Текстот е објавен на 28 септември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.460.
Ако во нешто современото ВМРО е најслично со историското ВМРО, тоа е сигурно склоноста на големи поделби, кои еве очигледно не прекинуваат цели 130 години подоцна. Буквално и да нема ниту еден историски моќен лидер на ВМРО што не влегол во сериозен судир со своите претходници или наследници. Иако противниците на ВМРО секогаш имплицираат дека причина за поделбите биле парите, факт е дека и концепциските разлики играле голема улога во овие настани.
Пишувал: Дејан АЗЕСКИ
Во првата реченица од овој текст, веднаш да се расчисти дека не имплицираме дека ДПМНЕ е единствениот наследник на континуитетот на историското ВМРО, кое ѝ припаѓа на цела Македонија и на македонскиот народ.
Но, како што ќе видиме во целосната историска анализа, навистина постојат серија повторувачки работи, кои му даваат голема лепеза на сличности на современото ВМРО со она на Христо Татарчев и Дамјан Груев.
За среќа, денешните поделби не резултираат со илјадници мртви како на улиците на Софија во периодот 1928-1933, ниту, пак, со многу претепани и повредени, како во периодот 2003-2006.
Но, сепак, поделбите и по толку многу децении, повторно се присутни во оваа организација со навистина долг континуитет на вакви непријатни и штетни настани.
За да се долови отприлика целосната слика, анализата ќе ја за почнеме хронолошки, уште од времето кога организацијата имала само шест основачки членови во Солун.
РАЗЛИЧНИ ПРАВЦИ НА ИСТОРИСКОТО ВМРО
Иако се смета дека поделбите во МРО (Македонската револуционерна организација) почнуваат дури по Илинденското востание, тие, всушност, се присутни, еве можеби прикриени од самото нејзино основање во 1893 година.
Првичните поделби се чисто концепциски и од практична природа. Додека голем дел од Македонците идеалистички се надеваат да се ослободат од Турците, базирајќи се на сопствените сили, има добар дел од организацијата, кој исклучиво верува во бугарската армија, а на МРО гледа само како на некаква претходница.
И овој првичен концепциски судир, не само што нема никогаш да се расчисти, туку низ децениите што доаѓаат, само ќе се интензивира.
Тоа особено ќе стане видливо за време на востанијата во 1902-1903 година, кога на површина излегува видлив отпор кај дел од раководството, кое смета дека Бугарите ги фрлаат Македонците во недоволно подготвеното востание, кое многу веројатно би значело човечка катастрофа од голема размери. Така и на крајот бидна.
Е токму поради тоа веќе во 1905 година, непосредно по историскиот Рилски конгрес на Организацијата, нејзиното лево крило (санданистите) барем официјално ги испукуваат првите куршуми против слепите послушници на бугарскиот двор и влада. Тоа се раководители и дотогаш истакнати дејци на ВМРО, Сарафов и Гарванов.
Овој чин на Јане Сандански и неговата Серска дружина ќе отпочне верижна серија настани, кои нема да престанат во следните неколку децении, а помалку или повеќе ќе резултираат со близу десетина илјади мртви, претежно припадници на македонската емиграција во Бугарија.
Вториот голем судир во ВМРО е во периодот по Првата светска војна, кога организацијата е возобновена од тандемот Протогеров – Александров и интензивно работи на јакнење на сопствените позиции во рамки на бугарското општеството, каде што нејзината моќ во одреден период буквално станува неприкосновена.
Но. повторно внатрешните судири прво ќе резултираат со смртта на Тодор Александров, убиен непосредно по неуспешниот обид за соработка со Коминтерната (т.н. Мајски манифест) во 1924 година, а потоа до свирепата ликвидација и на генералот Александар Протогеров во 1928 година, кога Ванчо Михајлов целосно ја презема организацијата во свои раце и почнува со прочуените софиски масакри, со кои само неколку месеци животот ќе го изгубат илјадници Македонци дотогаш заслужни дејци на организацијата.
Историчарите што се противници на дејноста на ВМРО, генерално би рекле дека како и денес, така и тогаш судирите и потребите биле базирани на тесни дневни интереси претежно поврзани со пари, што и не е далеку од вистината.
Но, факт е и дека зад секоја од поголемите поделби постоеле длабоки концепциски причини, како од практична, така од идеолошка основа.
