АРХИВА Случај „Славија“: Имотот на продажба, а пари за вработените нема?!

by Фокус

Текстот е објавен на 10 септември 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1039.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвини дека власта за над 200 илјади евра сака да го продаде имотот на АД „Славија“ кој, според нив, вреди над 20 милиони евра. Наспроти тоа, Агенцијата за управување со одземен имот се бранеше дека некогашниот гигант денес вреди многу помалку, од причина што 70 отсто од објектите се продадени во нетранспарентни постапки. Инаку, оваа тема се влече долго време, бидејќи, како што своевремено пишуваше и Фокус, дел од вработените со години не можат да си ги наплатат платите и придонесите по судски пат, иако постојано се ставаа објекти на продажба.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Долгогодишната сага околу „Славија“ се чини дека се ближи кон конечна завршница, која дефинитивно нема да ги задоволи сите страни, особено дел од вработените кои многу години бадијала се борат за неисплатените плати и придонеси.

Впрочем, додека се водат неколку судски процеси покренати од страна на поранешните вработени на друштвото, со кое моментално управува државата, привременото раководство тргна во распродажба на она што единствено вредно остана од компанијата – недвижниот имот.

Инаку, компанијата, која своевремено се занимавала со трговија на големо и мало, на овој начин неповратно се уништува, со оглед дека згаснува нејзината моментално основна дејност – издавање на објектите под закуп.

Од таму, пак, велат дека вака обезбедуваат средства за да ги сервисираат долговите кон вработените.

Сепак, дел од вработените се обидуваат да ја спречат распродажбата на објектите, бидејќи доколку се случи тоа, според нив, друштвото ќе се ликвидира, без тие да бидат обесштетени.

КРИМИНАЛОТ КАЗНЕТ, ШТЕТАТА НЕПОПРАВЕНА

Како што е познато, корените на проблемот со „Славија“ лежат во стечајот и во приватизацијата на друштвото, кое во своите златни времиња вработувало и преку 2.200 луѓе и поседувало приближно 600 дуќани.

Првите проблеми се јавуваат уште во последните години на поранешната федеративна држава, кога бројот на вработени постепено опаѓа, за денес безмалку да го допре дното со само 39.

Кон таквиот пад придонело влошувањето на условите за трговија, зголемената конкуренција на пазарот и финансиската криза. Другата причина е недисциплината на дел од работниците, а, се разбира, дел од вината за тоа оди и кај недоволно успешното раководство.

Во таква ситуација, кризата најсилно се одразила и се почувствувала од 1993 до 1996 година, кога најголем дел од 1.364 вработени не зеле 39 плати.

Поради неможност да ги сервисира обврските и крајно нарушените меѓучовечки односи, во 1996 година стечајот бил неминовен епилог за „Славија“, кога стечајниот управник ги испраќа речиси сите работници под Заводот за вработување.

Кон крајот на 1999 и на почетокот на 2000 година, стечајот запира по барање на одборот на доверители.

Во тој период, за генерален директор е назначен Кирил Кочевски, кој, по договор со една нему блиска компанија и уште три лица, ги претвориле своите побарувања, кои патем во најголем дел се фиктивни, во траен влог од 1.400.000 германски марки.

Како што стои во програмата за финансиска и сопственичка трансформација на друштвото, доколку се земат предвид загубата во работењето и обврските кон проценетата вредност на компанијата, вредноста на „Славија“ била нешто над еден милион марки, ама во негатива.

Влогот на новите сопственици на чело со Кочевски, пак, кои го користат моментот да ја преземат фирмата, чини почетен капитал од над 300.000 марки.

Како и да е, тој во 2007 година беше осуден на шестгодишна робија поради злоупотреба на службената положба при незаконската приватизација на „Славија“.

Исто така, судот нареди да му се конфискува имот од еден и пол милион евра, поради тоа што станал главен сопственик преку наплата на измислен долг од „Славија“ за сметка на своја друга фирма.

Така, во 2010 година, неговиот удел во компанијата преминува во Агенцијата за управување со конфискуван имот, или со други зборови, во посед на државата.

Набргу потоа, избран е нов управител, како и членови на Управниот и Надзорниот одбор, блиски до власта, кои управуваат со највредните недвижности – самопослуги, магацини со вкупна квадратура од 31.348 квадратни метри, или 84 отсто од средствата на претпријатието.

Оваа државна агенција, пред две години се обиде да ги продаде 4.285-те акции за 7,3 милиони евра по принципот на „сѐ или ништо“.

