата што ги правеле во текот на косовската војна!

- Advertising -

Пишувал Љубиша АРСИЌ

Кумановската акција од 9-ти мај годинава крена на нозе голем број разузнавачки служби кои преку своите агентурни мрежи се обидуваат да дознаат информации, но и да обезбедат докази како навистина се случи викенд-војната во Дива населба. Дали и со кого од политичката елита во Македонија и на Косово вооружените навистина комуницирале? Имало ли договорена исплата на пари во целиот случај и колку можат да се поткрепат сомнежите дека акцијата е сценарио.

„Фокус“ пишуваше дека странските разузнавачки служби сакаат до крај да го истражат случајот. Иако од досега јавно изнесените информации може да се претпостави целиот дрзок и нејасен обид за местенката во Куманово, сепак неопходни се подлабоки и поверодостојни информации. А тие полека излегуваат на површина со крајна цел да направат пресврт во вистината за Куманово.

За оваа вооружена група на почетокот од 2015-та писмено ги информиравме 17-те партнерски служби од земјите од Европската Унија и НАТО, како и државите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации со цел да се изврши превенција, не даде резултат, изјави претседателот Иванов по седницата на Советот за безбедност посветена на Куманово, а со тоа како да испрати порака дека Македонија останала сама во справувањето со бандата. Потоа следуваше изјавата на Петар Цветковиќ од Военото српско разузнавање дека ги предупредиле македонските власти за криминалната група во пограничното подрачје, што само ја доведе во прашање изјавата на претседателот.

Беше објавено и тоа дека косовските власти имале податоци оти се подготвува група косовци да делува во Македонија. Косовските служби за тоа ги известиле своите државници. Јавните признанија дека претставници на македонските безбедносни служби контактирале со вооружените се исто така трага за оформување на сликата како е изведена операцијата. Се спомена и припадникот на Агенцијата за разузнавање Ш.М. кој имал контакт директно со лидерот на групата Мирсад Ндрецај. Косовските медиуми објавија и аудио снимки од нивната комуникација, но и сознанија дека постоеле и директни состаноци. Овој факт постави прашање колкумина агенти на македонските служби имале соработка со терористичката група и дали за тоа знаел разузнавачкиот врв?

Дополнително, информациите пласирани низ српските медиуми го посочуваа екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков како организатор на операцијата во Куманово. Дури ги споменуваа неговите релации со албански екстремистички групи. Симптоматично, но Груевски по кумановската акција ги смени Мијалков и Јанкулоска, а за да не се остави впечаток дека смената е поради кумановската акција, настрада и Миле Јанакиески.

Да понудат информации за случајот, се појавија извори дури од Франција во периодот по акцијата кога пишувавме дека операцијата во Куманово имала и своевидна ПР стратегија – како да се изведе, односно како да се претстави во јавноста? Откривме дека постоело сценарио за таканаречена „мала војна“ и дека за тоа биле консултирани француски ПР експерти. Жерар Аскинази, маркетинг-агентот на Саркози и Оланд, не призна дека подготвувал ПР за „малечка војна“ но не можеше да сокрие дека пред акцијата бил на состаноци во Скопје со владиниот врв.

Едноставно, акцијата од Куманово многумина ја следат и ја истражуваат, но генерално ја ценат како сплет на политички игри и разузнавачки надитрувања. Затоа и опстојуваат неколку верзии за тоа кој стои зад неа, зошто е изведена и кој има полза од настанот?

По неколку месеци, „Фокус“ одново истражуваше. Во комуникација со домашни и странски разузнавачи, но и со роднини на некои од водачите од вооружената група, отвораме нови димензии за случајот.

МИРСАД НДРЕЦАЈ И БЕГ РИЗАЈ СЕ ВОДЕЛЕ КАКО УАПСЕНИ, А НЕ УБИЕНИ?

На 12 мај, три дена по полициската опсада на Куманово и силната вооружена интервенција за елиминација на терористичка група од Косово, македонското Министерство за надворешни работи (МНР) испрати документ до косовските власти преку амбасадата во Скопје со назнака дека е итен, а кој ги содржи имињата на приведените во акцијата. Документот го објави телевизијата Алсат, а подоцна веродостојноста ја потврди и самото министерство, со објаснување дека содржината ја примиле од други институции, а тие само го препратиле.

