АРХИВА Скандалозно откритие во домот на шефот на Петтата управа: Горан Грујевски водел тефтер за следење на специјалните обвинители!

by Fokus

Текстот е објавен на 8 април, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1070

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Тоа што на крајот на Горан Грујевски од Петтата управа му беше определен само куќен притвор, наместо оној класичниот во Шутка каде што помина еден викенд колку да се соочи со вистината и со мизерните услови, значи дека сепак постојат основани сомненија дека тој може да влијае врз сведоците, да избега или да го повтори делото, што само ги поткрепува сознанијата на СЈО за сторените кривични дела – уништување на опремата за прислушување во МВР и фалсификување исправи за да се оправда операцијата со пресување и дробење на уредите за следење. Мерката домашен притвор има уште поголемо значење ако се знае дека законски се изедначува со притворот. Но, она што е спорно и што отвори дилема е како претходно истите судии за полесни кривични дела определувале притвор, но не и во предметите насочени кон функционери на власта кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Претходниот пат, кога СЈО предложи притвор за ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески во досието за изборни нерегуларности „Титаник“, според информациите кои беа пренесени наспроти официјалниот став, судот не верувал во квалитетот на предлогот на специјалните обвинители и сметал дека настапот со презентираните материјали не бил уверлив за да се определи мерката притвор. Сега, во контекст на тоа дека, сепак, висок и значаен полициско-партиски функционер заврши во куќен притвор, очекувано е дека СЈО имало и посериозни докази и поаргументиран настап.

Практично, судиите Јани Нича, Ивица Стефановски и Александра Крстиќ како членови на Советот на судот како да не застанале против решението на судијата на претходна постапка Јован Лазаревски, кој одреди притвор за Грујевски, иако ја преиначиле мерката во куќен притвор. Тие ја искористиле законската можност со која двете мерки како да се изедначуваат. И до тука сѐ е во ред. Но, тоа што само определиле Грујевски да не го напушта домот, а не му ги ускратиле можностите да комуницира со кого сака и лично и преку средствата за комуникација, отвора сомнеж за пристрасност во нивната одлука.

Судот секако дека ќе остане запаметен како последната тврдина на власта затоа што таму е клучот за судските процеси што ќе следат против нејзините функционери. Кај судот се одлуките за притвор, но уште поважно, судот го оценува обвинителниот акт и одредува за кои обвиненија ќе има судење, а кои ќе се отфрлат. На крајот, доколку обвиненијата бидат прифатени, судечките совети се тие кои може да ги осудат или да ги ослободат обвинетите функционери, односно да им одредат затворски казни, ако СЈО навистина има докази со кои ќе ги поткрепи жестоките јавни настапи дека власта е криминална и дека ги узурпирала институциите, кои наместо да му се спротивстават на криминалот, станале негови соучесници.

КОЈ СОВЕТ ОДЛУЧУВА ЗА ПРИТВОРОТ?

При одлучувањето за притворот на Горан Грујевски од Петтата управа, предводник на групата во досието „Тврдина“, советите на Кривичниот и на Апелациониот суд се судрија околу одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП), кои се однесуваат на мерката притвор и одново покажуваат аномалии или оставаат простор за поинакви толкувања и примена. Имено, кога Советот на Основниот суд одлучи да ја промени одлуката на судијата на претходна постапка и притворот на Грујевски да го замени со куќен, во поуката остави простор за жалба.

Жалба поднесе Специјалното јавно обвинителство, кое и натаму смета дека беше неопходно Грујевски да остане во притвор во Шутка, особено затоа што може да изврши влијание врз сведоците во предметот ако се знае неговата функција, позицијата во партиско-политичкото дејствување и моќта што ја има натрупано низ годините додека управувал со Петтата управа. Но, жалба поднесоа и адвокатите на Грујевски, кои, пак, очекувано, го имаат спротивниот став – дека и куќниот притвор е строга мерка.

