(АРХИВА) Што се поседува семејството на градоначалничката Арсовска?

by Fokus

Текстот е објавен на 3 март, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1378

„Фокус“ дојде до документи од имотни листови и фирми каде што Арсовска претходно била сопственик или управител, а сега се водат само на име на нејзиниот татко Ванчо Јовановски. Според документите од Катастар и од Централен регистар, Арсовска и нејзиното семејство се „движат“ на релација Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров. Поточно, во тие три општини им се живеалиштата и компаниите. Станува збор за повеќе компании, куќи, станови, дадени под закуп простории…

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Вториот круг од локалните избори на 31 октомври беше пресуден за избор на градоначалник на Скопје, каде што по 30 години, за првпат во историјата на државата жена седна на градоначалничката фотелја. Данела Арсовска веќе четири месеци менаџира со главниот град, за кој во предизборниот период најави два големи проекта, бесплатен автобуски превоз и набавка на 250 екоавтобуси.

Таа во изборната трка влезе како независен кандидат, за подоцна да ја добие поддршката на опозиционерите, со чии гласови и победи на локалните избори. Во текот на целата кампања се водеше битка меѓу двајцата противкандидати, па така и двете „завојувани“ страни вадеа документи еден против друг со цел да ги придобијат гласовите на граѓаните.

Во тој период, владејачката партија излезе со документи – што сѐ поседува семејството на Арсовска, каков имот, фирми и хотели? Тие извадија и документи дека актуелната градоначалничка и нејзиниот сопруг имаат бугарско државјанство и бугарски лични карти. Таа, пред половина година се закани со тужба против СДСМ, но, сепак, досега не поднесе ништо.

Без разлика на сѐ што објавија од владејачката гарнитура, сепак Арсовска го победи својот противкандидат Петре Шилегов.Тој ја пречека со букет цвеќиња во кабинетот и ѝ ја предаде функцијата, па на некој начин ги „закопаа“ секирите.

„Фокус“ остави простор од неколку месеци, новата градоначалничка да почне со работа, па одлучивме да провериме што сѐ поседува нејзиното семејство, со оглед на нејзиниот скромен анкетен лист, кој го поднесе до Антикорупциска комисија, каде што се наведени само два помали стана, гаража и банкарски депозити.

МРЕЖА ОД ФИРМИ

За време на целиот предизборен период, Арсовска тврдеше дека досега се докажала како успешен менаџер, па тоа ќе го применела и во работата во Град Скопје, но никако не одговори на прашањата – што, каде и како менаџирала? Постојано потенцираше за нејзиниот успех во бизнис-секторот и добрите деловни соработки.

Таа по професија е дипломиран правник, но има магистратура по економија на универзитетот „Шефилд“ и универзитетот „Оксфорд“. Во нејзината официјална биографија може да се најде дека Арсовска е претставник и на Меѓународната стопанска комора, како и почесен конзул на Унгарија во Штип.

Сепак, со седнувањето на градоначалничкото столче, официјално завршуваат и тие нејзини обврски, барем така треба, според закон.

Освен нејзината официјална биографија, единствениот документ каде што можеше да се најде дека фигурира е во Централниот регистар како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје за локалните избори 2021 година.На ниту едно друго место и во ниту една компанија не може да се сретне нејзиното име.

Но, „Фокус“ дојде до документи од имотни листови и фирми каде што Арсовска претходно била сопственик или управител, а сега се водат само на име на нејзиниот татко Ванчо Јовановски, кој, според имотниот лист со број 44553, живее во куќа на улица во скопски Карпош.

Јовановски, пред речиси 30-тина години ја завршил својата кариера во МВР, како началник, и според тврдењата на владејачката партија, се „посветил“ на приватниот бизнис. Тој не работел на ниту едно друго работно место, па од тука изненадува – што сѐ поседува? Тоа не е наведено ниту во анкетниот лист на Арсовска, иако повеќето од првите луѓе на општините даваат податоци и за тоа што поседува нивното поблиско семејство.

Но, да почнеме по ред.

Според документите од Катастар и Централен регистар, Арсовска и нејзиното семејство се „движат“ на релација Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров. Поточно, во тие три општини им се живеалиштата и компаниите.

Нивната семејна бизнис-кариера почнува пред повеќе од 15 години, кога почнува и официјално со работа компанијата „Ројал Груп“. Историјата на фирмата е позната. Таа е основана на 25 јануари, 2008 година, со непаричен влог од 5.246 евра. Документите уште покажуваат дека фирмата претрпува повеќе промени на сопственици, управители и овластени лица, а во моментот на хартија фигурираат Ванчо Јовановски, како сопственик на компанијата, и Ранко Пирковиќ, како управител.

Но, тоа што може да се забележи во историјатот на промени е дека како прв сопственик на фирмата се јавува Данела Арсовска, чија адреса на живеење е  на улица (позната на Редакцијата) во скопско Ѓорче Петров, додека директор во тој период е извесен Дане Јовановски, кој, според СДСМ, е нејзин брат.