На списокот на приведените се најдоа и имињата на протагонистите на терористичката група Мирсад Ндрецај (командант НАТО) и Бег Ризај (Бегу). Ден потоа, кога МВР известуваше за идентитетот на мртвите терористи ги објави и овие две имиња, иако претходно тие беа заведени на списокот со преживеани, односно уапсени терористи. Како е можно да ги има на двата списока? Што се случило во текот на 24-те часа од списокот на МНР, до списокот на МВР?

Како е можно МНР да испрати официјален документ до Косово неколку часа по акцијата со имињата на приведените, ако Ндрецај и Ризај биле застрелани за време на акцијата?

Сомневањата тогаш дополнително беа подгреани откако полицијата објави дека во акцијата загинале 14 терористи, за потоа Јавното обвинителство да ја коригира бројката на 10!? Од неколкуте контакти со семејствата на ликвидираните терористи и материјалите кои тие ги поседуваат, а со нив располагаат и разузнавачките служби, се открива дека дел од убиените навистина биле застрелани отпосле. Но, кој, кога и каде бил застрелан, тешко е да се дознае. Роднините имаат верзија дека биле застрелани откако прво биле ослободени, додека низ разузнавачките кругови кружи верзија дека Ндрецај и Ризај стигнале и во полициска станица а потоа биле ликвидирани. Зошто? Кому му било важно нив да ги нема?

Не се знае и зошто уште други двајца вооружени, како што пренесуваат семејствата, ги има на фото и видео документацијата како и се предаваат на полицијата, а потоа исто така завршиле мртви. Тие, според нашите извори, се запишани како Арбен Реџај и Самид Кастриоти. Барем така ги препознаваат роднините на вооружените.

РОДНИНИТЕ НИ СЕ ЗАСТРЕЛАНИ ОТКАКО СЕ ПРЕДАЛЕ, ЗОШТО?

Она што е запрепастувачки е дали навистина неколкумина од вооружените биле уапсени, вклучително и двајцата лидери на групата? Во обидот да откриеме повеќе за настаните при кумановската акција контактиравме со еден роднина на Ндрецај од Косово кој знае многу детали и за акцијата, но пред се за вооружената група. Тоа е човек кој буквално ги знаел сите активности на Ндрецај – каде патувал, со кого контактирал, како бил измамен да се стационира во Македонија, кој и што му ветувал, како е застрелан? Нашиот соговорник од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.

Како директен доказ дека Ндрецај и Ризај се убиени откако и се предале на полицијата, се фотографиите и видео-материјалите кои ги објави и полицијата. На фотографиите и на полициското видео од приведувањето, може да се видат неколкумина припадници на групата кои клечат врзани на колена по предавањето на полицијата (можеби затоа се на списокот на МНР), а потоа нивните имиња завршиле на списокот на мртви терористи.

На „Фокус“ му беше предочена една фотографија – мозаик, која е составена од четири посебни снимки. На фотографијата многу лесно може да се забележи, дека делови од неа се создадени од видеото на МВР објавено како официјална снимка од акцијата во Куманово, односно кога специјалците ги приведуваат предадените терористи и ги постројуваат еден до друг покрај ѕидот во двор од една куќа во кумановската Дива Населба. Специјалците, како што се гледа на видеото, настојуваат да ги фиксираат приведените за да не ги креваат главите и да не им се препознаваат ликовите.

Но семејствата на косовските терористи тврдат дека сепак, во некои од кадрите на видеото ги препознаваат Ндрецај, Ризај, Реџај и Кастриоти. Иако претходно, уште во мај медиумите на албански јазик тврдеа дека Ндрецај и Ризај се во групата приведени покажувајќи нивни фотографии, сега дефинитивно роднините успеале да препознаат четворица и да започнат да трагаат по вистината. Очекуваат дека фотографијата-мозаик ќе ја отвори другата страна на вистината, онаа од која се плашат многумина, пред се функционерите кои издавале наредби. Затоа практично тие се издвоени на фотографијата што ја објавуваме и се заокружени за полесно препознавање.

Многумина членови на семејствата и тоа најблиските – сопругите, сестрите, мајките на приведените си ги препознале своите роднини.

Сите четворица приведени, а подоцна убиени, прикажани се на различна фотографија. Позата на сите им е идентична – клекнати на колена, со врзани раце и наведнати глави кон ѕидот.

Освен лицето за кое пишува дека е Бег Ризај кое е во маскирна униформа, другите се во цивилна облека. Роднините, нашите соговорници, тврдат дека Ндрецај и Ризај ги препознаваат без оглед што се гледа само нивната глава одзади. Во комуникацијата со членови на семејствата на Ндрецај и Ризај, тие не знаеја да ни кажат дали другите двајца обележани на фотографиите се навистина Кастриоти и Реџај – но во меѓувреме проверија кај нивните блиски со кои се познаваат и се уверија дека навистина станува збор за посочените официјално убиени терористи во акцијата.

