(АРХИВА) Судска заштита на честа на Мијалков: Со казната на „Фокус“ се штитела демократијата?!

by Фокус

Текстот е објавен на 10 февруар 2014 година во неделникот Фокус во бројот 957.

Судот за човекови права во Стразбур деновиве објави дека „Фокус“ го „доби“ екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, откако пред домашните судови уредничката Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов беа осудени за клевета и навреда и платија штета од над 9.000 евра. Се работи за текстови во кои беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор во Чешка Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. По тој повод, вреди да се потсети на пресудата со која судот го заштити угледот екс шефот на тајната полиција, според која не е од јавен интерес да истражуваме исчезнување на еден граѓанин, кој патем не бил сериозен извор на информации зашто бил бивш амбасадор, а конечно – казната ни била адекватна, зашто ќе сме станеле поодговорни…

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

Кога Брисел и Вашингтон ќе пофалат власт во една класична демократура затоа што донела едикојси закон, ваквите комплименти звучат крајно цинично за паталците во таа држава. Во групата паталци, пак, спаѓаат не само критичарите, туку и сите оние што не паѓаат во делириум од ѓоа вонсериската убавина на владините политики. Едноставно, а јасно, во услови на заробени институции од една партиска врхушка, словото на законот се преточува во реалниот живот секогаш и секаде во полза на владетелот.

Во тој дух, кога се испеаја панегирици за декриминализација на клеветата, која се пресели пред граѓанскиот суд, се чудев на еуфоријата! Зар граѓанските судии се понезависни од кривичните!? Зар тие се вакцинирани од вирусот на селективноста, та ќе можат да одолеат кога како странка ќе им се појави име на некој висок преродбенички функционер, било како тужител или како тужен!?

И времето е, нели, најдобар судија. Засега, се потврдија моите прогнози. Затоа и тужбите на Никола Груевски против Тито Петковски, ем на братучедот му Сашо Мијалков против „Фокус“ завршија со солени казни, а во интересни процесии. Во истиот период, пак, кумот Зоран Ставрески и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски и натаму, по месеци и години, исто како и во кривичната процедура порано, се недостапни за судот. Оти се тужени, се разбира.

ЗАРАДИ НИВНИОТ УГЛЕД, ПАЃА УГЛЕДОТ НА ДРЖАВАТА

Арно ама, „добриот глас надалеку се слуша“, па благодарение на ваквите судски „производи“, меѓу другото, Македонија добива комплименти за зависно судство, политички мотивирани процеси против неистомисленици на власта и новинари, за минимална слобода на медиумите. Како што и последниот извештај од седницата на Советот за човекови права при ОН, за кој во овој број на „Фокус“ пишува Ида Протуѓер, изобилува со вакви критички ноти. Ама власта може да биде задоволна – пофалби ни стигнале од Белорусија и од Конго!

Дилемата ми е: каква сатисфакција добиваат преродбениците што судот познат како политички зависен ќе им издаде тапија за чест и углед, кога угледот на државата со вакви пресуди сериозно се нагризува!? Или, можеби, веруваат дека затоа што медиумите кои ги воспеваат нивните дела, на кои им делат народни пари „шаком и капом“, затоа што нема да ги јават лошите вести, таквите критики се непостоечки!? И затоа после за оние што ќе ги пренесат такви катиљ абери, заслужено се применува максимата „уби го лошиот гласник“!?

И сосема конкретно, ќе се задржам на пресудата со која по тужбата на Мијалков, Основниот суд Скопје 2 нѐ осуди новинарот Владо Апостолов и мене како главен уредник да му платиме на Мијалков 1.000 односно 5.000 евра, плус трошоците на тужителот за постапката 203.709 денари солидарно. Поводот не е личен, уште помалку е важно името на функционерот кој тужи. Сметам дека ваквите судски аршини се опасни за новинарството. Барем за она кое претендира да има мисија на чувар на демократијата, а не чувар на власта!

