(АРХИВА) Семејството Јахоски продаде 2 бензиски за 7,5 милиони евра, додека купувачите реализираа тендер од 23 милиони евра!

Додека тетовската „НБ-Компани“ го реализираше договорот за опремување на новиот културен дом во Тетово вреден 23 милиони евра, склучен во тендерска постапка со елиминирана конкуренција и симболична аукција, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински за 7,5 милиони евра од „Пуцко Петрол“ на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски, како и од уште една фирма блиска до семејството - „Би Холдинг“.

by Фокус

Текстот е објавен на 7 декември 2023 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.470.

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ често е во фокусот на јавноста поради плодната соработка со државните институции и јавни органи, врз основа на што се наоѓа во групата на топ-10 тендерџии.

Но, оваа компанија привлече уште поголемо внимание откако моменталниот сопственик Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, стана осомничен во истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, при што постои сомнение за злоупотреба на 167 милиони евра.

Во повеќе наврати, „Фокус“ пишуваше на разни теми поврзани со „Пуцко Петрол“ и семејството Јахоски, а пред 2 години ги споменавме и во сторијата во која се обработуваше долгогодишната сага околу изградбата на новиот културен дом во Тетово (библиотека и театар).

Имено, обелоденивме дека тетовската градежна компанија „НБ-Компани“, во 2021 година склучила договор за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово, во вредност од 23 милиони евра, во тендерска постапка со елиминирана конкуренција од странство и безмалку симболична аукција.

Патем,  документацијата што ја обезбедивме откри дека додека оваа компанијата го реализира вредниот договор, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици при влез во Скопје за 7,5 милиони евра. Притоа, податоците со кои располагаме покажаа дека имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и од уште една семејна компанија – „Би Холдинг“.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во минатиот број на неделникот „Фокус“ пишувавме за децениската сага околу изградбата на новиот дом на културата во Тетово, која почна во 2014 година и сѐ уште трае. Доколку проектот биде комплетиран на крајот на 2025 година, како што се предвидува, тоа значи дека овој објект, каде што треба да биде сместено кино, театар и библиотека, ќе се гради повеќе од една деценија.

Досега, неговата изградба на хартија ја чини државата над 36 милиони евра, кога ќе се земат предвид договорите за проектирање и репроектирање, за ангажирање надзор, за изградба на објектот, како и за внатрешно уредување. Станува збор за средства што етапно ги издвојува и ги префрлува владата преку надлежното Министерство за култура.

Меѓутоа, сите постапки се спроведуваат преку Национална установа – Центар за култура „Иљо Антески Смок“, кој е главен носител на културните активности во Тетово, што главно се остваруваат во стариот запуштен културен дом изграден во далечната 1975 година. Преку оваа институција оди и реализацијата на проектот за нов културен дом, кој е лоциран веднаш до постоечкиот.

Врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од таму побаравме документација за сите тендерски постапки за изградба и опремување на објектот, за нарачка на проект, за ангажирање надзор… Првично ни доставија дел од документацијата, а уште еден дел дополнително обезбедивме по жалба до Второстепената комисија.

Притоа, не добивме никакви документи за 3 постапки, со образложение дека тие се доставени до Финансиската полиција. Очигледно, оваа Управа, под капа на Министерството за финансии, покренала истрага поврзана со новиот културен дом. Но, од таму не даваат никакви информации за нејзиниот тек и епилог.

Она што дефинитивно се знае е дека финансиските инспектори, со записник изготвен во 2018 година, ја заплениле документацијата од тендерите за нарачка на проект и ангажман на ревидент во 2012 година. Воедно, одземени се и документите од постапката за избор на изведувач во 2014 година, кога е склучен договор со тетовската „Урбан План Конструктион“ во вредност од 13 милиони евра.

Откако во 2019 година завршува изградбата на објектот според менуван проект на индикативен начин и под надзор ангажиран за багатела, во 2021 бил склучен договор со уште една тетовска компанија за внатрешно опремување. Се работи за договор тежок 23 милиони евра со „НБ Компани“ или во оригинал – „НБ-Цомпану“, со времетраење од 4 години, што значи дека треба да биде заокружен на крајот на 2025 година.