Ако се прочита списокот со мртви терористи,. тогаш сите овие четворица за кои зборуваме, а ги има на фотографиите како се приведени, се избројани во 10-мината – конечната бројка ликвидирани. Ако се следат фотографиите , но и документот кој МНР го испрати до косовските власти, тогаш несомнено е дека Ндрецај и Ризај, главните водачи на кумановската група – биле застрелани откако се предале! Ова секако отвора нова димензија за случајот.

Најлогично е прашањето – која била причината или интересот да се ликвидираат водачите отпосле? Семејствата имаат верзија која вклучува и косовски политичари и разузнавачи, но и македонски. И тоа не само агентот Ш.М. кој зборувал телефонски со терористите. Верзијата на роднините и не е толку далеку од онаа чии индиции ги испитуваат големите разузнавачки служби.

Колкумина од приведените во акцијата, кои сега се во притвор, соочени со стартот на судскиот процес, знаат за ова? Дали навистина неколкумина од групата биле отпосле стрелани? Дали сега притворените тоа го виделе со свои очи? И на крајот, дали ќе имаат храброст за тоа да зборуваат во судница? Да откријат дали и зошто нивните пријатели се застрелани, но и да посочат дали во целиот случај со кумановската акција има пари – кој кому платил и за што? Оти нашите соговорници зборуваат и за тоа. Адвокатите во предметот пренесуваат дека некои од притворениците неколку пати нагласиле дека Ндрецај и Ризај биле со нив кога се предавале, но не им е јасно каде подоцна исчезнале. За ова, очекувано е тие да зборуваат во судница.

„Фокус“ во минатите броеви пишуваше дека Сами Укшини познат како командант Соколи знае информации за групата, за акцијата, за соработката на вооружените со агенти на државните служби, но прашање е дали и колку тој ќе може за тоа да зборува во обидот да се одбрани од обвинението. Нашите извори коментираат дека и Красниќи, познат како командант Малишева, исто така знае што се случувало. И тој е сега во притвор во очекување на судскиот процес.

Роднините дури опишуваат како Ндрецај и Ризај се предале, како биле совладани и врзани од полицијата, а потоа дури и посочуваат кој пукал во нив, на каков начин и зошто. Со оглед дека таквите сознанија на семејствата не ни се релевантно поткрепени не ги пренесуваме во целост затоа што упатуваат на лица од власта директно инволвирани во настанот.

Но, затоа, министерот за полиција, предложен од опозицијата, ќе има сериозна задача да ги испита доказите дали навистина отпосле се пукало во предадените и со каква цел било тоа? И клучното – кој пукал и по чија наредба? Требало ли да се заштити некој или пак нечии пари? И специјалниот обвинител ќе мора да го истражува овој случај затоа што барем од досега објавените материјали, очекувано е да има пресвртница за кумановската вистина, особено ако се знае дека допрва ќе се појавуваат докази.

БИЛЕ ЛИКВИДИРАНИ ЗА ДА НЕ СЕ ПОЈАВАТ КАКО СВЕДОЦИ?

Што е она што роднините на убиените го пренесуваат преку „Фокус“ до јавноста? За нив вината за масакрот во Куманово е и кај косовските и кај македонските политички функционери. Тврдат дека периодот кога групите се подготвувале да се дислоцираат од Косово во Македонија, односно да започнат со активностите на терен, пренесувале дел од своите планови и намери на свои роднини и пријатели. Па така, семејствата пренесуваат дека одредени видни косовски функционери искеширале пет милиони евра на свои колеги во Македонија – пари наменети за поткуп на вооружената група за да и помогнат подолго да остане во селата во кумановско и скопско и да предизвикува инциденти.

Водачите на групата дури раскажувале дека ним им биле ветени два милиона евра од тие пет, за да останат подолго време на терен и да преземаат акции во текот на целиот период. Дури се споменува дека за парите знаеле малкумина од врвот на групата, пред се Ндрецај и Ризај. Дали тоа е пресудно за нивната ликвидација? Роднините пренесуваат дека со сигурност знаат оти посредници им исплатиле 500 илјади евра, а остатокот им бил ветен подоцна откако требало да спроведат неколку акции. Наводно било договорено да има повеќе инциденти, па дури и поголеми, но да се внимава да нема жртви (како нападот на караулата во Гошинце). Поголем број од приврзаниците на групата биле изманипулирани и не знаеле дека големи пари се во игра затоа што за некои од нив било доволно да се борат во име на албанската кауза. Затоа, за време на пукотниците многумина од вооружените гласно прашувале кој ги предал и како биле сместени во заседа, со оглед дека лидерите на групата им ветиле неколкумесечно делување без интервенција на македонската полиција!?