Во што се состојат законските недоследности? Членот 163 од ЗКП, кој е посветен на куќниот притвор, практично оваа мерка ја изедначува со класичниот притвор. Во членот се наведува – ако постои сомневање дека лицето извршило кривично дело и има услови за изрекување притвор од членот 165 (се однесува на основите за определување на мерката притвор), судот може да определи мерка куќен притвор и да му нареди да не го напушта домот на определено време. Кривичниот совет на Основниот суд на Грујевски му определи токму ваква мерка. Иако истиот член му остава простор на судот да определи и други мерки, освен напуштањето на домот, како забрана за комуникација со лица или забрана за употреба на средства за комуникација, особено ако се има предвид жалбата на СЈО и нивниот страв од влијание врз сведоците, сепак таквата можност Кривичниот совет не ја искористи.

Како и да е, жалбите на СЈО и на адвокатите, предводени од Љупчо Наумовски, адвокат на ексминистерката Гордана Јанкулоска, стигнаа до Советот на апелација. Но, повисокиот суд не закажа јавна седница, како што инсистираа специјалните обвинители, по примерот на понискиот, Советот на основниот суд, туку едноставно оцени дека жалбите не се дозволени затоа што во жалбен степен практично одлучувал советот на понискиот суд.

Според членот 169, став 3 од ЗКП против решението на судијата на претходна постапка (решението со кое беше одреден притвор) е дозволена жалба во рок од 24 часа до советот на судот, чие, пак, решение е дозволено да се обжали до советот на повисокиот суд. Но одлуката на повисокиот суд проценува дека сепак, одлучувањето на Советот на Основниот суд било одлучување како во втор степен, ако се смета дека првостепен е судијата на претходна постапка.

ПРЕТРЕСОТ ОТКРИ ДЕКА ВЛАСТА ГИ СЛЕДИ СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

А токму тој, судијата на претходна постапка, за два дена имаше две збунувачки одлуки. Прво не сакаше да му дозволи на специјалното обвинителство да направи претрес во домот на Грујевски, а потоа ниту да издаде налог за негово приведување, за на крајот, утредента, кога по целоноќното криење, тој се појави пред истиот судија, да му определи притвор од 30 дена. Не може да се процени дали има логика во првичното објаснување на судијата дека е можно да сметал оти СЈО нема надлежност врз предметот, иако овој криминал со уништување на опремата за прислушување е директно поврзан со надлежноста на специјалното обвинителство, кое е формирано поради аферата со прислушувањето. Како и да е, подоцна, соочен со доказите и сериозноста на предметот, судијата избра да му определи притвор на Грујевски. Подоцна, сепак, Кривичниот совет му го замени притворот со куќен.

Но, откако Грујевски замина на викенд-престој во притворското одделение на затворот во Шутка, специјалните обвинители успеаја да издејствуваат и налог за претрес.

Конечно, по неколку дена од првичниот план, специјалните обвинители ги провериле двата дома на Грујевски, едниот во Скопје, другиот во Охрид. Таму биле откриени неколку компјутери, хард-дискови и друга опрема, која во текот на наредните денови ќе се проверува што крие и дали содржи некакви докази поврзани со делото за кое се сомничи. Со оглед на забележаната практика на бришење и уништување на доказите, има претпоставки дека Грујевски претходно уништил или сокрил сѐ што поседувал во врска со уништувањето на опремата на МВР за прислушување или со други кривични дела од надлежност на СЈО, но информатичките форензичари на обвинителството ќе копаат и по архивата на опремата за да го откријат тоа.

Сепак, она што предизвикува страв и сомневање дека власта нема намера да престане со опструкции на обвинителите на Катица Јанева е откриениот нотес во кој биле запишани податоци од кои може да се заклучи дека специјалните обвинители биле следени од страна на агенти на УБК или, пак, од приватно ангажирани професионалци!

Извори за „Фокус“ пренесуваат дека низ страниците од нотесот, кој е чудно како Грујевски не го уништил или не го отстранил, била водена евиденција за специјалните обвинители и тоа педантно, со сите важни податоци. На пример, покрај името и презимето на обвинителот од СЈО, стоеле податоци за кои Грујевски и неговите претпоставени сметале дека се значајни, како што се местото на живеење, релациите и контактите со други лица, соработници и сл. Дали „дневникот“ го пополнувал Грујевски или некој негов оперативец, сѐ уште е непознато, но белешките се откриени во неговиот дом. Понатаму, за секој обвинител било наведено на кои предмети е ангажиран и како му напредува истрагата.