Меѓутоа, не се најде купувач, иако вештакот проценил оти претпријатието има имот вреден околу 25 милиони евра, речиси исто како за време на стечајот, а обврските сега изнесувале 17 милиони евра, што е 8 милиони евра во позитива.

Поради тоа што државата го казни криминалното преземање на „Славија“, но не ја поправи штетата на акционерите, распределувајќи ги акциите кон вработените како што било пред да биде сторен криминалот, дел од вработените водат судски процес за враќање на првобитната состојба.

Арно ама, Основниот суд првично пресуди во корист на државата, додека моментално се чека епилогот од Апелацискиот суд.

ВРАБОТЕНИТЕ НЕ МОЖАТ ДА СИ ГИ НАПЛАТАТ ПЛАТИТЕ

Долговите кон вработените датираат од периодот пред компанијата да падне во стечај, кога најголем број од вработените пријавуваат побарувања од 39 најниски плати, кои ги утврдува стечајниот совет при судот.

Тие стојат и во програмата за консолидација на компанијата по стечајот, во која фирмата, освен што се обврзува постепено да ги враќа на работа, треба да почне да им ги исплаќа долговите по 6 месеци, во рок од 5 години.

Со анексот на програмата во 2011 година, грејс-периодот се зголемува за една година, а рокот на враќање за 2 години.

Првичната вкупна сума што компанијата треба да им ја исплати на работниците само по основ на плати изнесува приближно 2.800.000 евра, на кои се надополнуваат уште еден милион евра за придонеси, како и за камати од стасаноста на побарувањето до исплатата.

Од преку илјада поранешни вработени, кои пријавиле и добиле судско утврдување на побарувањата, во 2010 година, само околу 120 луѓе, организирани во групи од по 5 луѓе, но меѓусебно координирани, ја тужеле својата некогашна компанија зашто платите не им биле исплатени во предвидениот рок.

И скопскиот Основен суд во 2011 година ѝ наложува на „Славија“ да им ги исплати побарувањата на тужителите, но компанијата се жали на повисокиот Апелациски суд, кој го враќа предметот на повторно одлучување.

Потоа, Основниот суд во 2012 година речиси ја повторил одлуката, со мала корекција во насока на намалување на периодот за кој се пресметува каматата.

Понатаму, судските препирки резултираат со нова усвоена жалба на „Славија“ од страна на Апелација, која дефинитивно ја отфрла тужбата со не толку неповолна констатација и за тужителите – нивните пријавени побарувања се сметаат за извршна исправа и таа можела порано и може во иднина присилно да се извршува.

Откако Врховниот суд одбил да изврши ревизија на одлуките, Судскиот совет, одговарајќи по претставките на тужителите во однос на сите одлуки, соломонски ги оправдува одлуките и на основниот и на апелацискиот како јасни и разбирливи.

Во секој случај, и Советот акцентира дека долговите може да бидат „предмет на извршување“.

Бидејќи судовите кажуваат дека тие може присилно да се извршат, тужителите добиле клаузула за извршност и усно се обратиле кај седуммина извршители.

Откако обезбедиле позитивно правно мислење од Комората на извршителите, тие нашле двајца извршители кои прифатиле да го сторат тоа, меѓу кој и претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески, поранешен функционер и пратеник од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

А сега, најново, по нова жалба на „Славија“, Основниот суд – Скопје 2 ја поништил клаузулата за извршност и ги тргнал извршните решенија настрана, со парадоксално образложение.

Имено, тоа гласи дека стечајната постапка на „Славија“ своевремено била запрена заради трансформација на претпријатието од општествено во приватно, но до ден денес не била заклучена, и покрај тоа што друштвото се регистрирало во стопанскиот суд и цели 14 години нормално функционира.

Дел од вработените се обидуваат да ја оспорат и оваа судска одлука, иако нивните жалби засега не поминуваат во судот. За да го избијат аргументот против нив, колку и да е бесмислен, тие бараат заклучување на стечајната постапка на „Славија“.

Но, од одделението за стечај и ликвидација при судот велат дека такво решение не може да се издаде во оваа фаза кога стечајната постапка е запрена, со што само го цементираат институционалниот ќор-сокак.

ПРЕФРЛУВАЊЕ И ИЗЗЕМАЊЕ ОД ОДГОВОРНОСТ

Паралелно со двата судски процеси за поништување на актите поврзани со запишувањето на акциите и за исплата на заостанатите плати, атрактивен имот на „Славија“ се става на распродажба.

Друштвото досега објави три јавни објави за продажба на 22 објекти во Скопје и низ државата, од кои дел се продадени, а дел повторно се ставени на електронска аукција. Доколку нема заинтересирани, државата има право да ги продаде по пат на директна спогодба.

