(АРХИВА) ,,Скопје 2014″: Груевски бил ороводецот, а до него биле фатени и Ставрески и Здравев

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 28 ноември 2019 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Кога во 2008 година беше промовиран мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ тогашната влада не сакаше да открие колку средства ќе чини барокната манија. Испровоциран од пресметките на опозицијата, дека за бетон и мермер ќе бидат потрошени околу 200 милиони евра, тогашниот премиер Никола Груевски попушти, па за прв пат од собраниска говорница се одважи да спомене пари, велејќи дека целиот проект ќе чини вкупно 80 милиони евра. Или, како што дообјасни, по „само“ 10 милиони евра годишно, бидејќи проектот ќе се реализирал во текот на осум години. Кажа Груевски и излажа!

Близу до вкупната сума која ќе се потроши не беше ниту тогашната опозиција, бидејќи последните пресметки покажуваат дека досега се потрошени неверојатни 680 милиони евра.

Како минуваа годините, проектот постојано се надградуваше и прошируваше со нови споменици, згради или мостови, а сумите се билдаа со стотина дополнителни анекси.

Иако вистината излезе на виделина, сепак пред лицето на правдата не се исправи никој. Обвинителството три години „истражуваше“ криминал, а потоа задачата ја презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Поради објективен сплет на околности, но се чини и субјективни на шефицата Катица Јанева, и тие не можеа да ги добројат потрошените пари за бронза и мермер.

ЈАНЕВА ОДБИЛА ДА ПОТПИШЕ ИСТРАГА ЗА ДЕЛОТ СО СПОМЕНИЦИТЕ

„Истрагата за проектот „Скопје 2014“ е при крај. Финансискиот дел од истрагата е насочен главно кон Италија каде што се изработуваа спомениците. Се трага и каде беа изнесувани парите од овој проект, а тука главно сме насочени кон Чешка, Грција, Британија, Холандија и други држави“.

Оваа ветувачка изјава уште  на 5 март 2018 година ја даде тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, но предметот сѐ уште не ја виде светлината на денот.

По три месеци, односно минатото лето, Јанева стисна на сопирачка па рече дека нема да се отвори истражна постапка за правните и физички лица вклучени во проектот „Скопје 2014“, се додека не се докаже каде завршиле буџетските пари, кај физички или правни лица и дали тие средства се внатре или надвор од земјава. И оттогаш штама.

Откако Јанева заврши со лисици на рацете, од СЈО ни стигна абер дека еден дел од истрагата за „Скопје 2014“, поточно за спомениците бил завршен, само се чекало шефицата да стави потпис на наредбата за отворање на истрага.

Поточно, овој предмет бил поделен на неколку делови, за што биле задолжени неколку обвинители, а кои на крајот требало да се обедини.

Делот околку набавката на спомениците бил финиширан уште во април 2018 година, но сепак од непознати причини Јанева одбивала да потпише.

Како што дознаваме, дел од обвинителите застанале на нејзина страна, односно сметале дека најпрвин треба да се изработи вештачењето кое им недостасува, односно како биле прикривани исплатите оддржавниот буџет кои оделе за оваа намена. Сепак признаваат, дека тоа вештачење можело да се изготви и во текот на истрагата, бидејќи тие веќе ја имале разработено целата шема на финансирање, и им недостасувала уште стручна поткрепа.

Дел од нашите соговорници пак велат дека Јанева можеби покрај оваа објективна причина имала и некоја субјективна, за кој може само да се нагаѓа. Шпекулациите, по „Рекет“, одат дури дотаму дека можеби Јанева сакала да амнестира некој од осомничените, чија листа е предолга.

Оваа предистрага и понатаму продолжува да фаќа прашина, бидејќи и по распадот на СЈО предметот сѐ уште не е распореден за работа во редовното обвинителство.

ОРОВОДЕЦ БИЛ ГРУЕВСКИ, А ПАРИ НА МУЗИКАТА ЛЕПЕЛ СТАВРЕСКИ?