Ова значи дека власта однапред знаела за покренатите истраги на специјалното обвинителство – „Титаник“, „Тортура“ и „Тврдина“ и лесно можела да сокрива и да уништува докази. Дури, како потврда дека владејачката партија практично знае за секој потег на СЈО, е информацијата дека во белешките од нотесот се посочувале и сведоците со кои обвинителите имале контакти, и информациите кој од испрашаните сведоци се согласил да изнесе сознанија, факти или докази. Сето ова отвора сомневања дека на овој начин владејачката партија преку своите истурени луѓе во МВР и во УБК, лесно можела да влијае врз сведоците на специјалното обвинителство.

Оперативниот план на Грујевски, забележан во нотесот, открива дека владејачката партија не ѝ оставила ништо на случајноста. Во својот препознатлив стил – сѐ да има под контрола, воспоставила систем за следење на акциите на СЈО. Познатите прислушувачи и демначи на илјадници граѓани сега измислиле начин како да дознаат што работи Јанева, кого гони, какви докази има, кои ѝ се сведоци? Колку и да звучи неверојатно, ова е само потврда дека ДПМНЕ има инсталации внатре во СЈО што ѝ помагаат, дека ангажира агенти што ги следат. Власта практично однапред знае со кого СЈО одржува средби и контакти во интерес на истрагите, кои се доушниците што имаат докази против криминалното владеење на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, каква стратегија има Јанева во конкретните предмети? Овој план во нотесот на Грујевски може да се смета како потврда дека главните во ВМРО-ДПМНЕ можеле да пресретнат многу проверки, документи и докази пред тие да стигнат во папките на Јанева.

Ваквиот начин на следење на специјалните обвинители, со цел да ги имаат на око и да знаат со што се соочени криминалците на власта, отвора и други димензии на операцијата. Фактот дека писарот секојдневно внимателно запишувал кој обвинител што прави, каде оди, со кого зборува, какви наредби издава, значи оти некој морал да го полни со информации и податоци. Очигледно е дека ДПМНЕ располагала со свои агенти и шпиони на терен. Освен физичкото следење, сега ќе се проверува дали имало и поинакво следење, односно дали специјалните обвинители се прислушувани, дали им се монтирани видео и аудиорикордери во домовите или во работните простории и кој сѐ е инволвиран во незаконското следење на обвинителите?

Многу важно ќе биде да се утврди дали меѓу луѓето што ги следеле обвинителите има вработени во УБК, и ако има, дали тие го користеле работното време и државните ресурси за партиски услуги? Кому му реферирале и кој сѐ бил запознаван со податоците од терен, но и со оние внесените информации во нотесот на Грујевски? Дали на агентите – демначи им се исплатувале дополнителни пари или, пак, тоа морале да го прават за платата што ја добиваат од државата?

И на крајот, колку кривични дела се сторени и од колкумина при следењето на Јанева и тимот, но и најважното – кој е нарачателот на операцијата за следење на специјалните обвинители, кој го изработил планот, кој ангажирал агенти? Ако нешто се знае од многуте прашања што ги отвора ова „филмско“ сценарио на власта за тајно прогонување на обвинителите, тогаш тоа е целта на мисијата. Јасно е зошто власта сака да знае се за специјалните обвинители. Во истрагите на СЈО се крие целиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ и Фамилијата, а власта секако дека сака да ги попречи во истрагата. Со следењето само покажува дека во иднина не се исклучени и посериозни удари врз обвинителите – закани, притисоци, ризични посети… Сето ова заради попречување на истрагата на СЈО, за да се уништат докази како што е направено со опремата за прислушување.

Сега дури станува јасно зошто Грујевски не останал во својот дом ноќта кога му затропа Катица и како успеа да се сокрие до утредента додека самиот не се појави во судот, за разлика од поранешните акции на МВР кога Јанкулоска организираше спектакуларни настани со масовни приведувања и лисици пред камерите. Можно ли е Грујевски однапред да знаел дека ќе има непријатна посета токму од информациите што ги добил од терен, од следењето на специјалните обвинители? Ако е така, ова значи дека мисијата за следење на специјалните обвинители била успешна. Практично, во оваа ситуација владеачката партија била чекор пред СЈО. Таа не може да запре одредена истрага, но со набљудувањето на работата на обвинителите може да ги загрози сведоците и да процени кои докази да ги уништи, за да се извлече.