Додека „НБ-Цомпану“ го опремува новиот тетовски културен центар, нејзина сестринска компанија, која исто така добивала државни тендери, влегла во инвестициски зафат, купувајќи недвижен имот, односно бензински станици покрај автопатот Скопје – Тетово, и тоа од фирми поврзани со актуелен пратеник. Што открива продолжението на нашето истражување?

ИСФРЛЕНА СТРАНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

Како што веќе објавивме, Н.У.Ц.К. „Иљо Антески Смок“ и „НБ-Цомпану“ склучиле договор за внатрешно или ентериерно опремување на новиот културен дом во Тетово, чија вредност надминува 23 милиони евра. „Фокус“ обелодени сознанија како течела тендерската постапка, која на крајот завршила со ваков милионски договор, кој е на трето место на листата на најголеми договори за јавна набавка во 2021 година.

Имено, на денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Но, странските фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. Па така, на електронска аукција заминале само двете тетовски компании, кои одржале, слободно може да се каже, едно симболично наддавање.

Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравија“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети. Како што е познато, тој го купи атрактивниот објект во центарот на Скопје, во партнерство со „Пе-Вла-Ку“ без да вложи ниту денар. Но, тоа е друга тема.

Во рамки на постапката за опремување на тетовскиот културен центар, понудата на „Пе-Вла-Ку“, која предводела конзорциум каде што членувал и изведувачот на градбата – „Урбан План“, била одбиена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки оценила дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“.

Понатаму, на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија – „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Меѓутоа, ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не ѝ биле доволни за да „преживее“ на тендерот.

За разлика од другите понудувачи, „Штрабаг“ не настапил со конзорциум, но пријавил поддршка од 4 правни субјекти. Токму деловно-техничката соработка со овие компании му „пресуди“ на австрискиот гигант, бидејќи, како што оценила Комисијата, не доставил документи за субјектите со кои соработувал, во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката.

Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании, меѓу кои и „АК-Инвест“, уште една позната тетовска градежна компанија во сопственост на Азби Ибрахими, која настапила во групација со тетовската „Еуровиа“ и скопската „Бауер БГ“. Оваа компанија ја минала евалуацијата и на електронска аукција се соочила со „НБ-Цомпану“.

На крајот, „НБ-Цомпану“, предводејќи групација со „Пелагонија-Гостивар“, го добила тендерот, откако изостанала реална битка на негативното наддавање, од причина што „АК-Инвест“ само еднаш ја спуштил цената. Потоа, „НБ-Цомпану“ бргу ја поставил конечната цена на чинење на договорот и ја добил вредната зделка.

МИЛИОНСКИ БУЏЕТСКИ ТРАНСАКЦИИ

Според Бирото за јавни набавки, „НБ-Цомпану“ треба да го реализира договорот за опремување на тетовскиот театар и библиотека, вреден 23 милиони евра, во периодот од 2021 до 2025 година. Досега, на половина од истекот на овој договор, кој делумно отпаѓа и на партнерот „Пелагонија Гостивар“, на сметка на водечката тетовска компанија веќе е исплатен значителен дел од средствата преку повеќе од 10 трансакции.

Пребарувањето што го извршивме на алатката Отворени финансии, каде што се евидентирани сите буџетски трансакции, покажуваат дека Н.У.Ц.К. „Иљо Антески Смок“, на сметка на тетовската компанија на самиот истек 2021 година, прво префрлил 24.325.000 денари, а потоа и 45.175.000 денари. Тоа се вкупно 69.500.000 денари или 1,1 милиони евра.

Веќе во следната 2022 година, друштвото примило 7 буџетски трансакции, чија вкупна вредност е 144.233.490 денари или 2,3 милиони евра. Од сите нив, најголемата исплата од тетовската културна установа претставуваа онаа од 66.750.531 денари, пуштена на самиот крај на ланската година, односно во месец декември.

Што се однесува до тековната 2023 година, центарот за култура во Тетово кон приватната компанија, ангажирана за ентериерно уредување, реализира 3 транши од вкупно 124.990.047 денари или 2 милиони евра. Сѐ на сѐ, „Иљо Антески Смок“ досега вкупно ѝ исплатил на „НБ-Цомпану“ 5,4 милиони евра, со тоа што мора да се има предвид дека има уште цели 2 години од овој договор.

