Текстот е објавен на 20 јануари 2012 година во неделникот „Фокус“ во бројот 864
Пишувал Жарко ЈОРДАНОСКИ
Ја знаете онаа славна дефиниција – „фудбалот е игра со топка, со 22 играчи и судија, во која секогаш победува Германија“? Според истиот терк, македонското судство може мошне прецизно да се дефинира како „правна игра“, поточно театарска претстава со обвинети, обвинители, бранители и судии, во која секогаш како победник излегува – македонската Влада!
Ако некој смета дека ваквата дефиниција е претерана, нека ги погледне бројките на судските пресуди во кои, на пример, Република Македонија е тужена страна, и во колку од нив таа е прогласена за виновна. А потоа, колку од тие каде што е „невина“ паднале во судот во Стразбур. Ако и тогаш му останат некакви дилеми, слободно нека ја погледне целата постапка во случајот „Мартин Нешковски“, која, како што се вели кај нас, „финишираше“ неделава, со пресуда од 14 години робија за полицаецот- тигар Игор Спасов, обвинет за брутално убиство на младиот Мартин, извршено за време на прославата на партиската победа на ВМРО-ДПМНЕ по изборите на 5 јуни лани. Пресудата, а и целата постапка беше така шнајдерски скроена, така филигрански водена, само и само да ѝ се нанесе минимум политичка штета на владата и нејзиното Министерство за претепување, противејќи се притоа на моменти на правната логика, на, чувството за правичност и политичка одговорност, а на моменти и на здравиот разум.
БЕЗБРОЈ КРИВИЧНИ ДЕЛА БЕЗ РАЗВРСКА
Некој ќе рече, каква врска има овој случај со владата, па тука државата Македонија воопшто не се јавува како „странка“, ами му се суди на еден полициски службеник за пречекорување на овластувањата, кои за несреќа, завршиле фатално. Но, тоа само така изгледа, односно, вложени се огромни политички и јуристички напори, токму така да изгледа – дека државата нема врска со овој случај.
За тоа да се постигне, нашите судски „германци“ имаа прилично сложена задача. Тие мораа да најдат начин да минимизираат, да игнорираат или да камуфлираат серија многу логични прашања, кои можат да бидат непријатни за власта, за надлежното министерство, прашања кои во секоја правна држава би морале да повлечат серија обвиненија за кривична одговорност, за несовесно постапување во службата, за злоупотреба на овластувањата. А во секоја одговорна демократија, би повлекле неколку гестови на политичка одговорност, оставки или разрешувања, во најмала рака од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, командирите на специјалната единица и слично.
САМО КРИЕЊЕТО НЕ УСПЕАЈА ДА ГО СОКРИЈАТ
За да не се поставуваат вакви и слични прашања, прво мораше да се ампутира секаква одговорност за очигледниот обид за забошотување на случајот, што беше направен од МВР, сосема свесно за тежината на злосторот. Сосема спротивно на процедурата, во редовниот билтен на МВР од 6 и 7 јуни немаше ниту збор за смртта на Нешковски. Во понеделникот портпаролот на МВР Иво Котевски на прес-конференција се огради дека таков случај не е пријавен и ги повика тие што имаат информации да го пријават. Споредно е дали портпаролот тоа го сторил свесно или и самиот не бил информиран. Некои сајтови, „квалитетно“ брифирани од полицијата објавија „спинувана“ вест дека за време на прославата на 5 јуни на некое момче „му се слошило“, и најверојатно умрело. Официјалните канали кон јавноста беа пристојно загушени, и да не беа оние другите, неофицијалните, смртта на Нешковски можеше да остане едно чудно „слошување“, не почудно од, да речеме самоубиство во кофа вода.
Но, отпрво на Твитер и Фејсбук, а потоа и на порталот Нетпрес, почнаа срамежливо да излегуваат парчиња од информации дека некое момче, по име Даниел, било претепано и оставено на Плоштадот. Потоа мрежите зовреа. Приказната ја подзеде и тогаш се уште живата А1, па работата излезе од (полициска) контрола. Да беше А1 „на време“ спастрена, можеше смртта на Даниел(името отпрво не се знаеше) да се претвори само во уште една урбана, интернет легенда, без епилог. Набргу почнаа и првите спонтани протести на кои се побара вистината за смртта на „Даниел“. Дури тогаш МВР сфати дека криењето не успеа и реши да признае дека убиството се случило.
Ова може да се смета за мала, но значителна победа на граѓанска Македонија против полициската држава, иако, според крајниот ефект, многу половична. И покрај маратонските протести, со кои граѓанството може да се гордее, никој не презеде политичка одговорност за срамната одлука да се прикрие едно убиство. Никому нема да му се суди за злоупотреба на службена положба и овластување и сокривање на информации од јавен интерес. Судиите и обвинителите направија натчовечки напори да ги превидат овие тешки кривични дела и успеаја да дојдат до крајот на судењето без да ги отворат тие прашања.
Патем, надвор од судницата, во политичките кругови, останува срамот што семејството на Мартин Нешковски, инаку приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, по партиска линија било „пријателски“ убедувано да замолчи, за да успее прикривањето на смртта на нивниот син! Што е тоа ако не е соработка во кривичното дело „прикривање“!?