Со оглед дека дел од некогашните вработени, кои се групирани во невладината организација „Опстанок“, сметаат дека објектите се отуѓуваат по багателни суми, далеку пониски од нивната пазарна вредност, тие се обидуваат да ја спречат продажбата.

Во таа насока, реагирале кај некои од потенцијалните купувачи на објектите да не ги купуваат, бидејќи доколку тоа се случи никогаш нема да ги остварат нивните права. Кај дел успеале да влијаат, а кај дел не.

Воедно, тие се обратиле и кај сите надлежни институции со барање за запирање на нетранспарентните постапки за електронско наддавање на објектите на „Славија“, бидејќи судот донел привремена мерка против отуѓување на имотот.

Меѓутоа, тие или си ја префрлуваат одговорноста од еден кај друг, за на крај преписките да се заокружат во одговор дека имотот во сопственост на државата се продава по строго утврдена процедура.

Прво, од Министерството за финансии соопштиле дека случајот со продажбата на имотот на „Славија“ не е во доменот на неговите надлежности, туку за тоа треба да се произнесат други владини ресори.

Од Министерството за економија, пак, посочуваат дека Агенцијата за управување со одземен имот е самостоен орган во рамките на Министерството за правда, па оттука немаат правна сила да ја запрат продажбата на имотот.

Откако здружението „Опстанок“ го побарало истото од агенцијата, од таму информирале дека барањето го доставиле до „Славија“, од каде што оцениле дека барањето на поранешните вработени е беспредметно, со произволни и неточни констатации, бидејќи привремената мерка за забрана за располагање со имотот на компанијата всушност била тргната.

Како и да е, под претпоставка дека процесот на продажба на имотот на „Славија“ ќе заврши, тогаш неминовна е ликвидација, затоа што друштвото ќе остане без објекти, односно извор на средства за да се исплатат доверителите, меѓу кои и вработените.

Можеби се наѕира крајот на сагата на „Славија“, ама очигледно дека конечната разврска нема да ги задоволи сите засегнати страни.


Здружение „Опстанок“
СЕ РАСПРОДАВА ИМОТОТ ЗАРАДИ ИНТЕРЕСИТЕ НА ПОЕДИНЦИ

Имотот на „Славија“ се продава заради задоволување на потреби и интереси на одредени групи и поединци, велат од здружението „Опстанок“, кое го сочинуваат поранешни вработени на „Славија“.

Мора итно да запре ваквата продажба на имотот на „Славија“, бидејќи доколку таа се заокружи, ќе нема од каде и од што да се исплатат платите на вработените. Со домаќинско работење и со желба, досега можеше тоа да се стори, бидејќи друштвото секој месец зема илјадници евра од кирии – истакнуваат од „Опстанок“.

Во последните години, „Славија“ остварува приходи меѓу 60 и 70 милиони денари и работи профитабилно со добивки и од над 2 милиони денари годишно.

Згора на тоа, компанијата во проспектот од „Македонската берза“ проектирала раст на вкупните приходи за над 2 милиони денари, како и на профитот за речиси 3 милиони денари.

Од друга страна, тековните обврски кон набавувачи, плати и даноци, заклучно со 2012 година, изнесуваат 26 отсто од вкупните обврски.


АД „Славија“
СО ПАРИТЕ ОД ПРОДАЖБАТА НА ОБЈЕКТИТЕ ГИ ИСПЛАТУВАМЕ ВРАБОТЕНИТЕ

Постапката за продажба на објектите се врши на транспарентен начин согласно процедурата, врз основа на Правилник донесен од Управниот одбор на друштвото, стои во одговорот на АД Славија.

Средствата од остварените продажби на објектите се искористени за исплата на поранешните стечајни вработени и останатите обврски кон Фондот за ПИОМ, УЈП. Од 1.363 стечајни вработени кои имаат решенија за исплата на неисплатени плати и камати исплатени се 1.250 вработени“, се вели во одговорот на АД Славија, потпишан од претседателката на управниот одбор Даница Јованова.

Покрај Јованова, која претходно беше директорка на меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Неготино, и други членови на органите на друштвото биле на јавни функции и на позиции во ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив се членовите на УО, Илија Тозија и Михајло Коштримовски, кои се дел од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму, во Надзорниот одбор е Ана Виткова, која во 2012 година е избрана за раководител на секторот за стручно-административни работи во Владата. Тука е и Осман Мислими, кој во 2010 година беше вработен во Министерството за животна средина за виш соработник во одделението за сметководство.

Поврзани новости