Да објаснам од старт дека според член 10 од Законот за граѓанска одговорност, но и како стандард прифатен во пресудите на Европскиот суд за човекови права, се исклучува одговорност за клевета кога постои тврдење за определени факти штетни за честа и угледот на друг, ако при вршење на новинарската професија се изнесени факти кои се однесуваат за прашања од јавен интерес, ако новинарот се повикал на сериозни извори на сознание и ако постапувал со должно внимание во согласност со професионалните стандарди.

Е во случајот со „Илиевски версус Мијалков“, а пренесено преку „Фокус“, судот утврди дека како медиум не сме исполниле ниту еден од овие услови!!! Значи, зошто исчезнал екс амбасадорот во Чешка – не е јавен интерес!? Изјава на тазе екс амбасадор и екс државен секретар на МНР е сосема нерелевантна, дури и се третира како несериозен извор. Да бараш изјава и коментар од наклеветениот функционер, уште повеќе од МНР – и тоа не ги задоволувало професионалните стандарди.

А со вакво вреднување на јавен интерес и сериозен извор на информации, ќе биде научна фантастика да опстои еден медиум. Мислам на оние медиуми кои не живеат како бубрези во лој благодарение на владини реклами и кои својата новинарска работа не ја сведоа да бидат разгласи на владејачката врхушка.

ЗА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА НЕМА ЈАВЕН ИНТЕРЕС!?

Имам впечаток дека е лесно да се осуди некој критичар на власта, откако најпрвин прогласите дека темата не е од јавен интерес. Ете, за исчезнувањето на екс амбасадорот Илиевски судот утврди дека нема јавен интерес за да трагаме по одговори. Не се прифатени ни моите објаснувања дека информациите за киднапирање на дете на еден наш граѓанин во странство, Игор  Илиевски, висок функционер до скоро,  при што државата максимално го игнорира како по команда, сепак заслужуваше да се обидеме барем да поттикнеме јавна дебата.

Да појаснам, Игор Илиевски иако води судска постапка во Скопје против својата бивша сопруга за старателство врз детето, тврди дека во Чешка, каде амбасадоруваше, детето било киднапирано од екс сопругата со помош на моќен адвокат. И дека Македонија не мрднала со прст. Иако во други случаи, за кои Фокус пишувал, со сите сили и максимално им помагала на своите државјани кои имале мешовит брак. И сега, за Игор Илиевски нема интерес државата, ама судот пресече дека нема ни јавен интерес!

Уште повеќе, заклучува дека нам од Фокус и не ни била целта јавна дебата за проблемот што го има во странство наш граѓанин, затоа што наводите на Игор Илиевски се однесувале или се насочени кон Сашо Мијалков, па ниту може да предизвика дебата, ниту пак тој (Мијалков, н.з.) со оглед на својата функција не може во рамките на своите службени активности да помогне околу проблемот за враќање на детето на тужениот Игор“!

Патем, судијката кога го распрашуваше Владо Апостолов како дошол на идејата да пишува за случајот, кога објасни дека почетен импулс беше насловната во еден дневен весник „Исчезна амбасадорот Илиевски“, зачудено забележа што е тука јавен интерес. Демек, секојдневно исчезнувале луѓе!!! Така што, ако евентуално исчезнам наскоро – не се сакалдисувајте. Забрането за медиумско третирање! Јавен интерес се само успесите на власта!

ЧОВЕК СО СЕМЕЈНИ ПРОБЛЕМИ НЕ Е СЕРИОЗЕН ИЗВОР!!!

Вториот критериум што не сме го исполниле во текстовите е уште поуникатен. Тазе екс амбасадор не се третира за сериозен извор за изјава. Барем судот така утврди. Не се прифаќа ниту фактот дека Илиевски на функциите го назначила партијата на која припаѓа и тужителот Мијалков. „Зошто изворот би бил сериозен ако се работи за човек поставен од владејачката партија“,  стои во пресудата со додавка дека „не може само заради тоа да се поверува во вистинитоста на тоа што го изјавил“.

Значи, што е критериум за да веруваме во вистинитоста на една изјава!? Дали медиумите кога пренесуваат изјави од прес конференции веруваат во сите такви изјави!? Чии изјави е дозволено да се пренесат, а да биде личноста прифатена како сериозен извор!? Мене баре, после оваа пресуда ич не ми е јасно!

