
Текстот е објавен на 28 октомври 2020 година во неделникот „Фокус“, број 1308.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Кога пред две години „пукна“ случајот со кодно име „Империја“, за кое сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство тврдеше дека биле испрани 10,5 милиони евра, како првоосомничен се појави познатиот македонски бизнисмен Орце Камчев, кој заврши зад решетки во затворот „Шутка“.
Во неговото решение за притвор, кое било образложено на повеќе страници, се наведувало дека бизнисменот, освен во Македонија, има фирми и во Бугарија, Русија, Србија, Хрватска и офшор-компании во даночните раеви.
„Фокус“ во претходниот број на неделникот објави колкав имот поседува Камчев во Македонија и со колку фирми располага. Поточно, откако во јавноста се појави еден од најобемните случаи на СЈО, Камчев во периодот од мај до декември 2019 година постепено почнува да излегува од компаниите со кои управувал, односно неговото име повеќе не фигурира на хартија ниту како сопственик, ниту како управител, а ниту, пак, како директор.
Тоа го покажува историјатот на многубројните фирми со направени промени на сопственици, управители и овластени лица, од 20 до 60 пати само за една фирма.
Но, затоа, пак, како сопственик се појавува клучната фирма „Орка Холдинг“, која е во сопственост на неговото семејство, односно Камчеви во документите се појавуваат како неизвршни членови во одборот на директори.
Сепак, познатиот случај „Империја“ отвори нова тема, односно што сè поседува Камчев надвор од земјава, кои се неговите деловни партнери, како и вртоглавите суми пари со кои се прават бизнис-зделките.
БИЗНИС-СОРАБОТКА НА БУГАРСКО ТЛО
Во решението за притвор, пред година и пол, се наведувало дека ако Камчев биде ослободен, постои можност да ја напушти државата, поточно да побегне во Бугарија, каде што има доста развиен бизнис, а како бугарски државјанин нема да може да биде екстрадиран во Македонија.
Сепак, подоцна тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се премислила и од екстремните изјави дека треба да му се продолжи притворот во „Шутка“, наеднаш тој добил нов третман, поточно домашен притвор, а само за неколку месеци му бил даден привремен пасош, со кој можел слободно да ја напушти државата. Само во 2018 година, тој 80 пати ја поминал државната граница.
Бугарија се смета за дестинација во која Камчев има долгогодишно развиен бизнис, како и доста деловни пријатели. Според тоа што успеавме да го видиме на бугарскиот Централен регистар, и таму, како и во Македонија, функционира истата шема: се менуваат имиња на фирми, еден ист управител раководи со повеќе компании, се прават по повеќе од 20 промени во историјатот на сопственици, управители и директори.
За разлика од Македонија, каде што последната година неговото име сè поретко може да се види на некоја функција во фирмите за кои се знае дека стои во заднина, во соседна Бугарија, пак, единствена компанија што фигурира на име на Камчев е „Камил-РМ“, лоцирана на улицата „Фредерик Жолио Кири“ во Софија.
Според документите, тој се води како сопственик, додека како управител се појавува извесна Вања Константинова-Георгиева, а како лице за контакт Миле Тилев. Дејноста на компанијата е издавање под наем на недвижности, како и консултантски услуги.
За оваа компанија, документите уште покажуваат дека е формирана во 2008 година, а како единствен сопственик на капиталот таа година била „Орка Холдинг“, додека за две години станува „Евро Балкан Груп“ АД од Лугано, Швајцарија.
Промените продолжуваат и понатаму, па во 2013 година се појавуваат уште две фирми од Лугано, поточно „Дабл Фајв“ и „Џим Груп“, за во 2017 година во бугарскиот регистар да се појави името на компанијата „Винес Финанс Груп“ од Швајцарија, што и сега е последната направена промена.
Исто така, како содружници на „Камил-РМ“ во 2009 година се појавуваат компаниите „Мала Богородица-Систина“ и „Евро Балкан Груп“, а само една година подоцна и двете се избришани. Компанијата „Евро Балкан Груп“ се преименува во сегашна „Кара“.
Според документите од бугарскиот Централен регистар, управителката на компанијата на Камчев, Константинова-Георгиева, раководи со уште една фирма, која се наоѓа на истата адреса каде што во Софија е лоцирана неговата фирма. Станува збор за компанијата „Тиор“, која работи со трговија на спортски и текстилни производи.
Меѓутоа, таа не е единствен управител, па заедно со неа фирмата ја раководи и Георги Иванов Мечкарски, кој фигурира во уште седум други фирми во Бугарија, од кои четири директно или индиректно се поврзани со бизнисменот Дејан Панделески, познат како директор и извршен член на одборот на директори на „Пелистерка“ АД, поточно станува збор за синот на Цветан Панделески, кој заедно со Камчев е осомничен во случајот „Империја“.
