(АРХИВА) Шпенд Деваја не се изземал од одлучување за предмет во кој бил адвокат на тужителот

Судскиот совет е на испит како ќе одлучи околу барањето за разрешување на врховниот судија, кој е сопруг на висок функционер на ДУИ, особено што за идентична ситуација немал дилема и разрешил управен судија во 2018 година. Дали ќе стапат на сцена „непринципиелни коалиции“ и што ќе победи: политиката или правото?

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 01.06.2022 година, во број 1.391

Пишува: Гордана ДУВЊАК

Тетовски бизнисмен покрена постапка пред Судскиот совет за разрешување судија од највисокиот суд во државата. Сопственикот на „Петрол компани“, Ристо Ристовски бара од членовите на Советот да ја утврдат одговорноста на врховниот суд Шпенд Деваја, затоа што смета дека сторил тешка дисциплинска повреда, со тоа што не се изземал и учествувал како претседател во Советот во Врховниот суд, за предмет во кој тој бил адвокат на спротивната страна во постапка пред Основниот суд во Тетово во 2007 година.

Доколку мнозинството од 15 членови на Судскиот совет (министерот за правда и претседателот на Врховниот суд се без право на глас) најдат дека судијата го прекршил законот и го разрешат, ова ќе биде уште еден од низата судии од највисок ранг, кои ќе мора да го напуштат судството. Третата власт во државава во моментот „ужива“ доверба од само 8 отсто, што неодамна јавно го соопшти американската амбасадорка во заминување, Кејт Брнз.

РАЗРЕШЕНИ ПЕТ ВРХОВНИ СУДИИ

По промената на власта, од врвот на судската пирамида беа разрешени петмина врховни судии, од кои дури тројца, поради пропустите во укинувањето на мерката притвор во случајот со бизнисменот Сеад Кочан. Покрај поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, како и врховните судии Ристо Катавеновски и Рахилка Стојкоска, највисоката судска функција, заради разрешување мораа да ја напуштат и екс-претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, како и поранешниот в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев.

Она што ја прави крајно неизвесна најновата постапка пред Судскиот совет е политизацијата на овој случај, со оглед на тоа што сопруга на врховниот судија Деваја е Теута Арифи, висок партиски функционер на ДУИ, екс-вицепремиерка за евроинтеграции и поранешен градоначалник на Тетово во два мандата. И покрај тоа што наследникот на Арифи, Билал Касами од БЕСА најави кривични пријави за злоупотреби за време на нејзиниот мандат, името на блиската соработничка на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сѐ уште е во игра како можен амбасадор во неколку дипломатски центри, меѓу кои, и во Вашингтон, иако се шпекулира дека постои резерва за прифаќање на агреманот.

Но, да се вратиме на почеток, или петнаесетина и повеќе години назад во минатото.

Тоа е времето кога споменатиот бизнисмен Ристовски бил дел од парнична постапка пред Основниот суд во Тетово, каде што како адвокат на тужителот се појавува тогашниот адвокат Шпенд Деваја. Но, тоа е веќе друга приказна што заслужува посебно внимание и поголем простор, бидејќи во голема мера ја отсликува лошата состојба во која се наоѓа македонското судство сиве овие години, како и дубарите што можат да се прават за изигрување на законот.

Агонијата на Ристовски почнува во оној момент кога ќе утврди дека, иако не знаел дека била донесена пресуда, таа станала правосилна. Пред истекот на застарувањето на предметот, тој бил задолжен од извршител да исплати неколкукратно повисок износ за надомест на штета со пресметани за повеќе години. Не успеал да докаже дека му биле ускратени многу правни средства, поради што, не само што ги известил странските амбасади во земјава, туку и правдата почнал да ја бара пред Европскиот суд за човекови права.

Последниот вонреден правен лек што му преостанал бил да бара од Врховниот суд заштита на правото за судење во разумен рок, во постапката по предметот ППОВ број 15/18 на Основниот суд во Тетово, за да може да ја продолжи правната битка во Стразбур.

Но, изненадувањето било огромно, кога дознал дека претседател на советот во Врховниот суд што одлучувал по овој предмет е токму судијата Шпенд Деваја. Судијата Деваја, не само што не се изземал, како што налага членот 65 став 1 од Законот за парнична постапка, туку учествувал во работата на Советот, кој го одбил барањето на Ристовски како неосновано.

Револтиран од ваквата одлука, на 16 февруари 2021 година, Ристовски, преку своите адвокати, поднесува претставка до Судскиот совет за нестручно и несовесно вршење на судиската функција на врховниот судија Деваја.

На 20 април истата година добиваат помалку контрадикторно известување, во кое тешко може да се разбере ставот на Судскиот совет. Известувањето има само една реченица во која се вели дека претставката е неоснована, затоа што „судијата имал соодветно објаснување“ (?!).Но, во исто време се наведува дека „од изнесените факти од страна на подносителот има индиции за понатамошно постапување, поради што координаторот на Врховниот суд на РСМ темелно ќе го испита конкретниот случај со увид во предметот“.