Да потсетам дека специјалниот известувач на ОН за медиуми Франк Ла Ру, кога летово беше во Скопје, меѓудругото се интересираше и за судскиот процес што шефот на тајната полиција го води против Фокус, и тоа во време кога сопственикот Никола Младенов загина под чудни околности, а и дневниот и неделен „Фокус“ беа згаснати. Ла Ру ја даде пред судот следнава изјава: „За судовите е сосема несоодветно да разгледуваат тужби за клевета во врска со пренесување изјави на државни функционери или трети страни, конкретно за тоа што „Фокус“ пренел изјава од поранешниот амбасадор на земјата во Чешка“.

Но, следува уште еден интересен судски аршин околу сериозноста на изворот.

Ако на ова се надоврзе и фактот дека тужените ( јас и Владо, м.з.) знаеле дека тој повеќе не е амбасадор на РМ (подвлеченото, м.з.)и дека очигледно се наоѓа во некоја посебна нарушена состојба во своето семејство, односно дека има одредени семејни проблеми (подвлеченото, м.з.), прашање е за судот дали ваквите тврдења можеле да ги сметаат како сериозни и вистинити“!

Сега веќе станува појасен критериумот. Прво, на бивши функционери не треба да им се верува. Второ, луѓе со семејни проблеми се несериозен извор на информации!? Се прашувам, колкумина од власта ама и од политичкиот живот воопшто имаат семејни проблеми, за да не им ги третираме изјавите за сериозни и релевантни! Дали отсега, кога ќе се нафатиме со некоја тема, треба прво да ги проверуваме луѓето како стојат на семеен план!?

ФОКУС НЕМА ДОБРА ВОЛЈА

И доаѓаме до третиот елемент кој, нели, недостасува во клеветничките текстови на Фокус. Судот смета дека не сме имале ниту еден доказ во поткрепа на вистинитоста на тврдењата на Игор, а при тоа на ниту едно место во текстот јасно не се оградиле од изјавите на тужениот Игор“. И тоа значи дека не постоела добра воља при објавување на невистинити факти“!

Значи, имаме сериозен проблем. Како да бидеме сигурни дали некои изречени наводи се вистинити!? Нам во Фокус не ни помага ни најдобра воља да добиеме одговор од најголем дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и институциите што ги раководат. Да ставиме тогаш катанец на весникот!?

Од друга страна, Судот во Стразбур е на став: „се додека од новинарот се бара да ја утврди вистинитоста на изјавите, тој е соочен со неразумна, дури и невозможна мисија“. Па дури и фактите што еден првостепен суд ги утврдил во еден процес за најсериозни кривични дела, потоа можат драматично да се преиначат од повисокиот суд!

Уште поважно, во процесот „Сандеј Тајмс против Обединетото Кралство“ од 1979 година, судиите од Судот за човекови права дискутирале за прашањето на известување на вести врз основа на интервјуа и пренесени изјави. При тоа, зазеле став дека казнување на новинар за помагање во ширење на изјави дадени од друго лице во некое интервју „сериозно би го попречило придонесот на печатот во дискусијата за прашања од јавен интерес“ … А да, кога исчезнува бивш амбасадор тогаш не постои јавен интерес. Кога таков ќе изјави дека имало закани со бомба за амбасадата, повторно нема јавен интерес да се утврди вистината. Или, ние треба како новинари бојкотирани од власта да влеземе во невозможна мисија!?

Интересен е уште еден аспект од пресудата. Законот за граѓанска одговорност налага кога тужат јавни функционери, кои не само што треба да трпат поголем степен на критика и да бидат потолерантни, туку и товарот на докажување паѓа врз нив. Но, судот и тука најде штоф за да ја исклучи ваквата обврска од законот. Овде не станувало збор за критика на Мијалков во вршење на неговата функција и ДБК, па затоа не важеше тој член од законот за нашиот случај.