Покрај тоа, треба да се наведе дека „НБ-Цомпану“ наплатила и врз основа на други договори за јавна набавка со повеќе институции. Во таа насока, компанијата склучила договори со МОН за изградба на ново училиште во Мала Речица, во вредност од 86 милиони денари, за реконструкција на училиште во Кисела Вода, во вредност од 13 милиони денари…

За издвојување е и договорот за поправка и изградба на зимски пунктови и складишта за патна сол вреден 65 милиони денари. Повеќе договори има и со Општина Тетово, како на пример за интервентни работи, за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти од по десетина милиони денари.

Интересно е и тоа што компанијата бележи раст на приходите веднаш откако во 2021 година го доби тендерот за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово, тежок 23 милиони евра, кој впрочем претставува највисок договор за јавна набавка на оваа компанија и од него инкасира најмногу буџетски средства.

Ако друштвото во 2020 година остварило приходи од 114 милиони денари, а во 2021 година од 158 милиони денари, според финансиските извештаи, веќе во 2022 година, или една година по највредниот договор, тие скокаат на 218 милиони денари. Лани, пак, добивката изнесувала 68 милиони денари.

КУПУВАЊЕ НА БЕНЗИНСКИ СТАНИЦИ

Во Централниот регистар, „НБ-Цомпану“ е заведена како градежна компанија, основана во 2007 година. Нејзини сопственици се Бурим Ибиши и Насер Ибиши, кои се поврзани со уште 2 компании, меѓу кои е друштвото со сличен назив – „НБ Гроуп“. И, другата фирма е „Ган Логистик“, која е во фокусот на нашето ново истражување, што се доведува во корелација со претходното.

Заедно со браќата Ибиши (Бурим и Насер) од „НБ-Цомпану“, во сопственичката структура на „Ган-Логистик“ има и трето лице. Тоа е Кренар Ибраими, кој воедно е управител на „Ган-Логистик, додека самостојно ја поседува компанијата „Тар Ком Компани“, основана во 2019 година. Во врска со Ибраими, мора да се посочи дека тој порано бил општински службеник.

Во медиумските архиви може да се најдат текстови како пред десетина години тој настапува во јавноста и дава изјави во својство на раководител или координатор во Општина Тетово. Но, по сѐ изгледа тој решил да се префрли во приватниот сектор. Како и да е, неговата „Тар Ком Компани“ засега не се истакнува со особена деловна дејност.

Арно ама, тоа не е случај со „Ган-Логистик“, која на самиот крај на ланската 2022 година склучила голем договор со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. Овој договор се однесува за „работи за ангажирање трети лица за зимско одржување на државните патишта на територија на Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат“. Неговата вредност е 81 милион денари или 1,3 милиони евра.

Финансиските податоци на друштвото покажуваат дека не работи во обем како „НБ-Цомпану“, но не е ниту за занемарување и потценување. Во тој контекст, за време на ланската 2022 година, оваа компанија остварила приходи од 57 милиони денари, а добивката изнесувала 16 милиони денари, што не е воопшто малку за компанија со само 2 вработени.

Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека во текот на оваа 2023 година, „Ган Логистик“ купила недвижен имот покрај автопатот Скопје – Тетово, пред влезот во главниот град. Тука влегуваат повеќе парцели, каде што се лоцирани и 2 бензински станици од двете страни на патот, кои работат под брендот на рускиот „Лукоил“.

„Фокус“ располага со историјати на движење на парцелите и со договорите за купопродажба, кои всушност откриваат дека „Ган-Логистик“ купил повеќе парцели од 2 компании. Едната е добро познатата нафтена компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски. Оваа компанија снабдува со нафта бројни државни институции и органи.

Другата компанија, пак, е „БИ Холдинг“, која се занимава со градежништво. Официјално, таа е во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска. Без оглед на роднинската поврзаност меѓу првите луѓе на двете компании, сепак, од „БИ Холдинг“ негираат каков било линк со „Пуцко Петрол“, истакнувајќи дека се „независна компанија“.

ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНИЦИ

Прво, на 23.03.2023 година бил склучен договор, со кој „Ган-Логистик“ од „Пуцко Петрол“ купува недвижен имот на катастарските парцели 204/1, 215, 197, 173, 172, сите во катастарска општина Арнакија. Земјиштето е со вкупна површина од 14.610 квадратни метри, но на него има деловен простор – комплекс бензинска станица со површина од 406 квадрати. За тоа тетовската компанија платила 3.776.000 евра.

