АРХИВА Скопје 2014 веќе изеде три пати повеќе пари од најавените 80 милиони евра на Никола Груевски!

by Fokus

Текстот е објавен на 27 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ во бројот 865

Пишуваат Мери ЈОРДАНОВСКА Сашка ЦВЕТКОВСКА

Пред две години, ова време, или последниот четврток од февруари во 2010 година, премиерот Никола Груевски на седница на пратенички прашања во Собранието реагираше на наводите на опозицијата, која тогаш тврдеше дека проектот Скопје 2014 ќе чини повеќе од 200 милиони евра. Реплицирајќи му на пратеникот на СДСМ, Андреј Петров, Груевски смирено и многу сигурно изјави дека опозицијата непримерно и без докази фрла дрвја и камења по овој проект, а стотиците милиони кои ги спомнуваат се далеку од разумот.

– Проектот Скопје 2014 нема да чини 200, туку 80 милиони евра. Реализацијата на проектот, ако се има предвид дека ќе се спроведе во осум буџетски години, значи дека нема да бидат ангажирани големи средства – изјави премиерот на 25 февруари 2010 година.

Од тогаш до сега се направија многу ребаланси на буџетот, се склучија многу анекси на договорите, се појавија едночудо непредвидени работи, а богами и непредвидени споменици и објекти, кои  го дополнија и надградија Скопје 2014. Па така, осумдесетте милиони  на Груевски станаа дури и повеќе од 200 милиони евра, во тврда градба, претежно барокна.

ЧЕТВРТ МИЛИЈАРДА ЕВРА ЗА НОВОТО СКОПЈЕ

Ако се соберат парите предвидени во основните договори, па потоа и оние во анексите на договорите, „Скопје 2014“ стигнува до  фантастични 240 милиони евра. Службата за општи и заеднички работи, Министерството за култура и општина Центар се трите најважни „играчи“ во градежниот мејкап на Скопје, кои досега успеаја да потрошат речиси четврт милијарда евра од парите на граѓаните за згради, мостови, огради, споменици, фонтани…  Според проценките на државниот ревизор, овие суми дополнително ќе растат, ако се има предвид дека допрва ќе се гради новиот Драмски театар, новата зграда за администрацијата, двете згради спроти „Бристол“, во кои ќе бидат сместени повеќе институции, зградата на ЕЛЕМ, како и реконструкцијата на зградата на Министерството за правда. Секако, осумдесетте милиони на Груевски престанаа да бидат „Библија“ во која мора сите да се колнеме, откако Бирото за јавни набавки на интернет-страницата почна да ги објавува договорите на институциите и фрли светло врз вистинските размери  на кешот што го изеде „Скопје 2014“.

Но, освен потрошените пари, бирото овозможи и увид во тоа како се трошат парите. Александар Димитриевски, новинар во телевизијата „Алфа“, кој подолго време ги истражува набавките за објектите од „новото“ Скопје, вели дека најспорните елементи во нив се токму парите за „дополнителни и непредвидени трошоци”.

– Во практика, чести беа дополнителните договори за непредвидени работи со добитникот на основниот тендер. Во некои случаи, тоа беа разбирливи суми, но во некои значeше и 29 отсто повеќе пари за одредени зафати од првично предвидените. Со време, стана јасно и дека добар дел од работите на терен ги работат подизведувачи, што значи дека дел од добитниците на тендерите можеби немале капацитет да ги извршат работите за кои биле одбрани на оглас, или пак си нашле фирми кои ќе ја завршат работата за помалку пари отколку што тие добиле од државата. На сето ова треба да се додаде и фактот дека поради недоволно јасни причини, одредени објекти не се завршени во рокот во кој беа најавени. Иако, според досегашните информации, сите овие ситуации се законски покриени со анекс договори, сметам дека можеби доколку сите овие услови биле познати во првичните тендери, ќе имаше поголема конкуренција и можеби пониски цени за изведба на проектот – вели Димитриевски.