Сепак, останува отворено прашањето како Грујевски го заборавил нотесот во својот дом!?

Уште од самиот почеток беше јасно дека владеачката партија ќе ги користи сите дозволени и недозволени средства за попречување на истрагата на СЈО, но малкумина очекуваа дека ВМРО-ДПМНЕ и неговиот режим ќе се соголат дотаму, за да организираат следење на обвинителите.

КАДЕ Е ФАБРИКАТА ЗА ФАЛСИФИКАТИ – КАЈ ПЕПИЌ ИЛИ КАЈ ЧАУШОТ?

Постапките на Грујевски во врска со делото за кое се сомничи – уништување на опремата за прислушување, може да откријат и нови осомничени. Прво мора да се утврди кого сакал тој да заштити со уништувањето на опремата – дали станува збор за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков? Дали со дробењето на апаратите на отпад се сокриени трагите за тоа кој го нарачал прислушувањето на илјадници граѓани и со каква цел?

Иако е извесно дека во наредните месец-два нема да бидат поднесени обвинителни акти за ниту еден предмет, сепак СЈО интензивно ги подготвува доказите за истрагите за кривичните дела што ги води, затоа што знае дека судот е инструмент на владејачката партија и ќе вложи максимални напори да му се спротивстави. Затоа Специјалното обвинителство мора да има план како да ги скрои обвиненијата за да не може Советот за оценка на обвинителниот акт да ги минимизира и да спречи судски процеси.

СЈО отвори повеќе предистражни постапки, а тоа најдобро го знаат функционерите на владејачката партија преку нотесот на Грујевски. Таму бил забележан секој отворен предмет, кој обвинител го застапува и што презема на терен. Очекувано е дека меѓу првите обвиненија ќе биде тоа за изборни нерегуларности затоа што со тој предмет, доколку се докаже и ако се санкционираат осомничените, ќе се утврди дека неколку изборни циклуси биле местени.

Во рамките на овој предмет, познат како „Титаник“, е и „фабриката“ за производство на лажни лични карти. Имено, при претресот кај Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, откриени се материјали кои упатуваат дека навистина некаде, надвор од МВР се штанцале лични документи со цел да се искористат за избори. И аудиоснимките од прислушувањето потврдуваат дека власта користела инсталации надвор од институциите кои учествувале во големата операција за фалсификување документи. Секако дека СЈО ќе мора да открие кој сѐ бил вклучен во мрежата фалсификатори, особено кој ги обезбедувал личните податоци користени при изработката на личните карти?

Наспроти истрагата на СЈО за откривање погон за производство на лични карти кои се користеле на избори, власта преку Јавното обвинителство на Марко Зврлевски не се откажува од „фабриката за афери“ на Захир Беќири Чаушот. Иако случајот и натаму останува мистерија во однос на многу прашања и нејаснотии што се појавија во јавноста, пред сѐ, кој ги изработил личните карти, со каква цел и колку се на број, сепак обвинителството покрена обвинителен предлог по скратена постапка и во текот на април ќе се одржи и првото судење. Освен Чаушот, обвинет е и неговиот брат Имер Беќири. Според обвинителниот предлог, 105-те лажни лични карти кои „Фокус“ ги предаде во полиција како да се изработувале во домот на браќата.

Имено, во обвинението стои дека тие извршиле неколку кривични дела поврзани со фалсификување документи, но покрај сите други помалку значајни дела (фалсификувано полномошно, медицинска потврда, возачка дозвола) карактеристично е што на товар им се става производство на точно 105 лични карти, и тоа оние на „Фокус“. Се тврди дека Чаушот ги имал податоците на гласачите преку Државната изборна комисија, но како ги обезбедил, во обвинителниот предлог не е посочено. Потоа наводно направил 105 лични карти со намера да ги искористи како вистински, иако не е посочено како, каде и за што?

