Архива: Службените патувања на функционерите со сопругите – државна тајна: Вељановска и Иванова се раскостија од шетање со државни пари

by Fokus

Текстот е објавен на 15 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1080

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Никој во Владата и во Собранието веќе години наназад не кажува колку пари од буџетот се трошат за службените патувања и роуд-шоута на делегациите предводени од експремиерот Никола Груевски, собранискиот спикер Трајко Вељановски и шефот на државата Ѓорге Иванов, на кои главно се придржувани и од сопругите. Иако секоја година, од 2006 година наваму, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, бројот на службени патувања и роуд-шоуа се зголемува, сепак, колку вкупно патници има во една делегација, колкави дневници земаат и колку народни пари досега се потрошиле за оваа намена останува „државна тајна“ или се водат како строго доверливи информации.

Оваа тема често беше цел на истражување на новинарите и опозиционерите, кои досега неколкупати излегоа на прес-конференции барајќи образложение зошто се кријат ваквите информации кои се од јавен карактер, зашто се работи за пари на граѓаните. Тие повеќепати упатија прашања – кои од сопругите на високите функционери во власта најчесто патуваат со нив во странство, по колку дена остануваат, каде се сместени и, како што прашуваат од опозицијата, колку тие нивни „излети“ удриле по џебот на граѓаните?

Според нашите информации ваквите службени патувања секогаш се луксузни и на највисоко ниво. Нашите извори тврдат дека делегациите најчесто патуваат со бизнис-класа, сместени се во скапи и отмени хотели со четири или пет ѕвездички и престојуваат од пет до десет дена, во зависност од потребите и закажаните средби во државата што ја посетуваат. Ако, како пример, се земе службено патување во Лондон, тогаш сместувањето во отмен хотел чини само 600 фунти од човек за една вечер, а со оглед на тоа што делегациите можат да бидат од 10 до 30 луѓе, тогаш се доаѓа до шокантна сума пари, без тука да влезат патните трошоци и храната.

Сепак, во целата приказна интересно е дека повеќето од државните функционери кои на патувањата ги водат своите сопруги најчесто го кријат тоа и нивните имиња ретко се споменуваат во соопштенијата испратени до медиумите, кога се наведуваат членовите кои ја сочинуваат делегацијата. Дел од нив одат на патувањата од протоколарни причини, но често и од приватни мотиви.

ВЕЉАНОВСКА И ИВАНОВА ПАТУВААТ И КОГА ИМА И КОГА НЕМА ПРОТОКОЛАРНИ ПОТРЕБИ

Карактеристично за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што на повеќето посети и службени патувања во странство, кога станува збор за парламентот, речиси секогаш оди делегација од 15 до 30 луѓе, меѓу кои, покрај пратеници, преставници на Кабинетот на претседателот и обезбедувањето одат и некои сопруги на функционерите. Досега, опозиционерите неколкупати реагираа зошто е потребна толкава делегација која патува и престојува на сметка на Собранието во ситуација кога на редица редовни сесии на меѓународни тела на повеќе нивоа каде што членува македонскиот законодавен дом или воопшто не се испраќаат делегации или тие се десеткувани.

Иако со закон не е регулирано и според протоколот сопругата треба да го придружува функционерот на одредени службени патувања, проблем во целата приказна претставува тоа што постојано се кријат парите потрошени за патувањето.

Собранискиот спикер Трајко Вељановски повеќе од осум години седи на претседателското столче, откако претходно две години беше пратеник во периодот кога ДПМНЕ дојде на власт. Тој е позициониран на второто место во државната хиерархија и зема плата од 88.000 денари месечно (без додатоци и дневници). Вељановски е еден од предводниците на листата функционери, кои во својата кариера досега најмногу ги „шетаат“ сопругите. Неговата сопруга Сузана, инаку вработена како главна медицинска сестра на скопската Клиника за неврохирургија, често оди со него на службените патувања во странство. Впрочем, ретко се случува тој да замине на службен пат, а да не биде придржуван од сопругата. Притоа, нејасно е како таа го оправдува своето отсуство од работното место, ако е јасно оти на сите патувања нема потреба од нејзиното протоколарно присуство.