ПАЈАЖИНА ОД СОМНИТЕЛНИ ЗДЕЛКИ

Добро разработените шеми на корупција во јавните набавки се нотираат во речиси секој извештај на невладините организации што го мониторираат овој процес. Градежништвото е прво на листата. Тоа е сектор каде има исклучително исплатливи манипулации, се вели во еден од извештаите на Институтот за граѓански комуникации. Кога го читате нивниот извештај, имате чувство како да читате семинарска тема за владината гордост „Скопје 2014“.

„Анкетираните од овој бизнис тврдат дека постојат можности за неколку форми на злоупотреба:  користење на помалку квалитетен, а со тоа и поевтин материјал од оној со кој е конкурирано и е добиен тендерот, употреба на помала количина материјал од таа што е наведена во спецификацијата, како и фирмата што го добива тендерот, ниската цена поради која била најконкурентна, потоа, во текот на градбата да ја надградува преку законски дозволената ставка за непредвидени трошоци. Бидејќи до вакви манипулации доаѓа и покрај тоа што во текот на секоја градба е предвиден посебен субјект задолжен за надзор, очигледно е дека станува збор за непринципиелно поврзување меѓу изведувачот и субјектот што го врши надзорот“, се вели во извештајот.

Токму на ова се темели најспорниот момент и во договорите што Министерството за култура ги склучува со изведувачите на објектите, најчесто со фирмата „Бетон – Штип“. Последниот од низата анекс договори е склучен кон почетокот на месецов.  Речиси 112.000 евра ќе се одлеат од буџетот на сметката на оваа фирма за „набавка, изработка, испорака, инсталација, монтажа, испитување и пуштање во работа на опремата и инсталациите предвидени во основните проекти за Стариот театар“. Се поставува прашањето, како е можно како непредвидена работа да се третира набавката и пуштањето во работа на опремата?! Секој лаик, кој не знае да разликува гипс од бетон, сигурно ќе знае дека набавка и испорака на опрема и нејзино пуштање во употреба треба да биде составен дел од секој договор, кога се гради објект. Но, ова најверојатно е еден од најманипулативните, но законски начини како да се добие на тендер. Се добива според најниската понудена цена, а потоа договорот се пумпа со анекси за непредвидени трошоци, кои, ни повеќе ни помалку, изнесуваат 29 отсто (од дозволените 30 отсто од основниот договор).

Што друго Министерството за култура прифаќа под ставката „непредвиден трошок“? Од она што е објавено на Бирото за јавни набавки, богами и тешко може да се разбере. Така, за изградбата на Македонската филхармонија, се јавиле непредвидени работи кои чинеле околу 90.000 евра. Но, кога ќе го отворите огласот, за да видите за што станува збор, еве на каков текст ќе наидете: „Во текот на изведувањето на работите од страна на изведувачот, констатирани се определени дополнителни работи кои треба да се изведат на објектот, со цел за негова изградба согласно Основниот и Изведбениот проект, а кои не се предвидени со основниот Договор. Сето тоа е потврдено и од проектантот, надзорот и стручната поддршка за реализација на овој проект. Констатираните дополнителни работи се неопходни за завршувањето на основниот Договор и технички и економски не може да бидат одделени од него“.

А понекогаш го нема дури ни тоа. Единствено што стои е дека со истата фирма со која е потпишан основниот договор, подоцна се потпишува и анексот, поради „непредвидени и дополнителни работи“, кои не ја надминуваат сумата од 30 отсто, па оттаму не е потребно да се распишува нов тендер. Тоа го раѓа и сомнежот за манипулации со јавните набавки, што отвора и работа за јавниот обвинител, особено ако се земе предвид дека минатата година на јавни набавки со непосредна спогодба се потрошени околу 35 милиони евра, што е за 52 отсто повеќе од 2010 година.