Според неофицијалните информации до кои дојде „Фокус“, листата на можни осомничени за овој предмет била предолга. Ороводец, или прв во фокусот на истражителите бил екс премиерот Груевски. Ова не е за изненадување, бидејќи и по „бомбите“ кои беа објавувани јавно се создаде впечаток дека тогашниот премиер бил идејниот творец, планер, дизајнер и реализатор на проектот.

Една фонтана има во Рим, со обелиск, многу убава, сакаме така да биде, ама како тоа да го изведеме, дали претходно да направиме идејно решение или како? И фонтана и обелиск. 20 метри обелиск. Столб, знаеш она…“.

Оваа желба Груевски му ја соопштува на тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кога зборуваат за изгледот на фонтаната што требало да се гради пред зградата на „Алпине“. Премиерот предлага на тие што ќе градат да им се наметне и фонтаната, односно да мораат да ја изградат.

Тука е и легендарниот разговор во кој премиерот го учи министерот дека барок и класицизам не е исто, и дека тој инсистира се да биде во барок. Кога разговараат за изгледот на катната гаража во Центар, настанува одредена забуна дали таа ќе биде во „барок“ или „класицизам“.

„Барок ти е едно, класицизам е друго Миле“. Тие од Вашингтон се класицизам“, го подучува Груевски министерот Јанакиески.

Иако премиерот немал проблем зградите да бидат што поголеми, неводејќи сметка за тоа колку ќе чинат, сепак се загрижил за една 15-катница, која требало да никне во Центар. Грижата не му била околу тоа дека оваа зграда дополнително ќе го угуши централното градско подрачје, туку дали ќе може да се изгради во барок, бидејќи како што вели во еден од разговорите „не постои барок од 15 ката“!

И додека во СЈО немале дилема дека Груевски е мозокот, тргнале да го бараат и оној кој го одбрзал државното кесе. Наводно сите траги воделе кон Зоран Ставрески, односно тогашниот  министер за финансии.

Името на Ставрески за прв пат се појавува меѓу потенцијалните осомничени од СЈО. Тој иако беше во врвот на претходната влада, и во него беше клучот од државното чекмезе, сепак не беше опфатен во ниту една од отворените истраги.

Од објавените „бомби“ се виде дека Ставрески честопати ги критикувал барањата на шефот, па каде што била матна работата, се оградувал и не ставал свој потпис.

Сепак, според нашите извори, тој е „уловен “ во предистрагата за мегаломанскиот проект, и тоа во делот околу одлевањето на финансиите.

Како и да е, тоа не значи дека по дифолт би бил осомничен, па потоа и обвинет. За тоа мора да се почека официјалниот почеток на истрагата.

ЗДРАВЕВ БИЛ КОНЕКЦИЈАТА СО ЛЕАРНИЦИТЕ ВО ИТАЛИЈА ?

Рамо до рамо до Груевски, во предистрагата бил и Владимир Здравев, поранешниот претседавач на Советот во Општина Центар и директор на МЕПСО. Според неофицијалните информации до кои дојде „Фокус“, тој бил истражуван како можна врска со леарници во Италија, но и како влијателен играч во Општина Центар.

Во период од две години, од 2008 до 2010 година Здравев истовремено беше и генерален директор на АД МЕПСО, државната компанија за пренос на струја. Поради тоа реагираше Антикорупциската комисија, која констатираше дека Здравев не може да има две функции истовремено и побара во рок од 15 дена да се откаже од една „фотелја“.

Тој одбра да замине од директорското место во МЕПСО и да остане во Општина Центар. Здравев беше претседавач на Советот на Општина Центар во мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, од 2009-2013 година, и тогаш Советот ги донесе сите измени на плановите за да се изведе „Скопје 2014“.

Андреј Жерновски како градоначалник на Општина Центар откри дека Здравев, кога бил претседавач со општината, осумпати патувал во Италија на товар на локалната самоуправа како дел од делегациите што се запознавале со условите за леење на спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Тогаш Жерновски рече дека е нејасно зошто Здравев морал да отиде во Италија, а уште помалку што бара таму екс-раководителот на секторот урбанизам.

