АРХИВА Сите ветуваа трамвај, а скопјани ќе добијат „трамвај на тркала“

by Фокус

Текстот е објавен на 05 мај 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1335.

На последните локални избори, дојде до промена на власта во Град Скопје, што ја искомпликува реализацијата на проектот за таканаречен трамвај на тркала, што го промовираше поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, а сега се обидува да го преиспита неговата наследничка Данела Арсовска.

Своевремено, Фокус пишуваше за БРТ-системот, кој е составен од издвоена сообраќајна лента и хибридни автобуси, а предвидено беше овие автобуси да се движат по средишниот дел од булеварите. Иако очекувањата беа дека скопјани ќе може да се возат до 2024/25 година, сепак, тоа е крајно неизвесно.

Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Наместо со децении најавуваниот трамвај, Скопје ќе добие брз автобуски превоз или оригиналното име Bus Rapid Transit (БРТ). Овој систем, кој уште го нарекуваат „трамвај на тркала“, се состои од издвоена сообраќајна лента само за автобусите.

Град Скопје за овој проект доби 70 милиони евра позајмица од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), колку што е и вкупната негова цена. Во оваа цена влегува изградбата на инфраструктурата, како и набавката на возилата. Ќе бидат набавени 60 вакви автобуси со должина од 18 метри. Автобусите ќе бидат хибриди: комбинација на електричен погон и метан.

ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА ПРВАТА ТРАСА

БРТ системот ќе има две траси: првата од Ново Лисиче (последна 5-ка) до Ѓорче Петров (кружниот тек кај пазарот). Втората траса ќе биде од населба Стаклара (во кругот на поранешната фабрика „Охис“) до Бутел (железничката станица на булевар „БИХ“).

Во првата фаза ќе се гради трасата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. За оваа траса, Град Скопје распиша тендер за изработка на идејно решение, кое досега треба да е завршено, но Градот сѐ уште го нема објавено. Според најавите, идејното решение требаше да биде објавено во март годинава.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека идејното решение е во завршна фаза, односно се чека верификација од страна на експертите од ЕБОР.

Сообраќајното идејно решение е на крај, ги чекаме експертите од ЕБОР да го верификуваат и да го презентираме. Во овој момент не сакам да го прејудицирам додека не биде верификувано. Меѓународен договор е во прашање. Има варијанти, кога ќе се отворат, ќе ги презентираме сите. Тогаш сите дилеми ќе се расчистат. А, тоа ќе биде отприлика за еден месец од сега“, најавува Шилегов.

Една од главните дилеми, која е актуелна во јавноста, а ја начна поранешниот градски татко Коце Трајановски е дали ќе се уништи средишното зеленило на булеварите за изградба на посебните сообраќајни ленти за овие автобуси.

Шилегов вели дека лентите за овие автобуси нема да поминуваат врз сегашното средишно зеленило.

АВТОБУСИТЕ ПО ЛЕВАТА ЛЕНТА

Град Скопје уште минатата година изработи проектна задача, врз основа на која проектантите што ги избра на тендер го изработија идејното решение за трасата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

Според проектот на Градот, оваа траса ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и два терминала, а времето на патување од сегашните 70 минути, ќе се намали за повеќе од 50 отсто. Односно, времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, или обратно, ќе биде 35 минути.

Во проектната задача стои дека доколку трасата се протега исклучиво по крајната лева лента, таа треба да се дизајнира, доколку е можно, без значајни градежни сообраќајни интервенции. Доколку трасата не може да се постави на крајната лева лента, да се достави предлог на која лента тоа е најизводливо.

Градот бара од проектантите да предложат минимум две варијантни решенија и едно оптимално решение за водење на трасата. Идејното решение треба да понуди и две опции за автобуските постојки: постојки од отворен тип и постојки од затворен тип.

Идејното решение треба да понуди начин на кој лентата по која ќе се движат овие автобуси ќе биде физички одвоена од другите ленти. Тоа треба да биде направено со посебни разграничувачи (делинеатори), со исклучок на крстосниците, каде што треба да остане можноста за мешање со другиот сообраќај.

Доколку се поставуваат делинеатори, тогаш треба да има можност тие да се дислоцираат, доколку некој од автобусите од БРТ системот се расипе и треба да се шлепува.

