Текстот е објавен на 26 септември 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1512
Почна судењето за убиството на малолетната Вања и велешанецот Панче. Наредните месеци, јавноста очекува обвинителството да докаже дека оние кои се на обвинителна клупа, го планирале и извршиле убиството. Палевски стигна од Турција, но на судењето веднаш почна да ја шири својата верзија за вистината. И тој тврди дека е невин, но и тие што ги открија гробовите.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Тивко и кратко „не“ се слушна во судницата од тројца од петмината обвинети за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Велибор Манев го криеше своето лице од бројните камери и фотоапарати, Боре Видевски со ослабен слух тешко можеше и да се слушне, а Влатко Кешишев кажа само едно кратко „не“.
Тројцата беа први уапсени и во обвинителството посочија кој ги убил девојчето и велешанецот и на полицијата и обвинителството им ги покажаа местата каде што беа закопани телата.
Сега ова „не“ се слушна во судницата во Кривичниот суд каде по десет месеци од монструозните убиства сите петмина обвинети седнаа на обвинителна клупа и обвинителството и обвинетите дадоа воведни зборови.
Обвинетите одговараа на прашањето на судот „дали го разбравте обвинението и дали се чувствувате виновни?“.
За разлика од нив првоосомничениот, Љупчо Палевски Палчо, кој се товари дека ги убил и Вања и Панче и кој се чекаше да биде екстрадиран од Турција за да почне судењето, пред судот не можеше да се доизнаискаже за својата верзија и својата вистина за овој случај.
Добро осмислил што точно ќе каже пред судот за да покаже дека овој случај како што тврди, бил политичка местенка за него, во обид да ги улови слабостите на обвинителниот акт.
Жеден за медиумско внимание воопшто не се криеше од медиумите и се обидуваше да поентира.
Таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, обвинет дека помогнал, седнат на последниот ред во судот, се тресеше и плачеше додека обвинителката читаше како била убиена неговата ќерка. Не, само што негираше вина, туку кажа дека живее само да се дознае вистината.
ДЕТАЛИ ЗА СВИРЕПИТЕ УБИСТВА
-Jас загинав тој ден, тоа што остана од мене е ехо од човек, чувствувам болка и агонија што не може да се опише, но чувствувам и обврска и одговорност кон Вања и Миња (втората ќерка), да се ставам на располагање за да се разреши ова и конечно во детали, во имиња и презимиња, да се разреши оваа работа. Тогаш ќе бидам слободен, рече таткото.
Мајката на девојчето, Зорица Ѓорчевска, која прва на социјалните мрежи на 27 ноември објави дека нејзината малолетна ќерка е исчезната, не дојде на судењето, неа ја застапуваат полномошници. Преку нив поднела барање до Обвинителството и побарала целата судска расправа да биде затворена за јавност.
-Од страна на мајката и сестрата на Вања Ѓорчевска поднесено е барање до ОЈО за исклучување на јавноста од целата главна расправа имајќи ги предвид сериозните последици на интензивното медиумско известување на настанот врз семејството на починатото дете.
Како и заради заштита на приватниот живот на оштетената Зорица и Миња Ѓорчевска, кое медиумско известување придонесло кон продолжување на болката и стравот кај оштетената Зорица, како и кај Миња кое сериозно влијаело врз нивната целокупна здравствена состојба.
Трпеле сериозно посттрауматско растројство, за што во прилог се доставува оригинал од извештај од специјалист од психијатрија и препорака од психолог/психотерапевт, рече Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, која го презентираше нивното барање и која го брани обвинението пред судот.
На ова барање се противеа адвокатите на обвинетите. Палевски дури и рече дека нема да бара да сведочи мајката за да не ја вознемирува, но беше против судењето да не биде јавно.
Судот го одби барањето, па обвинителката почна со воведни зборови и објасни за што точно ги товари обвинетите.
–Со денешната расправа започнува постапка против обвинетите за еден од најтешките кривично-правни настани во нашата држава, двојно грабнување и двојно убиство. На обвинетите (ги набројува сите освен таткото) им се става на товар дека сториле кривично дело убиство по 123 став 3 од КЗ, едно кривично дело грабнување (членот став 2 кз), а таткото се товари за грабнување, кажа обвинителката.
Од она што го презентираше обвинителството, планот бил тројцата обвинети, Манев, Видевски и Кешишев по инструкции на Палевски да го грабнат девојчето уште на 24 ноември, кога Вања одела сама на училиште бидејќи нејзината помала сестра немала прв час.
Но, ги фатила гужва во сообраќајот, па и не успеале да го спроведат планот. Затоа истото го спровеле во понеделник, кога само таткото знаел дека Вања пак ќе оди сама во училиште.
Ја грабнале на сутеренот во зградата на улицата Наум Наумовски Борче во центарот на Скопје, каде што дошле со автомобил „ситроен“.