Првичното име на фирмата било „ТЕМ МК“, која во далечната 2008 се трансформира во „Ројал Груп“, а со неа во тој период менаџира Арсовска.

Според документите, по извршени повеќе од 15 промени до 2012 година, актуелната градоначалничка фигурира еднаш како сопственик, еднаш како управител, па неколкупати се бришат тие податоци, за потоа, нејзиното име никаде да не може да се сретне. Во меѓувреме, се менуваат повеќе сопственици и управители, за на крај, пак, сѐ да заврши во сопственост на нејзиниот татко.

Според документите со кои располагаме, три адреси се клучни во целата приказна, и тоа првично улицата Народни херои ББ – спортска сала Расадник, каде што е лоцирана и фирмата „Ројал Груп“. На истата адреса е и компанијата „Империал Спорт“, основана пред точно 14 години, на 21 февруари, 2008 година.

Според документите од Централниот регистар, како нејзин сопственик се јавува Марика Јовановска, мајката на Арсовска. Компанијата во моментот се води како деловно и правно неактивна.

Јовановски официјално на свое име како сопственик има уште две фирми, и тоа „Бул Ројал“, која се наоѓа во скопската Општина Гази Баба. Таа е основана на 15 март, 2012 година, со паричен влог од 5.000 евра. Освен него, како сопственици се јавуваат уште  три други лица, од кои еден  фигурира и како управител.

Само две години подоцна се формира и третата компанија, позната како Трговско друштво за вработување инвалидни лица „Титан Моторс“ во Скопје, каде што како сопственици се јавуваат Јовановски и извесен Ацо Николовски, кој, според документите, е поврзан со уште три трговски друштва за вработување инвалидни лица во Штип.

КОЛКАВ ИМОТ ПОСЕДУВА ЈОВАНОВСКИ?

 Сепак, семејните компании на семејството Јовановски не завршуваат тука. Па, на листата на фирми може да се најде и „Еко Ројал“, која е во сопственост на Ванчо Јовановски и Ирена Димиќ, која фигурира и како управител на истата компанија, која е основана на 4 јуни, 2013 година, но во моментот е деловно и правно неактивна.

Тоа што е карактеристично за оваа компанија е што е лоцирана на улицата Благоја Гојан во скопската Општина Кисела Вода, а се поклопува со имотниот лист 30005 што го поседува Јовановски, со вкупна површина од 534 квадратни метри.

На истата адреса се наоѓа и хотелот „Империал“, кој само со едно пребарување на интернет за избор на хотели во Скопје може да се најде и каде што се нуди хотелски престој таму. Тука е сместен и Домот за стари лица „ПУЗС Хармонија“, во сопственост на Тодор Терзиев, кој според податоците во имотниот лист, го зел од Јовановски под закуп на пет години, поточно од 15 ноември 2016 година.

Но, тоа не е сѐ што поседува Јовановски или, пак, што според документите може да се најде на негово име. Имотниот лист со број 51931 се наоѓа на улицата Мариовска-3, каде што има голема куќа со двор со вкупна површина од 719 квадратни метри.

Ако се пребара на интернет, на истата оваа адреса е лоциран Домот за стари лица „Феникс“, кој има три различни седишта, еден на веќе објавената адреса, познат уште под името „Феникс Фемили“, потоа „Феникс Гарден“ во скопско Ѓорче Петров и уште еден познат како „Феникс Премиум“, лоциран на улицата Васил Ѓорѓов бр.42, кој случајно или не, се поклопува со седиштето на компанијата „Ројал ДООЕЛ“,  поточно каде што како сопственик и управител, според документите од Централен регистар фигурира извесен Дане Јовановски, за кој од владејачката партија тврдеа дека е брат на Арсовска.

Како нејзина основна дејност е наведена „хотели и слични објекти за сместување“, додека, пак, фирмата е основана на 11 јануари, 2007 година. Со само еден клик на гугл мапата, може да се види и хотелот „Ројал“, кој се наоѓа на истата улица.

Според имотниот лист, оваа поголема куќа со двор се води на име на Јовановски, а дали тој го изнајмува просторот на некој друг или постои некој друг договор, тоа никој не го открива.

Ако се отвори официјалната веб-страница на Домот за стари лица „Феникс“, може да се забележи дека како основач е наведен извесен Благојче Стевановски, по професија психијатар.

Исто така, според имотниот лист со број 52059, Јовановски поседува и три четвртини од куќата на улицата Рилски конгрес 112, а на истата адреса е регистриран и Сојузот на работодавачи на Македонија, каде што Арсовска е овластен претставник, како и Македонска кинеска стопанска комора. Меѓутоа, на оваа адреса може да се најде уште еден имотен лист под број 36667, каде што има уште еден стан со вкупна површина од 115 квадратни метри.