Исто така, треба да биде решено и поминувањето на БРТ автобусите низ кружните текови. Дали автобусите ќе се движат по централната лента во кружните текови или по надворешната лента и дали ќе има рестрикции за останатите возила додека автобусот е во кружниот тек.

НА „РЕКОРД“ САМО АВТОБУСИ И ПЕШАЦИ

Предвидено е улицата Димитрија Чуповски, односно „Рекорд“ да стане пешачка зона и да се затвори за сообраќај. Таму ќе може да поминуваат само возилата од јавниот превоз, но со брзина на движење на пешак. Затоа е потребно проектантот да предвиди како БРТ автобусите ќе се движат низ оваа зона.

Што се однесува до автобуските постојки, тие треба да бидат од отворен или затворен тип и со широчина од шест или три метри, во зависност од тоа дали ќе бидат за двете насоки (што значи да бидат поставени на средишното зеленило на булеварите) или ќе бидат за една насока.

Планирана е изградба на едно депо во Ново Лисиче, додека во Ѓорче Петров ќе се користи постоечкото депо на ЈСП. Депото во Ново Лисиче е предвидено да биде на последна 5-ка и ќе зафати дел од постоечкиот парк. Од Град Скопје велат дека планот за депо на оваа локација е уште од 1989 година.

Просторот кај последна 5-ка во Ново Лисиче е во секој претходен ГУП предвиден за сообраќајна инфраструктура, како и во сегашниот. Оваа локација е предвидена за ваква намена во градските студии за трамвај од 2012 и 2008 година.

Се работи за истата локација и во проектот за трамвај од референдумот во 1989, а за таа намена оваа земја беше специјално откупена пред 15-тина години и е во сопственост на Град Скопје, велат од Град Скопје.

Тие уверуваат дека со овој проект губењето на зеленило ќе биде минимално и дека ќе биде надоместено.

ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ

Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски смета дека БРТ е скапа авантура од 70 милиони евра, која ќе предизвика далекусежни последици и по целиот автомобилски сообраќај.

За пример ќе го земам булеварот Партизански одреди. Со БРТ целиот булевар ќе биде видоизменет, како визуелно, така и сообраќајно. Автобускиот сообраќај сега се движи по крајната десна лента.

БРТ се планира да се движи по средишното зеленило. Значи во старт имате комплетно редефинирање на цел булеварски изглед. Од пешачки, велосипедски, автомобилски до автобуски ленти “, вели Трајановски.

Градоначалникот Шилегов, пак, тврди дека БРТ лентите нема да поминуваат низ средишното зеленило.

За Трајановски, најдобро решение за јавниот превоз во Скопје е купување електрични автобуси. Додека беше градоначалник, исто како и Шилегов во 2018 година, најавуваше изградба на трамвај.

Скопје е град со помалку од еден милион жители и со 15 до 20 км од еден до друг крај на градот. Со напредокот на технологиите, градовите сѐ повеќе практикуваат и планираат воведување електрични автобуси.

За 40 електрични автобуси (со мал и голем капацитет) би се потрошиле околу 20 милиони евра, и тоа е околу 70 отсто поевтино од брз автобуски превоз (БРТ). Ќе се движат по постојната десна лента одвоена со надолжни пластични дистанзери по цела должина“, смета Трајановски.

Го прашавме зошто додека беше градоначалник не го реализираше, според него, ова решение кое е најдобро за јавниот превоз во Скопје. Вели дека во 2009 година, електрични автобуси биле мислена именка, со оглед на наталожените сообраќајни проблеми што ги имало Скопје.

По земјотресот се изградиле повеќето булевари и потоа тој процес застанал, а за возврат се зголемувал бројот на жителите. Возниот парк на ЈСП, кога јас дојдов за градоначалник, беше 40 години стар. Во 2009 година, електричен автобус сѐ уште беше мислена именка.

Тогаш, во соработка со владата, се набавија нови автобуси по највисоките еколошки норми еуро 4, при што го заменивме целиот возен парк. Со тоа успеавме да го модернизираме ЈСП и скопјани да се возат во нови и модерни автобуси.

Тој процес не смее да застане и ЈСП треба да добие повторно нови автобуси. Сега е време на нови технологии и треба да ги ползуваме добрата“, вели Трајановски.