„ЛОКАЛИЗИРАЊЕ“ НА ВИНАТА
Друга работа што мораше да ја постигне фарсичното судење на тигарот Спасов беше сета вина да остане само врз неговите широки плеќи, како најмалку штетна опција за власта. Вината да се локализира, за да не метастазира, да се изразиме медицински. Судските доктори на тој план направија чуда. Прво мораше Спасов да биде психолошки „извештачен“ како „психофизички здрав, ама емоционално незрел“, што е оксиморон од типот, „физички здрав, ама телесно болен“. Можеби ви звучи шашаво, што би рекол Ѓоле Иванов, ама функционира! Ваквата „дијагноза“ овозможи одговорноста за бруталното претепување на Матрин да остане „локализирана“ на Спасов. Доволно е нормален за да одговара, доволно нестабилен за да се објасни крвничкото тепање, а сепак не е претерано луд за да се постави логичното прашање кој е виновен што такви типови се вработуваат во нашата полициска менажерија. Така се заобиколи командната одговорност за нездраво однесување на еден државен службеник.
Се разбира, самата дијагноза не беше доволна. Уште една задача што требаше да ја изврши ова судење беше Спасов да нема никакви помагачи од редовите на полицајците кои биле на должност, за да може истрагата и обвинението да не се прошири и на нив, како што не се прошири. А тоа се косеше со многу сведочења на очевидците. Во текот на постапката, врз основа на сведочењата, семејството Нешковски поднесе кривична пријава против уште двајца полицајци, кои „критичната ноќ“ биле заедно со Спасов, и учествувале во целиот настан, но скопското обвинителство без пардон ја отфрли пријавата поради „недостиг на докази“. Сведочењата кај нас веројатно не се никаков доказ, ако некому така му одговара. Сосема беа игнорирани сведочењата според кои Мартин бил довлечен на местото каде е пронајден, дека полицајците заминале без да му пружат помош. Се разбира, беше отфрлено тврдењето на тигарот дека и некој друг го удрил Мартин пред него, и тоа силно по носот, а вештачењето покажа дека токму тој удар бил фатален. Судот зеде дека Спасов сам го тепал момчето, а судската е последна. Не беа покренати други обвиненија за соучество, и тоа беше нов успех во локализирањето на делото, овојпат „по хоризонтала“.
„ПРИВАТЕН“ ЌОТЕК ОД СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ!?
Друго исто така важно беше да се покаже дека Спасов го тепал момчето „приватно“, на своја рака, под ничија команда, дека во тоа никој не му помагал, ниту пак некој му дал таква наредба. За да нема проширување на обвинението по командна одговорност, односно вината да се локализира овој пат „по вертикала“. Тоа најдобро се постигнуваше ако се покаже дека Спасов воопшто не бил на работа таа вечер. А и ако бил, тоа го правел на волонтерска основа од преголема љубов кон Вождот, а не за плата. Токму затоа неговиот командир Игор Божиновски во сведочењето, мртов ладен соопшти дека Спасов не бил на должност, а тоа го повторија и неколку негови колеги, тигри, во изјави построени како под конец. Божиновски на најголем дел од прашањата одговараше со „не знам“, и „не сум дал таква наредба“. Така целиот случај на полициска бруталност со фатални последици се сведе на приватна тепачка на прослава, веројатно затоа што некој некого накриво погледнал. Сосема случајно, еден од степаните во „приватниот живот“ е полицаец. Каква вина тука може да имаат неговите шефови, кои таа вечер биле зафатени со многу поважни работи?
Можеби ви звучи смешно, ама и овој космодиск профункционира. Па така нема потреба да се навлегува во детали кој кого каде распоредил, со какви наредба, со какви задолженија и зошто. А кога одбраната побара да се стави на увид таа документација, за да се докаже дека навистина Спасов само се веселел на плоштадот, и никого не обезбедувал, беше повлечен аргумент дека таквата документација е „строго-пов“, „државна тајна“. Тонч! Спасов остана како риба на суво, полицаец-поединец со слаби нерви и силни тупаници, но не многу луд, во кавга со 22 годишно момче, кој знае околу што.
KOJ БЕШЕ „ГРЕВОТ“ НА МАРТИН?
Ако ви се чини дека токму тука – во мотивот за претепување на Нешковски, сега се отвора нова дупка, сосема сте во право. Ако е точна приказната на обвинението, дека Спасов не бил на должност, дека никого не обезбедувал, зошто би го тепал? Според сите искази, испаѓа дека гревот на Мартин, веројатно и самиот горлив вмровец, бил дека опасно му се приближил на премиерот Никола Груевски, односно „пристапил кон неовластено качување на бината“, што би рекле во К-15! Зошто во тоа би го спречувал специјалец што не е на должност!? Кој денеска ја сака толку својата работа па да ја врши и во слободно време, се разбира бесплатно!? Хм, нешто тука не штима.
Но, и оваа нелогичност ќе остане во аналите на нашето судство. Според некои шпекулации, што ги загатнаа блиски на семејството, Мартин не сакал само да го гушне премиерот, туку сакал нешто важно да му соопошти, нешто што не можел да го стори по регуларните канали, а се однесувало исто така на полициска бруталност, но истрагата никогаш не појде во тој правец. Ако има ронка вистина во тие шпекулации, и ако во таа насока се истражуваше, можеше да се покаже дека зад смртта на Нешковски се крие повеќе отколку несреќа при прекумерна употреба на сила од страна на полицаец. Но, и таа мистерија потонува во талогот на урбаните легенди, веројатно засекогаш!