Ме збунува само следново, ако тужбата ја поднел како обичен граѓанин, без оглед на функцијата, а беше поднесена само со име и презиме без адреса и матичен број, дали овој преседан ќе важи за сите обични луѓе? Чудно е и како судскиот совет ( судија Јованка Спировска Панева како претседател на советот, со судиите поротници Русе Паунковиќ и Бедрија Потуровиќ)  иако не го виде тужителот Мијалков во судница, ниту Игор Илиевски, утврди кој е несериозен извор, а кој сериозен и угледен граѓанин!?

ДАЛИ СУДСКИТЕ ПРЕСУДИ ПРИДОНЕСУВААТ ДА ИМАМЕ ПООДГОВОРНИ ПОЛИТИЧАРИ?

И доаѓаме до срцевината на нашата пресуда. Судот констатира, повикувајќи се на стразбуршки принципи, дека со прекумерната заштита на слободата на изразување, на сметка на правото на углед се поткопуваат принципите на демократското општество и новинарите, од средства за зачувување на демократијата, се претвараат во средства со кои се повредуваат демократските принципи“.

Во преродбеничка Македонија „прекумерна заштита на слобода на изразување“!!! Ете, сега веројатно ви е појасно кој ја нарушува демократијата во Македонија! „Фокус“ што отстапи простор на екс амбасадорот Илиевски!Пресудата уште имала за цел да се создаде во пракса поодговорно новинарство. Ако судот дозволи во едно демократско општество да се практицира на вакво начин слободата на изразување,  тоа ќе значи дека судот дозволува нарушување на демократските принципи во уште поголем обем со дозволување да се кршат и повредуваат правата на другите“.

Меѓу слободата на изразување конкретно за „Фокус“ и честа и угледот на Мијалков, судот заклучил дека е неопходно да интервенира со граѓанска санкција против нас – за начинот на кој ние сме ја вршеле новинарската професија. Дали ова пресуда ќе нѐ направи како новинари поодговорни, или, пак, ќе нѐ замолчи кога се функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во прашање, останува да нагаѓате.  Се прашувам исто така, дали македонското судство со своите пресуди за случаи за кои се заинтересирани политичари од висок профил, смета дека генерално земено ја прави власта поодговорна!?

Што се однесува до парите коишто треба да ги платиме, согласно вмровскиот тренд се да сметаат во денари да биде поголема сумата, тоа се околу 570 илјади денари. За висината судот смета дека ни е потамам. Судот смета дека вака изречениот паричен надоместок нема да биде доживеан како претеран и непропорционален за да го почувствуваат тужените како притисок во вршење на новинарската професија“. Ма каков притисок, бог да чува! Богоугодно делува на  нашите финансиски можности.

При тоа, во пресудата стои дека судот ја имал предвид и нашата имотна состојба, ( иако не нѐ прашаа за имотна состојба) „преку тоа што утврди дека едниот е тужен како новинар, а другиот како главен уредник на весникот, и очигледно се во таква имотна состојба да паричните износи што судот ги утврди, а се во рамките на чл. 18 од Законот, можат да ги поднесат, а воедно не се непропорционални според степенот на нивната одговорност“!

Се разбира, ја подготвуваме жалбата, ама истовремено се здадовме во една „неодговорна“ и непатриотска мисија. Текстовите и пресудата ги доставивме до сите заинтересирани меѓународни асоцијации кои се бават со слобода на медиумите. А ги имаше повеќе уште од старт. Пред се, тешко е да се најде друг пример каде што шеф на тајна полиција толку често посегнува по тужби за клевета и навреда, и тоа пред судовите кои го носат товарот на забелешката „политички зависни“, ем селективни. Според нашите сознанија, тужбата на Сашо Мијалков против Фокус е четврта од ваков тип. И сите процеси завршија во негова корист!


КЛЕВЕТИ ТЕШКИ 9 ИЛЈАДИ ЕВРА

Ова се наводите во текстот од дневен Фокус, кои според судот се клевети тешки околу 9 илјади евра.

„Главна причина зошто бегав од Чешка беше координираната активност на шефот на Македонската тајна полиција Сашо Мијалков со неговите пријатели, кој се мошне добро организирани во Чешка“.