МАКЕДОНСКИ СТАТУИ ГИ ДВИЖАТ СТРАНСКИТЕ ЕКОНОМИИ

Повеќе од 32 милиони евра се потрошени само за спомениците поставени низ центарот на Скопје. И ако премиерот гордо најавуваше дека овие зафати ќе ѝ помогнат македонската економија, бројките говорат нешто сосема друго. Градоначалникот на општина Илинден и Владата се гордеат со странска инвестиција од 2 милиони евра, а во исто време вкупно 32,2 милиони евра за скулптури се одлеаја во странство.  Десет милиони евра е инвестицијата на Италијанците во општина Петровец, која така гордо ја најави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, а Македонија како од шега потроши 20  милиони евра на лиење бронза во Италија. Соседна Србија и нивната леарница Јеремиќ сме ја „помогнале“ со 3 милиони евра, а домашните РЖ Институт АД и ДГ Бетон за лиење и постаменти добиле речиси 10 милиони евра.

Се разбира, во овие трошоци не се пресметани хонорарите на авторите. На некои од нив, како авторката на Воинот на коњ, Валентина Стефановска, една од омилените на креаторите на проектот, трудот им беше проценет на речиси 2 милиони евра.

ПРЕД ДА ГИ ПОТРОШАТ ПАРИТЕ, ГИ ИЗИГРАА ПРОЦЕДУРИТЕ

Кога сме веќе кај скулптурите, со нив почна приказната наречена „Скопје 2014“, а тие покажуваат дека не само финансиите, туку и процедурите, кои овозможија практично преку ноќ да се смени физиономијата на градот, беа во духот на нетранспарентноста, а дискутабилна беше и законитоста.

Ако им се верува на очите, Гоце, Воинот на коњ и Даме се споменици, но ако се чита урбанистичкиот план, тие се само спомен обележја и личности од локално значење. Навидум смешно, но во пракса – итро. Законот за споменици е јасен: ако се работи за личност од локално значење, решава општината, но ако е споменик во прашање, тогаш процедурата ја води републичкото Собрание. Па така, Гоце, Даме и Александар станаа личности важни за општината Центар, а со тоа се избегна жолчна и јавна расправа во парламентот.

Откако на овој начин ги „реши” спомениците, односно спомен обележјата, на општина Центар ѝ преостана да ги изгласа измените во урбанистичкиот план. Експресно и по скратена постапка, Центар за само еден месец ги донесе измените кои засекогаш ќе го сменат ликот на градот. И анкета и стручна рецензија и мислење на институциите, сѐ се направило на крајот на декември 2009 година. Така, на пример, општината побарала од Министерството за транспорт и врски да им ја одобри документацијата на 18 декември, а овие за само два дена „успеале“ да ја разгледаат документацијата детално и на 20-ти истиот месец да пратат мислење дека сѐ е во најдобар ред.

На 29 јануари Советот на Град Скопје ги усвоил измените во државниот урбанистички план, со амин од само петмина граѓани на општината и со негативно мислење од експертите.  Да, експертите констатирале дека висината на дел од објектите и површините за градење не се во согласност со нормативите за градење. Дури и Паско Кузман и Управата за културно наследство не одобриле градење околу Камениот мост, бидејќи влегува во заштитената зона. Но, сето ова општината го отфрлила и брзо и ефикасно си го остварила она што веќе си го намерила.  И така, споменикот на Гоце Делчев, наместо на културно,  денес останува да стои на „минско“ поле за верски, етнички, партиски, естетски, па дури и меѓународни конфликти.

Така, полека но сигурно, почна да станува јасно дека градот ќе се менува и тоа по партиски тертипи, без стручна дебата, без јавна расправа и секако, без референдумско изјаснување на граѓаните. што е пракса во секоја цивилизирана држава кога се менуваат урбанистичките планови.

Сомнежите почнаа со процедурите, а продолжија со парите. Засега се 240 милиони евра, сума која претендира да расте незапирливо, со темпото на Преродбата.