Дека групата требало да остане подолго на терен потврдуваат и разузнавачи кои го истражуваат случајот. Тие пренесуваат дека вооружените имале план како да делуваат за да добијат медиумски и политички ефект, а со тоа и популарност, раст на групата и политички легитимитет – имале намера да преземат полициски станици, да ја контролираат границата кон Косово и Албанија, да ја нападнат касарната Илинден, а за 30 мај годинава бил планиран напад со експлозив на Камениот мост во Скопје.

Потоа, имало план да се нападне магацин со оружје кај Куманово за што групата имала информации од свој член кој имал роднина вработен во магацинот, а таргетирани биле полициските станици во Матејче, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга. Ова не било задача само на групата на Ндрецај, туку имало вооружени кои биле подготвени за брз напад низ сите овие градови.

Зошто косовски политичари би платиле некому за неутрализација на групата? Семејствата тврдат дека меѓу вооружените имало сведоци против косовски политичари за кои имало обвинувања дека учествувале во ликвидации и во трговија со човечки органи. Во април и во мај, кога групата станала реална опасност по безбедноста во регионот, Косово формираше специјален суд за воени злосторства. Тој суд, со оглед дека е иницијатива од меѓународниот фактор, има задача да ги гони сите, па дури и највисоките косовски функционери, за кои има сомненија дека учествувале во воени злосторства во времето на косовскиот конфликт. Затоа елиминацијата на Ндрецај и Ризај била извесна, коментираат роднините. Тие двајца и уште неколкумина наводно знаеле се за злоделата на неколкумина врвни косовски функционери, односно биле планирани за сведоци во евентуалните судски процеси.

На македонските политички функционери, пак, оние кои наводно ги примиле парите за да овозможат делување на групата, таквата ситуација им одговарала во време кога во Македонија опозициските аудио-материјали го рушеа постепено митот за власта. Но набрзо се почнало да излегува од контрола. Ако е точна верзијата на семејствата на вооружените, тоа значи дека на групата и било овозможено да делува на терен, и било ветувано дека ќе нема полициска интервенција и дека ќе добијат огромна сума пари, само неколку месеци да одржуваат тензија.

Но, како што коментираат разузнавачките извори на „Фокус“, нешто сепак тргнало наопаку, па македонската полиција морало да организира акција. На крајот, сите задоволни – и косовските политички функционери затоа што ги нема веќе сведоците, и македонските – затоа што за миг е свртено вниманието од опозициските „бомби“ за криминал и корупција во врвот на власта, и затоа што не им го исплатиле остатокот од парите на водачите на групата.

Дали е тоа причината за ликвидација на Ндрецај и Ризај? Затоа што тие знаеле се – прашуваат роднините. За парите наводно информации имал и командант Малишева, кој е во притвор. Дали тој во судница ќе зборува за вистината и дали ќе посочи некои имиња кои се вмешани во настанот, а за кои јавноста не знае?

Дури, коментираат роднините, освен тие два милиона евра, на вооружените им било ветувано, најверојатно преку посредници, како што е агентот на АР, со кого имале контакт, дека ќе им следува и процент од парите кои луѓе на власта планирале да ги заработуваат од евентуална дислокација на текот на гасоводната мрежа низ Македонија. Иако и нам не ни е јасно зошто гасоводот бил во игра, семејствата не уверуваат дека од самите членови на групата слушале дека ќе имаат задача да прават нереди и тензија во околината на селата покрај кои тербало да минува гасоводот, особено во пределите кај Бунарџик, за да се претстави тој дел од државата како критичен и опасен за инвеститорите да го сменат планот, односно цевките да минуваат по друга траса, низ приватни имоти, за да може да се кешираат пари. Но сега изгледа дека нема ништо од тоа.

КАКО РАЗУЗНАВАЧКИТЕ ИЗВЕШТАИ ЈА ТРЕТИРААТ ГРУПАТА ОД КУМАНОВО?