-Трошокот за авионски билети е нешто помалку од 1 милион евра, или вкупно 1,5 милион евра се потрошиле за патување и сместување во Италија. Прашувам што барал претседателот на Советот таму и кој се согласил буџетот на Центар да се олесни за 1.5 милиони евра, прашуваше  Жерновски.

Здравев, есента 2016 се појави и на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓутоа тогаш не се дозна зошто и во кое својство.

Порталот „Призма“ пишуваше серија текстови за Здравев, односно за офшор-фирмите што се врзуваат си него, а еден од последните е за тоа како неговото семејството ја зголемува хотелската империја.

Неговата политичка кариера пак стартуваше како член на управниот одбор на Националната платежна картичка (НПК), која во првиот владин мандат на ВМРО-ДПМНЕ ја водеше помладиот братучед на Никола Груевски и брат на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков.

ВО БАРОКНАТА МРЕЖА ВПЛЕТКАНА И ЕКС МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА?

На оваа дружина обвинителите од СЈО ја приклучиле и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа- Милевска. Таа пак неколку пати во јавноста се правдаше дека проектот е чист како солза.

-За мене критиките за Скопје 2014-та се паушални, а во однос на материјалот на градбите, на кој како ќе му текне си дава изјави. Сите објекти се изградени, ставени во функција и постојат. Мојата политичка функција е менлива, но објектите остануваат тука, сè може да се провери. Сè е видливо и може да се провери на лице место, постои материјален доказ што ќе остане за идните геренации, изјави Канческа Милевска, пред три години, кога и СЈО ја отвори предистражната постапка.

На Канческа-Милевска веќе и се суди, за само еден мал дел од проектот „Скопје 2014“, односно таа е првообвинета во случајот „Тендери“.

Судскиот случај стартуваше во февруари минатата година, а финшот сѐ уште не се гледа. Според обвинението екс министерката, во 2011 година, ја фаворизирала градежната компанија Бетон Штип, која уште пред да биде распишан огласот, го добила тендерот за завршни градежни работи на Музејот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон – Штип“, а со овој договор бил оштетен Буџетот на РМ во износ од еден милион евра.

Овој случај требаше оддамна да биде завршен, но тоа не се случи бидејќи дел од рочиштата се одложуваа, а еднаш постапката почна од почеток поради изминати 90 дена од едно до друго рочиште.

Но освен овие пречки, обвинителот Стевче Донев се соочува и со други проблеми во судница, односно веќе двајца сведоци ги прогласи за непријателски, бидејќи нивните искази дадени пред суд се разликувале од она што го кажале во текот на истрагата. Или, во истрага сведочеле во ползан на обвинителството, а во судница се свртеле кон обвинетите.

Тука се појавија и двојните аршини на судиите, односно за првиот сведок му дозволија на обвинителот да му го предочи исказот кој го дал во истрага, а кога побара истото да го стори и со вториот сведок, не доби дозвола од судот.

Во јавноста се погласни се шпекулациите дека обвинението за овој случај се оддржува на стаклени нозе, но сепак извори од обвинителството велат дека не се загрижени бидејќи како не може да се игнорираат цврстите материјални докази, како и „бомбите“.

ЌЕ СЕ СПАСИ ЛИ КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА ОД „ТЕНДЕРИ“?

Обвинетата министерка беше една од пратеничките која се отцепи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ја крена раката за Уставните измени, поврзани со промената на името на државата. За дел од нив се шпелулираше дека се испазарени, на пример, случајно или не, синот на пратеничката Владанка Авировиќ, доби условна казна како осомничен од СЈО.

Па така, случајно или не, адвокатот на екс министерката,  Еленко Миланов, но и на уште многумина обвинети екс функционери, до Уставниот суд поднесе иницијатива со која се бара да се намали казната предвидена за кривичното дело за кое се гони неговата клиентка. Поточно, наместо сегашната предвидена казна од најмалку 5 години, адвокатот предлага да се врати старата законска одредба според која предвидената казна за Злоупотреба на службената положба и овластување да биде најмалку четири години. Доколку оваа иницијатива добие зелено светло од највисокиот суд, тогаш Канческа-Милевска ќе може да се „крсти“ во застарување на делото за кое се гони.