„Сашо Мијалков наместо да помогне со имплементацијата на судската мерка врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи како и врз основа на државните договори, застанува на страната на адвокатот. И заедно почнуваат масовна акција кон мене со употреба на сите можни средства и методи“.

Понатаму тој (Игор Илиевски) раскажува дека Мијалков вршел огромен вербален притисок врз Министерот за надворешни работи Никола Поповски и врз претседателот Ѓорге Иванов за да ги тргнат рацете од овој случај.

„Сашо Мијалков го спречи тоа и почна масовен напад. За среќа неуспешен. Мијалков бече нем набљудувач на четирите закани по мојот живот и трите закани за бомба на амбасадата“.

Според Илиевски, Мијалков се ставил на страната на чешкиот адвокат кој е одговорен за грабнувањето на неговиот син и оти бил нем сведок на заканите што ги добивал од дипломатот и амбасадата.

Илиевски имал  и судска мерка според која и неговата сопруга од шпанско потекло морала да го врати синот. Тој смета дека главните причини за саботажата што ја направил шефот на УБК биле од геополитички карактер и, како што додава поради лични економски профити спротивни на надворешно-политичките приоритети на Македонија.

Неофицијално, директорот на УБК, Сашо Мијалков уште пред празниците е во Прага, каде што поседува бизнис империја, – ова е воедно и единствената авторска реченица на новинарот, а сите горенаведени се цитирани изјави на Игор Илиевски.


ПРВАТА ТУЖБА ЗА КЛЕВЕТА ПРОТИВ КАНАЛ 5

Неколку недели откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта во 2006 година, прилог емитуван на вестите на Канал 5 за кариерите на новите шефови на јавна безбедност и УБК, Тодоровски и Мијалков, беше повод за тужба за клевета. Стануваше збор во прилогот за наводна поврзаност на Мијалков во две афери- за набавка на опрема за воено разузнавање, но и со експлозив кој наместо во Бугарија завршил во Самоков.

Меѓу спорните наводи беше и делот дека „Мијалков бил мета на закани на криминални структури- пред две години неговиот џип бил разнесен од експлозив“. Судот ќе утврди дека „неговото патничко возило било разнесено со поставување на рачна бомба, но возилото не било џип и случајот не бил расветлен“. Тужителот одлучно ќе демантира било каква врска со споменатите афери, а новинарот ќе биде осуден за клевета.

Во овој процес беше доставено и психијатриско вештачење.


МАКРАДУЛИ КАЗНЕТ ЗА ПРАШАЊЕ!

Јани Макрадули е осуден за клевета на Сашо Мијалков. Судот сметаше дека пратеникот сторил кривично дело клевета против директорот на УБК, кога на прес конференција му поставил прашање: дали ја користел опремата за прислушување на МВР за незаконско збогатување на македонската берза?

И во овој процес тужителот имаше психијатриско вештачење. Макрадули го изгуби спорот и пред Апелација, ем пред Уставниот суд, но затоа неговиот предмет чека ред во Судот во Стразбур.


И БОШКОСКИ МЕЃУ КЛЕВЕТНИЦИТЕ!

„Го повикувам Сашо Мијалков како шеф, како капо ди тути капи на сите полициски служби, да не ги злоупотребува чесните полицајци за негови лични фрустрации, да престане да ја злоупотребува македонската полиција“!

Овој повик на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во ноември 2010 година, судот го прогласи за клевета. Главниот претрес се одржал во отсуство на Бошкоски, кој, пак, пресудата ќе ја добие во притвор за случајот „Кампања“. Да потсетиме, дека во тој период кога му е одмерена казната, Љубе бил под посебни истражни мерки.

Според сознанијата, после првостепената пресуда, а за да куртули за отштетата за тужителот, притворениот Бошкоски јавно му се извини на Мијалков. Тогаш е повлечена тужбата, а според некои медиуми -тужбите, што наведува на тоа дека можеби имал и други од истиот тужител. Во тоа време, против Љубе беа покренати десетина тужби за клевета од високи функционери на власт, нивни роднини, ама и новинари блиски на преродбениците!

Поврзани новости