Како и да е, факт е дека групата била подготвена на се, освен на жесток и брз напад на полицијата. Тоа им било неочекувано. Кога им дојавиле дека ќе следува напад на специјалните сили, тие се обиделе да се организраат во просторот кој го имале под владение – неколку куќи во тесната кумановска улица. Како што ни пренесуваат домашните разузнавачи, на 30-ти април и први мај групата имала состанок во селото Станчиќ на Косово. Таму биле донесени униформи со ознаки на ОВК, оружје, муниција, опрема и храна за неколку денови.

На присутните им биле одземени и уништени мобилните телефони, а мобилни со македонски СИМ картички имале само Ндрецај, Ризај, Укшини и Зумерај, кои фигурирале како лидери на помали групи до кои била составена големата терористичка група. Групата на состанокот имала 30-тина припадници кои потоа илегално се дислоцирале кон Куманово.

За време на нивното префрлање преку граница имале логистика од локалното кумановско население, а оствариле контакти со здружението на политичките затвореници, поранешните припадници на УЧК, локалните албански политичари, како и со локални жители од улицата каде што се сместиле. Подоцна, на 7-ми и 8-ми мај, во Куманово пристигнала групата на командант Малишева од Косово преку Отља и броела 10-тина вооружени. Тие денови кон групата се приклучиле и неколкумина поединци кои биле повикани од лидерите. Така, групата имала од 40 до 50 членови.

Разузнавачите кои работеле на случајот откриваат дека локалните жители ги напуштале домовите за да ослободат простор за вооружените, а ден пред упадот на полицијата голем дел од нив се скриле или заминале, па затоа немаше цивилни жртви при акцијата.

Ндрецај е човекот кој неколку часа пред акцијата, или на осми мај, добил телефонска потврда дека ќе има полициска акција. Тогаш вооружените ископале дупки на ѕидовите од куќите за да можат полесно да се префрлаат од една во друга. Пред нападот, запоседнале 20-тина куќи, а Ндрецај со термо камера и ноќен визир ги утврдувал позициите и бројноста на полицајците и наредувал каде да се пука. Извештаите на разузнавачите запишале дека неколкумината водачи постојано се расправале преку радио-врска. Иако групата имала план – ако биде нападната преку кумановско Романовце да се дислоцира во Арачиново, сепак, од налетот на полициските куршуми немале таква шанса.

Паралелно со онаа во Куманово, друга група се подготвувала на Косово. Опремена и вооружена, таа група чекала знак кога да упадне на македонска територија и да започне со воени дејсвија во селото Љуботен кај Скопје. На крајот, пренесуваат семејствата, Ндрецај и Ризај започнале со ваквите активности затоа што имале многу финансиски долгови, а немале како да ги издржуваат семејствата. Тие сметале дека однапред им е се договорено и дека инцидентите ќе ги предизвикаат лесно, а уште полесно ќе наплатат за тоа, без да знаат дека и уште полесно ќе бидат застрелани.

Рамка

КОИ НАПАДИ И СЕ ПРИПИШУВААТ НА ГРУПАТА

Во разузнавачките извештаи заведени се неколку напади на групата кои биле извршени на неколку локации. Нападот на Владата во октомври 2014-та со ракетен фрлач. Подметнувањето експлозив во кругот на СВР Тетово во декември 2014-та. Поставувањето експлозивна направа кај станицата во Куманово, како и нападот со ракетен фрлач врз Владата во април 2015-та.

Рамка

ГРУПАТА СЕ НАРЕКЛА „НОВА УЧК“

Според извештаите на разузнавачите групата на Ндрецај се нарекла „Нова УЧК“. Била формирана во Швајцарија од страна на една невладина организација. На состанокот учествувале Ндрецај, Ризај и неколкумина бизнисмени Албанци. Двајцата од групата постојано патувале во Швајцарија и Германија за да обебзедат пари и политичка поддршка. Како координатор бил назначен извесен Илир Тахир Сулај. По негови инструкции Ндрецај започнал со средби со другите членови на групата, па така го формирале штабот на „Нова УЧК“. За командант бил назначен Ндрецај, за негов заменик Ризај, Укшини бил избран за воен и полициски инструктор задолжен за обезбедување поддршка од локалното население и политичките фактори, Сафа воено ја обучувал групата, Малишева бил одговорен за логистика и Цаци за оружје и финансии. Биле назначени и координатори за Скопје, Сарај, Арачиново, Тетово, Дебар и Струга. Во состав на „Нова УЧК“ била формирана и специјална единица под име „Шќипона е зи“, чиј командант бил Ндрецај. Токму припадниците на оваа единица биле главни во Куманово. Мисијата на новата група била да има 200 приврзаници во секој град, но и да се придобијат симпатиите на другото население.

 

Поврзани новости