РАМКА 1

 Фирмата шампион

ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА САМО ЗА „БЕТОНШТИП“

Ако на пребарувачот на Бирото за јавни набавки ја внесете фирмата „Бетон – Штип“ и ги побарате зделките за Стариот театар и Музејскиот комплекс што оваа фирма ги склучила со Министерството за култура, само за анекс-договори (исклучувајќи ги основните договори), се доаѓа до фантастична сума од 2,9 милиони евра!

Зошто Министерството постојано ја форсира оваа фирма, како носител на набавките, останува нејасно. Основните договори за двата најскапи објекти се склучуваат токму со „Бетон – Штип“, а понатаму и сите „дополнителни и непредвидени работи“ кои тежат милиони, а како единствен понудувач се јавува истата фирма.

„Фокус“ веќе објави податоци за оваа фирма, каде директор е Илија Бреслиски, кој не е баш расположен да разговара со новинари. Нашиот последен обид да добиеме објаснување како токму штипската фирма успева да ги добие најголемиот број тендери, заврши со погрдни зборови и спуштање на слушалка од страна на директорот Бреслиски.

РАМКА 2

Прашања без одговори

КУЛТУРА НА НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ

„Почитувани, со оглед на тоа што веќе еден месец чекаме одговор на прашањата за неделникот Фокус, принудени сме повторно да Ви ги поставиме, со надеж дека овој пат ќе бидете отворени кон јавноста и ќе не удостоите со одговор. Прашањата на кои упорно инсистираме на одговор се следните:

– Кога беа потпишани основните договори за изградба на Стариот театар, Музејскиот комплекс, Македонската филхармонија и Портата Македонија?

– Кој е износот на чинење содржан во основниот договор?

– Со која фирма е склучен основниот договор?

– Колку анекс-договори се потпишани досега за горенаведените објекти и за какви трошоци се однесуваа?

Се надеваме дека овој пат, во име на објективното информирање на јавноста и за подобра понатамошна соработка, ќе добиеме одговор на прашањата. Ви благодариме однапред“.

Ова е мејлот што втор пат „Фокус“ го испраќа до Министерството за култура, инсистирајќи на одговори, сѐ со цел да не се шпекулира околу сумата што се одлева од буџетот за проектот „Скопје 2014“. Одговор сѐ уште немаме добиено.

Анита Јовановска, портпарол на Министерството за култура, повторно истапи со истиот одговор, дека прашањата ќе ги проследи до надлежните служби. Но, за секој случај, нѐ упати да ја отвориме страницата на Бирото за јавни набавки и да си провериме самите. Јовановска, очигледно, не е запознаена дека основните договори од 2007 и од 2008 година не се достапни на оваа страница. Па еве, објавувањето на овој и-мејл, ќе го сметаме како наша трета молба за зголемување на транспарентноста на Министерството за култура.

РАМКА 3:

Државен завод за ревизија

ПРОЕКТOT ДОПРВА ЌЕ ЦЕДИ ПАРИ

Државниот завод за ревизија веќе се изјасни дека проектот „Скопје 2014“ допрва, во наредниве години, ќе цеди пари од буџетот преку анекс-договори.

Ревизорскиот извештај за Министерството на култура за 2010 година откри бројни слабости при изградбата на Македонската филхармонија, Стариот театар, Музејскиот комплекс, набавката на восочните фигури. Така, во изградбата на Македонската филхармонија, без да се распише тендер, дополнително бил ангажиран акустичар од Германија, на кој му биле исплатени околу 250.000 евра. Дополнителни промени биле направени и кај Триумфалната порта, со менување на идејното решение, па така во извештајот се вели дека трошоците не можат да се прифатат како реални и објективни.

„Во текот на 2011 и идните години извесно е дека Министерството за култура ќе пристапи кон склучување на дополнителни договори, преку спроведени постапки за јавни набавки со цел докомплетирање на изградбата“, се вели во ревизорскиот извештај.