Од друга страна, фирмите „Ројал“ и „Империал“ се водат како едни од повеќето сопственици на Македонската стопанска комора, Македонската француска стопанска комора, Македонската комора за посредување промет со недвижности и Македонската кинеска комора.

Сепак, освен таткото на актуелната градоначалничка, и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски е сопственик на фирма.

Станува збор за компанијата „Гама ДООЕЛ“ лоцирана на улицата Македонска преродба 2-3/4 во скопската населба Ѓорче Петров, каде и што живее семејството Арсовски. Основната дејност на фирмата е трговија на мало со делови и прибор за моторни возила, а на бизнис-пазарот се појавува далечната 1990 година.

„Фокус“ испрати прашања на повеќето од компаниите, но до затворањето на весникот не добивме повратни одговори.

ОБВИНУВАЊА НА СДСМ

Дел од информациите за сѐ што поседува семејството на актуелната градоначалничка објави и владејачката партија во предизборието. Дел од функционерите на СДСМ со документи во рацете тврдеа дека сакале да потсетат што сакала да скрие Арсовска од скопјани.

Тоа дека била катастрофален менаџер на скопската сала Расадник, изградена со самопридонес на скопјани, а ја зела под закуп на 25 години за само 1.000 евра месечно кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

            Арсовска се обиде да ги скрие семејните фирми со седиште на салата Расадник, кои профитирале додека салата тонела во долгови. Таа се обиде да го скрие од јавноста и нејзиното моминско презиме Јовановска за да не се открие нејзиниот непотизам и поврзаноста на нејзините семејни фирми со хотелите „Ројал“ и „Империјал“, обвинуваа пред неколку месеци од СДСМ.

Тие продолжија да бараат од тогашната кандидатка за градоначалник да ја образложи својата менаџерска кариера.

Зошто Арсовска, која ветува 250 нови автобуси, не кажува во биографијата дека била менаџер на фирма, која се занимавала токму со продажба на автобуси во Македонија? – прашуваше СДСМ, обелоденувајќи докази дека Арсовска ја менаџирала фирмата „ТЕМ МК“, која во 2008 година се занимавала со продажба на автобуси и нудела за продажба турски автобуси во Македонија.

Според обелоденетите документи, „ТЕМ МК“ била семејната фирма, која се трансформирала во „Ројал Груп“ со седиште во салата Расадник.

Во тој период, владејачката гарнитура сподели и неколку адреси, каде што се лоцирани компаниите на семејството Јовановски.

Како и да е, актуелната градоначалничка во моментов е јавна личност, па од јавен интерес е да се знае што сѐ таа и нејзиното семејство поседуваат и зошто тие информации се чуваат како змија нозете.

Таа во ниту еден момент не спомена што работела претходно и какви менаџерски способности има, со оглед на тоа што целата изборна кампања се сведе на нејзиното „успешно“ менаџирање. Но, никој не сфати каде и со што менаџирала првата жена градоначалник на Скопје?

Рамка1:

АРСОВСКА НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати неколку прашања до актуелната градоначалничка на нејзиниот приватен телефон, но до затворањето на весникот не добивме повратни одговори.

Истите прашања ги испративме и на Вибер, од каде што добивме повратно дека овој број не користи Вибер, што не беше случај на почетокот на градоначалничката кариера.

Сепак, тоа не е ништо чудно, со оглед на тоа што Арсовска уште од самиот почеток ги игнорира повеќето од прашањата на медиумите.

Рамка2:

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА СЕ СКАРА СО АРХИТЕКТИТЕ

 Пред десетина дена, градоначалничката Арсовска се скара со претседателката на собранието на Асоцијацијата на архитекти, како и со проектантот што го донираше проектот за реновирање на салата.

Таа настојуваше дека сегашниот објект не е безбеден и дека тоа го знаел и нејзиниот претходник Шилегов, но и покрај тоа не ја прекинала работата поради локалните избори.

Никој не успеа да ја убеди Арсовска дека објектот е безбеден, па по архитектот, си замина и проектантот. Арсовска рече дека објектот ќе биде реконструиран, но со друг проект, кој, според неа, нема да претставува опасност за граѓаните.

Рамка3:

КАКО АРСОВСКА ЈА СМЕСТИ МАЈКА СИ ВО СОВЕТОТ ЗА СТАТИСТИКА

 Арсовска од функцијата претседател на Сојузот на стопанските комори ѝ овозможи на својата мајка Марика Јовановска да стане член на Државниот совет за статистика со официјален предлог во име на таа комора и на тој начин да зема по 10.000 денари од седница, обвинија пред неколку месеци од СДСМ преку прес-конференција на градската организација на партијата на која беа покажани документи како поткрепа на тврдењето.

На прес-конференцијата беа приложени, како што беше речено, номинацијата од Сојузот на стопанските комори за Марика Јовановска  доставена до Илија Димовски како претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 2019 година.

 

Поврзани новости