ДАЛИ СМЕ ПОДГОТВЕНИ?

Сообраќајниот инженер Сашо Ристески смета дека сѐ ќе биде џабе доколку граѓаните не го прифатат овој вид транспорт. А тој смета дека ниту инфраструктурно, ниту социјално не сме подготвени за БРТ системот.

Прво, начинот на избор на БРТ системот ми е симптоматичен. За избор на тип на транспорт потребно е снимање на сообраќајот, што значи колку патници во кое време од денот на кој правец треба да се превезат.

Изборот на транспорт зависи од тоа колку финансиски средства имате, колку ви е ДУП-от подготвен за поставување посебна автобуска линија и слично . Е, сега, ако населението не го прифати, сѐ ви е џабе“, предупредува Ристески.

Тој додава дека населението ќе го прифати транспортот ако тој е точен и прецизен, а точен транспорт се остварува само со убава студија и план на линија.

Според мене, инфраструктурно и социјално не сме подготвени за овој транспорт. Не може една велосипедска патека да прифатиме, а не автобуска. За овој транспорт потребно е паралелна студија со паркирањето автомобили. Ќе има застои од паркирани возила, како и необучен персонал за одржување на возилата, вели Ристески.

Тој предлага во Скопје да се изведат три трамвајски линии и тоа:

  1. Ѓорче Петров – Карпош – Центар – Ново Лисиче
  2. Драчево – Центар – Битпазар – Чаир – Радишани
  3. Долно Нерези – Центар – Автокоманда – Маџари – Сингелиќ

МЕЃУ КВАЛИТЕТОТ И ЦЕНАТА

Град Скопје потроши близу 95.000 евра за изработка на идејно решение за првата траса од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. На тендерот беше избрана понудата од група од двајца понудувачи, Друштвото за трговија и проектантски услуги 24 ИНГ ДООЕЛ од Битола и Трговското друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје.

Управителот на „24 ИНГ ДООЕЛ“, Андон Петровски одби да го коментира идејниот проект, сѐ додека Град Скопје официјално не го објави и презентира.

Тие имаа 100 работни дена да го изготват идејното решение, кое се состои од идејниот сообраќаен проект, архитектонскиот идеен проект, градежниот идеен проект, како и идејните проекти за сообраќајниците, за машинска инсталација и опрема, за хидротехника, термотехничка инсталација и анализа за ризиците на проектот.

Во оваа фаза ќе се анализира и капацитетот на постојното депо на ЈСП во Ѓорче Петров и ќе се направи проектирање на нови содржини за новото депо во Ново Лисиче.

Критериум за избор на најдобар понудувач беше односот меѓу цената и квалитетот. Квалитетот се оценуваше според квалификациите и искуството на персоналот кој ќе го извршува договорот.

Според најавите, БРТ системот ќе биде завршен и целосно ставен во функција до 2025 година. Дотогаш скопјани ќе се туткаат во автобусите на ЈСП, со надеж дека нема да фатат корона и во исчекување на БРТ системот, кој треба да биде модерен и навремен транспорт, со автобуси на секои три до четири минути.

Нереализирано ветување
КАКО КОСТОВСКИ, ТРАЈАНОВСКИ И ШИЛЕГОВ „ГРАДЕА“ ТРАМВАЈ

Сите градоначалници на Скопје, од Трифун Костовски, Коце Трајановски, па и актуелниот Петре Шилегов, само што не беа почнале да го градат трамвајот. Костовски за време на својот мандат најави дека во 2009 година ќе биде пуштена во употреба првата траса од трамвајот. До тоа не дојде.

Потоа во 2012 година, тогашниот градоначалник Коце Трајановски рече дека во 2013 година почнува изградбата на трамвајската линија. И тоа не се оствари.

Во не толку далечното минато, на крајот на 2018 година и сегашниот градоначалник, Шилегов, најави дека во Скопје ќе се гради трамвај.

Решението е изготвено и в година очекувам да стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје, кој ќе го помогне и Владата“, рече тогаш Шилегов.

Ниту планот на Шилегов за трамвај, за кого оваа опција тогаш не беше прескапа, не се реализираше.

Поврзани новости