Под лупата на истражителите за „Скопје 2014“ наводно бил и поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кој во јавните настапи се обидуваше мувата да ја тргне од својата капа.

-„Скопје 2014“ е проект е на централната власт. Град Скопје за што давал дозволи за Скопје 2014? За фасадите да, ама за спомениците не. Ние како Град Скопје не сме поставувале споменици, се правдаше Трајановски.

Нашите доброупатени извори велат дека листата на осомничени за барокниот проект на Груевски е предолг, но дали за нив ќе се потврдат сомневањата и со поднесување на обвинителен акт останува да се почека.

Во тек е акција за оцрнување на обвинителите и истражителите од СЈО, па затоа нема да биде изненадување доколку овој предмет биде оставен и понатаму да фаќа пајажина. А, времето е клучно. Како поминува, сведоците добиваат амнезија, а осомничените дополнително време за да се испазарат. А, дотогаш можеби и ќе почне да ни се допаѓа класицизмот, упс, барокот.

ДЕЛ ОД ОБЈЕКТИТЕ БИЛЕ НЕЗАКОНСКИ ВПИШАНИ ВО КАТАСТАР

И додека обвинителите веќе со години го истражуваат проектот, „Фокус“ дојде до нови сознанија што фрлаат дополнителен сомнеж дека проектот не е чист. Поточно, според нашиот извор, кој инсистира да остане анонимен, се правеле манипулации и при впишувањето на делот од објектите во катастарот на недвижности.

Значи, покрај тоа што неконтролирано растеа трошоците за изградба на објектите и спомениците, за дел од нив на лице место се менувале и димензиите, кои не одговарале со оние напишаните во одобренијата за градба. Или, пак, имало и случаи кога објектите се граделе на земјиште за кое не биле расчистени имотно-правните односи, поради што не можеле легално да се впишат во катастарот, а со тоа не можело ниту да се извади имотен лист.

Нашиот соговорник ни раскажува дека кога во Агенцијата за катастар на недвижности требало да се впишат објектите од проектот, или објекти изградени од странски инвеститори, од стратегиско значење за државата, некои од вработените добивале задолженија по кои требало итно да постапуваат, односно да ги решаваат со приоритет.

И сѐ ќе беше в ред доколку овие објекти, меѓу кои беа и Музејот на револуционерната борба, мостот кон обвинителството, споменикот „Воин на коњ“, Музејот на холокаустот, зградата на ВМРО-ДПМНЕ, имаа уредна документација. Но, во предметите имаше несовпаѓање на издадената документација, во смисла на поголема површина или габарит од изграденото, дислокација на објектите и несовпаѓање на носителите на сопственоста, поради што не постоеше легален начин за нивно впишување во Катастарот, открива нашиот извор.

Додека локалната власт во Центар беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите недостатоци се исправувале, но по промената тоа било оневозможено.

Практиката беше тие предмети и пред да бидат поднесени за впишување во Катастарот, се даваа на разгледување на геометар, за подоцна да не бидат одбиени, зашто така би имало доказ, односно би останала трага за причините за одбивањето. Затоа, откако ќе се утврдеа недостатоците, исправките се вршеа во општината, но со менувањето на власта и отпочнатата ревизија на проектот, исправките беа оневозможени, вели нашиот соговорник.

Корекции на документацијата, според неговото кажување, биле правени и за впишување на споменикот „Воин на коњ“ или Александар Македонски. Кога го поставиле споменикот, геометрите утврдиле дека е поставен на локација надвор од градежната дозвола, по што се интервенирало во проектната документација, се прекројувале парцели, а потоа легално бил впишан во евиденцијата на Катастар.

Откако вонредното пеглање на документацијата било запрено, со што се оневозможил и легалниот упис, вработените наводно добивале наредби и биле под притисок по секоја цена да ги впишат објектите, иако документацијата не била исправна. Оној кој им го вршел притисокот се правдал дека и нему му вршат притисок од Министерството за транспорт и врски.

Дали и овој катастарски феномен ќе биде дел од започнатата предистрага останува да се почека.

 

 

 

 

 

 

.

Поврзани новости