Додека Кешишев чекал во возилото надвор, Видевски и Манев го врзале девојчето му ставиле селотејп трака и и се заканиле дека ако вика, ќе ја убијат.
И ги врзале рацете и нозете, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и ја ставиле во ѓепекот.
ПАЛЕВСКИ ВО ОДБРАНА НА ТАТКОТО
На Партизанска го скршиле телефонот „ајфон 8“, кое го користело девојчето за да нема сигнал.
Како што им наредил Палевски, се движеле кон Качанички пат, а кај Визбегово им се придружил и Палевски, кој одел со „рено кангу“.
Го однеле девојчето на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда. Таму Палевски со пиштол го застрелал девојчето во глава. Ја извадиле во вреќата и ја закопале во дупка, која била претходно ископана.
„Ситроенот“ го запалиле со бензин и избегале. Токму „ситроенот“, кој беше во сопственост на Панче Жежовски, според обвинението било причина, велешанецот да биде убиен неколку дена претходно. За да го искористат возилото при грабнувањето на Вања.
Отишле во неговиот дом заедно со Палевски, го турнале, го врзале, а неговиот телефон, Палевски го фрлил во дол. Се упатиле кон местото „Рудник“ во близина на Велес, Палевски го убил и го закопал исто така во претходно ископана дупка.
Кога Палевски претпоставил дека ќе бидат откриени, заминал и ја напуштил државата најпрво одејќи во Србија, па во Турција од каде што беше екстрадиреан.
-Обвинителството ги докажа сите дела, од приложените докази ќе се докаже дека обвинетите имале меѓусебна комуникација, подолг временски период се подготвувале за секое кривично дејствите, за време на извршувањето на дејствијата не носеле телефони.
Александар Ѓорчевски помогнал со давање на информации кога ќе излезе Вања од дома, рече обвинителката во воведните зборови.
Но, за Палевски ова обвинение е политички прогон и тврди дека обвинителството нема докази дека тој е убиецот.
-Ова обвинителство извршува политичка наредба затоа што во рок поднесов барање да прибави докази и тоа по закон, не бев удостоен ни со писмен одогвор дека ОЈО било спречено или поради друга причина не можеле да ми достават докзи.
Овој родител е обвинет, иако е оштетен, јас овој човек не го знам, ниту ОЈО докажало никаква врска со овој човек. Јас бев киднапиран седум дена од ова ОЈО и полиција, кога дојдов во Затвор Скопје констатираа дека имале погрешни податоци, зборуваше Палевски пред судот.
Тој цитираше дека неговата ДНК не е пронајдена во возилото „рено кангу“, ниту на телефонот на Панче.
–Во истиот обвинителен акт го става Александар во докажана измислена позиција, вештачењето има докажано дека јас и Александар немаме комуникација, а денеска сосема спротивно повторно се чита исто обвинение и затоа е барањето за исклучување на јавноста.
Во мотивот вели дека јас и Александар сме сакале да земеме пари, иако знаеме од финансиски извештаи дека Зорица поседува депозит од 30.000 евра орочени до 2024 година.
Тврдат дека дупката за детето е копана претходно, а тоа значи дека претходно е одлучено да се убие детето, мотивот е погрешен, вештачки и затоа таткото на Вања е колатерална штета во целата постапка.
Посочувањето на Александар за првпат го спомнува еден од обвинетите, откако инспектор му кажал да го каже, тврдеше Палевски.
Според него, не постои контакт меѓу мајката и било кој од обвинетите, немало обид да се бара пари.
–Ова е класично промашување и на мотивот и на целата истрага. Детето е грабнато за да биде убиено, не за да се бара материјална корист.
Јас немам натприродни моќи да ја отстранам мојата ДНК од комбето, а да оставам од останатите тројца.
Вештачењето и материјалните докази укажуваат на сосем спротивни факти на обвинителниот акт, ќе прочитате во исказ на еден од обвинетите колку време е тепан за да даде таков исказ, рече првообвинетиот.
ДЕТЕТО БИЛО ГРАБНАТО ЗА ДА БИДЕ УБИЕНО
Марјан Витановски, адвокат на Палевски, тврдеше дека неговиот клиент за време на убиството на Вања Ѓорчевска бил во Халк банка за што постои и видео снимка, а за време на убиството на Жежовски тој воопшто не бил во Велес.
„Фокус“ го побара обвинението од адвокатот, со оглед на тоа дека ниту една институција не го споделува јавно, но ниту тој не сакаше да го сподели, и покрај тврдењата дека доказите на Обвинителството се во полза на Палевски.
–По завршување на истражната постапка, обвинетиот лично се има обратено до ОЈО за определени докази. По неговите барања воопшто не е одгооврено, односно не е постапено.
Не беше постапено и немаме ниту еден доказ во таа насока, јас како бранител се имам обратено до повеќе вешти лица, секаде одбиваа да се вклучат во оваа постапка, не можам да најдам вешти лица да се извршат вештачења.