Собранискиот спикер заедно со својата сопруга во средината на мај беше во Рим на аудиенција кај папата Франциск по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители. Во тој период, никому не му беше јасно во која улога оди Вељановски во Рим и тоа со сопругата, со оглед на тоа што Собранието беше распуштено, а со престанокот на мандатот на пратениците, фактички и тој не можеше да биде пратеник и претседател. „Фокус“ испрати прашања до собраниските служби, колку пари се трошат за патувањата во странство и на чија сметка постојано патува сопругата на собранискиот спикер, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

Уште едно такво службено патување кое пред четири години, во 2012 година осамна во медиумите е патувањето на претседателот на Собранието со 30-члена делегација во Австралија. Собранискиот спикер како и во текот на сите претходни посети и тогаш бил придружуван од сопругата. Од опозицијата во тој период тврдеа дека ваквите „излети“ на претседателот на Собранието се прават на грбот на граѓаните, односно дека овие трошоци ги покрива токму Собранието, иако во неколку наврати досега, оттаму беше прокламиран јасен став дека во собранискиот буџет нема пари за патувања.

Секоја можност да прошета како прва дама не ја пропушта ниту сопругата на шефот на државата Ѓорѓе Иванов, Маја, која работи како советник во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Според протоколот, првата дама треба да го придржува претседателот на дел од неговите патувања, но и во овој случај нема информации колку пари троши семејството Иванови за официјалните и неофицијалните посети во странство. Првата дама никогаш не пропушта да се фотографира, кога оди на патувања со својот сопруг, па така можеше да се види со сопругата на претседателот на САД, Мишел Обама, од каде што пренесе искуство дека и таа е против нездравата храна.

„Фокус“, исто така, испрати неколку прашања и до Кабинетот на претседателот Иванов  – колку пати годишно во просек шефот на државата оди на службени патувања, дали секогаш оди со својата сопруга и колку пари се трошат за таквата намена? За кратко време одговор стигна, но никаде во него нема информација за потрошените пари.

Согласно дипломатските практики, сопругата на претседателот на Македонија, г-ѓа Маја Иванова го придружува претседателот д-р Ѓорге Иванов при официјални посети на странски држави, каде е предвидена дамска програма, како и на регионални и мултилатерални средби и настани кадешто е предвиден сегмент за сопруги на шефови на држави и влади – се наведува во краткиот одговор од Кабинетот на шефот на државата.

И во двата случаи, трошењето на државните пари не се омилена тема на високите функционери во власта, па едноставно одговорот на овие прашања беше прескокнат.

ГРУЕВСКИ РЕТКО ЈА ШЕТА БОРКИЦА, НО ПОЧЕСТО МАЈКА СИ

Речиси секогаш кога во земјатасе случува нешто непријатно, експремиерот Груевски заминува на роуд-шоуа. Среде политичка криза, поскапувања, политички монтирани апсења, или пред да се објави извештајот на ЕУ за напредокот на земјата, власта со години успешно го свртува вниманието на јавноста кон други теми. Груевски веќе десет години колку што ВМРО-ДПМНЕ е на власт го заобиколи целиот свет, иако сега е во изолација кога станува збор за официјални државни посети на земји членки на Европската унија. На голем дел од своите патувања тој одеше на роуд-шоуа да брка странски инвеститори, на Блискиот и Далечниот Исток, во арапскиот свет, во Јужна Америка, Канада, САД…

На импозантната патувачка листа на Груевски, мораме да нагласиме дека поретко е придржуван од сопругата Боркица, која е вработена како советничка во Секторот за меѓународна соработка во Комисијата за хартии од вредност.

Како спомен од заедничките патувања може да остане групната фотографија со Барак и Мишел Обама во САД каде што се одржуваше состанок на сите светски лидери на Генералното собрание на ОН.