Дека компанијата „Тиор“ е поврзана со Камчев покажува и тоа што неговата бугарска фирма во 2019 година е единствен сопственик на капиталот, а веќе за неколку месеци, истата година, тие информации се бришат. Во документите од Централниот регистар уште се наведува дека како содружници на бугарски „Тиор“ се компаниите „Камил-РМ“ на Камчев и „Тимстрој Фјужн“.
Оттука доаѓаме до прашањето: која е компанијата „Тимстрој Фјужн“?
Според документите, и на оваа компанија управител е Мечкарски, но како сопственик се наведува Дејан Панделески, а негов претставник е Снежана Георгиева од Македонија, додека како единствен сопственик на капиталот е македонската компанија „ТИМ ДОО“, која, според Централниот регистар, има тројца сопственици, и тоа Панделески, потоа неговата сестра Снежана и Снежана Георгиева, додека, пак, како управител се води Вера Панделеска, што би значело дека бизнисот се врти во кругот на семејството.
Исто така, за оваа компанија се наведува дека е должник во УЈП и во последната година нема учествувано на ниту еден тендер.
Сепак, тука не завршуваат компаниите поврзани со Дејан Панделески во Бугарија, па тука е и фирмата „ДМСГ-Груп“, каде што Панделески е содружник заедно со Александар Динев од Бугарија и Милош Миловановиќ од Србија.
Компанијата е лоцирана на улицата „Ломско Шосе“, каде што се наоѓа и другата фирма „Пелистерка Бугарија“, со која раководи истиот управител Мечкарски, но како единствен сопственик на капиталот фигурира Весна Прентоска, која според објавите во медиумите во Македонија е директорка на дистрибуцијата на „Пелистерка“.
Во овој случај може да се забележи дека продолжува соработката помеѓу Камчев и синот на Панделески, но овојпат бизнисот продолжува да се развива во Бугарија.
„Фокус“ испратил неколку прашања до Панделески за да објасни колку фирми поседува во Бугарија, каква е неговата поврзаност со Камчев во делот со бизнисот и кои се управителите што ги раководат неговите компании, но до затворањето на весникот не добиле повратни одговори од него.
БОЛНИЦИ ЗА 125 МИЛИОНИ ЕВРА, МЛЕКАРИ…
Сепак, тука не завршуваат бизнис-зделките на Камчев во Бугарија. Тој пред четири години својата империја ја прошири и со ланец болници, каде што во моментов е дел од најголемата приватна здравствена болница „Аџибадем Сити Клиник“.
За оваа зделка информации можат да се најдат и на официјалната веб-страница на „Орка Холдинг“, каде што во делот инвестиции посветени на здравството е објавено дека во 2016 година клиничката болница „Аџибадем Систина“ се стекнува со вложување во „Аџибадем Сити Клиник“ во вредност од 15 отсто од вкупниот нејзин основачки капитал.
Тие, заедно со турската болница „Аџибадем“, ја купија јапонската болница „Токуда“, заедно со нејзините подружници (Токуда Груп).
Со преземањето на „Токуда“, тие се споиле и со болницата „Сити Клиник“. Новата групација со пет болници е именувана во „Аџибадем Сити Клиник“, а договорот бил потпишан во Софија.
Во Софија се потпиша договорот за купопродажба, за основање на најголемата медицинска групација во Република Бугарија, каде што заедно со „Аџибадем“, „АФЦ“ и „Сити клиник“ преземавме пет болници во Република Бугарија, односно болницата „Токуда“ и четири болници од „Сити клиник“, од кои две во Софија и по една во Варна и Бургас. Со тоа се позиционираме на балканската мапа како најголеми оператори во приватниот медицински бизнис. Зделката беше договорена претходно, а сега се реализираше, откако се добија сите потребни согласности од институциите во Република Бугарија – тврдеше во тој период Камчев, а оваа негова изјава е објавена и на официјалната веб-страница на „Аџибадем Систина“.
Тој тогаш во својот говор најавил дека во стратегијата на „Орка Холдинг“ и „Аџибадем“ е отворање уште четири болници во земјите на Балканот.
Тие ја купиле „Токуда“, која е најголема приватна болница во Бугарија. Изградена е во 2006 година, односно пред 14 години, како прва приватна болница во сопственост на странски инвеститор во Бугарија, со 100 отсто јапонска инвестиција. Болницата се простира на површина од 52.000 квадратни метри, а на годишно ниво циркулираат околу 200.000 пациенти. Има 575 болнички кревети, 37 одделенија и 23 операциони сали.
Од друга страна, пак, „Сити Клиник“ е водечки синџир на болници основан во 2010 година, со болници во Софија, Варна и Бургас. Тука влегуваат три болници и три амбулантски центри, а доминира на пазарот во Бугарија за кардиоваскуларни и малигни заболувања. Вкупната инвестиција изнесува 125 милиони евра.