Обвинетиот, по негово тврдење, на наведениот датум ниту имал било каков контакт, ниту бил во Велес на конкретната дата. Нема никаков траг дека е тоа тој, дека тоа лице е Палевски, дека го зел телефонот од Панче Жежовски, за Љупчо Палевски нема ниту еден материјален доказ.
За останатите обвинети има пронајдени траги, не сакам да обвинувам никој, меѓутоа за Палевски нема материјални докази и траги, тврдеше Витановски.
Халк Банка не им дала потврда дека Плаевски бил во банката, но ниту од други институции па побара од судот да го стори тоа.
–Сметам дека паушално е обвинението на ОЈО, ниту има доказ дека бил од планот, дека имало договор, доказите не се совпаѓаат, времето не се поклопува, со што се потврдува нашата одбрана. Палевски не е извршител, ниту пак бил дел од организацијата на овие кривичи дела, вели адвокатот на Палевски, тврдеше адвокатот.
Од она што може да се заклучи од воведните зборови на Палевски и неговата одбрана и писмата што тој ги објавуваше во јавност пред судењето, Палевски ќе го товари Велибор Манев дека тој е убиецот и дека цел случај е конструиран врз основа на неговите тврдења.
За Видевски тврдеше дека бил тепан и малтретиран за да признае дека Палевски е убиецот, а Видевски е единствениот обвинет кој уште пред судењето го смени исказот и тврдеше дека не е инволвиран во убиството.
Пиштолот со кој се убиени жртвите се уште не е пронајден и се води како НН со калибат 9 милиметри.
Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев, истиот кој го посочува Палевски дека е убиец, рече дека дошле до сознанија за празнина во доказите а кои се однесуваат на оружјето со кое е извршено делото.
–Дојдовме до сознанија кои ќе ги презентираме дополнително, од кого е предметниот пиштол каде е даден и засолнат и да се пронајде, рече адвокатот Горан Бошевски.
Според него делата за кои го товари обвинителството не се оние кои ги сторил неговиот клиент како учесник во настаните.
И адвокатот на Боре Видевски тврди дека обвинителството нема докази дека воопшто е присутен па со тоа не постои негова вмешаност. Истото го тврди и адвокатот на Влатко Кешишов.
Нејасно е како сега негираат вина тројцата обвинети, кои на обвинителството и полицијата им ги покажаа гробовите на жртвите и ги доведоа до телата, со оглед на тоашто тие места не би ги знаел некој кој немал никаква вмешаност.
Обвинителството тврди дека се што презентираше во судот е поткрепено и со вербални и со материјални докази, кои ќе се изведуваат во судница.
Сепак Обвинителството на почетокот на судењето не даде одговор за јавноста, зошто девојчето било киднапирано ако веднаш било убиено, во претходно ископана дупка.
Таткото им препишал два стана на ќерките пред убиството
Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски изјави дека и во излагањето на обвинителството не се слушнало врз основа на кои докази го темели обвинението против неговиот клиент, туку тоа е паушално.
–Јас останувам на тоа дека Александар е жртва. Тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека секој родител кој би му се случило ваква работа би го преземал апсолутно истото што го преземал и тој во насока да води и своја самостојна истрага.
На крајот на краиштата сведоци сте дека обвинението се темели на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност ан полициските службеници кои јас како бранител барам да бидат испитани, изјави Туфегџиќ.
Татткот на судењето обелодени дека станот во кој живее и оној во зградата каде беше грабната Вања, неколку месеци пред убиството ги подарил на неговите ќерки.
Коцевски: Обвинетиот може да се брани и со полувистина и со невистина
Непобитни се доказите против обвинетите за грабнувањата и убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во разговор за Телма откако на почетокот на главната расправа во Кривичниот суд тие се изјаснија за невини.
Кога беа приведени Боре Видевски, Влатко Кешишев и Велибор Манев признаа вина и ја одведоа полицијата до местата каде беа закопани жртвите.
-Обвинетиот може да се брани на начин на којшто ќе процени дека на него најмногу му одговара. Што значи може да каже вистина. Може да каже полувистина. Може да каже невистина.
Самиот обвинет и неговата одбрана си формира теорија на случајот. Во конкретниот случај обвинетите уште на почеток ја покажаа локацијата на оштетените Панче и Вања, што значи дека тоа е непобитен доказ, вели Коцевски.
Коцевски додаде дека обвинителството има доволно вербални и материјалните докази за да докаже дека сите се виновни за делата за кои се товарат.
Според него, законот е јасен и сите процедури при првиот распит на Видевски, Кешишев и Манев се запазени без разлика што сега тие кажуваат поинаку.
–Освен нив не можело никој друг да ја знае локацијата со оглед дека тие се теретат за извршување на кривичните дела, додаде Коцевски.