Никој нема информации кои се точните причини што Груевски ретко ја води својата сопруга на патувањата, но од друга страна честопати во негово друштво може да се најде неговата мајка Нада Груевска, која според дел од сопартијците претставува и негова „десна рака“ со која, покрај гатачката, многу често се консултира за одредени политички потези. По обичај, експремиерот во јавноста ги пушта единствено оние информации за кои смета дека се добри за неговиот имиџ, но сѐ друго се чува како државна тајна. Па, така е и во случајот со неговите патувања и парите потрошени за нив.

Нашите извори коментираат дека информациите за патувањата на кои Груевски е во друштво со мајка си се кријат од очите на јавноста. Ова не беше случај пред две години, кога мајката на Груевски можеше да се види на фотографиите во Бодрум, Турција, каде што тогашниот прв човек на владата со сопругата и ќерките беше на десетневен одмор, на покана од тогашниот турски премиер, денес претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој со него имал и бројно обезбедување.

И тогаш во јавноста одекнаа прашањата – дали Груевски со семејството е на одмор во Бодрум во службена или приватна режија? На чија сметка лидерот на ДПМНЕ и неговото семејство летуваат во Турција? Дали луксузниот одмор го плаќаат граѓаните и колку чини? Колку вкупно лица го придржуваат и кој го плаќа тоа? Ако го плаќа Република Турција, тогаш која е основата некој друг да го плати одморот на премиерот и дали овој подарок е уредено пријавен од страна на лидерот на владејчката партија?

Како и по обичај, останавме без одговор на овие прашања, со оглед на тоа дека се што Груевски смета дека не смее да излезе во јавноста, се крие како змија нозе. Во таа категорија на „државна тајна“ влегуваат и информациите, кој се бил со него во 2013 година во Бразил, Мексико и Аргентина и колку чинело патувањето кога владина делегација предводена од тогашниот премиер беше во во Јужна Америка да брка странски инвеститори. Нашите извори тврдат дека, освен владините преставници на ова роуд-шоу патувала и неговата мајка, за која била потрошена поголема сума државни пари. Но, секако оти тоа се чува далеку од очите јавноста.

Го контактиравме портпаролот на Владата, Александар Ѓеорѓиев и му испративме неколку прашања преку смс –порака, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

Од опозицискиот СДСМ пред неколку години обвинија дека во мај 2009 година, заедно со ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков од скопскиот аеродром за Прага полетала и мајката на лидерот на ДПМНЕ. Според документацијата на СДСМ, Мијалков во неколку наврати патувал за Чешка со уште едно лице или со уште тројца. Опозицијата тогаш праша, дали ова патување на Груевска има врска со обвинувањата дека извесна Нада Груева купила стан во Прага нешто подоцна истата година?

Мајката на експремиерот, исто така, можеше да се види со него и со неговото семејство на вечерна прошетка низ Струмица, а не пропушта можност да се појави на митинзите, конвенциите на партијата, односно речиси секаде каде што нејзиниот син има јавни настапи. Дури се шпекулира дека често спие и во премиерската вила на Водно, но „Фокус“ не можеше да ги потврди овие информации.

Патувањето на сопругите на државните функционери кога тоа го бара протоколот е оправдано, но кај нас проблемот е во тоа што правилото често се прекршува, особено кога ги придружуваат други членови од нивните семејства. Најстрашно е тоа што никогаш не се објавуваат информации колку пари се трошат за ваквите намени. Време е да почнат да се отвораат и овие сметки!

Рамка:

ГЕОРГИЕВСКИ ЈА ШЕТАШЕ СНЕШКА, ЦРВЕНКОВСКИ ПАТУВАШЕ САМ

Практиката на водење на сопругите на повеќето службени патувања почна уште пред повеќе од 15 години, кога на премиерското столче седеше Љубчо Георгиевски. Тој својата сопруга Снежана ја носеше на речиси сите службени патувања, а таа преку својата фондација „Благовестие“ го организираше добротворниот милениумски бал и уште многу хуманитарни настани, но факт е дека секогаш сакаше да биде во центарот на вниманието, па токму затоа беше во постојана придружба на својот сопруг. За разлика од неа, сопругата на експремиерот и претседател Бранко Црвенковски, Јасна многу ретко го придржуваше својот сопруг на службените патувања во странство, а речиси никогаш не се појавуваше во јавноста.

Поврзани новости