ПРИМЕНА НА ИНСТИТУТОТ ИЗЗЕМАЊЕ

По вака добиениот одговор, на 4 мај истата година, Ристовски до Судскиот совет сега поднесува ново барање за утврдување на одговорноста на споменатиот судија. По истекот на два месеца добиваат решение дека барањето се отфрла како нецелосно, бидејќи не содржело адреса, односно и место на живеење на судијата, како и дека самата одредба од Законот за судски совет е изменета.

Адвокатите го дополнуваат барањето и повторно го доставуваат, во кое допрецизираат дека судијата сторил потешка дисциплинска постапка, бидејќи ги прекршил правилата за изземање во ситуација кога ги знаел или требало да ги знае основите за изземање.

Тие потенцирале дека судијата Деваја постапувал во постапка пред Врховниот суд како претседател на првостепениот совет и одлучувал по барањето на жалбата на барателот Ристевски за заштита на правото на судење во разумен рок, иако како полномошник, адвокат на тужителите во постапка пред Основниот суд во Тетово од 2007 година, на кое се однесува тоа барање.

Дека Деваја морал да се изземе утврдил и совет на Врховниот суд, кој како второстепен орган одлучувал по жалбата. Решението од 30 ноември 2020 е укинато со дадени јасни напатствија дека судијата Деваја е должен да се изземе согласно член 65 од Законот за парнична постапка. Но, очигледно судијата решил да ја игнорира оваа сугестија.

Воедно, адвокатите на Ристовски во дополнението до Судскиот совет од 13 декември 2021 година, во кое ги доставуваат потребните информации за адресата на Деваја, укажуваат и дека од исти причини е донесена одлука за разрешување на друг судија во безмалку идентична ситуација. Како доказ се доставува и одлуката на Судскиот совет објавена на веб-страницата на Судскиот совет од 15 октомври 2020 година.

Адвокатите потсетиле дека Судскиот совет веќе донел одлука со која М.Ш. судија на УС (Управен суд) се разрешува, затоа што во 2018 година пресудата не е доставена до застапникот, а истата ја заверил како правосилна. Исто така, судијата како претседател на совет донел(а) пресуда во предмет, иако претходно била полномошник (адвокат) на двајца тужители во постапка за денационализација. По утврдувањето на фактичката состојба, Советот констатирал дека судијата М.Ш. постапил нестручно и несовесно, кога иако знаел дека постојат основи за негово изземање, сепак, презел дејствија и донел одлука.

Според сознанијата на „Фокус“, Судскиот совет, како што налагаат правилата, формирал тричлена комисија да го разгледа случајот на Деваја. А, на 12 мај оваа година се одржала расправа пред Судскиот совет, на која присуствувале тројцата членови на Комисијата, врховниот судија Деваја, како и двајцата полномошници на подносителот на барањето за разрешување.

Со Комисијата претседавал членот Зоран Теофиловски, а во неа членувале и Мирсад Суроји и Миљазим Мустафа. На расправата присуствувал и претставник на Здружението на судии, претседателот и врховен судија Џемаил Саити.

Расправата е водена без присуство на јавноста поради доверливиот карактер. Адвокатите на Ристовски детално ги образложиле причините за поднесување на барањето и доставиле докази. Адвокатите посочиле дека судијата Деваја во никој случај не требало да одлучува и бил должен да се изземе.

Со оглед на тоа што второстепениот совет на Врховниот суд составен од 5 члена го укинал решението донесено од претседателот Деваја со јасни насоки дека требало да се изземе, адвокатите потенцирале дека „фрапира манифестацијата на недопирливост и дрскост да се одлучува како судија во највисок суд за барање за заштита за судење во разумен рок, за постапка во која веќе учествувал во својство на полномошник на тужителите“.

Судијата Деваја, пак, останал на наводите изнесени во писмениот одговор на барањето за негова одговорност. Тој сметал дека наводите за негова одговорност се неосновани. А, како главен аргумент навел дека во предметот во кој тој бил претседател на Советот, судијата известител Мирјана Лазарова Трајковска и судијата Африм Фидани ги известиле дека постапката се однесува на предмет за повторување на постапка од 2018 година, поточно од 8.6.2018 година до 30.11 2020 година, кога Деваја не бил адвокат, ниту полномошник на странката.

И, како што наведува Деваја, судијата Трајковска како поранешен судија на Европскиот суд за човекови права истакнала дека тоа не претставува пречка за негово учество во конкретниот предмет. Тој уште додава дека имајќи предвид дека за повреда на правото на разумен рок се одлучувало само од формален аспект и се ценело дали судот во периодот од 1 година и 2 месеца, кога се барало повторување на постапката бил ажурен, ефикасен и ги почитувал законските рокови, одлучено било дека нема повреда на правото во разумен рок. Судијата уште тврди дека со своето постапување не повредил ниту една законска одредба, ниту Етичкиот кодекс.