Реагираа и од СДСМ:

– Додека во Јавното обвинителство молчат за негативните ревизорски извештаи за актуелните владини функционери, јас, како претседател на собраниската Комисија за култура, ќе иницирам јавна расправа и ќе предложам соодветни заклучоци за наодите на Државниот ревизор за работењето во Министерството за културa – изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

На ова одговори министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која тврди дека ревизорите дале позитивно мислење за работата на нејзиниот ресор.

– Жалиме што овој ревизорски извештај на Министерството за култура се разликува од оној кога СДСМ беше на власт, кој беше оценет како негативен. Доколку сакате да дебатираме на тема „Скопје 2014“, со сите реални аргументи и факти, како и досега, така и во иднина, Министерството за култура секогаш ви стои располагање – изјави Милевска.

СТАР ТЕАТАР

19 јануари 2007 година – удрен камен-темелникот на Стариот театар

23 јануари 2007 година – потпишан Oсновниот договор 33-11/13

(договорот не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Договорен орган:  Министерство за култура

Изведувач:  Бетон – Штип

Најавена цена: 4,5 милиони евра

2007- 2012: потпишани уште 7 анекс договори за непредвидени и дополнителни работи

Вредност на договорите:  1,5 милиони евра

Изведувачи: Бетон Штип, Ламоне Мореда, АДГ Конструктор Инженеринг ДД

Дополнителни трошоци: 25 милиони евра за набавка, инсталација, изработка и монтажа на инсталации, дополнителни и непредвидени работи, изработка на скулптури во гипс, мебел, опрема, осветлување, браварски услуги, проектантски надзор…

Изведувачи: Светлост театар ДОО Белград, Страбаг АГ, Ламоне Мореда ДОО и АД Соемс, Бетон-Штип и други физички лица.

Вкупна сума на чинење: Околу 30 милиони евра

МУЗЕЈ НА МАКЕДОНСКА БОРБА

19 мај 2008 година – потпишан Основниот договор 39-1140/28

(договорот не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Договорен орган: Министерство за култура

Изведувач: Бетон – Штип

Најавена цена: 4 милиони евра

2008-2012 година: Потпишани се уште 6 дополнителни договори за непредвидени работи

Изведувач: Бетон – Штип

Вредност на договорите: 2,3 милиони евра

Дополнителни трошоци: 1 милион евра за масовни сцени, 100.000 евра за рамки за слики, 1,5 милиони евра за 105 восочни фигури, 200.000 евра проект за мебел, 818.000 евра мебел, 220.000 евра за осветлување, 420.000 евра за витраж, 2,3 милиони евра за уредување на ентериер.

Вкупно потрошени буџетски пари: 13 милиони евра

Забелешка: Лани во мај почина работникот Горан Трајковски, кој работеше на изградбата на објектот „Музеј на Македонската борба и жртвите од комунизмот“. Трудовата инспекторат тогаш утврди дека скелето од кое што падна работникот било неисправно.

УСТАВЕН СУД ЗАЕДНО СО ДРЖАВЕН АРХИВ И АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ

23.03.2009 – Удрен камен темелник на новата зграда на Уставниот суд

Најавена цена: 24 милиони евра

Договорен орган: Служба за општи и заеднички работи на Владата

(основниот договор не е достапен на веб-страницата за јавни набавки)

Изведувач: Гранит АД Скопје

Вкупно потрошени пари за трите објекти: 31,4 милиони евра, без да се пресметаат основните договори со изведувачите.

За што се трошеа парите: стручен надзор, проектантски надзор, ентериерно уредување, релјефни композиции, монтажа на канцелариски мебел, градежно занаетчиски работи, дополнителни и непредвидени работи.

Изведувачи: Гранит АД Скопје, Градежен институт Македонија АД, Бетон АД, Етапа проект и други.

Забелешка: „Утрински весник“ лани објави дека подовите, плафоните и прозорците во новиот објект на Уставниот суд ќе чинат речиси 2,5 милиони евра. „Сѐ ќе биде изведено убаво, со стил“, изјави за Утрински весник Васил Доневски, директор на Службата за општи и заеднички работи, според кого износот од 2,5 милиони евра за посочените елементи од објектот воопшто не е превисок, ако се има предвид неговата големина?!