Името на Камчев пред некое време се поврзуваше и со изградба на болница во Русија, заедно со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, со кого се деловни партнери. Тој во интервју за „Фокус“, во ноември лани, тврдеше дека Камчев му е најдобар пријател, но и дека имаат бизнис-соработка.
Млекарата е во процес на изградба, болницата е во процес на проектирање. Точно е дека Камчев ми е најдобар пријател, гледам многу луѓе го напаѓаат. Не сакам да го бранам, но за него има погрешна слика од тоа што го знам за него во реалноста. Јас сум сигурен дека сликата за него во јавноста е погрешна. Нападите кон него се некоректни, сите имаат право на свој став, но тие да се базираат на објективност – истакна тогаш Самсоненко.
Според пишувањата во дел од медиумите, руската фирма „Здравје Оптима“ во Ростов на Дон, од каде што доаѓа и Самсоненко, е една од фирмите што се поврзуваат со Камчев. Сопствеништвото во оваа руска компанија „Орка Холдинг“ го дели со Јован Дабевски, поранешен генерален менаџер на „Здравје Радово“, и извесен Антон Мачвариани.
Втората руска фирма, отворена во 2015 година, „Семимол“, освен со Мачвариани и Дабевски, Камчев ја дели и со рускиот бизнисмен. На нивниот сајт е наведено дека основна дејност на компанијата е производство и преработка на млеко, кефир, пудинзи…
Како и да е, Камчев можеби го „напушта“ бизнисот во Македонија, со оглед на кривичните истраги што се водат против него, но тоа не значи дека завршува неговата бизнис-кариера во другите странски земји, каде што наголемо планира инвестиции.
Секако, времето ќе покаже.
БУГАРИЈА СЕ ПРЕМИСЛИ, НЕ ГО НОМИНИРАШЕ КАМЧЕВ ЗА ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ
Пред една година, Бугарија се премисли и одлучи дека нема да го номинира бизнисменот Камчев, осомничен во случајот „Империја“ и сведок во аферата „Рекет“, за почесен конзул во Македонија.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов тврдеше дека ваквата одлука ја донеле по реакциите во македонската јавност и противењето на Владата.
Камчев беше номиниран за бугарски почесен конзул, со аргумент дека тој е човек кој економски е многу влијателен, има свој авторитет во Македонија. Но, кога македонските власти не ја поддржаа таа идеја, како што гледате, Бугарија не го отвори тоа прашање – изјави тогаш Каракачанов.
Меѓутоа, Камчев уште претходно не доби зелено светло од македонската Влада за почесен конзул на Бугарија.
КАМЧЕВ И ПАНДЕЛЕСКИ ЈА КУПУВААТ БИОГАСНАТА ЕЛЕКТРАНА НА „ЗК ПЕЛАГОНИЈА“ ЗА 24 МИЛИОНИ ЕВРА
Акционерите на „ЗК Пелагонија“ на крајот на февруари, на Собрание, дале зелено светло за одобрување голема зделка со која Јордан Камчев и Цветан Панделески, преку бугарска фирма, ја купуваат биогасната електрана „Пелагонија Енерџи“ за 24 милиони евра.
Компанијата преку Македонската берза пред неколку месеци соопшти дека како поврзани субјекти во оваа зделка се појавуваат Панделески и „Орка Холдинг“, кои преку свои фирми во Бугарија се основачи на фирмата „Тиор“, која се јавува како купувач на биогасната електрана на „ЗК Пелагонија“.
Според документот, децата на Панделески, Дејан и Снежана, се основачи на фирмата „ТИМ“, која пак се јавува како основач на бугарската фирма „Тимстрој Фјужн“. Оваа фирма е содружник и поседува 50 отсто од „Тиор“.
Воедно, Панделески е неизвршен член на одборот на директори на „ЗК Пелагонија“, додека, пак, Камчев е неизвршен член на одборот на директори на „Орка Холдинг“ и се јавува како основач на бугарската фирма „Камил-РМ“, која пак е содружник и поседува 50 отсто од „Тиор“.
Според договорот, од вкупната сума од 24 милиони евра за купување на биогасната електрана, Камчев и Панделески преку бугарската фирма „Тиор“ треба да уплатат 15,5 милиони евра на сметка на „ЗК Пелагонија“, а 8,5 милиони евра ќе бидат наменети за отплата на обврските по основ на кредити од Стопанска банка Скопје и други обврски.
КОЈ Е ДЕЈАН ПАНДЕЛЕСКИ?
Биографијата на бизнисменот Дејан, син на осомничениот Цветан Панделески, може јавно да се најде со само еден клик на интернет.
Тој во своето богато CV има наведено дека на 42 години е директор на промоција и маркетинг во компанијата „Тутун“ АД, потоа менаџер на маркетинг и продажба во „Лозар Пелистерка“ АД, извршен директор во „Пелистерка“ АД и член на Надзорен одбор во Стопанска банка АД Битола.