(АРХИВА) Случај „Беса транс“ – За 45 загинати виновни се само само двајца цариници и мртвиот возач

by Fokus

Текстот е објавен на 2 јуни 2022 година во неделникот „Фокус“ со број 1391

Во Кривичниот суд денеска беше донесена првостепена пресуда за случајот „Беса транс“, односно сопственикот на оваа компанија, Беким Хаџиу беше осуден на една година и осум месеци затвор, додека компанијата доби парична казна од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице. Сепак овој судски процес не се водеше за трагичната сообраќајна несреќа што се случи во 2021 во Бугарија кога загинаа 45 македонски државјани кои се враќаа од Истанбул. Судскиот процес се водеше за кривично дело „фалсификување исправа“ односно се истражуваше како кобниот автобус ја минал границата без соодветен извод од лиценца дури 135 пати. Единствен виновен за трагедијата е возачот кој и самиот загина во сообраќајката.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

 Пет месеци по автобуската несреќа што се случи во Бугарија, во која живи изгореа 45 патници, меѓу кои 12 деца, единствено вина и одговорност се утврди кај двајца цариници и возачот на автобусот, кој, исто така, загина на автопатот Струма во Бугарија, додека со над 50 патници се враќаа од Истанбул во Македонија.

Бугарската истрага утврди дека виновен за загинувањето на 45-те патници е возачот на автобусот, кој е мртов. Тие не најдоа никакви пропусти во изградбата на автопатот, иако и меѓународни ревизори утврдија пропусти кај заштитната ограда на автопатот Струма.

Главен фокус на медиумите во Бугарија по несреќата беше токму оваа црна точка на бугарскиот автопат. Според анализата на Институтот за безбедност на патиштата, на местото каде што се случи трагедијата со македонскиот автобус, сопственост на компанијата „Беса транс“, во последните три години на автопатот Струма се случиле десет сообраќајни несреќи.

– Доколку имаше некој да излезе на терен, местото ќе се истражеше, а потоа ќе се откриеше дека кривината за одмор и начинот на која е обележана и направена е изложена на висок ризик за случување кобни несреќи. Сега по тешката несреќа, сето ова е факт, пишува Институтот.

 ДВЕ ПОСТАПКИ ЗА ПРОПУСТИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ

Кај нас, пак, се водат две предистражни постапки, со оглед на тоа што автобусот што изгоре ја поминувал државната граница дури 135 пати со подметната лиценца. Скопското обвинителство води постапка, односно го истражува работењето на фирмата „Беса транс“, на која ѝ е одземена лиценцата, но истражува и дел од институциите дали направиле некој пропуст или сопственикот на фирмата само вешто го „изигрувал“ системот.

Извори на „Фокус“ од обвинителството објаснуваат дека моментално се прави опсежна анализа на сите околности што се поврзани со работењето на компанијата. Предмет на проверки е целосниот правен, платен промет, но и комуникацијата на фирмата со други фирми, но и со органите на државната управа и администрација.

– Преку анализа на поврзаноста на дејствувањата на правниот субјект, на индиректен начин се врши целосно проверување на сите инволвирани субјекти, па на директен и индиректен начин се врши повеќеслојна анализа на дејствувањето на секој чинителите, велат изворите од обвинителството.

Освен компанијата во чија сопственост беше автобусот што изгоре, од каде што беше одземена документација, под лупа на обвинителството се и документи прибавени од Царинската управа, но и од Министерството за транспорт и врски, кое ги издава лиценците.

-Во овој момент се врши анализа и вмрежување на сите податоци што се прибавени, за да може да се добие јасна слика за тоа дали постои прекршување на законите, во кој размер и во која област, вели нашиот извор.

Формирана била интердисциплинарна група, секоја од свој аспект инволвирана во постапувањето по предметот.

Сепак, од обвинителството брифираат дека тие не можат да дадат одговор на евентуални системски пропусти, но ќе дадат одговор дали имало пропусти во работењето на институциите што ги истражуваат.

 ЌЕ ИМА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ИЛИ САМО ЗАБЕЛЕШКИ?

 -Доколку се пронајдат забелешки од административен карактер, ќе бидат доставени до соодветната институција, но доколку се пронајде основа на сомнение за сторено кривично дело, тоа ќе биде процесуирано во соодветна казнена постапка, велат од обвинителството. Тоа значи дека постапката може да резултира само со забелешки, но некој може и кривично да одговара.

Она што ја шокираше јавноста откако се случи несреќата беше информацијата дека автобусот што изгоре излегол од државата со подметнат извод од лиценца за меѓународен сообраќај.

– Евидентирано е дека во 2020 година, автобусот во 22 случаи има остварено влез-излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Министерството за транспорт и врски, кое, пак, е надлежно да ги издава лиценците за меѓународен превоз на патници, соопшти дека компанијата имала лиценца за меѓународен превоз, но автобусот што изгоре немал извод од лиценца за ваков превоз, туку на граничните премини покажувал извод од лиценца од друг автобус на фирмата.

Државниот инспекторат за транспорт, пак, ѝ пишувал кривични пријави на фирмата, но само за прекршување на ковид- протоколите.

Вонреден инспекциски преглед на автобусот немале направено, а одговорноста од таму ја префрлија во Царинската управа.

Цариниците, кои дента го пропуштиле автобусот да ја премине македонско-бугарската граница, не го ни евидентирале спорниот автобус зашто имало голем метеж.

Засега, казнети се само цариниците што го пропуштиле, а другите институции не чувствуваат одговорност за пропустите и трагедијата што зацрни десетици семејства.