На пример, судирот меѓу Протогеров и Михајлов првично е поттикнат од несогласувањата околу начинот на водење на борбата.
Додека постариот Протогеров робувал на комитетските традиции од претходниот век, Михајлов бил убеден дека терористичката стратегија на црните тројки во новонастанатите услови на Балканот може да донесе многу поголем резултат.
Кога сме кај идеолошките поделби, не може да не се спомне и дејствувањето на ВМРО-Обединета, фракција која се дели од организацијата по повлекувањето од Мајскиот манифест.
Всушност, во 1924 година, преку ВМРО-Обединета, од организацијата излегува левото крило, кое во ВМРО е присутно од самото нејзино основање преку дејноста на Васил Главинов, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Димитар Влахов и многу други.
Дел од овие преживеани дејци ќе бидат основа и за прород на поранешни кадри од организацијата во редовите на НОБ 1941-1945, кое му дава масовност и легитимитет на народноослободителното движење.
СОВРЕМЕНИТЕ СТРУКТУРИ НА ДПМНЕ
Историски дискутабилно е да се тврди дали има баш толкав континуитет меѓу Гоце Делчев и Христијан Мицкоски, но сигурно има континуитет меѓу Драган Богдановски и Љупчо Ѓоргиевски.
Тие бројни емигрантски организации, за време на социјализмот, како МПО, ДОМ, кои отворено се повикувале на традициите на историското ВМРО, всушност, носат бројни опашки на соработка со тогашните југословенски и бугарски служби и затоа не е чудо што често биле жртва на поделби предизвикани од дневно-политички настани во Скопје или Софија.
Кога конечно ќе ја дочекаат промената на системот против кој толку се бореле, вмровците формираат, не една, туку неколку свои партии.
Најпозната, секако, е МААК конзервативна на Страшо Ангеловски, која во првите неколку месеци ќе биде и главна политичка сила во цела Македонија пред масовно да се случи преминување на членството во ВМРО ДПМНЕ.
Само неколку месеци по основањето настанува поделба и во ДПМНЕ на релација почесен претседател (Драган Богдановски) – актуелен претседател (Љупчо Ѓоргиевски), по што Богдановски е принуден повторно да се врати во емиграција.
Само три години подоцна, од овие настани настанува поделбата и со Владимир Голубовски, кога поделбите водат и до физички пресметки, кои ќе станат пракса во партијата и во понатамошното нејзино дејствување.
Голем удар е секако и разидувањето со првиот генерален секретар Борис Змејковски, кој ќе биде отстранет од раководните структури во 1997 година.
Само две години по доаѓањето на власт во 2000 година, Ѓоргиевски е соочен со внатрешен пуч од Змејковски, кој ќе ја формира партијата ВМРО-Вистинска и ќе се обиде да ја собори владата, заедно со коалицискиот партнер Васил Тупурковски.
Паралелно на оваа партија се формира и ВМРО Македонска повторно од стари членови, но Ѓоргиевски тогаш ќе успее, како што велеше, да го одржи единството во организацијата за само по три години и самиот да почне да го урива преку прифаќање на поканата да се придружи на новоформираната ВМРО-Народна партија.
Тука треба да се спомене и краткотрајното функционирање на земјоделската партија што ја формира Марјан Ѓорчев веднаш по губењето на внатрепартиските избори од Никола Груевски.
Поделби има и за време на владеењето и на самиот Груевски, кога Љубе Бошкоски непосредно по враќањето од Хаг ја формира Обединети за Македонија, а непосредно потоа и од оваа партија се издвојува Филип Петровски, формирајќи ја партијата Демократската десница.
Во своите најсилни денови, Груевски, што на сила, што со поткуп ќе успее да натера дел од овие структури да се вратат во партијата, но времето ќе покаже дека буквално ниту еден не му останува лојален во клучните моменти.
За поделбите по Валандовскиот конгрес и доаѓањето на Мицкоски не треба многу да се пишува бидејќи на случувањата околу „Мериот коалицијата“, претепувањето на цели осум пратеници за промена на името и слично на сите ни е доволно свежо сеќавањето.
Она што може да се констатира е дека ако во нешто современо ВМРО е најслично со нивниот историски истоименик, тоа е сигурно склоноста на големи поделби, кои еве очигледно не застануваат цели 130 години.