Неколку дена подоцна, или на 29.03.2023 година, „Ган-Логистик“ склучил договор и со „БИ Холдинг“, со кој опфатени се уште неколку парцели во истата катастарска општина: 210, 206/2, 214, 203 и 199. Вкупно, земјиштето е 5.716 квадратни метри, а на него има деловен простор, односно бензиска станица од 351 квадрати, кои тетовската компанија ги купила за идентична сума од 3.776.000 денари со вклучен ДДВ.

На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 денари. Тоа ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште, кое, се разбира, оди во пакет со 2-те бензински станици.

Од сето тоа, најголема и најбитна парцела што „Ган-Логистик“ ја купува од „Пуцко Петрол“ е КП 204/1, која ја опфаќа и бензинската станица, додека останатите се празни и тие расфрлани од другата страна од улицата. Таму, пак, тетовската компанија купила бензиска и од „БИ Холдинг“, која е опфатена преку 3 парцели, од кои од најголема кон најмала одат вака: 210, 206/2 и 203.

Историјатот на КП 204/1 покажува дека пред да помине во сопственост на „Пуцко Петрол“, овој имот го поседувала „Ас Оил М1“, која била во сопственост на бизнисменот Азби Нуредини, своевремено беше кандидат за градоначалник на Сарај од редовите на ДПА на Мендух Тачи, а во меѓувреме настапува и како поранешен командант на бригада на ОВК.

Иако оваа компанија веќе не постои, сепак, на бизнис-сцената дејствува друга компанија во сопственост на неговиот син Рубин Нуредини. Тоа е друштвото „Пеј Смарт 24“, кое денес ја поседува катастарската парцела 204/2, каде што има и деловен центар веднаш до бензинската на „Лукоил“, која пред неколку месеци преминала во сопственост од „Пуцко Петрол“ кон „Ган Логистик“.

Дополнително, „Фокус“ пишуваше за оваа компанија на семејството Нуредини и во една друга сторија, кога ја истражувавме судбината на „ССИ Инвестмент“, која, како што се испостави во судските предмети „Империја“ и „Плацови на Водно“, била покритие за 3 стана на поранешниот премиер Никола Груевски во „Панорама“ и за цела зграда на неговиот братучед Сашо Мијалков во центарот на Скопје.

Како што обелоденивме тогаш, токму „Пеј Смарт 24“ на помладиот Нуредини ја презел компанијата што дотогаш ја поседуваше Мето Стојчевски, зет на бизнисменот Орце Камчев, кој неодамна се најде на „црната листа“ на САД заедно со неговата мајка Ратка Камчева. Токму Стојчевски сведочеше дека оваа фирма била параван за скриен имот на братучедите. Откако овој имот беше конфискуван, компанијата ја презел Нуредини.

ЕДНА ФИРМА РАБОТИ, ДРУГА КУПУВА

Но, да се вратиме на основната тема… Имотот и бензинската станица од спротивната страна, прво „АЦБ Продукт“, односно „АБЦ Оил“ во 2015 година го продава на „БИ Холдинг“, која, пак, годинава го продава на „Ган Логистик“. На тој начин, оваа тетовска компанија истовремено купува 2 бензински пумпи, додека сестринската „НБ-Цомпану“ го реализира еден од највисоките договори за јавна набавка во последните години.

Вреди да се потенцира дека бензинските станици како имот ги поседува „Ган Логистик“, но функционираат како дел од „НБ-Цомпану“, која во септември соопшти дека почнала да функционира нова, т.е. 4-та бензиска станица на „НБ-Цомпану“ на автопатот Скопје-Тетово. Претходно, пак, во јули истата година, компанијата соопшти дека со работа почнува нивната трета бензиска на истата автопатска делница.

Во врска со останатите 2 бензински пумпи на „НБ Цомпану“, тие се наоѓаат во Тетово и Желино. Од таа гледна точка, оваа компанија, освен што се занимава со градежништво, дејствува и во нафтениот бизнис, конкретно во малопродажба. Но, дејствуваат и во сферата на угостителството, преку  ресторанот „НБ Палас“.

Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт на средства, сепак, најголем имот поседува сестринската „Ган Логистик“. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензински, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.