СУДСКИОТ СОВЕТ НА „ПОЛИТИЧКА“ МАКА

Сега на потег е Судскиот совет, кој во цел состав треба да одлучува дали во конкретниот случај судијата Деваја ги прекршил своите судиски овластувања зашто не се изземал и дали и каква казна ќе му биде изречена. Членовите на Судскиот совет во свои раце имаат неколку можности: да го отфрлат барањето како неосновано, или да санкционираат.

Доколку утврдат дека имало помали повреди можат да изречат дисциплинска мерка со која судијата ќе се удри еднократно или неколку месеци по џебот, или, пак, да ја применат најстрогата казна – разрешување. За тоа ќе треба да се одлучи со мнозинство од најмалку 7 гласови.

Но, разрешувањето на Деваја нема да биде ни малку лесна мисија. Извори за „Фокус“ тврдат дека на почетокот на оваа година, судијата Деваја веќе избегнал разрешувањe како член на петчлен совет на Врховниот суд, каде што дури 10 членови на Судскиот совет одлучиле да се прекине постапката, и покрај очигледните докази за разрешување.

Оттаму, не е исклучено да се повтори истото сценарио, не само поради тоа што четворица од 13 членови се припадници на албанската заедница (м-р Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, м-р Селим Адеми, Мирсад Суроји), туку крајно неизвесно е како ќе се произнесат и останатите членови од македонската заедница и дали се можни „непринципиелни коалиции“.

За НЕИЗГЛАСУВАЊЕ ќе биде доволно да се обезбедат уште само 3 дополнителни „македонски“ гласа, што не би било голем проблем, но ќе зависи и од тоа дали и каков политички сигнал ќе се добие од владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ на централно ниво.

Особено интересно е како ќе гласа Зоран Теофиловски, кој и самиот потекнува од тетовското милје и е поранешен адвокат. Но, и како ќе се позиционираат други членови на Судскиот совет, како на пример, Гордана Спировска, Весна Дамева…   

Колку и да се тврди поинаку, повеќе од јасно е дека ова ќе се третира како политички случај пар екселанс и дека пресудни при гласањето ќе бидат некои други критериуми. Со други зборови, дали политиката преку Судскиот совет ќе го пушти низ вода семејството Деваја- Арифи, или ќе им фрли уште еден појас за спасување.

Ристо РИСТОВСКИ, сопственик на „Петрол компани“

СУДСКИОТ СОВЕТ РАЗРЕШИ СУДИЈА ЗА ИДЕНТИЧЕН СЛУЧАЈ

Очекувам исклучиво правда и само правда, не само за мене, туку за сите граѓани на Р.С. Македонија. Победа на сите тетовци, кои по зборувањето на чаршијата имаат доживеано голема неправда од тогашниот ГОЛЕМ – адвокат господинот Шпенд Деваја.

Јавното мислење во Тетово беше дека е моќен адвокат со големо влијание врз судовите во тетовскиот и гостиварскиот регион. Стравовите од адвокатот Шпенд Деваја беа оправдани од многу едноставна причина, неговата сопруга беше потпретседател на политичката партија ДУИ и градоначалник на Тетово. Од овие причини голема ќе биде и мојата сатисфакција, ако Судскиот совет постапи праведно и го разреши гореспоменатото лице, судија во Врховниот суд.

Убеден сум дека Судскиот совет, ако ја донесе правичната одлука, многу граѓани ќе се охрабрат да побараат правда, особено пред тетовскиот суд. Ова можеби ви звучи нелогично. Логиката е едноставна, сѐ уште меѓу граѓаните важи ако тужам – немам пари за такса, треба да се задолжам, се плашам дека правдата моја ќе биде заменета со неправда, а јас ќе ги потрошам само позајмените пари.

Моите очекувања од Судскиот совет се големи, бидејќи тој веќе има донесено одлука и разрешено судија за идентичен ваков случај.

На крај би додал дека правото на граѓанинот да му суди независен и непристрасен судија е неприкосновено и гарантирано со Устав, закони и меѓународни норми.

Шпенд ДЕВАЈА, врховен судија

 НЕ САКАМ ДА СЕ ПОЛИТИЗИРА МОЈОТ СЛУЧАЈ

Побаравме коментар и од судијата Шпенд Деваја. Тој во кусиот телефонски разговор ни рече дека не сака да ја коментира постапката во Судскиот совет, со образложение дека постапката е тајна и оти не сака да се политизира неговиот случај.

Судијата Деваја е избран за судија во Врховниот суд на 2 декември 2013 година и работи во Одделот за граѓански предмети. Тој буквално го фати „последниот воз“ пред стапувањето во сила на законските измени, со кои регрутирањето нови врховни судии беше можно само од пониските судови. Многу години работеше како адвокат, поточно од септември 1990 година до изборот за врховен судија.

Поврзани новости