Светилки и рефлектори од 750.000 евра ќе ги осветлуваат новите згради на Уставниот Суд, Јавното Обвинителство и Министерството за надворешни работи.

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

27.02.2008 година – Потпишан основниот договор бр 39-201/12

25.03.2009 – Поставен камен темелник на објектот

Договорен орган: Министерство за култура

Изведувач: австриската фирма „Алпине Бау“ од Салцбург

Најавена цена: 5,8 милиони евра

Трошоци 2009-2012 – дополнителни проектантски услуги (50.000 евра), стручен надзор (130.000 евра), карабина (5,9 милиони евра), дополнителни и непредвидени работи (80.000 евра), основен и изведбен проект со мерења за акустика (250.000 евра)

Вкупна цена: 7,1 милиони евра (1,3 милиони евра повеќе од предвиденото)

Забелешка: Во ревизорскиот извештај за работата на Министерството за култура за 2010 година стои дека при изградбата на Македонската филхармонија без да се распише тендер дополнително бил ангажиран акустичар од Германија на кој му биле исплатени околу 250 илјади евра.

СПОМЕНИЦИ И МОСТОВИ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР

 Леарница Јеремиќ, Србија – 3 милиони евра

Скулптура на Питу Гули – 118.000 евра

Изградба на скулптури во бронза – 184.000 евра

Скулптура на Ѓоргија Пулески – 78.000 евра

Скулптура на Димитрие Чуповски – 80.000 евра

Скулптура на Паднатите херои за Македонија– 2,6 милиони евра

Леарница Ујевиќ – 302.000 евра

Скулптура на Димитар Поп-Георгиев Беровски – 68.000 евра

Скулптура Македонски бранители – 234.000 евра

ДГ БЕТОН – 8,1 милиони евра

Градежни работи за спомен обележје на Паднатите херои за Македонија – 1,8 милиони евра

Изградба на мостот Око – 2,3 милиони евра

Изградба на Летниковец – 352.000 евра

Изградба на постамент за скулптури – 210.000 евра

Постаменти за скулптури – 341.000 евра

Фонтана со придружна содржина – 3,1 милиони евра

Леарница Фернандо Маринели – 16 милиони евра

Скулптура Воин – 3 милиони евра

Лиење на скулптури и релјефи во бронза – 4,5 милиони евра

Лиење на скулптурата Основачи на МРО – 1 милиони евра

Лиење на скулптури во бронза – 710.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 843.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 1,1 милиони евра

Лиење на скулптури во бронза – 1,1 милиони евра

Скулптура Прво заседание на АСНОМ – 1,5 милиони евра

Гемиџии – фондерија Артистика – 963.000 евра

Лиење на двата лава – 1,2 милиони евра

Лиење на двата лава – 1,1 милиони евра

Галерија Пиедро Баззанти – 3,2 милиони евра

Изградба на споменик на Цар Самоил – 1,3 милиони евра

Скулптура на Ченто – 780.000 евра

Скулптура на Јустинијан Први – 1,2 милиони евра

РЖ Институт АД – 1,8 милиони евра

Скулптура на Климент и Наум – 580.000 евра

Скулптура на Св. Кирил и Методиј – 543.000 евра

Лиење на скулптури во бронза – 234.000 евра

Скулптура на Карпош – 540.000 евра

Конструктор инженеринг ДД Сплит со Крин КГ Прилеп,

постаменти за скулптури –– 203.000 евра

Ламоне Мореда,
фонтана во Вардар – 830.000 евра

Промотивен материјал за скулптури и релјефи – 152.000 евра

ВКУПНО: 32,2 милиони евра

П.С.

Податоцитe се однесуваат само на достапните информации од Бирото за јавни набавки, односно, не се вклучени голем број други споменици, како и хонорарите на авторите!

 

Поврзани новости