Затоа, јасно е дека „НБ-Цомпану“ е компанијата за работа и прибирање средства, додека „Ган Логистик“ е за инвестиции и  стекнување имот. Во таа насока, најдобра потврда се податоците од Службен весник, според кои секаде каде како заложен должник се јавува „Ган-Логистик“, во пакет влегува и „НБ-Цомпану“, а често и „НБ Гроуп“.

За потребите на оваа сторија, до „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“ поставивме неколку прашања. Зошто одлучиле да ѝ продадат неколку парцели покрај автопатот Скопје – Тетово на компанијата „Ган Логистик“? Под кои услови, односно за која цена се изврши оваа купопродажба? Каква е врската меѓу „БИ Холдинг“ и „Пуцко Петрол“?

Одговори добивме само од „БИ Холдинг“, од каде што на првите 2 прашања велат дека се работи за деловна политика на компанијата, како и деловна тајна. Во однос на третото прашање, пак, велат дека немаат поврзаност со „Пуцко Петрол“ и дека се „независна компанија“. Но, дали е така?

За поврзаноста меѓу двете компании нема само вербални тврдења, туку тоа се нотираше и од страна на Антикорупциската комисија, која констатираше дека меѓу „БИ Холдинг“ и „Пуцко Петрол“ има роднинска поврзаност. Тоа се случи кога Комисијата утврди дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“.

ПАТОТ КОН МАЛА РЕЧИЦА И ИЛИНДЕНСКА

Според ДКСК, дел од имотот што требало да биде конфискуван во случајот „Труст“, каде што беше осуден Сеад Кочан, бил преземен од фирми и банки, со што била направена штета од над 12 милиони евра. Од таму појаснија дека во шемата, најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата најверојатно е користена во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот Кочан.

Како што нотираше Комисијата, слабости биле утврдени уште на почетокот на процесот во СЈО, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на Кочан. Од таму во случајот ја посочија и фирмата „БИ Холдинг“, како и фирмата „Адастра“, во сопственост на лицето Сашо Боко и друштвото „Аваз Холдинг“ на Хасредин Ризвановиќ.

Антикорупциската комисија напомена дека дел од државните органи не презеле соодветни мерки и со тоа помагале во преземање на имотот во случајот „Труст“, а отворено прашање е зошто Државното правобранителство и Агенцијата за конфискација не поднеле никакви барања за да се надмине тој проблем?

Произлегува сомнеж дека службени лица не ги презеле службените дејствија, со што е овозможено преземање на имотот, а надлежните учествувале во изигрување на државата – рече антикорупционерот Шемши Салаи, додавајќи дека мрежата била широка и опфаќала и нотари, извршители и луѓе од други надлежни институции.

Кога се говори за „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“, треба да се истакне и податокот дека „БИ Холдинг“ е регистрирана на иста адреса во скопски Карпош како и друштвото „К.С.А. Интернационал“ на Куштрим Смајлајл, зет на лидерот на ДУИ Ахмети. До неодамна, партнер на Смајлајл му беше Ерџан Сулкоски, кој се уште е партнер со Ратко Капушевски во „РКМ“, преку која одеше милионска набавка на мазут за „ТЕЦ Неготино“.

Кога сите овие податоци би се сублимирале и интерпретирале едноставно и упростено, би можело да се изведат неколку заклучоци. Прво, тетовската „НБ-Цомпану“ го добила еден од најголемите тендери вреден 23 милиони евра за опремување на новиот културен дом во Тетово во постапка со елиминирана конкуренција од странство.

Второ, паралелно со тоа, односно нецели 2 години од потпишувањето и уште толку пред да истече договорот, врз основа на кој „НБ-Цомпану“ досега наплатила 5 и пол милиони евра, нејзината сестринска компанија „Ган-Логистик“ купува две бензински станици на влезот во Скопје за вкупна сума од 7 и пол милиони евра.

И трето, „Ган-Логистик“ го купува имотот од „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“ на семејството Јахоски, кои преку повеќе параметри се доведуваат во релација со осудениот Кочан преку „Адастра“ и зетот на Ахмети преку „К.С.А. Интернационал“. Многу фирми, луѓе, шеми, комбинации, но сите некако се вкрстуваат во еден или евентуално два правци – Мала Речица и Илинденска.

Откако тетовската „НБ-Компани“ доби милионски тендер за опремување на новиот културен дом, сестринската „Ган-Логистик“ купи бензински од семејни фирми на пратеник!

Поврзани новости