Наводно, во опремата на Имер се откриени фајлови со податоци кои одговараат на податоците испишани во личните карти кои ги имаше „Фокус“. Во обвинителниот предлог се наведува дека на хард-диск насловен како „Хавит“ се пронајдени сите лични податоци кои биле користени да се вметнат во фалсификатите. Тоа го правеле при крајот на октомври минатата година, пред личните карти да завршат во „Фокус“ кон средината на ноември. Но, не се знае дали на хардот има податоци и на други гласачи кои не се искористиле за лични карти, или, пак, се искористиле, а таквите лични карти не се во овие 105 кои јавно се прикажаа.

КАДЕ ИСЧЕЗНА АДНАН СУМА?

Но, никаде во обвинителниот предлог го нема Аднан Сума, човекот кој беше посочен за главен фалсификатор пред вниманието да се фокусира на Чаушот! Дента кога првпат полицијата упадна во неколку домови со налог за потрага на наркотици беше откриена опрема за фалсификување и во домот на Сума во Скопје. Тогаш се тврдеше дека е откриена групата фалсификатори која наводно работела за опозицијата. Токму Сума, заедно со Чаушот, беа наречени фалсификатори кои лесно произведувале каков било документ. Затоа сега Чаушот одговара и за фалсификување медицински потврди, полномошна, возачка дозвола и уште неколку документи. Но, каде е Сума? Кој го заштити и зошто? Истиот ден кога беше претресуван, нему му беше откриена бројна опрема и материјали за фалсификати, но и по четири месеци од приведувањето, не само што не му определија притвор, туку него едноставно го снема од фокусот на вниманието на основното јавно обвинителство. Знак дека некој и натаму го штити, а не се исклучува да биде и сведок, со цел да се дискредитираат другите, секако дека се медиумските написи во медиумите на власта во кои Сума веќе не се ни споменува. Првите денови провладините мегафони не испуштаа секојдневно да ги објавуваат фотографиите на лидерот на СДСМ, Заев, со Чаушот и на министерот Спасовски со Сума. Двајцата осомничени беа нарекувани фалсификатори, додека опозициските политичари – нивни пријатели и сојузници.

Но, очигледно е дека по партиската наредба да се изолира Сума и медиумите престанаа да го спомнуваат, со тоа што неколкукратно ги зголемија ударите против Чаушот, со што практично вниманието на јавноста го пренасочија кон него и сите заборавија дека во конструкцијата имаше уште еден фалсификатор, и тоа не каков било, туку искусен, со педигре, со купишта кривични пријави и процеси за фалсификати, но секогаш на слобода за да може владејачката гарнитура да ги користи неговите услуги. И затоа е важно да се открие дали и што од тоа што е откриено кај браќата Беќири, му припаѓало на Сума.

Индикативно е дека во обвинителниот предлог нема ниту збор за фалсификуваните пасоши за кои пишуваше „Фокус“ уште во 2014-та, а за кои власта и „куририте“ постојано повторуваа дека се изработувани во домот на Чаушот, затоа што тепихот од снимката со пасошите и оној од една фотографија на која е сликан, но за која не се знае каде е фотографирана, имал ист дезен. Исто како што покрај многубројната откриена опрема кај Чаушот ја нема клучната – онаа за производство на лични карти. И секако, во обвинителниот предлог нема ниту збор за илјадниците прислушувани материјали. Се сеќавате дека по претресите во неколку домови, тим на Јавното обвинителство на Зврлевски излезе на прес-конференција и потврди дека за два месеца ќе има резултати од вештачењето на аудиоснимките, но иако изминува четвртиот месец, нема абер за тоа какви се снимките, од каде произлегуваат, кој ги снимил и на што се однесуваат, како и кој е одговорен за нивната дистрибуција, иако при секоја појава на тајна аудиоснимка со приватни разговори на јавните личности на јутјуб каналот, владините мегафони не пропуштаат да го споменат Чаушот, дека снимките потекнуваат од кај него.

Но, се знае зошто обвинителството ја премолчува приказната за аудиоснимките пронајдени кај браќата Бехири. Ако се објави дека тоа се навистина снимки од нелегалното прислушување, тогаш предметот ќе мора да оди во Специјалното обвинителство. Но, ако таму замине досието со фалсификатите на Чауш, а ќе мора, тогаш власта ќе нема случај за да му контрира на СЈО и ќе нема месо за партиско- медиумските трубадури!

Поврзани новости