Едниот од цариниците веќе не работи таму, а на другиот му се кратело од плата.

-За утврдените неправилности во постапувањето, за двајцата царински службеници што биле на смена кога возилото излегло од државата, веднаш беа преземени мерки за суспендирање од работното место. За нив се покренати дисциплински постапки.

На еден од царинските службеници што бил на смена му престана работниот однос во Царинската управа, а на вториот царински службеник изречена му е дисциплинска мерка – парична казна во висина од 15 отсто од последната исплатена месечна нето-плата во траење од 6 месеци, велат за „Фокус“ од Царинската управа.

Директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини, вината не ја гледаше кај себе и вели дека тие не може да контролираат 2.000 фирми со 13 инспектори.

Хусеини замина од директорското место, а неговото заминување го искористи вицепремиерот за политички систем, Артан Груби, тврдејќи дека тој бил разрешен поради случајот со „Беса транс“, за да покаже дека има санкции за секој што се огрешил од законот.

Сепак, Хусеини во изјава за „Фокус“ кажа дека не е разрешен, туку му завршил мандатот и ги исполнувал условите за пензија.

-Нема врска со „Беса транс“, туку ми заврши мандатот и имаше објавено оглас, бидејќи ги исполнувам условите за пензија, изјави Хусеини за „Фокус“.

 ДАЛИ ВОЗИЛАТА НА „БЕСА ТРАНС“ УШТЕ ТЕРААТ БИЗНИС?

На неговото место е назначен Гајур Рушити, кој единствено има информација дека на „Беса транс“ ѝ се одземени лиценците и не работи како „Беса транс“, но не знае дали сопственикот на оваа компанија, Беким Хаџиу, има формирано нова фирма и сѐ уште превезува патници.

Нѐ упати во Министерството за транспорт и врски, но и таму немаа информација дали Хаџиу или луѓе поврзани со него имаат нова фирма и продолжиле со бизнисот. Објаснуваат дека Хаџиу не е ниту обвинет, ниту осуден и дека доколку кај нив кој било ги поднесе потребните документи за превоз, може да добие лиценца за превоз на патници.

Токму овие дупки во системот и неговата нефункционалност ги отворија сомнежите во јавноста дека само еден месец по трагедијата комбињата на Беса транс, со извадена ознака превезуваа патници.

Беше објавено дека комбињата што порано возеа за „Беса транс“ со извадени ознаки и на диво превезуваа патници од Скопје кон Рашче и обратно, а за викенди, тури до Попова Шапка.

Исто така, се пишуваше дека поранешен вработен во „Беса транс“ и близок пријател на Хаџиу, како и поранешен возач во оваа фирма формирале фирми еден месец по трагедијата и продолжиле со превоз, иако и двете фирми немале лиценци за туристички агенции. Хаџиу демантираше дека има каква било поврзаност со фирмите. Тоа беше вторпат да се појави во јавноста.

 РУСКОВСКА ИСТРАЖУВА ПРОПУСТИ ВО МВР

Првиот пат се појави во бугарските медиуми, а во Бугарија остана неколку месеци, неофицијално додека да се смират емоциите тука и да се подмири со семејствата на загинатите. Сега, според нашите информации, е во Македонија и соработува со истражните органи.

– Сопственикот на фирмата е достапен и соработува со органите на прогонот, со цел утврдување на фактите во предметот, велат изворите од обвинителството.

Според истите извори, сервисирањето на возилото, од финансиски аспект гледано, е вршено во странство и не се знае дали и кои делови се заменети. Автобусот при регистрацијата и при извршениот технички преглед било исправно, но станицата за технички преглед „Виа комерц“ ја испитува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Анонимна пријава е доставена до обвинителството, кое сега утврдува како и зошто станицата за технички преглед „Виа Комерц“ не била затворена навремено, иако пропусти во работењето биле утврдени и нотирани во записник неколку месеци претходно.

Лиценците ги издава Министерството за внатрешни работи, па затоа се почна со прибирање документација, да се провери дали има надлежност на Одделението за гонење полициски службеници, односно дали воопшто има пропусти, велат од обвинителството за „Фокус“.

Она што е познато е дека на 12 август, тимовите на МВР утврдиле дека во „Виа Комерц“ контролите ги вршат нестручни лица и не се водат неопходните регистри. На 5 октомври, во оваа станица поминува технички преглед и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија на 23 ноември 2021, а министерот Оливер Спасовски три дена подоцна на 26 ноември го потпишува решението за забрана за работа со рок од 30 дена за отстранување на пропустите.

Сопствениците на станицата ги отстрануваат пропустите, со тоа што ја пререгистрираат станицата на друго име.

Зошто министерот Спасовски чекал повеќе од три месеци, министерот вели дека ќе утврди постапката што се води.

Јавноста бара одговорноста за оваа несреќа да не заврши како онаа кај Ласкарци, во која загинаа 14 лица.

За оваа сообраќајка што се случи со автобус на „Дурмо турс“, досега никој не е виновен, иако три години им се суди и на сопственикот и на возачот на автобусот и на други лица.

Додека трае судскиот процес, автобусите на „Дурмо турс“ си возат низ улиците, бидејќи не постои кривично дело за правниот субјект, исто како и возилата на „Беса транс“, кои, иако без ознака, се препознаваат низ улиците. Со тоа иронично ги потсетуваат граѓаните дека секое качување во автобус за нив може да биде фатално поради нефункционалниот систем, бидејќи на крајот, никој нема да биде виновен, или, пак, ќе биде виновен тој што е мртов.

Поврзани новости